Атанасов го поддржа Максим: Се раѓа нова политичка сила

by fokus

Поранешниот пратеник на СДСМ и заменик-министер за образование Петар Атанасов вечерва на митинг во населеното место Пожарно во Куманово му даде поддршка на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој на минатите избори беше избран како кандидат на СДСМ, а на овие настапува како независен кандидат, откако матичната партија одлучи да не го кандидира повторно.

-Вашата борба е симбол за отпор против уште една истрошена политичка сила. Симболот на борба против партиски послушници, кој Максим го прогласија за партиски непослушник. Еј, цела една партија се дигнала против еден поединец. Па што направил овој човек? Мора да направил нешто многу големо. Четири години направи се што можеше за Куманово – рече Атанасов.

Тој посочи дека се раѓа нова политичка сила која „ќе направи многу промени затоа што не може повеќе вака“.

-Мора да се генерира општествена енергија и да се овозможат ресурси за да се дадат можност на младите луѓе да направат промена и да останат тука за заеднички да ја градиме нашата држава. Потребна ни е победа на 17-ти октомври уште во првиот круг. Во политиката две нешта се најважни – храброста и идеологијата. Кај Максим ги имате и двете – истакна Атанасов.

Инаку, Атанасов ја водеше партиската комисија на СДСМ за образование, но се повлече од партијата откако во владината реконстуркција не беше именуван за министер за образование.

Поврзани новости