Текстот е објавен на 24 ноември, 2017 година во неделникот „Фокус во бројот 1155
Пишува: Маја ВАСЕВА
Директорскиот кабинет во новата зграда на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ бил максимално обезбеден. Внатре можело да се влезе само со магнет, кој ќе ја отклучи вратата преку посебен механизам инсталиран на бравата. Влезот бил под посебен токен безбедносен систем и никој немал пристап внатре кога директорот не бил на своето работно место.
Овој магнет го наследи и новопоставениот директор Душко Весковски. Прво што направил, вели, е да го отстрани сензорот за кабинетот да биде подостапен за службениците и јавноста. Изгледа смешно што директор на градско јавно претпријатие се обезбедува на ниво како да е шеф на управа за разузнавање, но и интригантно затоа што се наметнува прашањето што се криело.
Дали под максимално обезбедување се чувало сонцето од Вергина, кое се наоѓа на тепихот? Во самиот центар од кабинетот, на црвен тепих се додадени шеснаесетте краци, кои чиниш треба да ги осветлат ѕидовите, сликите и фреските на нив. Под изработен по нарачка.
– За мене е чудно и несфатливо. Не знам како некој може да дозволи да се гази врз национален симбол. Зошто е сонцето поставено на подот, не можам да сфатам – вели Весковски.
Но, поранешниот директор, Александар Атанасов вели дека тука нема ништо спорно и дека не станува збор за строго обезбедуван кабинет.
– Не е тоа максимално обезбедување, напротив. Магнетот за влез во кабинетот го имаше секретарката. Штом секретарката го имала магнетот значи не сум бил максимално обезбеден. Тоа е направено некое време пред да се вселиме во зградата и не е ништо спорно – вели Атанасов.
Во врска со декорациите низ просторот во внатрешноста на зградата, тој вели дека се направени бесплатно. Подизведувачот се понудил декорациите да ги изработи про боно, така што сонцето на тепихот од директорскиот кабинет не чинело дополнително.
Сонцето од Вергина го има и на една од сликите закачени на ѕидовите. На триптихот се наоѓа и профилот на Александар Македонски. Петте слики во кабинетот на директорот се со етноелементи, христијански симболи и антички мотиви. Останатите се закачени во другите канцеларии.
Весковски вели дека само овие уметнички слики го чинеле буџетот на јавното претпријатие околу 30.000 евра, пари кои биле одвоени во тековната 2017 година. Нивен автор е македонскиот уметник Драги Хаџи Николов, кој го добил ангажманот во постапка со преговарање без објавување оглас и тоа само две недели пред одржувањето на локалните избори, а со тоа и смена на власта во Скопје.
Инаку, зградата е дело на најомилениот архитект на претходната власт, Жарко Чаушевски. Беше пролонгиран рокот за нејзина изградба, но постојат сомневања дека е пробиен и буџетот. Требаше да чини 9,5 милиони евра, а според некои истражувања трошоците ја надминаа оваа сума.
Атанасов, пак, е уверен дека цехот за изградба и опремување на зградата нема да биде поголем од седум милиони евра.
Новиот директор, Душко Весковски, засега не размислува за преуредување на просторот и вели дека претпријатието има приоритетни работи. Прв предизвик е, вели, да се доведе во ред финансиската кондиција. „Водовод и канализација“ е во толкави долгови што, додава тој, може да биде отежнато неговото понатамошно функционирање.
ЗГРАДАТА Е ДИВОГРАДБА И НЕМА СОПСТВЕНИК
Најспорно од сѐ е, сепак, тоа што зградата нема имотен лист, вели директорот. Барокната ротонда не е впишана во Катастар и на нејзиното место е сѐ уште впишана само празна парцела. Всушност, ротондата на „Водовод и канализација“ е диво здание.
За овој објект немаше ниту свечено отворање, што беше редовна пракса на претходната градска, но и централна власт. Се сеќаваме дека Коце Трајановски одеше на отворање улици, кружни текови, патчиња, канцеларии, па дури и на контејнери. Сепак, власта на ВМРО-ДПМНЕ не пресече лента и на оваа инвестиција.
Врз зградата не е извршен ниту технички прием и не е издадено одобрение за употреба. Со тоа не е испочитуван Законот за градење, според кој, објектот се става во употреба откако ќе се направи технички прием. Тоа значи дека администрацијата работи во простории за кои не е проверено дали се безбедни за работа.
– Ние сме фактички диво вселени. Доколку некој од вработените се повреди на работно место ќе има проблем при наплата на осигурување. Има и ред други проблеми што би се појавиле, од административна природа, а кои би предизвикале реперкусии. Ние фактички не можеме да го употребуваме овој објект затоа што нема сопственик – вели Весковски.
Сепак, тоа не го спречи претходното раководство да се всели во објектот и да ги напушти просториите кои дотогаш ги користеше позади зградата на „Макошпед“.
АТАНАСОВ: МОРАВМЕ ДА СЕ ВСЕЛИМЕ ЗАТОА ШТО ОСТАНАВМЕ НА УЛИЦА
Одредени позиции од договорот со градежната фирма изведувач „Алдинг Инженеринг“ не биле испочитувани. Затоа била активирана банкарската гаранција, а потоа фирмата покренала судски спор. На тужбата од „Алдинг“, „Водовод и канализација“ покренале контра тужба.
Според Атанасов, изведувачот доцнел во изградбата на објектот. Било предвидено зградата да биде готова за администрацијата да се всели на 10 март годинава, а на 15 март веќе им истекувала киријата. Издавачот на просторот каде што претпријатието беше под кирија, барал двојно поголема сума.
– Практично, останавме на улица. Затоа се вселивме порано кога сѐ уште не беа завршени одредени позиции и кога зградата не беше готова. Ние сѐ уште немаме примопредавање на објектот – вели Атанасов.
Освен задоцнувањето со изведбата, градежната компанија потфрлила и во квалитетот. Тоа е втората причина зошто е активирана банкарската гаранција. Според Атанасов, некои позиции од градбата се изведени фушерајски, а во дел е употребен неквалитетен материјал.
Гранитот вметнат во зградата, вели поранешниот директор, не е истиот тој што раководството на почетокот го избрало.
– Фактички, ни го фалсификуваа гранитот. На почетокот ни донесоа оригинал и ние го прифативме, но после тоа излезе дека не е истиот гранит што е употребен при изградбата, додава тој.
Атанасов тврди дека зградата ќе чини помалку од предвиденото. Наместо предвидените 9,5 милиони евра, според него, сумата нема да надмине 7 милиони евра. Таквата пресметка се должи на подигнатите банкарски гаранции. Претходно претпријатието ја активираше банкарската гаранција откако австриската фирма „Алпине“ прогласи банкрот и втората банкарска гаранција поради тоа што втората фирма не испочитувала позиции од договорот.
АДВОКАТ НА ФАМИЛИЈАТА АНГАЖИРАН ДА ГО БРАНИ ПРЕТПРИЈАТИЕТО
„Водовод и канализација“ има сектор за правни работи, кој работи на сите предмети од правна природа, вклучувајќи ги и тужбите. Сепак, бил ангажиран адвокатот Никола Додовски да го застапува претпријатието пред суд за тужба од фирмата „Алдинг Инженеринг“, која ја доврши изградбата на објектот.
Додовски важи за адвокат на Фамилијата. Застапуваше функционери на ВМРО-ДПМНЕ во разни судски случаи вклучувајќи ги и предметите на Специјалното јавно обвинителство.
Тужбата на „Алдинг Инженеринг“, како што вели Весковски, е тежок судски процес од кој претпријатието може да го извлече подебелиот крај. Покрената е поради тоа што претходното раководство ја активирало банкарската гаранција незадоволно од изведбата на објектот.
Изведувачот на зградата се смени во 2014 година откако австриската фирма „Алпине бау“ прогласи банкрот. Работите ги презеде подизведувачот „Алдинг Инженеринг“ со кој „Водовод и канализација“ склучи договор на седум милиони евра.
Весковски вели дека спорно е тоа што средствата од банкарската гаранција во износ од 370.000 евра не се искористени наменски. Наместо за трошоци поврзани со изградбата, парите, додава тој, биле потрошени за тековни обврски на претпријатието.
Но, Атанасов тврди дека нема ништо незаконско во тоа.
– Тоа покажува дека има комплетно неписмена гарнитура во „Водовод и канализација“. Не сакам да напаѓам никого, но треба да знаат дека средства од банкарска гаранција не се наменски средства, вели Атанасов.
Тој препорачува адвокатскиот тим на Додовски да остане во предметот. Вели дека најдобро го знаат материјалот.
– Ако биде јавното претпријатие „дил ориентед“ во тужбата со „Алдинг Инженеринг“ тогаш ништо не правиме. Но ако го смениме пристапот, тогаш сигурно ја добиваме пресудата во наша корист, порачува Атанасов.
СМЕТКАТА ЗАТНАТА, ДОЛГОВИТЕ СЕ ПРЕЛЕВААТ
Многу населби во Скопје сѐ уште немаат фекална канализација, а можат само да сонуваат за атмосферска. Поплавите низ градот не се ретка појава, ги има и при најмал дожд. Некои скопски населби сѐ уште немаат водоводна мрежа, а повеќето постојано се соочуваат со прекин во водоснабдувањето. Можно е наскоро поскапување на водата, цевките редовно се затнуваат или пукаат, народниот правобранител алармираше дека на граѓани им се наплаќаат милионски суми за неплатени сметки, со што се појави сомнеж дека на овој начин се финансираат загубите на претпријатието. И во тие околности се издигнуваше водоводен барок.
Некогаш профитабилното претпријатие сега тоне во долгови. Директорот Весковски вели дека проблем претставува превработената и партизирана администрација. Освен тоа, додава, дел од кадарот е неквалификуван
– Имаме раководител на стручен сектор кој по професија е политиколог. Такви примери има многу, но не сакам да ги именувам затоа што, сепак, се тоа луѓе што се вработени овде, вели директорот.
Јавното претпријатие брои околу 1.200 вработени. Но, само 25 отсто од нив се теренски работници, она од што „Водовод и канализација“ има реална потреба. Околу 75 отсто се службеници.
Инаку, само 20 отсто од Скопје е покриено со атмосферска канализација, а цели населби во општините Сарај, Ѓорче Петров и Гази Баба немаат канализациска мрежа. Покриеноста на руралните средини со атмосферска канализација на повеќето места е нула! Сѐ уште е во тек процесот на претпријатието со кој се прави замена на азбестните цевки. Тие сѐ уште сочинуваат над 10 отсто од вкупната водоводна инсталација, а се очекува дел од скопјани да пијат вода од азбестни цевки до 2020 година.
И покрај сѐ, зградата почна да се гради во 2011 година и требаше да биде готова до 2014, но доцнеше три години. Во текот на изградбата во 2014 јавното претпријатие подигна кредит во износ од 7,3 милиони евра за да се догради објектот. Кредитот од Комерцијална банка е со рок на отплата од 10 години, па месечно претпријатието издвојува 81.000 евра за да исплати рата. И така во следните осум години.
Освен тоа, ЈП „Водовод и канализација“ се соочува со тековни обврски кои не може навреме да ги подмири. Во моментов има побарувања од 4,6 милиони евра.
Рамка:
Атанасов ги купил сликите од негов сопартиец, Хаџи Николов беше советник на ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија
Уметникот Драги Хаџи Николов, инаку од Гевгелија, во претходниот мандат беше советник на ВМРО-ДПМНЕ во оваа општина. Освен тоа, тој беше избран и за претседател на Советот, па претседаваше со него цел мандат. Допрва ќе се појаснува како дошло до тоа токму овој уметник да го добие ангажманот во постапка без објавување оглас, или како што се вели, преку договор склучен во четири очи. Уметникот изминативе години редовно имаше изложби во салоните низ Македонија.
Поранешниот директор на јавното претпријатие, Александар Атанасов, исто така потекнува од Гевгелија, но за „Фокус“ вели дека тоа е само случајност. За договорот со Хаџи Николов не одлучил тој, туку посебна комисија предводена од архитектот Жарко Чаушевски, кој е автор на градбата. Уметникот, инаку, станува претседател на гевгелискиот Совет во времето кога Атанасов е претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Гевгелија.
Дел од сликите се уште не се сместени, туку чекаат потпрени на ѕидовите. Атанасов посочува дека набавката е направена по претходно добиено одобрение од Советот за јавни набавки.
Освен со слики, канцелариите на раководството и администрацијата се опремени со нов мебел. Сѐ во зградата дише на ново и штотуку отпакувано. Конференциски маси, широки бироа, кожени фотелји и градини со специфични растенија на терасите.
Водата како симбол зазема почесно место на сите пет ката од барокната зграда. На секој кат има поставено по една фонтана, а најголема е фонтаната во холот кај влезот на странките. Млазеви жуборат низ цевки од плафонот до подот, со што се формира водна завеса.
Рамка:
Гемиџии го чуваат влезот на претпријатието
Павел Шатев и неколку солунски атентатори се мултиплицирани пред „Водовод и канализација“. Влезот на претпријатието го чуваат група гемиџии сместени на два постаменти. Откако во рамки на „Скопје 2014“ се постави споменик за секој знаен и незнаен херој од македонската историја, продолжија да се леат истите имиња, изгледа во недостиг на други. Таков е случајот со Павел Шатев. Овој револуционер е овековечен во седечка положба покрај триумфалната порта. Негов споменик има и на влезот на претпријатието.
Друштво на Шатев му прават неговите соборци. Јордан Поп Јорданов, Димитар Меџев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Цветко Трајков се претставени во споменици со човечка димензија од левата страна на влезот, а спомениците на Марко Бошнаков, Георги Богданови и Милан Арсов се поставени на десната страна.
Во чест на гемиџиите, инаку, веќе има споменик кој се наоѓа покрај Камениот мост, кој патем чинеше 1,45 милиони евра.