Зголемување на бројот на паркови за домашни миленици и изградба на прифатилишта за бездомни животни, вети кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ, Саша Богдановиќ.
-Преку соработка со сите здруженија за заштита на животните, може да се направи стратегија на масовна стерилизација, како и бесплатна вакцинација, бесплатнo вградување микрочипови, со што би се намалил бројот на бездомни животни на територија на Општина Центар и би се зголемила безбедноста на жителите. Преку активно промовирање, едукација и позитивни кампањи ќе се подигне свеста за хуманост кон животните и одговорно сопствеништво. Ќе се создадат механизми за санкција на насилството врз животните, пред се масовните труења на животни и механизми за превенција во насока на сузбивање на истите – рече Богдановиќ.
И носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, Зоран Поповски, најави мерки за сузбивање и спречување на ширење на опасни болести болести на кучињата, но и за решавање на проблемот со популацијата на бездомните кучиња.
-Предвидено е да се субвенционира микрочипирање и вакцинација против беснило, а исто така и бесплатна стерилизација на домашните миленици. Како втор чекор во решавање на проблемите со бездомните кучиња предвидено е да се изгради едно прифатилиште по сите стандарди каде што ќе може сите бездомни кучиња да бидат евидентирани, обележани, вакцинирани. Предвидено е да се обезбеди и локација за погребување на домашните миленичиња, која ќе се утврди заедно со организациите, здруженијата и граѓаните – рече Поповски.