(АРХИВА) Градови на смртта

„Фокус“ располага со обемна документација за сите заболени и починати од рак за 2019 година, односно во кои градови колку заболеле, а колку починале, како се движат бројките по региони, колку бебиња, деца и возрасни се „жртви“ на ова страшно заболување? Но, тука се и причините што предизвикале граѓаните да станат носители на опасната болест, која алармантно коси и е на второ место по смртност, по кардиоваскуларните заболувања. Според статистичките податоци со кои располагаме, лани од карцином заболеле вкупно 7.397 пациенти или 356 на 100.000 жители, од кои 3.801 починале

by Fokus

Текстот е објавен на 25 ноември, 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1312

Пишува : Ирена МУЛАЧКА

 Куќа зјае празна во близина на центарот на источното гратче Берово, каде што претходно живеело четиричлено семејство. Во осамената куќа, одвреме навреме единствено може да се забележи мајката, која пред речиси четири години ги загуби и сопругот и 33-годишната ќерка.

И двајцата починале од рак на бели дробови. Најпрвин починал таткото, а само година време по него умира и ќерката, која штотуку се мажи. На превентивни прегледи, таа дознава дека ја наследила болеста и во рок од една година нејзината состојба драстично се влошува. И таа ја губи битката со опасната болест.

Нивното семејство изгуби два члена, па мајката, уште не можејќи да се помири по смртта на својот сопруг, се соочува со уште поголема болка, нејзината ќерка ја води истата битка со страшниот непријател, која и таа на крај ја губи.

За мене нема повеќе живот. Го изгубив чедото. Поголема болка од тоа нема“, вели мајката, раскажувајќи низ солзи.

Но, оваа млада девојка не е единствената која е жртва на канцер на бели дробови. Пред само еден месец животот го загуби уште една 36-годишна беровчанка, која за кратко време открила дека боледува од оваа болест, а за уште пократко време почина.

Овие два примера се само дел од многубројните починати од карцином во последните неколку години, а бројките на заболени од година во година сѐ повеќе се зголемуваат. Тоа што е страшно во целата приказна, е што меѓу заболените и починатите можат да се најдат од бебиња, деца, па сѐ до баби и дедовци. Болеста не избира, ни млади, ни стари.

Со оглед на бројот на жители во Берово, околу 17.000, официјалните статистички податоци со кои располагаме потврдуваат дека лани од карцином заболеле 86 лица, од кои дури 37 починале. Овој град е распостелен во една од еколошки најчистите средини во земјава, во срцето на Малешевијата.

„Фокус“ поразговара со дел од жителите на ова мало гратче, кои тврдат дека најмалку по еден беровец секој втор ден патува во Скопје на цитостатска терапија. Според нив, никој досега од надлежните институции не им дал објаснување зошто ракот коси во овие чисти средини, а остануваат неодговорени и прашањата – дали можеби водата за пиење е причина за зголемениот број заболени, има ли повеќе трихалогени метани од дозволеното или можеби има зголемено радиоактивно зрачење?

Берово е само еден пример во целата приказна, а ништо не е поразлична состојбата и во другите градови. Но, да почнеме по ред!

АЛАРМАНТНИ БРОЈКИ…

 „Фокус“ располага со обемна документација за сите заболени и починати од рак за 2019 година, односно во кои градови колку заболеле, а колку починале, како се движат бројките по региони, колку бебиња, деца и возрасни се „жртви“ на ова страшно заболување? Но, тука се и „причините“ што предизвикале граѓаните да станат носители на опасната болест, која алармантно коси и е на второ место по смртност, после кардиоваскуларните заболувања.

Според статистичките податоци, лани од карцином заболеле вкупно 7.397 пациенти или 356 на 100.000 жители, од кои 3.801 починале. Меѓу заболените има 4.034 мажи, а за речиси 1.000 помалку жени, односно 3.363.

Податоците уште укажуваат дека на врвот на листата е ракот на бели дробови, а веднаш после него се на дојка, кожа, желудник, простата…Но, тука не застануваат страшните бројки, па податоците со кои располагаме покажуваат дека на возраст до 10 години лани заболеле 14 деца. Исто така, од 10 до 25 години има 61 ново регистрирани пациенти, и како одминуваат годините, тие бројки се повеќе се зголемуваат, па така од 25 до 40 години има 249 заболени од рак.

Алармантните бројки продолжуваат и понатаму, па на возраст од 40 до 55 години има 1.010 заболени. Најстрашни се бројките од 55 до 80 години каде што има дури 5.183 регистрирани пациенти, додека пак, над 80 години таа бројка изнесува 840 заболени од рак.

Бројките не можат да се сменат. Тие се. Но, многу страшно е тоа што почнаа се повеќе млади да умираат. Живееме во време кога можат да се набројат многу причини, сепак алармот мора да биде вклучен и  детално да се направат анализи и на вода, загадување, депонии, односно на се што би можело да биде предизвикувач на создавање на канцерогени клетки– тврдат дел од лекарите со кои разговаравме на темата.

Во документите со кои располагаме може да се забележи голема разлика во бројките кај мажи и жени од 35 до 49 години, односно на таа возраст лани биле регистрирани 78 случаи на заболени кај мажи, додека за трипати повеќе кај жени, поточно 235 случаи. Исто таква разлика може да се забележи и кај возраста од 20 до 34 години, па така на таа возраст лани заболеле 27 мажи, а 53 жени.

Документите уште покажуваат дека според градовите, највисоко на листата котира Скопје каде што лани од карцином заболеле 2.837 пациенти, додека дури 876 од нив починале. После него веднаш е Куманово, со 502 заболени, а 172 починати. Третото место го зазема Тетово со 467 регистрирани случаи од кои 172-ца починале, а по него е Прилеп со 337 новозаболени и 129 починати…

Како што веќе погоре споменавме од рак лани починале 3.801 пациент  од кои 2.257 мажи и 1.544 жени. Црните статистики уште покажуваат дека во 2019 година од 0 до 34 години починале 32-ца пациенти, додека пак од 35 до 64 години починале 538 пациенти. Над 65 години, таа бројка изнесува 1.051 пациент.

Тоа што е најстрашно во приказната е што од вкупниот број на починати, дури 770 починале од рак на бели дробови.

Ракот на бели дробови во моментот насекаде низ светот е на прво место и на заболени и на починати. Тоа ти е како фудбалско игралиште и се што дишеме иде таму. Тие заедно со срцето се најбитни витални органи. Ковид 19 е сега опасен, но ќе помине за некое време. Но, овој проблем е многу голем, тоа е хроничен проблем. Загадувањето има голема улога за оваа болест. Тука не се толку страшни ПМ-10 честичките, кои може да предизвикаат астма и респираторни заболувања, туку опасни се тие помалите од 1 микрометар кои го предизвикуваат белодробниот карцином – објаснува во изјава за „Фокус“, пулмологот и директор на скопската Клиника за пулмологија, доктор Дејан Докиќ.

Веднаш по канцерот на бели дробови, на листата се пациентите што починале од рак на дојка 314, додека пак 303 се од карцином на желудник. Исто така, од рак на простата починале 191 пациент, од црн дроб 186 и 178 од рак на панкреас.

Доволно е само да се направи споредба со 2016 година, односно во тој период отприлика само бројката на заболени била 3.882 пациенти, колку што за три години подоцна изнесува вкупната смртност.

ДЕПОНИИ СО ТЕШКИ МЕТАЛИ – МАКЕДОНСКИ ЧЕРНОБИЛ

„Фокус“ на оваа тема разговараше и со професорот по хемија на Природно-математичкиот факултет, Трајче Стафилов, кој има направено истражување на загадување на животната средина со тешки метали. Тој без двоумење откри дека биле испитувани одредени региони, со кои тешки метали и во кој обем е присутно загадувањето. Но, додава дека најопасни се депониите, поранешните и сегашни индустриски капацитети, рудниците.

Како најкритично загаден регион би го издвоил Велес, со неговата околина, депонијата на троска на Топилницата за олово и цинк. Таа не работи од 2003 година, речиси 17 години, но затоа пак работеше од 1973 до 2003 година, речиси три децении и се уште преставува проблем. Екстремно е загадена почвата што значи дека се произведува храна загадена со тешки метали. Почвите во Велес се загадени во скоро сите делови во градот, а во индустриската зона се екстремно загадени со тешки метали како цинк, олово, кадмиум, жива, арсен – вели професорот Стафилов.

Од друга страна, според нашите податоци, карциномот и респираторните заболувања се зголемуваат и во Велес, па така официјалната статистика покажува дека лани во овој град биле регистрирани 184 случаи од кои 28 починале.

Сепак, професорот Стафилов набројува уште неколку депонии кои претставуваат голема опасност.

Тука е и депонијата во Лојане, село во Кумановско која содржи висока концентрација на арсен, потоа третиот регион е Пробиштип, каде што има загадување со флотационата јаловина од 70-годишната работа на рудникот и флотацијата во Злетово и Пробиштип. Опасна е депонијата на Југохром и депонијата на пепел во РЕК Битола, која од аспект на прашина содржи тешки метали. Пепелта која на годишно ниво се депонира во количина од над 1 милион тони, во последно време не беше депонирана на најсоодветен начин. Најголемиот проблем се јавува со нејзиното несоодветно покривање – тврди професорот Стафилов.

За депонијата во Лојане, црвениот аларм беше вклучен уште пред неколку години, кога го доби името македонски Чернобил. Тогашниот претседател на месната заедница на Табановце, Тони Петровиќ во изјава за медиумите тврдеше дека арсен има насекаде и дека се загадени подземните води, почвата и воздухот.

Последниве 15-20 години во селото никој не умрел од природна смрт. Сите од рак. Главно се помлади луѓе, а и они постарите ќе починат откако ќе заболат од некоја тешка болест. Кој како ќе се разболи за 2-3 месеци му нема спас – објаснуваше пред три години Петровиќ.

Последните официјални статистики покажуваат дека во Куманово лани биле регистрирани 502 случаи од кои дури 172-ца починале, додека пак во Битола таа бројка изнесува 372 заболени и 223 починати. Во Пробиштип кој има околу 10.000 жители, лани од карцином заболеле 67, а од нив 20 починале.

„Фокус“ пред неколку години направи обемно истражување за зголемената смртност од карцином во Свети Николе, каде што откако го посетивме утврдивме дека во ова мало гратче не постои улица во која нема починат од оваа тешка болест, а ретко постои семејство во кое нема барем еден заболен.

Според документите и студијата со која располагавме, главен извор на проблемот беше загадената вода, која ја пиеја граѓаните, како и азбестните цевки. Овој град честопати во годините наназад се најде на врвот на заболени и починати од канцер.

Последните статистики за Свети Николе кој брои околу 13.000 жители покажуваат дека лани имало 81 заболен, од кои 35 починале.

ОНКОЛОГИЈА РАБОТИ СО ПОЛНА ПАРЕА

Екипата на „Фокус“ ја посети и скопската Клиника за онкологија и радиологија каде што се слеваат сите пациенти кои се „жртви“ на ова опасно заболување и кои секојдневно доаѓаат да ја примаат својата цитостатска терапија и зрачење со цел да се спасат од болеста „убиец“ како што ја нарекуваат. За разлика од другите клиники и болници, кои цело време на некој начин беа закочени поради опасниот корона вирус, Онкологија работеше со полна пареа.

Веднаш штом ќе се појавиш на вратата се мери температура, но кога ќе влезете внатре врие од пациенти од сите градови во земјава. Болничките ходници се преплавени и со млади и со стари, кои со маски чекаат ред за да бидат примени кај онкологот, кој треба да одлучи како ќе се одвива понатамошното лекување. Од тоа што успеавме да забележиме е дека клиниката дотолку е полна, што не може игла да се фрли, а многу голем е и бројот и на пациенти кои чекаат да примаат хемотерапија и зрачење.

Поразговаравме со неколку од нив, кои ни објаснија низ што се поминуваат и како дознале за болеста. Таму беше и мајка на 25-годишна девојка од Скопје, која не можеше да се помири дека нејзината ќерка боледува од карцином на дојка. Додека чекаа да влезат кај лекарот, таа ни ја сподели нејзината тешка судбина.

Ќерка ми има само 25 години. Никогаш не верував дека такво нешто ќе доживееме. Сега морам да бидам силна за неа за да може да поднесе се со што ќе се соочи. А, како да бидам силна кога, како да поднесам дека моето дете боледува од толку страшна болест – раскажува мајката, која сакаше да остане анонимна.

Актуелниот директор на скопска Онкологија, Нино Васев само кратко истакна дека тие се задолжени за лекувањето на пациентите, но дека не би знаел да ги објасни точните причини од кои заболуваат пациентите.

Јас можам да зборувам во делот со лекувањето, третманите и се ние како Клиника што постигнавме во последните неколку години за да им овозможиме на пациентите добра и бесплатна терапија – вели првиот човек на болницата.

Во овие времиња- невремиња, посебно сега кога се е насочено кон опасниот непријател Ковид 19, мора да се разбудат надлежните институции и да си ги решат проблемите со депониите со тешки метали, воздухот, загадената вода, за што има направено разни студии и на тој начин да придонесат за намалување на болестите кај дел од населението, за кое според експертите и лекарите, тие се главни виновници. Нели е подобро да се спречи, отколку да се лечи!

Рамка1:

ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ НЕ Е НИТУ БИЗНИС, НИТУ ПОЛИТИКА

 Алијансата на пациентски организации испрати барање до министерот за здравство Венко Филипче барајќи непречено функционирање на сите специјалистички амбуланти и центри.

Вие како министерство за здравство треба да создадете можност сите лекари/специјалисти по хронична болест, како и едуцираните медицински сестри да имаат редовни закажани термини. Воедно, бараме сите хронично болни итно да се ослободат од училишни, студии и работни обврски се до завршување на кризната состојба од пандемијата Ковид 19. Да потсетиме дека јавното здравје не е ниту бизнис, ниту политика – велат од Асоцијацијата, која ја сочинуваат десетина здруженија.

Рамка2:

БИТНО Е РАНО ОТКРИВАЊЕ НА БОЛЕСТА

Дел од лекарите нагласуваат дека поради овие поразителни бројки уште поважно е да се подигне свеста кај населението дека раното откривање на болеста е многу важно за нејзино лекување и за зголемување на можноста за повеќегодишно преживување. Како и за секое малигно заболување, така и за карциномот од особено значење е раното откривање на болеста.

Рамка3:

ПОЧИНА НА 42 ГОДИНИ ОД РАК НА ЖЕЛУДНИК

Пред неполн месец почина и 42-годишната самохрана мајка Наташа Николовска од Скопје, која веќе неколку години се бореше со страшната болест, рак на желудник. Таа пред три години за „Фокус“ објасни дека нејзиниот сопруг починал од инфаркт, а дека таа само една година подоцна се соочила со страшните вести. Нејзиното дете Марио сега има осум години, а цело време додека траеше нејзината битка се организираа хуманитарни акции за да се лекува. Но, на крај таа ја изгуби борбата со опасната болест.

Рамка4:

РАКОТ КОСИ И НА СВЕТСКО НИВО

 Според проценките на Светската здравствена организација се предвидува бројот на смртни случаи од ракот да се зголеми на 13.100.000 до 2030 година. На европско ниво ракот предизвикува 20 отсто од смртните случаи, а секоја година со повеќе од 3 милиони нови случаи и 1,7 милиони смртни случаи ракот е најважната причина за смрт во Европа по кардиоваскуларните заболувања.

 

 

 

 

 

Поврзани новости