Доколку ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ победат на претстојните избори, но освојат помалку гласови и пратеници во споредба со сега, тогаш се надеваат дека ќе ја вклучат ДПА за да го зајакнат парламентарното мнозинство и да формираат постабила влада, ако тоа им го дозволи меѓународната заедница, вели универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети во интервју за најновиот број на неделникот Фокус.
-Ако ДУИ добие значителна поддршка на изборите, таа се надева и на соработка со ДПА, ако партијата на Мендух Тачи добие одредена поддршка и ако, условно речено, меѓународната заедница дозволи тие да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ. Земете ги пратеничките листи во шестата изборна единица и ќе видите дека тие меѓу ДУИ и ДПА се многу комплементарни. Сакам да кажам дека ДУИ нема ниту еден кандидат за пратеник на првите 4 позиции ако се исклучи половиот клуч, а Тетово е столбот во „шестката“. Оттука, тетовскиот регион на неко начин и е оставен на ДПА. Целта е што гласовите што ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ би ги загубиле, а сепак завршат како победници на изборите, да ги компензираат со ДПА – вели Беџети.
Инаку, носител на пратеничката листа на ДУИ во шестата тетовско-гостиварска изборна единица е партискиот лидер Али Ахмети, кој по потекло е од кичевски Зајас. По него следуваат Талат Џафери од гостиварско Форино, Шпреса Хадри од Тетово, Бранко Манојловски, православен Албанец од мавровско-реканскиот крај, додека Џевад Адеми е највисоко позиционираниот маж од Тетово на листата на „интегративците“. Што се однесува до пратеничката листа на ДПА, пак, првите 4 позиции ги заземаат кандидати за пратеници од Тетово – Мендух Тачи, Бардуљ Даути, Мерал Ферати и Имер Алиу. Од десегашните пратеници, на пратеничките листи на албанската опозициска партија се најде Орхан Ибраими, но ги нема Беким Фазлиу, Газменд Алији, Ернад Фејзулаху.
Од досегашниот тек на изборната кампања може да се заклучи дека критиките на ДПА кон ДУИ се со значително послаба силина и интензитет во споредба со досегашните избори, а ДУИ воопшто не ја третира ДПА како политички противник, така што главна мета на Али Ахмети се новоформираните албански опозициски партии, групирани во два опозициски блока – Сојуз за Албанците и Преродба со БЕСА.
В.С.