АРХИВА Дали бачилата на Шара поврзани со функционер и инвеститор се дивоградби?

by Фокус

Текстот е објавен на 25 август 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1351.

Во изминатата година, Македонија го доби четвртиот национален парк – Шар Планина, во чии рамки се изградени бројни дивоградби. Како што пишуваше неделникот Фокус, по пријава на тетовската полиција, јавното обвинителство отворило постапка за изградбата на бачилата „Цирипашина“, „Џинибег“, „Јелак“ и „Голема Сумрека“, кои се поврзуваат со семејството на директорот на Управата за животна средина од ДУИ, Хисен Џемаили, и со хрватскиот бизнисмен Томислав Тишка. Додека тие уверуваа дека нема ништо спорно, од Јавното претпријатие за пасишта тврдат дека 6 објекти се изградени без потребната дозвола.

Пишувале
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Катерина СМИЛЕВА
БОЖИНОВСКА

Со одлука на Собранието пред нецели два месеца, Македонија го доби четвртиот национален парк по Маврово, Пелистер и Галичица. Како што е познато, тоа е националниот парк Шар Планина, прогласен на дел од истоимениот планински масив што се простира во северозападниот дел на државата, кој патем се карактеризира со богат и уникатен растителен и животински свет и со исклучителни пејзажни, пределни и културни вредности.

Од надлежното Министерството за животна средина истакнуваат дека со ваквиот чекор, меѓу другото, се отвораат нови можности за заштита на природното наследство. Но, како што потенцираат од ресорот предводен од министерот Насер Нуредини, се создаваат услови и за „одржлив социоекономски развој на подрачјето и на државата и воспоставување поширока прекугранична соработка“.

Сето тоа убаво звучи, меѓутоа ситуацијата на терен е далеку од идеална. Одредени анализи говорат дека само во делот на Попова Шапка има речиси 100 објекти за домување-дивоградби, од кои дел, како што обвинуваат граѓанските организации, биле во сопственост на познати бизнисмени и политичари. Сепак, за овие дивоградби засега нема никаков епилог.

Меѓутоа, „Фокус“ открива дека периодов повеќе институции постапуваат во однос на начинот на кој се користат пасиштата и се изградиле бачила на Шар Планина. Според нашите сознанија, предмет на проверки биле 4 бачила, кои се поврзуваат со семејството на директорот на Управата за животна средина од ДУИ Хисен Џемаили, избран како кадар на ДУИ, како и со хрватскиот бизнисмен и инвеститор Томислав Тишка.

Додека тие уверуваат дека нема ништо спорно, Јавното претпријатие за стопанисување со државни пасишта утврдило дека ратраците на Тишка оштетуваат пасишта, а 4 негови објекти, заедно со уште 2 во рамки на бачила на семејството Џемаили, се изградени без потребната дозвола.

ПРЕДИСТРАЖНА ПОСТАПКА

По усвојување на Законот за национален парк Шар Планина минатиот месец, отворена е предистрага во Јавното обвинителство за користење на пасиштата и изградба на бачила на Шар Планина, ни потврдија од Обвинителството. Од таму не споделија повеќе детали, туку само посочија дека постапуваат по пријава на Министерството за внатрешни работи.

Инспектори од Отсекот за економски криминал, заедно со увидна екипа при СВР Тетово, службени лица од катастар, градежни инспектори од Општина Тетово, а во координација со Јавен обвинител од Тетово, извршиле увид на самото место, за што е направена и фотодокументација“, ни одговорија од МВР, додавајќи дека се преземаат соодветни мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Според информациите со кои располагаме, станува збор за 4 бачила – „Јелак“, „Голема Сумрека“, „Цирипашина“ и „Џинибег“. Притоа, првите две бачила се доведуваат во релација со Хрватот Тишка, кој овде се занимава со планински туризам и скијање. Вторите две бачила, пак, ги користи семејството на Џемаили, чија основна дејност е сточарство, поточно овчарство, а, исто така, одгледува коњи и организира коњски тури.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека Тишка во земјава е присутен преку две компании. Едната од нив е „Ескимо Спорт“, формирана во 2007 година со седиште во Тетово. Втората компанија е „Трежр Маунтајн Проџекс“ (Т.М.П.) со седиште во Шипковица, која впрочем е во сопственост на хрватската „Неолудус“ на семејството на Тишка. Преку овие две компании, тој изгради планински куќи и со помош на ратраци спроведува таканаречено „фрирајд“ скијање.

Што се однесува до Џемаили, неговото семејство ја поседува „Биофарма Први Мај“, со седиште во штипско Драгоево. Косопственик на оваа компанија е неговиот брат Џемаил Џемаили, кој, според историјатот на промени, ја купил оваа компанија заедно со негови роднини во 2019 година. На тој начин, семејството Џемаили ја прошири нивната традиционална семејна дејност за одгледување овци, стекнувајќи сточен фонд од околу 4 илјади грла.

УРНАТО, ПА ПОВТОРНО ИЗГРАДЕНО

Конкретно, Тишка преку друштвото „Т.М.П.“ се поврзува со 4 објекти. Два од нив се изградени во рамки на бачилото „Јелак“, кое беше срушено за време на конфликтот во 2001 година. Но, пред неколку години, Тишка повторно го изгради со камен, дрво и слама, истакнувајќи дека целта му е да изгради автентично бачило интегрирано во природата, заедно со колиба за правење сирење и трла за овци и крави.

Но, на крајот овој објект беше урнат од страна на Општина Тетово, со образложение дека инвеститорот требало да обезбеди одобрение од општината, а не само дозвола од Јавното претпријатие за стопанисување со државни пасишта. Истовремено, општината ги сруши и бунгаловите во Шипковица изградени од Тишка, откако тој го загуби спорот во Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Меѓутоа, новите проверки покажуваат дека Тишка повторно го изградил веќе урнатото бачило. Покрај тоа, на Тишка му се припишуваат уште два објекта изградени без никаква дозвола, кои се наоѓаат на локацијата позната како „Голема Сумрека“, на самата граница со Косово. Дотаму нема пат за теренско возило, туку се стигнува со коњ преку лето време, а преку зима со носат луѓе со ратраци на скијање.

За време на летниот период, ратраците на Тишка се сместени главно по пасиштата. Впрочем, тие и нема каде да бидат сместени на друго место, имајќи предвид дека единствените потенцијални објекти за нивно сместување се во сопственост на АД ЕСМ/ЕЛЕМ, односно нејзината фирма – ќерка ЕЛЕМ-ТУРС, која поседува и своја механизација. Од таму велат дека не склучиле договор со ниту еден правен субјект за издавање на овие објекти под закуп.

Но, од дел од фотографиите што ги поседуваме произлегува дека некои ратраци на Тишка се стационирани и на пасиште, кое под концесија го држи токму семејството Џемаили. Иако неколку извори тврдат дека две лица од семејството Џемаили работат кај Тишка, сепак, Хисен Џемаили за „Фокус“ негира каква било соработка. Дури, тој тврди дека не се ни познава со хрватскиот бизнисмен…

НОВИ ОБЈЕКТ ВО БЛИЗИНА НА ДРЖАВНИОТ

Инаку, Џемаили посочува дека неговото семејство, односно семејната компанија „Биофарма Први Мај“ има право на користење на 4 пасишта. Воедно, тој ни ги достави и четирите записници за регулирање на правото за напасување добиток на веќе споменатите пасишта „Џинибег“ и „Цирипашина“, како и за уште две пасишта – „Горна Лешница“ и „Бабасаница“. Во сите записници стои дека концесионерот има право да постави привремен објект, но под одредени услови.

Како што вели Џемаили, неговата фамилија преку 100 години се занимава со овчарство, потенцирајќи дека бачилата што ги користат не се во сопственост на неговата фамилија, туку тоа се државни бачила, кои им се даваат заедно со записникот за користење на пасиштата на период од една година. Сепак, факт е дека во дел од овие пасишта има новоизградени објекти, кои не се државни.

За потребите на оваа сторија, официјално се обративме и до ЈП за стопанисување со државни патишта, каде што упативме прашање дали издале дозвола за изградба на овие нови објекти, и ако е така – дали тие се изградени согласно дадената дозвола? До затворањето на весникот, од таму не добивме официјален одговор, меѓутоа неофицијално искомунициравме со вработени во претпријатието и обезбедивме документација, која ги содржи податоците што нѐ интересираат.

Имено, вработени во тетовската подружница на ЈП за стопанисување со пасишта потврдуваат дека има државни објекти во бачилото „Цирипашина“ што ги користи компанијата-концесионер. Меѓутоа, како што нагласуваат тие, во непосредна близина е изграден и нов објект, кој, според нив, претставува дивоградба, бидејќи право за напасување не значи автоматски и дозвола за изградба на привремен објект.

Дополнително, објаснуваат нашите соговорници, слична е ситуацијата и кај бачилото „Џинибег“, каде што концесионерот има регулирано право на користење пасарина, но нема добиено дозвола за изградба на објект. Во другите две пасишта, додаваат тие, нема ништо дискутабилно, бидејќи објектите во „Горна Лешница“ се одамна изградени и не се спорни, додека во „Бабасаница“ воопшто нема објект.

ОШТЕТУВАЊЕ НА ПАСИШТАТА

Документацијата што ја поседуваме, пак, покажува дека на крајот на јули оваа година, до тетовската подружница на ЈП за стопанисување со државни пасишта е поднесена претставка од група сточари што користат пасишта на Шар Планина. Всушност, тие реагирале дека 9 ратраци на Тишка и уште 3 во сопственост на хотел „Скардус“ ги оштетуваат пасиштата и бараат да се преземат мерки како основа за понатамошно постапување.

Веќе следниот ден, овластено лице од јавното претпријатие излегло на самото место и изготвило записник, во кој се наведува дека ратраците навистина биле паркирани на пасишта и притоа било утврдено дека ги оштетиле пасиштата. Воедно, се нотира дека ратраците направиле цели патишта со ширина од дури 5 метри и должина од неколку километри.

Воедно, во овој записник стои дека во „Јелак“ се утврдени два објекта со напис на друштвото „Т.М.П.“ на Тишка, кои, како што утврдиле од тетовската подружница на ЈП за патишта, немаат регулирано право на напасување добиток, ниту им е дозволено поставување привремени објекти. Како што се наведува во записникот, се работи за истите бачила што биле урнати од страна на Општина Тетово во 2018 година.

Исто така, ЈП за пасишта извршил увид и во бачилото „Цирипашина“, додека во „Џинибег“ и „Голема Сумрека“ на терен биле секторот економски криминал при МВР, тетовскиот катастар и општинскиот инспекторат. Сите постапки ги координира тетовската обвинителка Лејла Кадриу, која одби да даде повеќе информации во однос на постапката, преземените дејствија, утврдената состојба итн.

И Тишка одби да даде конкретни одговори за целата ситуација. Единствено, тој кусо порача дека досега две постапки против него во обвинителството биле прекинати, притоа, прашувајќи дали некој злонамерен му иницира постапки преку тенденциозни пријави?


Хамди Сулејмани, „Да ја спасиме Попова Шапка“
НИКОЈ НЕ ПРЕЗЕМА МЕРКИ ЗА 90 ДИВОИЗГРАДЕНИ ВИКЕНДИЧКИ

Само на Попова Шапка се изградени 90 викенд-куќи како дивоградби, вели Хамди Сулејмани од граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“. За оваа бројка тој се повикува на пријавите што граѓаните ги поднесувале до полицијата, која има надлежност да постапува и да поднесе кривична пријава до обвинителство за бесправно градење.

Кога ја објавивме оваа бројка, од Општина Тетово прво ја оспорија, за потоа да речат дека ќе се обратат до Државниот градежен инспекторат, кој треба да постапи во ситуација кога тоа не го прави општинскиот инспекторат. Досега, нема никаков пробив, сѐ си стои во место – вели Сулејмани за „Фокус“.

Тој додава дека многу државни функционира, посебно оние со потекло од Тетово и тетовскиот регион, периодов изградиле дивоградби на Попова Шапка, кои планираа да ги легализираат со новиот закон за легализација на дивоградби, што помина во парламентот, ама одби да го потпише претседателот Стево Пендаровски. Според најавите, новото законско решение нема да дозволува легализација во заштитени подрачја.

Поврзани новости