Лидерот на СДСМ Зоран Заев, во денешното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, откри дека со тим на експерти работи на нов пакет економски мерки за поддршка на стопанството, фирмите, работниците и граѓаните, со цел, како што рече, санирање на економските последици од глобалната пандемија со корона вирусот.
-Треба да имаме предвид дека сме земја во развој, која е финансиски стабилно ја затекна оваа криза, стабилен и ликвиден буџет, економски раст од 3,6 отсто. Можам да кажам дека анализите се прават и наскоро ќе излеземе со нов, огромен пакет економски мерки. Верувам дека на крај од сите земји во соседството ќе бидеме економски поподготвени и ќе дадеме поголема помош. Ние ќе бидеме земја со најголема помош во регионот по глава на жител за штетите од коронавурусот – најави Заев.
Тој додаде дека верува оти ќе бидат обезбедени преку 200 милиони евра, од кои, истакна Заев, околу 100 милиони евра ќе бидат за поддршка на компаниите.
-Нашата цел меѓудругото е да ги одржиме живи фирмите, ликвидни и стабилни, но и вработените да останат во фирмите. Не би сакале тие да бидат отпуштени и секако да одат под Агенцијата за вработување па тука да плаќаме социјални надоместоци, технолошки вишок или слично. Сакаме за добробит и на работниците и на компаниите да ги одржиме во самите компании, значи пакетот ќе биде огромен – истакна лидерот на СДСМ.