(АРХИВА) Во рудниците на ЕСМ влегле и странски компании – изведувачи отстапувале повеќе од половина од милионските договори!

Податоците што ги обезбедивме откриваат дека економските оператори што склучиле договори за работа во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ отстапувале значителен дел од вредните договори на подизведувачи, меѓу кои имало фирми блиски до политиката, но и странски компании.

by admin 13:07
13:07

Текстот е објавен на 06 март 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.535.

АД ЕСМ се очекува да го склучи првиот голем договор за ископ во РЕК Битола по политичките промени, откако за најповолна ја избра понудата од околу 23 милиони евра на „Топлина“, која настапила со техничка поддршка од 2 компании, а ќе има и 4 подизведувачи. Досега, компаниите ангажирани како подизведувачи од страна на избраните изведувачи главно беа непознати, бидејќи тие не се објавуваат јавно, а државната компанија за производство на струја одбиваше да ги открие.

Уште пред речиси 2 години „Фокус“ побара податоци од ЕСМ за фирмите што работеле во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“ како подизведувачи, но државната компанија не ни ги достави овие информации, па дури покрена и управна судска постапка против второстепената комисија, која ја уважи нашата жалба. По промената на раководството на ЕСМ, одлучивме да доставиме ново барање наместо да го чекаме исходот од судската постапка.

За разлика од претходно, овојпат добивме позитивен одговор, кој, меѓу другото, покажа дека економските оператори што склучиле договори за работа во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ отстапувале значителен дел од вредните договори на подизведувачи, меѓу кои имало фирми блиски до политиката, но и странски компании.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Уште пред речиси 2 години, поточно на 22 мај 2023 година, до државната компанија за производство на струја – АД ЕСМ, поднесовме барање согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со кое се бараа информации за ангажираните подизведувачи од страна од избраните економски оператори за работа во РЕК „Битола“ и „РЕК Осломеј“.

„Кои правни субјекти, со кои државната компанија за производство на електрична енергија склучила договори за јавна набавка, користеле подизведувачи, и за кои договори го направиле тоа; со кои компании-подизведувачи склучиле договори избраните економски оператори, и за тоа го известиле договорниот орган; на која сума биле склучени договорите за соработка меѓу избраните економски оператори во тендерските постапки и ангажираните подизведувачи за реализација на договорите за јавна набавка“, гласеше нашето барање.

Со цел ова барање да биде јасно и недвосмислено, односно да нема простор за никакви произволности при толкувањето од страна на имателот на информации, во него таксативно наведовме 60 договори за јавна набавка, склучени во одреден временски период меѓу АД ЕСМ и приватни компании, односно избрани економски оператори во тендерските постапки за работа во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.

На тој начин, барањето да бидат доставени податоци за ангажираните подизведувачи беше специфицирано, т.е. се однесуваше на конкретно наведени договори – колку од нив делумно биле реализирани со помош на подизведувачи, колкав дел од договорот им бил отстапен, кои биле тие итн.

Меѓутоа, од АД ЕСМ не добивме никаков одговор. Па, откако истече законски предвидениот рок од 20 дена за одговор, поднесовме жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Жалбата е поднесена на 15 јуни 2023 година, додека Агенцијата веќе на 26 јуни истата година носи Решение со кое ја уважува жалбата и воедно му наложува на ЕСМ да постапи по барањето, т.е. да ги достави бараните информации во рок од 15 дена.

Но, наместо АД ЕСМ да постапи согласно барањето и да ги достави информациите, како што наложува второстепениот орган, таа одлучува да поведе управна постапка.

ЕСМ ЈА ТУЖИ АГЕНЦИЈАТА

Имено, ЕСМ ја тужи Агенцијата за донесеното решение во наша корист. На 27 јули 2023 година, ЕСМ поднесе тужба до Управниот суд против решението на Агенцијата, а воедно ЕСМ како тужител поднесува и Барање за одложување од извршување на оспореното решение. Практично, ЕСМ бара да се одложи извршувањето на решението се до правосилно завршување на управниот спор.

Во однос на ова барање, Управниот суд носи решение на 15 август 2023 година, со кое се отфрла барањето на ЕСМ за привремена мерка како неосновано, бидејќи ова барање не ги исполнува условите од Законот за управни спорови.

Сепак, и покрај ваквата одлука на Судот, ЕСМ повторно не постапи согласно барањето и не ги достави информациите за подизведувачите ангажирани од страна на избраните изведувачи.

Во меѓувреме, траеше управната судска постапка по тужбата на ЕСМ против решението на Комисијата, за што Управниот суд се произнесе дури на 10 јуни 2024 година, што е повеќе од една година од поднесувањето на барањето.

Притоа, Судот носи решение, според кое, тужбата на ЕСМ против Агенцијата е недозволена, бидејќи, меѓу другото, Судот утврдил дека ЕСМ не бил странка во управна постапка за чии права и интереси се одлучувало, туку бил орган-имател на информации од јавен карактер, кој ја водел постапката и одлучувал во прв степен.

„Во оваа управна постапка се одлучувало за правата и интересите на барателот истакнати во барањето, а не за права и интереси на органот кој одлучувал, односно бил должен да постапи. Тужителот (ЕСМ) во првостепената постапка како имател на информации имал процесна положба на првостепен управен орган, така што за истата правна работа не може истовремено да има положба на странка и да биде тужител во управен спор, каде судот одлучува за законитоста на конечните поединечни управни акти, кои директно влијаат на правниот статус на тужителот“, наведува Судот.

Оттука произлегува дека нема никаква правна основа ЕСМ како првостепен орган да поведува управен спор против решение на Агенцијата како второстепен орган, која пак одлучувала по нашата жалба како барател против првостепен орган, односно ЕСМ.

ТРИ ДОГОВОРИ СО ПОДИЗВЕДУВАЧИ

Сепак, ЕСМ одбира да употреби правна гимнастика и да се служи со трикови, кои сепак му овозможуваат да ја исполни целта, а тоа е во најмала рака да купи време, или во најдобра варијанта целосно да ја избегне обврската да ги достави бараните информации, во случајов за фирмите кои работеле како подизведувачи во рудниците на РЕК „Битола“.

До ден денес, првичната стратегија на ЕСМ се покажува успешна, бидејќи се уште државната компанија не постапува според нашето барање поднесено пред нецели 2 години и не ги доставува бараните информации иако бездруго ги поседува, бидејќи во сите склучени договори се предвидува обврска економскиот оператор (ангажирана компанија на тендер) да го извести договорниот орган (ЕСМ) ако сака да ангажира подизведувач и да добие согласност за тоа.

Затоа, наместо да чекаме да заврши постапката и пред Вишиот управен суд, одлучивме да го промениме пристапот. Во таа насока, откако по политичките промени дојде и до промена на раководството на ЕСМ, испративме ново барање до државната компанија за производство на струја, кое гласи:

„Во периодот од 2017 година досега, кои компании работеле во рудниците на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ како подизведувачи, ангажирани од економски оператори со кои АД ЕСМ имал склучено договори за јавна набавка; компаниите што работеле како подизведувачи, од кои економски оператори биле ангажирани и за реализација на кои договори биле ангажирани; колкав дел од договорот им припаднал на ангажираните подизведувачи, односно колкав дел од работата им бил отстапен и колку средства наплатиле?“

Така, ЕСМ ни достави решение со позитивен одговор на 24 јануари 2025 година, или 64 дена по поднесувањето на нашето барање, иако законскиот рок за доставување на одговор е 20 дена, или, пак, 30 дена доколку се работи за обемна информација.

Како и да е, од податоците што ги добивме произлегува дека во рамки на РЕК „Битола“ биле ангажирани подизведувачи во рамки на 3 договори за јавна набавка, кои ЕСМ ги склучил со битолската компанија „Марковски компани“, во сопственост на почесниот белоруски конзул во земјава Борче Марковски.

Првиот од трите договори меѓу двете страни е склучен 7 јуни 2021 година и се однесува на ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино, РЕК „Битола“.

ПАРТНЕР ОД СРБИЈА

На Бирото за јавни набавки е објавено дека договорот во времетраење од 18 месеци бил во висина од 849 милиони денари, но до оваа сума се стигнало благодарение на анекс, откако основниот договор бил склучен на сумата колку што изнесувала проценетата вредност на набавката – 708 милиони денари.

Она што не е јавно објавено е дека „Марковски компани“ за реализација на овој договор, тежок 13,8 милиони евра, ангажирал 2 подизведувачи.

Односно, еден отсто од обемот на работи или 8,4 милиони денари, и бил доверен на „Пелагонија АД Гостивар“, која, всушност, вршела ископ и транспорт на материјалот добиен со ископ на инвестициска откривка.

Многу поголем дел од колачот добил вториот подизведувач. Станува збор за „Карин комерц“ со седиште Ветерник, Нови Сад, Србија, на која и биле доверени 10 проценти од работите или 84,9 милиони денари за транспорт на материјалот добиен со ископ на инвестициска откривка.

На својата официјална интернет-страница, оваа компанија се претставува како лидер во производство на бетон и во градежните активности. Кон крајот на ланската 2014 година, дел од медиумите објавија дека таа го купила државното „Југословенско речно бродарство“ за 10,9 милиони евра, што било двојно пониско од проценетата вредност.

Како што лани во декември објави „Пиштаљка“, српското Министерство за економија објавило договор, кој ги потврдил нивните претходни пишувања дека „Карин комерц“, во конзорциум со уште 3 компании – „Сани еко вита“, „Ракакоп“ и „НС Сквер Градња“, го купиле ЈРБ за 10,9 милиони евра.

„Договорот за продажба во име на државата го потпиша министерката за економија Адријана Месаровиќ, која не одговори на ниту едно прашање на новинарите од Пиштаљка. Така, јавноста остана без одговор зошто се продава успешна државна компанија, во време кога почна да врши стратешки важна работа за државата, транспорт на јаглен за потребите на Српското електростопанство.

Од Министерството не одговорија на прашањата кој ги определил условите под кои се продавала компанијата, како е одредена цената, ниту, пак, во кои други работи со кои раководи Министерството за економија учествува фирмата Карин комерц“, пишуваше српскиот медиум.

ОТСТАПЕНИ 10 ОТСТО

Понатаму, според податоците што ги добивме од ЕСМ, подизведувачи биле ангажирани и во рамки на 2 договори склучени со „Марковски компани“ во текот на 2023 и 2024 година.

Едниот од нив е склучен на 3 октомври 2023 година и се однесува за ископ на јаловина со градежна оператива во ПЕ Рудници (РЕК Битола). Вредноста на овој договор, со времетраење од 18 месеци, е 1,5 милијарди денари или безмалку 25 милиони евра.

Патем, изведувачот „Марковски компани“ ангажирал 3 подизведувачи. Меѓу нив се 2 струмички компании – „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“, чии законски застапници се Сашко Брндевски, односно Драги Цикарски. И, третиот подизведувач била охридската компанија „Топлина“, чиј законски застапник бил Ќирче Митрески.

На сите 3 подизведувачи им биле отстапени по 10 отсто од обемот на работа, кој се однесува на ископ на јаловина со градежна оператива. Тоа значи дека на секој од трите подизведувачи им биле доделени по 2,5 милиони евра, или вкупно 7,5 милиони евра.

Слична комбинација може да се сретне и во третиот договор, во чии рамки, како што нѐ известија од ЕСМ, избраниот изведувач ангажирал подизведувачи.

Поточно, на 13 февруари 2024 година, ЕСМ склучил уште еден договор со битолската компанија на Борче Марковски, кој се однесувал на ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во Рудник Брод Гнeотино. Овој договор бил со времетраење од 18 месеци и изнесувал 2,8 милијарди денари или 46 милиони евра.

Исто како и за претходниот договор, така и во рамки на овој „Марковски компани“ им отстапил по 10 отсто од работата за ископ на јаглен и јаловинска маса, транспорт и одржување на патиштата на струмичките „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“, како и на охридска „Топлина“. Односно, секој од нив добил зделка од по 4,6 милиони евра или вкупно 13,8 милиони евра.

До изведувачот „Марковски компани“ упативме неколку прашања, вклучително и дали договорите со ангажираните подизведувачи се реализирани во целост. Но, до затворањето на весникот не добивме одговори.

СТРУМИЧКАТА ИМПЕРИЈА

Според Централниот регистар, „Сим Инженеринг“ е компанија основана во 2005 година, која е во сопственост на Горан Крстев и неговиот татко Симеон Крстев, додека управител е веќе споменатиот Сашко Брндевски.

И „Јавор-Транс“, основана во 2010 година, е во сопственост на синот и таткото Крстеви (Горан и Симеон), со тоа што таму како управител се јавува, исто така веќе споменатиот Драги Цикарски.

За потсетување, овие 2 струмички фирми ги опфативме со сторијата објавена во неделникот „Фокус“ уште на почетокот на 2019 година, кога пишувавме кои сѐ компании ги поседува семејството на тогашниот премиер Зоран Заев, како и нивните деловни партнери.

Актуелниот премиер Христијан Мицкоски, во својство на опозициски лидер објави случај со присвојување државно земјиште. Се работи за градежна парцела со површина од 18.462 квадратни метри, која Општина Струмица во 2014 година, кога Заев е градоначалник, на јавна аукција му ја продала за 700.000 евра на Сашко Брндевски, управител на „Сим Инженеринг“ – првиот подизведувач на „Марковски компани“.

Како што обвинуваше Мицкоски, откако Брндевски во 2016 година добил одобрение за градење станбен комплекс, тој веднаш склучил договор за пренесување на правото на градење или отстапување на парцелата со „Тотал Инженеринг“, во сопственост на Вице Заев, брат на Зоран Заев, како и со уште градежна компанија што се поврзува со Заеви – „АД Пелагонија Струмица“.

Она што дополнително ги поврзува Брндевски и Заев е уште една компанија за изградба на станбени и нестанбени згради основана во 2009 година – „Сара Инженеринг“, која во 2010 година купи две од трите градежни парцели за изградба на згради кај поранешната струмичка касарна во површина од 36.131 квадратен метар за вкупно 1,5 милиони евра.

Поточно, пишувавме дека Брндевски е содружник во оваа градежна компанија, заедно со Ристо Кречев и Зоран Марковски, додека порано во нејзината сопственичка структура бил и Вице Заев.

Воедно, Заев се јавува како содружник заедно со Кречев во уште неколку компании. Една од нив е „Сара Јавор Инженеринг“, каде што содружник е и Драги Цикарски, управител на „Јавор-Транс“ – вториот подизведувач на „Марковски компани“.

ПРЕГОВОРИ НАМЕСТО ОГЛАС

За третиот подизведувач – „Топлина“, пишувавме кога неодамна ЕСМ склучи договор со охридската компанија за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“. Овој договор беше склучен по пат на преговори, без објавување на оглас, откако претходно ЕСМ го раскина милионскиот договор за истата намена со „Марковски компани“.

Инаку, договорот за ископ во рудникот Брод Гнеотино, со времетраење од 6 месеци, изнесува 70 милиони денари или над 1,1 милиони евра. Договорот го добила „Топлина“ во конкуренција на уште една фирма, без да се наведе за кое друштво станува збор.

„Потребата произлегува поради тоа што РЕК Битола еднострано го раскина договорот со Марковски компани склучен за истата услуга, од причини што носителот на набавката покажа значителни и постојани недостатоци во исполнувањето на истиот, односно исполнувањето на Договорот беше неодговорно, нецелосно, неквалитетно и ненавремено“, гласи образложението на ЕСМ.

Претходно, „Фокус“ објави дека откако ЕСМ го поништи договорот со „Марковски компани“ за ископ тежок 46 милиони евра, државната компанија за производство на струја објави оглас за ангажирање на нов изведувач, со скратени рокови.

Кога ќе се споредат двете постапки, произлегува дека тековната се спроведува со значително омекнати услови во делот на референците и финансиската кондиција на заинтересираните понудувачи. Исто така, може да се забележат разлики и во однос на механизацијата…

Новиот оглас за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола е објавен на 13 декември 2024 година, со краен рок за доставување на понуди до 2 јануари 2025 година. Во рамки на оваа отворена постапка се уште не е склучен договор, но во меѓувреме се склучи договор во постапка со преговори, без објавување оглас…

ЕДНИ ПОТПИШУВААТ, ДРУГИ РАБОТАТ

Во споредба со РЕК „Битола“, каде што работеле 5 подизведувачи ангажирани од страна на еден изведувач, многу пошарена е сликата во РЕК „Осломеј“, каде што работеле многу повеќе подизведувачи. Сепак, таму договорите за јавна набавка, а со самото тоа и договорите меѓу изведувачот и подизведувачот, се многу пониски.

Според податоците што ни ги доставија од ЕСМ, во рамки на договорите за јавна набавка што ги склучила кичевската компанија „БН ВАП“, секогаш како подизведувач го ангажирала друштвото „Ќире“ од Другово.

Меѓутоа, треба да се нагласи дека тоа се договори од неколку стотици илјади денари склучени во 2018 и во 2020 година, кои се однесувале на кровна изолација, шамотерски услуги, монтажа на гипс-картон, изработка на скеле итн.

Во поглед на ниската вредност на тендерот, слична е ситуацијата и со скопската „Аквафрипласт“, која во 2022 година склучила договор со ЕСМ за сервисирање и одржување на компресори во РЕК „Осломеј“ во износ од 650.000 денари, па ја ангажирале компанијата „Експертс“ како подизведувач.

Потоа, друштвото „Нова Мат“ со седиште во Илинден, во 2020 година склучила договор за набавка на водопоказно стакло за бојлер во вредност од 3 милиони денари, додека како подизведувач била ангажирана скопската фирма „СД Инженеринг“.

Во истиот период, ЕСМ склучил договор и со скопската „Еко Теам“ за чистење маслена инсталација за турбина во вредност од, исто така, 3 милиони денари. Во рамки на овој договор, пак, како подизведувач била ангажирана „Метал Конструктор“ од Кавадарци.

Далеку повисок договор за работа во РЕК Осломеј, ЕСМ склучил со компанијата „Мис Комерц“, кој се однесувал за ангажман на булдожер со сила на мотор, а неговата вредност изнесувала 25 милиони денари. Како подизведувач била ангажирана „Габа Градба“.

Исто така, дел од изведувачите избрани за работа во РЕК Осломеј ангажирале и странски компании од регионот, додека има случаи кога на подизведувачи им биле отстапувани и повеќе од половина од вредноста на договорите.

СТРАНСКИ КОМПАНИИ

Во 2021 година, ЕСМ спроведува тендерска постапка за ремонтни активности во РЕК Осломеј, во вредност од 36 милиони денари. Овој тендер бил поделен на дваесетина дела или т.н. лота, при што за 18-от дел бил склучен договор со компанијата „Ел-Те Инженеринг“ од незначителни 155 илјади денари.

Во рамки на овој договор, биле склучени договори со двајца подизведувачи од странство. Прв подизведувач била „Централна Енергомонтна База“ со седиште во Софија, Бугарија, додека вториот подизведувач бил „Контрол Инспект“ од Белград, Србија.

Воедно, бугарската фирма се сретнува како подизведувач и при реализација на друг договор за работа во РЕК „Осломеј“. Впрочем, оваа компанија е ангажирана како подизведувач и од страна на скопската „Монтинг Енергетика“ за реализација на договорот склучен во 2023 година за ремонт на турбина, во вредност од скоро 53 милиони денари.

Во истата 2023 година, „Монтинг Енергетика“ склучила уште неколку договори со ЕСМ за работа во РЕК Осломеј, при што ангажирала подизведувачи.

Се работи за договори за браварско-заварувачки услуги, за специјалисти за турбо-генератор и за работна рака за арматура во вредност од вкупно 15 милиони денари, а за сите 3 договори како подизведувач е ангажирана прилепската „ДМБ Продуцтион“.

Покрај тоа, „Монтинг Енергетика“ во 2019 година склучила и договор за изработка, демонтажа и монтажа на прегревач, чија вредност била 30 милиони денари. И тогаш како подизведувач била ангажирана „ДМБ Продуцтиon“, додека во еден од договорите бил ангажиран и втор подизведувач – „Институт за заварување Југ“.

До „Монтинг“ испративме прашање зошто за најголем дел работите во РЕК Осломеј ангажирале подизведувач, колкав обем од работата бил отстапен и дали договорите се реализирани во целост, но не добивме одговор.

Кога се говори за странски подизведувачи, треба да се истакне дека такви биле ангажирани од скопската „Буготи Комерц“, која во 2021 година склучила 2 договори со ЕСМ за налевање на лежишта во вкупна вредност од 3,5 милиони денари. И во двата случаи како подизведувач била ангажирана хрватската компанија „Друга реса“.

За сите овие договори, од ЕСМ ни ги доставија сите информации освен обемот на работа кој избраните изведувачи им го отстапиле на ангажираните подизведувачи. Арно ама, таква информација ни дадоа за друга компанија…

ДОДЕЛЕНА ПОЛОВИНА ЗДЕЛКА

Компанијата „ФАКОМ“, според Централниот депозитар на хартии од вредност, е во сопственост на „Репро Оне Лимитед“, која поседува над 97 отсто од акциите.

Како што во неколку наврати пишува „Фокус“, тоа е компанија со седиште во Британските девствени острови формирана во 1999 година, а после повеќе од 2 децении како нејзин вистински сопственик се пријави бизнисменот Минчо Јорданов.

Според документацијата со која располагаме, оваа офшор-компанија на Јорданов поседува удели во повеќе домашни друштва, вклучително и во „Репро 21“, која, пак, според информации од Катастарот на недвижности, поседува станбен и деловен простор, градежно земјиште и шуми во вкупна површина од над 17 илјади квадратни метри.

Исто така, друштвото беше еден од трите поголеми акционери во „Бетон-Скопје“ пред да падне во стечај и беше поголем акционер и во „Макстил“ пред да премине во доминантна сопственост на кинеската „Дуферко“, а денес, како што наведовме, е доминантен акционер на „ФАКОМ“.

Податоците со кои располагаме покажуваат дека „ФАКОМ“ склучила повеќе договори со ЕСМ за работа во РЕК „Осломеј“. Конкретно, во 2020 година склучила 2 помали договори од вкупно милион денари за БТО-систем, при што како подизведувач била ангажирана кичевската „Тим Инженеринг“.

Но, во периодот 2022-2023 година, „ФАКОМ“ склучила 5 договори со ЕСМ за РЕК Осломеј, кои се однесуваат на изработка, демонтажа и монтажа на 2 бренери за јаглена прашина и озиден изолационен материјал (63,9 милиони денари), за набавка на канали за секундарен воздух од централен канал до влез во бренери (8,5 милиони денари), за реконструкција на прегревач помеѓу бренери (44,8 милиони денари), за замена на 5-ти и 1-ви пакет од економајзер (180 милиони денари) и за изработка на 2 бренери и канали за јагленова прашина канали за секундарен воздух (70 милиони денари).

Оттука, вкупната вредност на овие 5 договори, без вклучен ДДВ, изнесува 367 милиони денари или скоро 6 милиони евра.

За сите 5 договори „ФАКОМ“ ангажирал еден подизведувач, а тоа е друштвото „Агроиндустрија Агис“, која не добила минорен дел од работите, туку повеќе од половина од договорите.

Од ЕСМ ни доставија ваков тип на податоци за 4 од 5-те договори, од кои произлегува дека „Агроиндустрија“ како подизведувач извршил или требало да изврши 59 отсто од првиот договор, 65 отсто од вториот договор, 57 отсто од третиот договор и 61 отсто од четвртиот договор. За петтиот договор нема информација.

Од друга страна, пак, ланската 2024 година „Агроиндустрија“ склучи договор за браварско-заварувачки услуги во РЕК Осломеј вреден 5 милиони денари, при што има обратна состојба, со оглед дека изведувачот како подизведувач ја ангажирал „Факом Монтажа“, фирма-ќерка на „ФАКОМ“.

РЕВИЗИЈА И ПРЕДИСТРАГИ

Се обративме и до „ФАКОМ“ зошто доделиле повеќе од половина од овие договори на подизведувач, но и од таму не добивме одговор до затворање на овој број на неделникот. Наспроти игнорирањето од приватните компании, добивме одговор од државната компанија и институциите.

„АД ЕСМ континуирано е под внатрешен ревизорски надзор по смената на раководството кон крајот на август минатата година. Исто така, во изминатиот период, по барање на Управата за финансиска полиција на увид се доставени повеќе предмети за јавни набавки. Во рамките на компанијата и нејзините подружниците, се постапува во врска со утврдените пропусти и соодветно се известуваат надлежните органи“, ни одговорија од ЕСМ.

Неодамна, беше соопштено дека Јавното обвинителство води 6 предистраги поврзани со ЕСМ и со тендерски постапки спроведени од страна на државната компанија за производство на струја.

Затоа, до Обвинителството прашавме дали во рамки на овие предмети се проверуваат и договорите што избраните економски оператори ги склучувале со подизведувачи за работа во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“?

„Јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на тоа дали и какви проверки се прават во предистражна постапка, бидејќи тоа може да ја загрози тајноста на дејствијата кои се преземаат“, гласи одговорот што го добивме од ЈО.

Откако добивме неофицијална информација дека МВР, во рамки на нивните надлежности, освен договорите за јавна набавка ги проверува и договорите на изведувачите со подизведувачи, упативме прашање и на таа адреса.

„Согласно Законот за кривична постапка член 289 сите предистраги се сметаат за тајна“, одговорија од МВР на нашето прашање дали во координација со ЈО МВР испитува и договори што избраните економски оператори ги склучиле со подизведувачи за работа во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“?

Додека се чека епилогот од предистрагите за ЕСМ, веќе беше отворена истрага во врска со незаконската набавка на средство за чистење на системите во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, за што осомничени се дваесетина лица за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари.

Слични вести