Арсовска го разреши директорот на МКЦ, трпел закани и уцени од нејзиниот генерален секретар

by Fokus

Актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска денеска го разрешила в.д. директорот на Младински Културен Центар, Ванчо Богоев, кој на директорската фотеља седна во јануари, 2022 година, поточно тој го добива мандатот веднаш откако таа стапува на функцијата.

Информациите на „Фокус“ ги потврди сега веќе поранешниот директор на МКЦ, Богоев, кој вели дека поминал цела голгота, посебно последната недела.

„Денеска ме викнаа да ми го врачат решението за разрешување од функцијата  без никакво посебно образложение, освен што е наведено дека заклучно со утре изминуваат шест месеци.

 

Како тоа сега им пречам како директор и не ми продолжија, кога претходно без никаков проблем ми ги продолжуваше мандатот. Или, причина за тоа е што се спротиставив и не играм по нивно“, вели Богоев во изјава за „Фокус“.

Тој додава дека главните проблеми почнале откако тој се побунил дека буџетот на МКЦ за само една година изнесува 2 милиони денари, што е срамно.

„Генералниот секретар на Арсовска, Зоран Глигоров цела недела ми се закануваше со разрешување, ме уценуваше и малтретираше. Што очекуваат да се направи само со 2 милиони денари буџет за целата програма на Младинскиот културен центар.

 

Од тука почнаа несогласувањата. Јас работам 36 години во оваа институција. Истата таа градоначалничка која на 13 ноември лично на мене ми ја додели 13-ноемвриската награда за два месеци ме разрешува“, додава Богоев.

Досегашниот директор тврди дека не е член на ниту една политичка партија, но додава дека нема да ги остави вака работите.

Тој не е единствен кој се најде на списокот на неподобни на актуелната градоначалничка на Скопје. Веднаш после скандалот со прочистителната станица и разрешувањето на директорот на Водовод и Канализација, Златко Перински, таа се скара со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со чија поддршка победи на локалните избори.

За само краток период ги разреши сите директори на јавните претпријатија, кадри на опозиционерите, кои дојдоа на функција благодарение на нејзината политичка соработка со ВМРО-ДПМНЕ.

За најновите случувања „Фокус“ чека одговори од Град Скопје.

Ирена Мулачка

 

 

 

Поврзани новости