Досегашни инциденти во пресрет на локалните избори го нарушуваат демократскиот амбиент и изборниот процес во Република Македонија и треба да престанат, апелира претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски.
Тој ги потсетува кандидатите за градоначалници и советници, како и политичките партии кои тие ги претставуваат, дека потпишаа Кодекс за фер и демократски избори, со што се обврзаа дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење и дека ќе придонесуваат за демократски развој на општеството.
-Секое насилство, инцидент, непочитување на политичките опоненти во изборниот процес, е спротивно на Кодексот, на законите, правилата и прописите на Република Македонија кои се релевантни за изборите. Во името на ДИК, би сакал да испратиме повик до надлежните институции кон расветлување на овие немили инциденти, кон казнување на сторителите. Но, пред се, да упатиме повик до сите политички партии да придонесат кон смирување на страстите, да влијаат на своите членови и кон спречување на било какво идно насилсво или инциденти вели Чичаковски.