СДСМ најавува откуп и пласман на земјоделските производи и повисоки плати

by Фокус

Носителите на пратеничките листи на СДСМ денес ги посетуваат населените места во рамки на своите изборни единица, каде пред граѓаните претставуваат дел од нивната предизборна програма.

Партискиот лидер и носител на листата во четвртата изборна единица, Зоран Заев, во Росоман најави дека по смената на власта државата ќе гарантира откуп на земјоделските производи.

-Откупот и цените за праските, грозјето и остатокот од земјоделско производство кое што се обработува во овој земјоделски крај е со катастрофални последици. Ова време завршува и државата набрзо ќе обезбеди пласман на земјоделското производство – истакна Заев.

Неговата заменичка Радмила Шеќеринска, која ја предводи листата во петтата изборна едница, пак, во Дебарца порача дека нивната цел е зголемување на минималната плката на 16.000 денари, а просечната плата да достигне 30.000 денари.

-Не постои можност оваа мерка да доведе до нови отпуштања, бидејќи државата директно ќе им помогне на фирмите и ќе обезбеди исплата на повисоки плати, со порастот на минималната плата ќе помогнеме и на просечната плата во Македонија да порасне до 30.000 денари, за да семејствата можат да ги платат сметките и да обезбедат пристоен живот – порача Шеќеринска.

Носителот во првата изборна единица, Стево Пендаровски, ја побара поддршката од граѓаните со цел, како што рече, да се спречи трендот на масовно иселеување на, како што рече тој, претежно млади и способни луѓе.

-Белата чума си го зема својот данок, иселувањето има неверојатни пропорции. Изминативе 10 до 12 години, според податоци на Светска банка, 600.000 луѓе се иселени од Македонија, претежно млади и паметни деца. Тоа е повеќе од четвртина од целокупната популација. Македонија немала никогаш ваков бран на иселување, дури ни во првите години од независноста кога околу нас, на балканските простори беснееја војни – порача Пендаровски.

Поврзани новости