Арсовска по повод 13 Ноември: Да ги надминеме разликите, Скопје да биде град на соживотот

by fokus

Денеска ја имаме можноста да живееме во слободен град, но тоа е и аманетот кој ни го оставија оние кои жртвата ја положија за да живееме во ваков град. Да гледаме кон иднината, да ја живееме сегашноста, надевајќи се дека ќе можеме да ги надминеме разликите и повторно да го направиме Скопје град на солидарноста и град на соживотот, порача градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска при денешното одбележување на Денот на ослободувањето на Скопје пред Владата.

Таа истакна дека скопјани можат да се обединат и сите заедно да почнат да ја реализираат визијата за модерно, европско и поубаво Скопје.

– Денешниот ден е е важен затоа што не е важно само да го чествуваме, туку и да запаметиме и да се сеќаваме што е она што другите го дале за денеска да живееме во слободно Скопје и во слободна Македонија. Да докажеме дека оваа слобода ја заслужуваме со тоа што ќе покажеме дека знаеме да цениме се она што ни е оставено и да го направиме овој град поубаво место за живот, нагласи Арсовска.

Претседателот на градската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна посочи оти Скопје има голема историска победа направена во 44-та година затоа што Скопје, како што рече, е ослободено од своја армија, организирана во единици со свои војници и со свои команданти.

Ги повика сите граѓани, посебно политичките партии, да се издигнат над политичките сфаќања и заеднички да ја градат иднината.

По повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Град Скопје денеска градоначалничката Арсовска положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје на Партизанските гробишта „Бутел“ и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на градските гробишта „Бутел“.

На гробиштата во Бутел, цвеќиња положија и делегации од Кабинетот на претседателот на државата, Собранието, Владата, Министерството за одбрана, Генералштабот, Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна – Скопје, како и делегации од општините на Град Скопје, јавни претпријатија, културни установи, Црвниот крст на град Скопје, дипломатскиот кор и граѓани.

Поврзани новости