Законот за јазици и за буџет биле најдискутирани на 7 пленарни седници и 9 комисиски расправи, што ги набљудувал Институтот за демократија во рамки на проектот „Собранието под лупа“, во периодот од септември до декември 2017 година.
„Според начинот на носењето на одлуките парламентот остана форум во кој спротиставените политички опции не ги менуваат своите позиции без разлика на искажаните аргументи. За разлика од минатиот период (мај-авг 2017) во последниот набљудувач период не е забележан ниту случај кога пратеници од различна политичка опција, иако не ја менуваат својата позиција, сепак го признаваат квалитетот и вредноста на аргументи на своите соговорници од други партии“, стои во извештајот на ИД.
Набљудувачите забележале дека опозицијата била поактивна и учествувала со 69 отсто од дискусијата, а власта со 31 отсто, при што најактивни пратеници на собраниската говорница биле Антонио Милошоски со 286 минути, Драган Цуклев со 223 минути и Илија Димовски со 222 минути.
„Во овој набљудуван период може да се заклучи дека опадна степенот на аргументираност на парламентарната дискусија споредено со претходниот период (мај – август 2017). Во 41 отсто од анализираните дискусии пратениците не се лоцирани аргументи, што е за 6 процентни поени повеќе од минатиот период. Впечатливо и за овој период е тоа што меѓу набљудуваните дискусии не се идентификувани такви во кои говорниците употребуваат повеќе од два аргументи за да ја поткрепат својата позиција“, се наведува во извештајот на Институтот.
Врз основа на ваквите надови, од ИД препорачуваат пратениците да користат повеќе аргументи во дискусиите, повеќе да се фокусираат кон анализа на аргументите отколку кон личноста на пратениците, да се воздржат од искажување на различни форми на непочитување, да се отворат кон предлози и консултации со граѓанското општетство, да се фокусираат кон надзор на работата на извршната власт, но и да иницираат промени во Деловникот во делот на зголемување на правото говорниците да можат подолго и почесто да дискутираат.