Малески: Специфичниот момент бара единство преку консензуален претседател

by Фокус

Универзитетскиот професор и поранешен министер за надворешни работи, Денко Малески, за Фокус вели дека досега не водел никакви разговори околу можноста да биде консензуален кандидат за претседател на претстојните избори што треба да се оддржат следната година, но, истканува тој, го респектира тоа што неговото име се споменува како соодветен кандидат.

-Го знаеме системот на избор на претседател, партиите излегуваат со предлози, а потоа настапуваат кандидатите. Со мене никој досега не разговарал во однос на оваа тема. Но, во ова време во кое живееме, можам да кажам дека го респектирам тоа што моето име се споменува во позитивен контекст – вели Малески.

Тој оценува дека во вака поделено општество, идејата за консензуален кандидат е добра и вреди да и се обрне внимание. Според него, консензусот на претседателските избори треба да биде што поширок, по можност, нагласува тој, најширок.

-Ова не треба да бидат обични претседателски избори, со оглед на специфичниот момент во кој се наоѓаме со Преспанскиот договор, членството во НАТО, преговорите со ЕУ. За овие стратешки цели, потребно е значајно ниво на единство, кое може да се постигне преку консензуален претседател. Моментов бара единство и меѓу власта и опозиција, дали е тоа можно времето ќе покаже – вели поранешниот шеф на македонската дипломатија.

Откако неговото име се спомена како еден од можните консензуални кандидати за претседател, лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера изјави дека Малески за него е прифатлив консензуален кандидат за претседател, бидејќи, рече Ахмети, Малески е угледен професор кој ги исполнува сите стандари.

Поврзани новости