Судијката Кацарска ги искара и обвинителката и адвокатите во случајот “Крвавиот четврток”

by fokus

Судијката Добрила Кацарска на денешното судење за насилството што се случи на 27 април 2017 година во Собранието, ги опомена и обвинителката Вилма Рускоска, но и адвокатот Сашко Дуковски за тоа да внимаваат како се однесуваат во судница.

Првата опомена беше за адвокатот Дуковски, кој без дозвола за збор од судот, стана и реагираше на начинот на кој обвинителката Рускоска им се обраќала на адвокатите, односно ги навредувала. Кацарска експресно го замолче.

– Без одобрение на судот се обраќате и тоа непристојно, на висок тон. Затоа ве опоменувам на записник да не го реметите редот во судница, бидејќи во спротивно ќе бидете парично казнет, му рече Кацарска на Дуковски.

Но потоа следуваше и опомена за обвинителката.

-Ве опоменувам како се однесувате со бранителите, нема што да им читате членови од Законот за кривична постапка, рече Кацарска.

Инаку расправијата настана откако обвинителката Рускоска му забележа на начинот на кој адвокатот Еленко Миланов ги поставувал прашањата на сведокот Мухамед Зекири, па му рече “Сега јас нешто ќе ви прочитам од членот на кој се повикувате”‘.

До сега во судница сведочеше пратеникот Зекири, а по него ќе сведочи градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

 

Поврзани новости