Специјалното јавно обвинителство поведе предистражна постапка за приватни разговори кои беа објавени на социјалните мрежи.
„Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите најостро го осудува објавувањето на материјали од приватни разговори кои изминатите денови се појавија на социјалните мрежи, а со кои се нарушува интегритетот, достоинството и моралот на определени лица“, велат од СЈО.
Од таму потсетуваат дека објавувањето на вакви материјали е кривично дело.
„Тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, ќе се казни со казна затвор од една до пет години, а со оваа казна ќе се казни и тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана. Воедно, со истата казна ќе се казни и тој што тонски ќе сними изјава што му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица“, стои во соопштението.
Воедно, обвинителството информираше дека достави иницијатива за донесување закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци.