Аутопсија на духот

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на во 931. број од неделникот „Фокус“ на 9.август 2013 година

„Сегашната генерација сега сѐ гледа јасно, се вчудовидува на грешките и лудостите на своите предци, не забележувајќи дека оваа хроника е подвлечена со божествен пламен, дека секоја буква вреска, дека пробојниот прст на обвиненија е од сите страни упатен кон нивната генерација. Но, оваа генерација се смее, и препотентно горделиво почнува нова серија грешки, на кои нивните наследници исто така, ќе се смеат подоцна” – („Мртви души“, Николај Василевич Гогољ)

Пишува
Арсим ЗЕКОЛИ

Во колумната објавена во „Њујорк тајмс“ на 18 јули годинава, по повод годишнината од геноцидот во Сребреница, колумнистот Роџер Кохен, преку примерот на Дејтонскиот договор ја сумира реалноста на сите мировни договори. Според него, нивна единствена цел е „да ги замрзнат работите во најлошите моменти на меѓуетничките односи…, но не претставуваат долгорочна основа за управување со земјата. Сепак, договорот го сочувува мирот“. Следејќи го таквиот приод, заснован врз истоветноста на принципите и ситните нијанси на сите мировни договори, се доаѓа до заклучокот за расчекорот меѓу, од една страна, желбите, замислите и визиите на тие што војувале, па соработувале за да се најде заемно прифатлив договор и, од друга, личните интереси, политичките амбиции и човечките слабости на наследниците, кои полека, но сигурно и темелно го разјадуваат договореното. Повторно докажувајќи дека, сепак, слободата не умее да пее така како што слугите пееле за неа.

И покрај традиционалната омраза на добар дел од македонската, и растечката рамнодушност и резигнираност на албанската јавност, Охридскиот рамковен договор – ОРД, сепак, беше успешна приказна, која ја постигна својата основна цел и замисла: да се стави крај на вооружениот судир и да се изнедри надеж за порамноправно општество. Изготвен од политичката каста на времето (и со обемна меѓународна помош) со сите негови добри и лоши политичко-карактерни особености, ОРД ќе остане како споменик кој ќе им служи на чест на тие што смогнаа сили да седнат околу масата за да се договорат за мир и за решавање на односите меѓу заедниците во земјата.

Но, набргу по потпишувањето, по сила на приликите, повеќето од тие што ги вложија своите кариери и личности во подготовката на тој договор, ја напуштија политичката сцена. На која беа наследени од некои нови банкарско-командантски „клинци“, со поинакви замисли и желби, решени крваво стекнатиот политички капитал да го искешираат во поопипливи земски валути на моќ, богатство и себичен политички макијавелизам на политичко преживување. Под налет на новата политичка каста, ОРД полека ја губеше својата релевантност и влијание, за конечно да стане тоа што е денес – политички зомби без дух и смисла, во служба на (за Македонците) легалистичко оправдување и прикривање на својата желба за моноетничка доминација; или (за Албанците) испразна политичка флоскула за прикривање на недостигот од визија и за егоизмот на партиските елити во расцутена фаза на сеопшта финансиска корупција и морална декаденција.

Со други зборови кажано, ОРД денес е своевидна албанска лажно „интегративистичка“ рефлексија на подеднакво лажната македонска „граѓанска“ политика. Првата потполно партизирана и корумпиран

moon9

а под провидниот плашт на „патриотството“ и во служба на тесноградите интереси на грст луѓе од двете најголеми политички партии, бесрамно опфатени од паразитско профитирање од неволјата на своите гласачи и следствено, без суштински интерес за каква било интраетничка реформа. Втората, македонска верзија, благодарение на бројчената доминација, медиумите и административните ресурси, опстои на традиционалната дволична формула за граѓанството, според логиката „да бидеме сите граѓани (но онака како што ние, Македонците, ќе кажеме)“.

Ако може да послужи како утеха, треба да се укаже дека таквиот однос не е резултат на некакви генетски условени етнички менталитети, туку е резултат на наследените нарушени социо-економски односи меѓу привилегираните и дискриминираните. И покрај евидентните различности и специфичности, како конкретна компаративна илустрација за дискрепанцата меѓу замисленото и (не)оствареното, може да се земе примерот со т.н. Афирмативна акција во САД, наменета за „обезбедување еднакви можности при вработување“, со цел – „превенција на дискриминација заснована врз бојата на кожата, религијата, полот…“.

Но, дека замисленото е едно, а реалноста нешто сосема поинаку, може да се заклучи од студијата за „Афирмативната акција низ светот“ на Томас Совел (инаку Афроамериканец) во која наведува дека: „ерата на афирмативната акција потврдува дека и онака добро ситуираните Афроамериканци напредуваа уште повеќе, додека загрозените пак, изгубија уште повеќе од нивните приходи“. За дополнително да оцени дека „иако првичната цел на програмата за афирмативно напредување била наменета за црната популација, онака како што беше замислено од страна на владата, сепак лавовскиот дел на бизнисите управувани од страна на малцинствата и жените се во сопственост на не-црнечките групации“.

Револтот и гневот на зборовите на лекарот на ОНА Фатмир Хасани од Слупчане, упатени кон Али Ахмети, дека „војниците од Слупчане не го прифаќаа ОРД, а сега тој договор го слават оние кои никогаш не се бореле, ниту куршум испукале“, во потполност ги потврдуваат констатациите на Совел. Како дел од таа состојба може да се наведат бројни примери, почнувајќи од бројот на иселени лица од поранешните воени жаришта во последните десетина години, пренасочувањето на буџетските средства кон Кичево и Тетово, од каде што доаѓаат повеќето партиски водачи, министри и владини службеници на ДУИ /ДПА, етничката поделба на Скопје итн. Со што се потврдува дека дискриминацијата на Албанците (и не само на нив) не е само етнички индуцирана од страна на несомнено националистичката владејачка ВМРО-ДПМНЕ, туку и резултат на корумпираната политичка елита на Албанците и локал-патриотската демагогија на ДУИ и ДПА.

Таквата долгорочна и неумолива злоупотреба на ОРД од страна на македонските и албанските политички водства, се одразува и кај меѓународната заедница, која иако не го отфрла договорот како модел, сѐ помалку верува во искрените намери и способности на локално одговорните за негово спроведување. Пример за тоа е обраќањето на американскиот амбасадор при ОБСЕ, кој во својот одговор на шефот на Мисијата на ОБСЕ (на 27 јуни годинава) воопшто, дури ни индиректно, не го спомнува ОРД, и покрај тоа што на два пати ја подвлекува „загриженоста за постојаните етнички тензии помеѓу заедниците“. Притоа, предупредувајќи дека „етничките тензии и општата подвоеност помеѓу заедниците продолжуваат да го нарушуваат напредокот кон евро-атлантските интеграции“.

Судејќи според внимателно конципираната изјава на Мисијата на САД во Виена (во координација со нивната амбасада во Скопје), ОРД веќе не е на листата на приоритети на гаранторите отаде Атлантикот, ниту пак прашањето на НАТО и ЕУ – интеграциите е во ексклузивно заложништво на спорот со името. Односот на вториот клучен гарантор, ЕУ, не се разликува суштински од оној на САД, и покрај тоа што Унијата, во една единствена реченица, потсетува на „потребата за понатамошен прогрес во имплементацијата на долгорочните цели на ОРД“, но и тоа, повеќе во контекст на оправдување на присутноста на Канцеларијата на ОБСЕ во Тетово.

Во секој случај, идејата на ОРД е веќе излитена и до коска злоупотребена првенствено од страна на Ахмети и на ДУИ, и во помала мера од Мендух Тачи и ДПА. Првенствено, поради некритичката спремност за учество во власта и по цена на доброволното и политички самоубиственото задоволување на нескриената желба на премиерот Груевски – за фактичко и потполно дезавуирање на ОРД. Но, воедно и во иста мера, и поради нивната подготвеност за партиска злоупотреба на еден договор, склучен во име на обезбедување рамноправност и на решавање на чувствителните односи помеѓу припадниците на заедниците, а не – помеѓу политичките партии и за волја на приватните интереси на нивните водства.

Годишнината на одбележувањето на ОРД е сосема соодветна причина да се разберат новите глобални тенденции и текови, посебно во регионот на југоисточна Европа и посебно Западен Балкан, и во нив да се најдат насочниците за предизвиците со кои ќе се соочуваме во постдејтонските и пострамковните реалности. Релативниот мир обезбеден од регионалните мировни договори се повеќе укажува на новата реалност, во која лажно насочувачките десничарски антикомунисти, корумпираните борци за човекови права и делегитимираните националистички патриоти, се повеќе (и многу подрастично и повулгарно) ги користат истите монистички инструменти против кои, наводно, се имаат залагано за време на деценискиот молк под комунистичката идеологија. Господата Груевски и Ахмети се потполно соодветна илустрација за сегашниот демократски парадокс на посткомунизмот, заснован на негирање на демократијата како инструмент низ кој самите тие имаат дојдено до власт. Со што самите тие ги девалвираат и дезавуираат концептите на човекови права и/или десничарскиот антикомунизам.

AHMETI

Таквата новонастаната реалност, сесрдно засилена и поради длабоката економска криза на западната хемисфера и оскудност на ресурсите, неминовно влијае врз евидентното изумирање на концептите изнедрени од реалностите на Студената војна и нивна замена со нови политики, базирани врз потребите на новата генерација на обесправени граѓани. А тој нов концепт е сѐ помасовното глобално движење за борба против корупцијата, како природен еволутивен наследник или надополнување на концептот на човекови права.

Токму затоа, следејќи ги законите на природата, дека во болеста лежат и антителата на лекот, решението за пострамковната Македонија лежи во заедничкиот именител за болеста од која боледува севкупното општество – борбата против корупцијата и криминалот, која подеднакво ги разјадува двата етнички пола на општеството. Единствено низ таа борба ќе се постигне темелно разоткривање на притаените вистински побуди на денешните властодршци, обвиени во национал-патриотски митови и подготвени за безмилосно прикривање на трагите на нивните злодела против народите во чие име имаат дојдено на власт!

Тоа ќе биде финалниот успех на иницијалната замисла на ОРД – општество на цивилна демократија, економска рамноправност и транспарентна одговорност.

За жал, судејќи според односот на меѓународната заедница во регионот, овој пат, таа борба ќе мора да ја изнесеме сами.

претходно – „На меѓуетнички план не мрднавме со мал прст!“, Денко Малески

Поврзани новости