Во наодот од тестирањето на физичко-хемискиот состав на водата направен од Јавната здравствена установа „Институт за јавно здравје на Република Македонија“ кој работи во состав на Министерството за здравство на РМ, со број 4005/2015 се вели дека: „Испитаниот примерок сирова вода за пиење не одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за физичко-хемиска анализа заради зголемена содржина на флуориди. Потребно е да се врши редовна дезинфекција и кондиционирање на водата за да би можела да се користи за пиење.
Зголеменото присуство на флуоридите во водата, и тоа за 106 отсто повеќе од дозволената концентрација според СЗО, науката вели дека предизвикуваат флуороза кај децата и возрасните, ја нарушуват структурата на коските до кршливост и ронливост.
Поради ова, овој извор не е спас од гевгелиската вода со арсен, порачуваат од иницијативата „АРСЕНА“.
-Поради тригодишната забрана за користење на водата од гевгелискиот водовод заради присуството на отровниот металоид арсенот, голем број гевгеличани спасот го бараа преку полнење на вода од чешма кај комплексот на Негорските Бањи. Моравме да испитаме дали оваа алтернатива е корисна за граѓаните, иако конечно решение е сепак обезбедувањето чиста вода за пиење за гевгеличани, преку обезбедување нови бунари, или поставување на деарсенификатор на бунарите кај Моин. Од резултатите што ги направивме на наш трошок, преку проектот „Граѓаните и Арсена до чиста вода за пиење за Гевгелија и населените места“ поддржано УСАИД од Програмата за граѓанско општество имплементирано преку Фондацијата ФООМ, произлегува дека и полнењето туби со вода од чешмата кај Бањите за гевгеличани не е решение“, изјави Александар Дојранлиев, менаџер на проектот.
Бидејќи досега ниедна институција не се огласила за небезбедниот карактер на водата, од чешмата кај Негорски Бањи активисти на граѓанската иницијатива „АРСЕНА“ преку денешната акција ги информираа граѓаните дека водата не е за пиење.