Анѓушев нема намера да и се извини на Тасева: Никому не сум се заканувал

by Фокус

Вицепремиерот за економски прашања, одговарајќи на новинарско прашање, денеска порача дека нема намера да и се извини на Слаѓана Тасева, која претходно се пожали дека Анѓушев несоодветно реагирал откако Транспаренси Интернешнл изрази сомнеж кон стечајната постапка на комбинатот Фени.

-Јас единствено ја прашав госпоѓата Тасева зошто пред да го спомене моето име не побара мислење од мене затоа што мислам дека тоа е професионално. И воедно само да кажам дека не е добро да се постапува по претставки на тие што го создадоа проблемот, туку треба да се види пошироката слика и да се истражува подлабоко –  рече Анѓушев.

Говорејќи на иста тема, пред неколку дена министерот за комуникации Роберт Поповски изјави дека премиерот Зоран Заев се извинил во име на член на влада, но Анѓушев смета дека никој нема нема потреба да се извини за нешто што тој не го сторил.

-Ниту сум имал ниту имам намера со некој негативно да комуницирам по ниедно прашање, а далеку од тоа дека на некого сум му се заканува. Не треба да се прави сензационализам од такви работи. Факт е дека ФЕНИ денес работи и фабриката ќе има иднина, иако можеби некому тоа му смета – нагласи вицепремиерот.

Поврзани новости