Град Скопје ќе продолжи да субвенционира печки на пелети

by fokus

Од денеска  /15.11.2017 година/ почнува пријавувањето за надоместување дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2017 година.

Градот Скопје, со цел да ги стимулира жителите на Скопје  (домаќинствата) за користење обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, на жителите коишто ќе купат печки на пелети од денот на објавување на Јавниот повик, а заклучно со 22.11.2017 година, ќе им обезбеди поврат на средства во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход.

Јавниот повик трае 7 (седум) календарски дена од денот на објавувањето, заклучно со 22.11.2017 година и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен’’.

Јавниот повик е објавен на веб-страницата на Град Скопје (http://www.skopje.gov.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=654) и во печатени медиуми.

Право на учество на овој Јавен повик имаат жителите на град Скопје  (домаќинствата) во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, коишто ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор од денот на објавувањето на Јавниот повик до денот на завршувањето на повикот  и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок. На Јавниот повик немаат право на учество домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба и не живеат во објектите.

Купувачот на печка на пелети своето барање за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје, булевар Илинден број 82, во архивата на Градот, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.

Градот Скопје, во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства предвидени за оваа намена, се до нивно целосно искористување.

Поврзани новости