„Убедени сме дека од овој политички моментум ова ќе биде една авангарда, односно ќе биде најпозитивната политичка сила која што ќе придонесе во иднината на државата и долгорочноста на процесите што не очекуваат пред нас, а особено за интегрирање на земјата во ЕУ“.
Ова е пораката што денеска ја упати неодамнешниот заменик-претседател на БЕСА, Аријанит Хоџа пред почетокот на основачкото собрание на Европската демократска партија.
На основачкото собрание на партијата, кое се одржа во Скопје, Хоџа истакна дека новата партија ќе делува конструктивно во Собранието.
„Во политичката сцена отвораме нова страница, страница која ќе придонесе за демократизацијата и имплементирањето на европските вредности во политичката сцена“ оцени Хоџа.
Рече дека првиот чекор на партијата ќе бидат уставните измени.
„Пред нас првиот чекор односно првата битка е уставните измени. Значи без да има епилог во делот на уставните измени, ние не можеме да кажеме како ќе се одвива политичката сцена. Нормално очекуваме да поминат уставните измени, бидејќи тоа е отворање на вратата за влегување во ЕУ. Доколку не поминуваат, тогаш државата влегува во едно сценарио каде што навистина европската перспектива има потреба од политички сили што треба да се соединат и да не оставаме државата да остане во рацете на политичари што сакаат да ја изолираат“ – изјави тој.