Текстот е објавен на 06.11 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1048
Факт е оти олигарсите, создадени во времето на болната транзиција, шампиони на СДСМ на Црвенковски, многу одамна предат како мачиња во скутот на Фамилијата. Заев неодамна отворено им порача дека нема намера да ги прифати, особено ако правеле криминал со врхушката на ДПМНЕ, а тие, пак, продолжуваат штедро да ја помагаат преродбата, фрлајќи окце кон опозицијата, за да не се случи „бомбите“ навистина да му доакаат на пастирот!
Пишувал Зоран ДИМИТРОВСКИ
Лидерот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски, пред една недела во Собранието досетливо и плесна в лице на власта (парафразирам) дека сите олигарси од деведесеттите, кои своето богатство го направија со криминалната приватизација, денес се со владеачката партија. Ова не е првпат изминативе неколку години страховлада на Фамилијата, од бајатите напади на владините јастреби, кои редовно го прозиваат СДСМ за криминалното создавање олигархија за време на своето владеење, опозициски претставник да направи политичка поента на сметка на ДПМНЕ.
Зашто, факт е оти олигарсите многу одамна предат како мачиња во скутот на Фамилијата, поради што уште Бранко Црвенковски, човекот кој ја создаде или и помогна да се устоличи на македонската транзициска олигархија во 1990-тите години, кога беше претседател на државата, но и подоцна, редовно порачуваше дека бизнисмените многу се плашат од власта на Груевски. За волја на вистината, тој го оправдуваше нивниот страв со постапките на власта – фрчеле многу казни за фирмите ако се непослушни, а бизнисмените биле редовно уценувани и рекетирани од ДПМНЕ.
Пред Милевски, пак, Зоран Заев, лидерот на СДСМ кој ја растури владеачката врхушка со повеќе од три дузини „бомбашки“ напади, неодамна јавно порача дека нема намера да ја прифати понудата на олигарсите кои наводно сега, изместени од политичката хаварија на власта, полека му се приближуваат на СДСМ. Заев, се разбира, не крие, ниту јавно ниту тајно, дека крупни бизнисмени кои лапаат владини тендери, а учествуваат и во пропагандната војна против опозицијата, директно или индиректно, поддржувајќи ги финансиски владините медиумски барабани, сега му одат на „баци рака“ на Бихаќска. Но, лидерот на опозицијата вели дека СДСМ одамна е на финансиски товар на неговото семејство и на уште неколкумина пријатели со ситни фирми, па ако можел толку да преживее, ќе може и сега. Како и да е, СДСМ си презеде една обврска – дека нема да им ги прости гревовите на оние бизнисмени кои го прекршиле законот (некои ги има и во „бомбите“), учествувајќи во криминалните зделки на власта.
ГИ СОВЛАДАЛ СТРАВОТ ИЛИ ИМААТ КРИМИНАЛ ДО ГУША?
Но, нели, не е ништо невообичаено во политичкото казино, крупниот капитал да игра на повеќе купчиња – или барем, на две – на најголемата партија од власта и на онаа од опозицијата. Да, да, така е тоа во земјите каде што бизнисот горе-долу не е папочно врзан со политиката. Но, во Македонија, каде што главниот извор на бизнис се владините тендери, а буџетот – каса на Фамилијата и нејзините бизнис-пријатели, за олигарсите не може да се зборува како за политички коцкари – зихераши. Дел од нивните пари, без оглед дали ги добиле од буџетот, или ги заработиле чесно на македонскиот и на странскиот пазар, мора да завршат во чекмеџето на владеачката партија, во џебовите на Фамилијата, и се разбира, за финансирање на нејзините популистички кампањи. А за опозицијата – трошки, море ниту денар ако не дозволи пастирот. Поради тоа, воопшто не треба да не изненади информацијата дека сопственикот-менаџер на еден од најголемите македонски брендови, морало да праша за дозвола кај Груевски, дали може за кампањата на кандидатот на опозицијата за претседател Стево Пендаровски, да даде 10.000 евра! Се разбира, само барањето дозвола говори за стравот в коски и за понижувачкиот однос на пастирот кон своите бизнис-поданици, особено ако се има предвид дека станува збор за бизнисмен кому не му се нужни буџетски пари за да му функционира работата.
Сето ова говори за прилично очајната состојба во која се наоѓа крупниот македонски бизнис или, што би рекол Влатко Ѓорчев – олигарсите кои ги создаде СДСМ во текот на криминалната приватизација во 1990-тите. Е па, ги создаде, ама ДПМНЕ им се качи на грбот, почна да ги јава, па уште ги збодиња. Ги молзе како кобили, одвреме-навреме ќе им фрли малку сено, а вимињата им ги цеди до крв, за да си ги преполни фамилијарните казани. Ама и тие, лични на мајка, што не бекнат, што не гукнат? Криминал ли имаат до гуша, или само ги совладал стравот? А велат, лошо е ако стравот ве совлада, ако му станете слуга!
Е каква е навистина тажната слика на олигарсите што ги создаде Црвенковски во деведесеттите, а кои веќе долги години му слугуваат на пастирот? Се разбира, на секој режим, особено на оној во кој власта сака се да држи под своја контрола, најважни полуги му се парите –крупниот бизнис, пропагандата – медиумите и силата – разузнавачките информации, полициските „вежби“ на апсење и притворање, судскиот и друг државен „наказателен“ апарат (УЈП, Финансиската полиција итн.) Видовме во некои од „бомбите“ на Заев, како Фамилијата го употребува својот политички, медиумски и полициски камшик за вразумување на финансиерите на опозицијата – акциите во изборната кампања во Охрид, рекетот што го нарачува пастирот во Струмица, казната за бизнисменот финансиер на СДСМ во Штип. Видовме како брутално им крши кичма на непослушните бизнисмени-политичари (Фијат Цаноски), забележавме како ги строи своите медиумски бизнис началници (Стојменов) и како им фрла сено на коњите-тркачи на нивната пропаганда преку однапред договорени бизнис-зделки (Латас). Но бројни се случаите на бизнисмени, како оној на Илија Гечев од ИГМ, кој долго време ја помагал опозицијата, но семејството му се соочило со судски прогон, или сопственици на опозициски медиуми, како Роберт Димитров сопственик на „Телекабел“ и ТВ 24 вести, кој чесно си одлежа неколкумесечна затворска казна, која секако ќе ја избегнеше да беше дел од Фамилијата.
Без претензија да направиме исцрпен список, особено што власта во текот на своето десетгодишно владеење создаде и свои олигарси, преку ноќ, на брутален криминален начин, ќе споменам само неколкумина примери на „шампиони на транзицијата“, без кои ниту СДСМ немаше да биде она што беше во деведесеттите, а богами без да им ја „свитка раката“, пастирот немаше да издржи до „бомбите“ на Заев.
„Фокус“ е неисцрпен извор на текстови кои во средината на деведесеттите буквално ги штанцавме за маговите на транзицијата. Доминираше Штерјо Наков од „Фершпед“. Неговата приказна е надолго и нашироко раскажана, но клучно е дека најголем дел од транзицискиот капитал фирмата го стекна за време на кршењето на санкциите кон режимот на Милошевиќ. Груевски го држеше подолго време отворен неговиот случај на сомнителна приватизација, но цехот кој газда Штерјо требаше да го плати за својот мир, не беше обичен рекет, како во времето на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, туку директна уцена за отстапување – продажба на неговата надежна ТВ АЛФА (некои медиуми пишуваа за скандалозни 150.000 евра!) која политички го реметеше преродбеничкиот етер. Наков, очигледно не можеше да си ја дозволи судбината на Велија Рамковски, а немаше ниту политички амбиции за да се претвори во Ѕинго или Стојменов, па им ја „подари“ телевизијата на братучедите, кои ја јавнаа за целите на Фамилијата преку фирмата на Веселин Јевросимовиќ, српски бизнисмен со кого претходно Јанакиески купуваше компјутер за секое дете.
Во олигархиското друштвенце секако е и Хари Костов, кој стана дури и министер за внатрешни работи во Владата на Бранко Црвенковски, само за да му се одмазди на ВМРО-ДПМНЕ, за рекетот што го беше доживеал од 1998-2002 година. Костов, впрочем, не е класичен бизнисмен, туку банкар – политички комесар, кој својата позиција во банкарството си ја обезбеди како поранешен социјалист-ѕингоист. Откако мораше да се повлече од премиерската фотелја во која за миг „падна од небо“, својот политички гнев кон ДПМНЕ не можеше никако да го залечи. Извесен период, за време на владеењето на Груевски, Костов и пркосеше на Фамилијата – Комерцијална банка не сакаше да го прифати работното време што го воведе пастирот, па нејзините банкарски службеници одеа на работа „комунистички“ од рано утро во 7,30, а долго се опираше од Владата да купува државни обврзници. Но потоа, обврзниците му дојдоа како мевлем на вмровската рана, односно почна да си ја свирка римската поговорка „нон олет“ (парите не мирисаат), па Комерцијална влезе на пазарот од кој банките добро профитираат. Костов, додуша, му помогна на својот „политички гуру“ Црвенковски, кој пред изборите во 2011 година остана шворц, прифаќајќи „хипотека“ на зградата на СДСМ во Бихаќска, за да одобри кредит на изборната кампања на опозицијата. Ратите до денешен ден ги враќа Заев, но Костов одамна е дистанциран од раководството на опозициската партија, а како и многумина бранковисти, нешто и не верува дека СДСМ има план за политичка битка. Истовремено, Комерцијална банка, како и бизнисите на други олигарси впрочем, се рекламираат и во ултра-пропагандистичките медиуми на преродбата. А зошто да не?!
ГАЗДА МИНЧО НЕ Е ОЛИГАРХ, СЛУГА Е!
Подраматичен е примерот на Минчо Јорданов, газда на „Макстил“ и „Бетон“ (и уште неколку фирми) кој секогаш се спротивставува да го нарекуваат олигарх, зашто вели дека своите пари не ги заработил од криминалната приватизација на фирмите во славните деведесетти. Јорданов е секогаш на врвот на листата на „Форбс“ како најбогат македонски бизнисмен, проценет на повеќе десетици милиони евра. За волја на вистината, тој и припаѓа на „металската“ и „технометалска“ група бизнисмени (Трифун Костовски, Ристо Гуштеров, Зоран Зелениковски), која во времето на поранешна Југославија го фати последниот воз – јас би додал на КОС – па во земјите на поранешниот источен блок, односно во Русија, Украина и Полска, успеа да наштанца пари, лукративно искористувајќи ја можноста да бидат единствени посредници на трговијата со метали и руда, помеѓу „гнилиот“ Запад и корумпираните комунистички елити во Москва, Киев, Варшава…
Се разбира, тоа не го амнестира Јорданов од имиџот на олигарх, зашто таа „титула“ не се добива само со првобитната акумулација на капиталот со криминална приватизација. Впрочем, фактот што Јорданов редовно е понизен слуга на власта – во времето на СДСМ, како вицепремиер во кабинетот на премиерот Владо Бучковски, а денес главен градител на споменичната пералница, градбите од „Скопје 2014“, говори доволно за себе. Некој би можел да забележи, па кој друг да гради, ако не „Бетон“, која е една од двете најголеми градежни фирми во Македонија? Се разбира, едно е да се води бизнис, макар и градежен, а сосема друго да се остава свој печат во законски сомнителни проекти, како што е седиштето на ДПМНЕ во центарот на Скопје – популарната „каза дел фашо“ на нашиот Мусолини. Едно е да се гради забавно тркало на кејот на Вардар – од фантастични 18,3 милиони евра, за што се надевам оти некоја идна ревизија ќе го прочешла секое потрошено евро – но сосема друго е со пари од фирмата (заработени од буџетот) да се финансираат авионски летови за гласачите на ДПМНЕ, како што чувме од „бомбите“. А кога и медиумскиот симбол на државноста „Нова Македонија“ ќе го жртвувате на олтарот на Фамилијата, тогаш, ве молам, каков е вашиот имиџ? Олигарх сте вие, или независен бизнисмен!? Налет сите пари, слуга сте понизен, ете тоа сте!
Покојниот сопственик на „Алкалоид“ Трајче Мукаетов, кога станав главен уредник на „Вечер“ во ноември 2000-та, ме повика во својот кабинет да ми каже оти сака да го купи весникот. Информацијата му ја пренесов на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, кој, за волја на вистината се израдува, и рече оти ќе го поддржи тоа. Но, набрзо пукна војната од 2001 година, а јас, кога заврши кризата, си заминав од „Вечер“. Приватизацијата на НИП-от потоа отиде по ѓаволите и морските длабочини, ама муабетот ми беше дека македонските олигарси главно секогаш имале страст кон медиумите и политиката. Син му на Трајче, Живко, денес нема такви амбиции, ама барем го чува аманетот од татко му „Алкалоид“ да го помага печатот.
ГИ ЧУВААТ ПАРИТЕ, КАКО МАКЕДОНЧЕТО КУБУРОТ
Индикативен е и случајот на Светозар Јаневски, попознат како Свето Пивара, кој стана еден од газдите на Пиварата преку менаџерскиот откуп на акциите на вработените, приватизациски модел кој подоцна се сметаше за класичен грабеж. И газда Свето имаше свои медиумски екскурзии, како неделникот „Денес“ и дневниот весник „Македонија Денес“ кои ги поддржа, но кои, за жал, по кусиот блесок, исчезнаа од медиумската сцена. Таа екскурзија беше дел од олигархискиот отклон на либералите од СДСМ, од 1996-та натаму, зашто Свето беше немирен политички дух. Инаку, тој остана вечен член на олигархиската „десетка“ од 1990-тите и раните 2000-ти (Драгољуб Арсов – Комерцијална банка – тогаш времена замена на Хари Костов – потоа Штерјо Наков – Фершпед, Андреја Јосифовски – Макпетрол, Минчо Јорданов – Макстил, Трајко Давитковски – Скопски пазар, Свето Јаневски – Пивара, Савка Димитрова – Европа, Глигорие Гоговски – Тетекс, Доне Таневски – Македонија Турист, Јорго Ќука – ОХИС, Ристо Гушков – УСЈЕ и Трајче Мукаетов – Алкалоид). Десетката е позната по тоа што на Црвенковски, по изборот за претседател – „државник“ 2004-та, на свечен ручек му подари шах-табла со симболична порака дека „влечел добри потези“.
Но, Јаневски, за разлика од Јорданов, на пример, одби да влезе директно во Владата на СДСМ во времето на Бучковски, а е еден од ретките кои на време си купи преродбенички билет – уште во 1997 г. ја финансираше книгата дијалози на Никола Груевски и Сем Вакнин, а тоа пастирот, секако не може да му го заборави.
На Заев треба да му се верува дека никој од „десетката“ денес не ја финансира опозицијата. Додуша, некои се веќе покојни (Давитковски, Мукаетов), а бизнисите ги водат нивните синови, некои во меѓувреме завршија во затвор (Јорго Ќука) а фирмите им отидоа на барабан, нечии фирми преминаа во сопственост на странци (УСЈЕ)…
Од „десетката“, како на пуст остров, остана единствено Андреја Јосифовски од „Макпетрол“, кој слично како и Јаневски, е дел од либералното крило од времето на транзицијата. Неговата ТВ Телма, на-врат-на-нос успева да се одржи на медиумската сцена како релативно самостоен медиум, иако по последните уредувачки промени, таа само ја пополнува улогата на јавен сервис – информирајќи балансирано за власта и за опозицијата. Но, на пастирот и тоа не му чини, па иако е веќе доцна, се обидува со апаратот на силата да го дисциплинира „Макпетрол“, преку кој Јосифовски стана еден од петте најбогати Македонци. Фамилијата нема уште нафтен бизнис, па удри, братучед!
Трифун Костовски веројатно е еден од ретките олигарси со политички амбиции, кои постојано вложуваат во медиуми, во невладини и во граѓански здруженија, соработувајќи ту со СДСМ за пратеник, ту со ДПМНЕ за градоначалник. За жал, Костовски одамна го продаде „Утрински весник“, а не успеа во ТВ бизнисот иако имаше такви обиди. Банката, осигурувањето и другите бизниси што ги води, прават аналитичарите да се сомневаат како Груевски го остава да работи, а притоа слободно политички да делува и да згрижува еден куп критичари на власта и интелектуалци. Арно ама, Трифун си има балансиран пристап – според него и Груевски и Заев се исти, што е блиску до релативизација на злото. Сепак, поважно е како Костовски мисли со сегашниот ФРОДЕМ да се појави на следните избори, без да вложи во медиуми и во поширока политичка мрежа.
Впрочем, проблемот во Македонија главно е со новопечените или постари бизнисмени, сеедно, без оглед дали кога и како ги заработиле своите пари, кои имаат политички амбиции, но не сакаат да вложат во политиката или не барем онолку колку што треба, зашто веројатно сметаат оти милиончињата што ги натокмиле набрзина, се сега само нивни – па ги чуваат како дедово наследство. Политиката е скапа играчка. ДПМНЕ и Фамилијата тоа го разбираат и затоа толку ги товараат магарињата. Кога си на власт, тогаш е лесно – ќе чепнеш од државните пари, но кога си во опозиција – треба да извадиш од џеб, но не ти се вади, мајката. А за да бидеш некој и нешто во политиката, треба да направиш мрежа од медиуми, невладини организации, тинк-тенкови, да организираш дебати, граѓански здруженија… Башка и треба да те бива. А тоа – чини многу, неколку десетици илјади евра месечно.
Но, верувајте, со парите што ги имаат олигарсите, или барем еден од нив да се одважи онака машки, Фамилијата ќе беше веќе заборавена! Ама пусто турско, Македончето го чува кубурот за зорт-заман.
ПОЛИТИЧКИ ШАМПИОНИ НА СДСМ ЈА ГРАДАТ ПРЕРОДБАТА
Во градежниот бизнис, кој стана чешма за полнење на фамилијарните шишиња, освен Минчо Јорданов влезе и поранешниот претседател на социјалдемократската младина, Орце Камчев („Бетон Штип“). Камчев е посебна приказна на транзициски олигарх, кој директно од СДСМ влезе во Фамилијата, станувајќи главен партиски тајкун под контрола на Сашо Мијалков и медиумски олигарх преку сопствеништвото на Медиа Принт Македонија. Меѓу градежниците на преродбата, има повеќе поранешни социјалдемократи, блиски до Црвенковски, пратеници, градоначалници, како што се Страшо Милковски „Гранит“, но и Ванчо Чифлиганец, екс директор на „Бучим“, чиј бизнис на изградба на станови цути токму во времето на преродбата. Српскиот конзул Силјан Мицевски, екс градоначалникот на Битола, кој беше еден од актерите на аферата ТАТ – октоподот на БЦ, како што слушнавме од „бомбите“ со својата фирма градежна фирма „Пелистер“, бил еден од главните тендер-мајстори на актуелната власт за РЕК Битола.