Партиски војници на ВМРО – ДПМНЕ и роднини во изборната комисија во Македонска Каменица

by fokus

Општинската изборна комисија во Македонска Каменица е составена од партиски војници и симпатизери на ВМРО – ДПМНЕ, како да станува збор за општински комитет на ВМРО, а не за комисија која треба да го надгледува гласањето на 11 декември и да одговара за гласачкиот материјал. И не само тоа  – тројца во комисијата сосе претседателката Сања Митревска се во роднински врски. Во комисијата членува и нејзиниот сопруг Јован Митревски, но и роднината Трајче Митревски, кој е заменик претседател.

СДСМ Македонска Каменица реагира на составот на општинската изборна комисија   во која, како што вели претседателот Иван Кузмановски, сите се членови или симпатизери на  ВМРО – ДПМНЕ. Социјалдемократите од Македонска Каменица во интерес на регуларноста на изборниот процес ќе бараат од ДИК да се преиспита составот на општинската комисија.

Претседателката на комисијата Сања Митревска, за „Фокус“ тврди дека не е член на ВМРО – ДПМНЕ и дека својата работа ќе ја извршува непристрасно, професионално, со ист третман на сите политички партии. Таа вели дека кога го видела составот на комисијата во која членува и нејзиниот сопруг, за да нема конфликт на интереси, побарала од ДИК да биде изземена.

„ ДИК го одби моето барање со образложение дека е неосновано и дека јас и мојот сопруг сме во комисијата по случаен избор“ вели Митревска и признава дека со заменик претседателот Трајче Митревски се роднини, но биле далечни.

Заменик секретар на комсијата е Андреј Стојчевски.

15174442_10154007554955918_1338627255_n

 

Во врска со забелешките за партиската припадност на заменик секретарот Андреј Стојчевски, претсдеателката објаснува дека на седница на општинската изборна комисија одлучиле замениците на членовите на комисијата, како и заменик секретарот да не бидат ангажирани во изборниот процес.

Митревска негира каква било политичка припадност со ВМРО – ДПМНЕ, но нејзиниот сопруг е голем поддржувач на партијата на Груевски и редовен гостин во штабот на ВМРО – ДПМНЕ во Каменица.

15209047_10154007558585918_1224328601_n  Во ДИК не беа запознаени со овој партиско – роднински состав на општинската изборна комисија во Каменица, за кој велат дека е по случаен избор, направен врз основа на податоци што ги добиле од Министерството за информатичко општество и администрација.

Според ДИК, партијата што реагира на составот, може да испрати писмена забелешка до нив , но дека малку ќе може да се направи за промена на составот, затоа што партиската припадност не може да биде причина за изземање на членови во општинската изборна комисија. Изземање може да се случи само од здравствено – семејни причини и тоа по барање на засегнатиот член на комисијата, и евентуално  ако во комисијата има некој член кој е функционер.

С.М.

 

Поврзани новости