Има консензус меѓу четирите партии за финансирањето на јавниот радиодифузен сервис, за владиното рекламирање и за казнената политика на Агенцијата за медиуми, но треба да се допрецизираат деталите, вели министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
– Има консензус за прашањето за јавниот радиодифузен сервис во однос на финансирањето, во однос на износот на средствата коишто се потребни за да се унапреди работата на јавниот радиодифузен сервис. Беше донесен кодекс за етичко и професионално известување на новинарите од МРТВ во соработка со Би-Би-Си. Во однос на владиното рекламирање има договор дека средствата што треба да бидат обезбедени за јавни кампањи, под услов јавните кампањи да се навистина од јавен интерес, да се распределат подеднакво, значи на сите медиуми кои потпаѓаат под дефиницијата за медиуми во законот, а тоа се радијата, телевизиите и печатените медиуми. Значи, рамномерна распределба на средства, за што е подготвен и закон за владино рекламирање. И третата работа којашто беше договорена е во однос на казнената политика на Агенцијата за медиуми – вели Арсовска Томовска.