Атина очекува отстранување на спомениците, Нимиц спрема нов предлог

by fokus

Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц на средбата со претставниците на Грција Адамантиос Василакис и на Македонија Васко Наумовски закажана на 20 и 21 ноември во Њујорк ќе излезе со конкретен предлог за решавање на спорот, јавуваат грчките медиуми.

Атина очекува промената на името на Аеродромот во Скопје и отстранување на спомениците поставени во времето на Никола Груевски по победата на премиерот Зоран Заев на локалните избори. Се очекува од новата Влада, пишуваат грчите медиуми, да продолжи со активностите на „добра волја“.

„Состанокот следната недела меѓу Метју Нимиц, специјалниот медијатор на ОН за спорот за името на Поранешната Југословенска Република Македонија и преговарачите од Грција и ПЈРМ, се гледа како дел од напорите за забрзување на разговорите за решавање на проблемот кој ги подели земјите повеќе од две децении“, пишува „Катимерини“.

Следната недела, пак, најверојатно Атина ќе ја посети вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, додава весникот. Повикувајќи се на аналитичари, весникот информира дека се очекува средбите меѓу претставници на двете земји да се интензивираат на почетокот од следната година.

Грчките медиуми пренесуваат дека вицепремиерот Кочо Анѓушев вчера во обраќање на дебата во Џон  Хопкинс институтот во Вашингтон побарал од САД поддршка за решавањето на спорот за името.

 

Поврзани новости