Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, даде исказ во обвинителството во својство на сведок, за настаните во Собранието од 27 април.
Тој уште еднаш повтори дека проценката Али Ахмети да не биде во Собрание била да се спречи меѓуетнички конфликт. Извесно било според него дека ќе го нападнеле Ахмети, за што имале дојава од безбедносните служби.
„Тоа што се случи на 27 април беше со претходна иницијатива. Заедничка проценка на господинот Ахмети и господинот Заев беше лидерот на ДУИ Али Ахмети да не биде во салата кога ќе се избере новиот претседател, господинот Талат Џафери, затоа што имавме информации дека се подготвува сценарио кое би имало за цел да и наштети на меѓуетничката кохезија во земјата и да предизвика конфликт помеѓу Албанците и Македонците, но за среќа не дозволивме такво сценарио да се реализира“, рече Груби.
Груби рече дека одговорил на сите прашања и ги повика и другите пратеници кои биле нападнати да го сторат истото и да дадат придонес во расветлувањето на случајот.
„Го повикувам Обвинителството да не подлегнува на политички притисоци, да го истурка случајот до крај, а осомничените од толпата да ја добијат заслужената казна“, ја пренесува Макфакс изјавата на Груби.
На новинарско прашање зошто се поздравува со дел од луѓето од толпата, тој рече дека тоа се ординарни глупости и шпекулации затоа што е нападнат како и другите. Додаде дека и Шеќеринска и Заев ги знаеле напаѓачите, но, сепак, ги нападнале.
Пред обвинителство денеска исказ ќе даде и пратеничката Шпреса Хадри, исто така од ДУИ.