Во рамките на кампањата „Вистината за ДУИ“, портпаролот на Општина Гостивар, Јасин Демири, на денешната прес-конференција информираше за два случаи на кршење на процедурите и злоупотреба на работите на Општина Гостивар, од страна, како што рече, на шефот на кабинетот на поранешниот градоначалник Невзат Бејта.
„На 18.10.2013 Општина Гостивар се снабдила со Таблет – Aplle iPad во вредност од 42.901 без отворен тендер. Приемот на стоката го потпишал шеф на кабинетот на поранешниот градоначалник со напомена дека таблетот се наоѓа во неговата канцеларија, но тој таблет, истото лице не го предало при напуштање на канцеларијата. Во случајов има две сериозни повреди, односно необјавување на тендер за јавна набавка со вредност повисока од 30.000 денари и класична кражба на општински ствари“, истакна Демири.
Понатаму тој информираше за друг случај, каде што е направена уште потешка злоупотреба. Поточно станува збор за злоупотреба на средства во износ од 321.300 денари (или над 5.000 евра).
„Општина Гостивар на ден 17.10.2013 година се снабдила со 4 лап-топа по поединечна цена од 76.500 денари плус ДДВ. Никој досега не ги видел тие лап-топи во општината и не се знае каде завршиле истите. Иако не стои потпис, се знае дека ги примил шефот на кабинетот на поранешниот градоначалник Невзат Бејта“, рече портпаролот на општината.
„За тоа каде завршиле четирите лап-топа и Таблетот, ќе треба да даде отчет поранешната раководна структура на Општина Гостивар, и пред општинската администрација и пред истражните органи“, рече на крајот на прес-конференцијата портпаролот Демири.