АРХИВА: СЈО има 38.000 „бомби“ за петкратното убиство кај Смиљковско езеро

by fokus

Текстот е објавен на 30 март 2018 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1173

Пишува: Валентина ВУРМО

Навршуваат шест години од велигденскиот масакр, односно од петкратното убиство што се случи кај Смиљковско езеро, а вистината за овој монструозен чин сѐ уште е длабоко закопана.

Семејствата на убиените момчиња Александар, Цветанчо, Филип и Кире, како и на рибарот Борче, сѐ уште носат црнина, а обвинетите што поминаа пет и пол години во притвор, од пред неколку месеци се на слобода. Од затвор излегоа откако Врховниот суд ги укина првостепената и второстепената пресуда за „Монструм“, и случајот го врати од почеток.

На 17 април, на обвинителна клупа повторно ќе седнат четворицата обвинети Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Фејзи Азири и Сами Љута, без Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство, но сега наместо судијата Ивица Стефановски, ќе им суди Огнен Ставрев и Осман Шабани, како втор судија.

Смена има и на обвинителското столче. Сега таму ќе седи обвинител од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), и тоа најверојатно обвинителката Фатиме Фетаи. Смената на обвинителите следува откако неодамна СЈО побара увид во предметот „Монструм“, по што донесе одлука да го преземе случајот, бидејќи постојат „бомби“, незаконски прислушувани разговори, поврзани и со ова убиство.

СЈО повеќе од две години водеше предистражна постапка за „Монструм“, но според нивната одлука случајот ќе го преземат во фазата до која е стигнат, односно нема да се враќа на самиот почеток, во истрага.

Се надевам дека за рочиштето во април ќе бидеме спремни за презентирање пред судот. Продолжува постапката во фазата во која се наоѓа предметот, изјави неодамна обвинителката Катица Јанева.

СЕ ОЧЕКУВААТ ИЗМЕНИ, НО НЕ И ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ОБВИНЕНИЕТО

Ова значи дека СЈО ќе оди со истото обвинение што беше поднесено уште на самиот старт од обвинителката Гордана Гешкоска, а на обвинителна клупа ќе седат истите обвинети.

Како што неофицијално дознава „Фокус“, измени на обвинителниот акт, сепак, се очекуваат, но некаде во фазата на завршните зборови. Дотогаш СЈО ќе треба да ги изведе доказите што ќе произлезат од прислушуваните разговори, а и оние кои веќе беа користени, поради што може да се очекува поместување од првичното обвинителско сценарио за петкратното убиство.

Не се исклучува ниту можноста дека за дел од обвинетите ќе се повлече обвинението, а на нивно место да се најдат нови обвинети, но и дека за дел ќе се зацементира уште повеќе.

Доколку, пак, СЈО уште на стартот го повлечеше обвинението и случајот се вратеше во фаза на истрага, тоа ќе значеше дека за тероризам немаше да може повторно да ги гони истите обвинети.

Од СЈО засега не сакаат да откријат детали, посочувајќи ни дека станува збор за крајно сензитивен случај, поради што треба да се почека да започне судењето, па како што најавуваат, се што имаат ќе презентираат во судница.

Она што сите го очекуваат од повторената постапка за овој случај е со сигурност да се утврди кои се убијците, кој го нарачал убиството и кој е мотивот, бидејќи досега ниту еден од овие елементи не беше целосно или воопшто разјаснет.

Сепак, како што неофицијално дознаваме, тоа што СЈО го презеде „Монструм“ нема драматично да ја смени сегашната ситуација, односно да ја разоткријат целосно мистеријата. Но, како што потенцира нашиот доброупатен извор, СЈО барем до половина ќе и се доближи до вистината.

За целата вистина се чини дека веќе е многу доцна, бидејќи СЈО има многу пречки на патот. Една од нив е временската дистанца од случувањето на крвавиот настан, бидејќи од тогаш поминаа цели шест години. Потоа, оневозможена е реконструкција на убиството, бидејќи местото каде што беше извршено, кај Смиљковско езеро, е значително изменето. Таму се изгради црква, се разора патот, поради што сликата е сосема поинаква.

Па така, и СЈО ќе располага со доказите кои на времето ги обезбедило Министерството за внатрешни работи, а во кои недостасуваше клучниот, односно оружјето со кое беше извршено убиството.

Она што СЈО го има во рака, според сознанијата на „Фокус“ се 38.000 телефонски разговори, од кои дел ги имаат како снимка, а за дел постојат само транскрипти, но сите се произлезени од незаконското масовно прислушување во УБК.

Што откриваат овие многубројни разговори поврзани со „Монструм“ засега е непознато, но како што веќе споменавме, постојат нови детали кои досега не ѝ биле познати на јавноста, но и на обвинителството и на судот, а за кои се очекува да разјаснат барем еден дел од крвавиот настан.

КАДЕ ИСЧЕЗНА ВОЗИЛОТО СО КОЕ СЕ ПРЕВЕЗУВАЛЕ УБИЈЦИТЕ?

Кога судијата Стефановски во 2014 година во Кривичниот суд им изрече доживотна пресуда на обвинетите, тој тврдеше дека вистината за овој крвав настан е разоткриена. Презентирајќи ја пресудата, опиша како убијците ја одбрале локацијата за убиството, како го организирале и кој бил нивниот мотив.

Па, така, според оваа верзија, договорот паднал убиството да се случи на 12 април 2012 година, на христијанскиот празник Велики Четврток, за да се предизвика страв кај македонското население. Како што се договориле, Алил Демири, заедно со браќата Исмаиловиќ, околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Исмаиловиќ 13, сите во истиот момент упатени кон четирите момчиња. На само 50 метри случајно се затекнал и рибарот, кој бил усмртен со 5 куршуми, додека бегал кон автомобилот.

Умислата, пак, судијата ја докажуваше со фактот што полицијата кај еден од обвинетите, Демири, во неговиот компјутер, нашла инкриминирачки фотографии на Смиљковско езеро и на обиколницата. Тука се надоврзува и сведочењето на заштитениот сведок Е-1, кој изјавил дека неколку дена пред да биде извршено убиството, во повеќе наврати кај езерото ги видел обвинетите Љута, Азири и Исмаиловиќ, и тоа наутро околу 6 часот и попладне околу 18 часот, кога најверојатно ја прегледувале локацијата.

За време на судењето сведочеа над 70 сведоци, но меѓу клучните беа четворица рибари од ромска националност, кои изјавија дека покрај езерото, во тоа време, виделе неколку лица, од кои еден вооружен, кој откако ги прашал како се викаат, ги избркал.

Освен овие лица, сите сведоци забележале и паркиран автомобил покрај Смиљковско езеро, со темносина боја, со вклучени фарови. Откако се исплашиле, сведоците почнале да бегаат, по што се вратиле на истото место каде што ловеле риба. За кратко време слушнале пукање.

И во пресудата се наведува дека дел од сведоците виделе автомобил „фијат темпра караван“, но ова возило како да пропадна во земја. Како доказ беше приложен еден автомобил, црвена „опел омега“, со кој наводно убијците се превезувале.

Три дена по петкратното убиство, тогашната министерка Гордана Јанкулоска на прес-конференција соопшти дека е пронајдено возилото со кое се превезувале извршителите на велигденскиот масакр. Црвена „опел омега“ беше еден од клучните докази на МВР, кој беше пронајден во близина на местото викано Вражји вир, на десетина километри од Смиљковско езеро.

МВР, а потоа и обвинителството, тврдеа дека во автомобилот било пронајдено и едно влакно, кое укажувало на ДНК на обвинетиот Алил Демири. Наводно, тој седел на задното седиште, од десната страна, бидејќи на потпирачот на седиштето било најдено влакното. Други траги или отпечатоци од обвинетите не беа најдени.

Според направените вештачења, и примероците од земја најдена на калниците од возилото, за кое обвинетиот Хаки Азири, додека ја имаше улогата на заштитен сведок, изјави дека бил автомобил за бегство, се совпаѓале со примероците од земја земени од местото на убиството кај Смиљковско езеро.

Но, одбраната се сомневаше во пронајдениот доказ, па бараше од судот да им дозволи да го видат возилото, бидејќи на прашање до вештакот дали на седиштата имало навлаки, тој одговорил дека не знае и дека само го вештачел влакното кое му било донесено. Токму затоа, од одбраната инсистираа да го видат возилото, но нивното барање било одбиено барем десетина пати.

АВТОМОБИЛОТ НЕ ГО ВИДЕЛЕ НИТУ ГЕШКОСКА, НИТУ ТУФЕГЏИЌ

Ова возило со свои очи не го видела ниту обвинителката Гешкоска, која го напиша обвинението.

Овој доказ го имам видено само во фотодокументацијата, вака не, ни изјави Гешкоска.

Таа за „Фокус“ појаснува дека кога се случи петкратното убиство, истата вечер не била на самото место, бидејќи таму бил присутен обвинител од основното јавно обвинителство – Скопје, а по нецел месец истрагата ја презело Обвинителството за организиран криминал, во кое тогаш работела. Автомобилот не го видел ниту тогашниот истражен судија Владимир Туфегџиќ, кој, исто така, ни појасни дека доказот го видел само на фотографија. И тој, како и Гешкоска, во истрагата се вклучил подоцна, односно на 2 мај истрагата ја презел Одделот за организиран криминал.

Истрагата за овој случај се водеше по стариот Закон за кривична постапка, поради што собирањето на доказите беше под водство на полицијата, а не на обвинителството, како што е предвидено со новиот закон. Ова значи дека доказите во првите 20 дена биле собирани од крим техника од МВР, во присуство на тогашниот дежурен истражен судија и дежурен јавен обвинител. Гешкоска и Туфегџиќ ги добиле стокмени, а потоа тие ги презеле останатите дејствија.

Токму затоа до Кривичниот суд испративме прашање кој истражен судија бил на увид кај Смиљковско езеро, но до затворањето на овој број на неделникот не добивме одговор. И во МВР прашавме каде во моментот се наоѓа овој автомобил, и дали досега била спроведена истрага за да се провери дали навистина овој доказ постои. Но и овие прашања останаа неодговорени.

Кога МВР, пак, презентираше дека автомобилот е пронајден, а министерката појасни дека регистарските таблички биле од друго возило, пратеникот Сафет Бишевац, уште тогаш во Собранието и постави пратеничко прашање дали професионални убијци би се движеле со автомобил со заменети регистерски таблички?

Возилото е еден од доказите кој можеби ќе се покаже како клучен, изјави Јанкулоска на 19 април 2012 година.

И ЗА ВРХОВНИОТ СУД АВТОМОБИЛОТ Е СОМНИТЕЛЕН ДОКАЗ

И за Врховниот суд е спорно зошто Кривичниот суд не дозволи одбраната да го види автомобилот, па затоа дава насоки како да се постапи при повторувањето на постапката.

– Останале неутврдени фактите по однос на наслоните за глава во задниот дел на возилото, а видено од фотографиите, тие се различни по структура, при што го доведуваат во прашање фактот од кое возило се, потоа кој е бројот на шасијата, каде се било регистрирано возилото, дали наслоните за глава на задниот дел се фиксни, или истите можат по потреба да се извадат, монтираат, демонтираат, како и со каква материјална структура се тие наслони, се потенцира во одлуката на Врховниот суд.

Дали возилото постои или не, набрзо ќе се разоткрие, бидејќи СЈО со сигурност ќе побара со свои очи да го види автомобилот. Овој доказ, доколку постои до правосилноста на пресудата за случајот, задолжително мора да се чува. Доколку автомобилот „исчезнал“, тогаш ќе се зголеми сомнежот дека случајот бил монтиран од полициски структури. Врховниот суд дава и други прецизни насоки кои ќе мора да се испочитуваат.

– При повторното постапување, да се изврши повторна оценка на веќе изведените материјални и вербални докази, да се изведат и нови материјални докази, со кои потполно и целосно би се утврдиле решителните факти, правилно да се примени Кривичниот законик, а потоа да се донесе правилна и законита пресуда, посочуваат од Врховниот суд.

Од таму го доведуваат во прашање и квалифицирањето на извршеното кривично дело, кое е посочено како тероризам.

– По однос на квалификацијата на кривичното дело тероризам, во списите на предметот не постојат непосредни докази, кој и на кој начин го извршил повеќекратното убиство, како едно од конститутивните обележја на ова кривично дело. Исто така, од изведените докази не произлегува ниту второто обележје на ова кривично дело, односно не е утврдено постоење на умисла, односно намера за создавање на чувство на несигурност, или страв, кај неопределен круг на лица.

Тие, исто така, потенцирале дека пониските судови не утврдиле кој од обвинетите со какво оружје пукал, туку заклучокот го носат од еден разговор помеѓу обвинетите Алил Демири и лице чиј идентитет не бил утврден во истрагата. Демири и ова лице со прекар Бербер, во разговорот споменуваат буре, а според обвинителството ова било шифриран збор за пиштол?!

Пониските судови со сигурност не утврдиле, кој со што пукал, туку оваа околност ја заклучуваат од индиции кои произлегуваат од исказот на Хаки Азири и особено од телефонскиот разговор на обвинетиот Алил Демири, со лице со прекар Бербер, кога тие го употребуваат зборот бурето, што според првостепениот суд значи пиштол. Во овој контекст Врховниот суд смета овие докази, во оваа фаза на постапката треба да содржат поголема доказна вредност, за да се утврдат правно релевантни факти“, се наведува во пресудата.

ЗАШТИТЕНИОТ СВЕДОК ГО ПРЕПОЗНА ДРПЉАНИН, НО НИКОГАШ НЕ БЕШЕ ОСОМНИЧЕН

Читајќи ја пресудата на Врховниот суд може да се заклучи дека истрагата за петкратното убиство била спроведена површно, односно не биле обезбедени сите потребни докази, за да се изгради цврсто обвинение, а потоа на него да се заснова и убедителна пресуда.

– Судот наоѓа дека теоријата на случај на јавното обвинителство, која се гради на исказите на загрозениот сведок Е-1 и исказот на Хаки Азири даден во истрага, надополнета со останати докази, не го докажува случајот надвор од секое разумно сомнение, заклучиле врховните судии.

Азири на почетокот од истрагата беше загрозен сведок, но потоа се премисли и го повлече сведочењето, за кое велеше дека го дал под присила, по што стана обвинет.

Доколку судењето се водеше по новиот Закон за кривична постапка, тогаш неговото сведочење дадено во истрагата, за тоа како ги превезувал останатите обвинети и како во автомобилот признале дека убиле човек, немаше да се смета за релевантно, бидејќи важно е што ќе се каже во судница. Вака, по стариот закон, и понатаму постои можноста судот за релевантно да го земе сведочењето дадено во истрагата, на што и се темелеше речиси целиот случај, се разбира надополнет со останатите докази.

Врховните судии во прашање го доведуваат дури и загрозениот сведок, посочувајќи на неговите контрадикторни изјави. Односно, потенцираат дека овој сведок Е-1 бил сослушан неколкупати во текот на постапката, при што се утврдиле суштински разлики во неговото сведочење. Посочуваат дека во истрагата како еден од извршителите сведокот го препознава лицето Алмир Дрпљанин, кој, пак, воопшто не е обвинет во оваа постапка.

Иако загрозениот сведок го посочил Дрпљанин како едно од лицата кои ги видел кај Смиљковско езеро, сепак тој никогаш не беше осомничен во овој случај. Тој по четири месеци од петкратното убиство беше уапсен во Косово, а во 2016 година беше екстрадиран во Македонија, поради тоа што претходно беше осуден на казна доживотен затвор. Имено, тој во 2010 година, во отсуство беше осуден за нападот врз патрола на „Алфите“ кај Природно-математичкиот факултет во Скопје, во ноември 2008 година, кога беше убиен полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги останаа тешки инвалиди.

Извор на „Фокус“ од разузнавачките кругови потсетува дека кога Дрпљанин беше уапсен во Косово, на 26 јули 2012 година, во неговиот стан покрај големо количество оружје, била пронајдена и лична карта на првообвинетиот во „Монструм“ Алил Демири, кој е во бегство во Косово, факт што според нашиот соговорник укажува на врска помеѓу двајцата.

СЈО ДА ГИ ОТКРИЕ И „ЗАШТИТЕНИТЕ МЕЧКИ“

Дека во петкратното убиство учествувале повеќе од шестмина, колку што беа обвинети, се признава и во самото обвинение и во пресудата. На неколку места, во делот каде што се објаснува подготовката на петкратното убиство и неговото извршување се споменуваат НН лица, или лица со непознат идентитет. Според обвинителството, овие НН лица, заедно со дел од тогаш обвинетите го разгледувале теренот околу Смиљковско езеро, или биле задолжени за логистиката на убиството, односно избирање на местото, на жртвите, како и бегање од местото на злосторството. Во НН лица слободно можат да се стават и нарачателите или креаторите на овој морбиден чин, кои до ден денешен останаа непознати.

Токму овие НН лица им создале сомнеж на родителите на убиените деца дека покрај заштитени сведоци има и „заштитени мечки“. Тие реагираат дека во пресудата дел од телефонските разговори и пораки на осудените со други лица се сокриени и се прогласени за државна тајна. Од многубројните разговори, како државна тајна се прогласени разговори кои доаѓале од пет мобилни телефони, а за кои родителите на децата тврдат дека се на функционери од ДУИ.

Од СЈО се очекува да го расчисти и овој сомнеж, односно обвинителите да посочат чии се телефонските броеви, но и која е содржината на разговорите. Ниту еден мотив за родителите, но и за целокупната јавност, не е доволно силен за да се изврши ваков грозоморен масакр, но сепак родителите и понатаму се сомневаат дека убиството е планирано подолго време, а во игра биле нечии бизнис интереси.

Дури 99 проценти сум уверен дека мотивот не е тероризам, туку сосема нешто друго, ни изјави таткото на Филип, Раде Славковски.

Како еден од мотивите се споменува и расправија за земјиштето околу езерото. Како што им кажувале на родителите на убиените деца, луѓе блиски до видни политичари сакале кај Смиљковско езеро да градат бензиска пумпа, по што настанала расправија за земјиштето. Се присетуваат и дека неколкумина инспектори им посочиле дека дел од групата била следена пред извршувањето на петкратното убиство, истакнувајќи:

„Знаевме дека нешто ќе сторат, ама никој не се надеваше на вакво нешто“.

Од друга страна, пак, семејствата на осудените уверуваа дека нивните блиски се невини, а целиот случај бил монтиран за да им се одземе земјиштето покрај Смиљковско езеро, кое го имале под концесија.

„Ние отсекогаш верувавме дека целата работа е за договорот за земјиштето што сме го направиле и некако се открива дека тоа е вистина. Незнам кој ќе гради или што ќе гради, само знам дека обвиненијата за убиство имаат врска со 39 хектари земјиште кои беа земени под концесија на 30 години во 2006 година, изјави во неколку наврати Бедри Ајдари роднина на обвинетиот Фејзи Азири.

Тој додава дека неколкупати имало обиди да се раскине договорот за концесија, но тоа било невозможно, па целта била постигната со петкратното убиство кај Смиљковско езеро.

СЈО е исправено пред тешка задача. Од специјалните обвинители јавноста очекува да ги разрешат сите дилеми, односно да ги разоткријат сите кои учествувале во велигденскиот масакр, сосе „заштитените мечки“. Ништо помалку од тоа!

Поврзани новости