Инвестиции во производство на енергија од обновливи извори, итна забрана на увоз на стари возила кои се под ЕУРО 5 стандард и стимулација на користење на електрични возила, хибридни возила и возила на природен гас, прекинување на масовна неодржива, антиеколошка и нехумана градба…
Ова се само дел од мерките што ги предлага опозицискиот ЛДП со цел намалување на загадувањето во најголемите градови низ земјава, кое, според Зоран Шапуриќ од оваа партија, е алармантно.
– Нивото на суспендирани честички од 10 микрометри и 2,5 микрометри во овие градови е повисоко од дозволеното повеќе од 130 дена во годината, а во одредени периоди дури и до 10 пати повеќе од дозволеното – вели Шапуриќ.
Тој потсетува дека мерките против ваквата неповолна состојба ќе се поттикнуваат преку основање на целосно независен еколошки фонд, во кој ќе се слеваат средства од еколошките такси.