Демографија на зборови: кога бројките не ја слушаат пропагандата

by irena 20:09
20:09

Пишува: Александар НАУМОСКИ, член на Извршниот одбор на СДСМ

Не ни требаат приказни за тоа дека „се враќаат иселениците“ ако не знаеме колку се вратиле. Не ни требаат уверувања дека „подобро е во Македонија“ ако илјадници семејства и понатаму ја мерат иднината преку можностите за живот во Германија, Швајцарија, Австрија, Словенија или некоја друга земја, или преку лето Хрватска, за некоја година и Црна Гора и Албанија.

Во Македонија демографијата одамна не е само статистичка категорија. Таа е прашањето дали по неколку години ќе има кој да седи во училишните клупи, кој да работи, кој да плаќа придонеси и даноци, кој да ги одржува градовите и селата живи. Капак на сето тоа, хаос во земјоделието и во сите пори на општеството.

Затоа, кога една влада зборува за демографска политика, граѓаните имаат право да бараат нешто многу едноставно: бројки, а не впечатоци. А токму тука почнува проблемот.
Министерката за образование и наука сега вели дека бранот на иселување „можеби е нешто малку намален“, но дека официјалните податоци ќе се знаат на крајот од годината. Тоа, само по себе, е манипулативно оградување — ако нема официјални податоци, нема ни основа од една изјава да се прогласи пресврт во миграциите.
Но тогаш зошто јавноста повторно добива политичка слика во која Македонија наводно станува место каде што луѓето се враќаат? И тука доаѓаме до суштината: впечаток не е статистика.

Државниот завод за статистика има официјални бази за природното движење и миграциите, а податоците се ажурираат и објавуваат со временско задоцнување. Затоа сериозната демографска политика не може да се темели на тоа што некој министер „има впечаток“ дека помалку луѓе заминуваат. Односно на Владата и државната управа и стојат на располагање сите информации во моментална временска констелација или може да имаат анализа кога сакаат. Секако, доколку луѓето во Влада не глумат избезуменост. Уште помалку може да се темели на политички пораки дека, имаме средби со млади кои се враќаат заради напредокот што го има Македонија. Абе, синкир ние сме во саксија растение. Лажење – сушење.

Премиерот Христијан Мицкоски во март 2026 година самиот призна дека иселувањето е дел од проблемот, говорејќи за разочарувањето и иселувањето како последица на долгорочни општествени и економски процеси, пустиот не знае да каже што сака седум години, само го слушаме што му смета, лаже-суши.
Одлично. Тогаш да разговараме со бројки.

Зашто демографската реалност не се поправа со конференции, стратегии и пригодни говори. Туку, со избезумени изјави од некадарност и лажење-сушење.
Во третото тримесечје од 2024 година во Македонија биле регистрирани 4.222 живородени деца — 6,1 отсто помалку од истиот период претходната година. Истовремено, биле регистрирани 4.724 умрени лица, природниот прираст бил негативен за 502 лица. Во последното тримесечје од истата година сликата била уште потешка: 3.968 живородени и 5.174 умрени, односно природен прираст од минус 1.206 лица.

Тоа е демографијата. Не политички слоган. Не телевизиски настап. Не „впечаток“. Потоа доаѓаат училиштата.

Кога првично се објавува големо намалување на бројот на првачињата, па потоа се кажува дека бројката била погрешна затоа што дел од учениците не биле навреме внесени во електронскиот дневник, проблемот не е само во конечната бројка. Проблемот е во довербата во системот, односно во лажење-сушење.

Државниот завод за статистика има посебни бази за учениците во основните училишта, вклучително и податоци по одделение и учебна година. Ако институциите сакаат јавноста сериозно да ја сфати демографската политика, тогаш прво мора да обезбедат прецизни, навремени и проверливи податоци.

Зошто 4.900 или 1.500 не е мала административна грешка кога се зборува за првачиња. Тоа е разлика што драматично ја менува сликата.
И тука е најголемиот парадокс.

Од една страна, власта вели дека демографијата е национален приоритет. Во официјалната стратегија се зборува за создавање услови младите да останат, семејствата да имаат сигурност, а иселениците да ја видат татковината како место за живот, инвестиции и иднина.
Од друга страна, јавноста добива пораки дека бранот на иселување можеби се намалува — без официјални податоци што тоа го потврдуваат.
Тоа е разликата меѓу политичка порака и демографска реалност.

А демографската реалност е немилосрдна: секое дете помалку денес значи помалку млади луѓе утре. Секој млад човек што ќе замине значи изгубено образование, изгубен труд, изгубена потрошувачка и потенцијално семејство кое својата иднина ќе ја гради на друго место.

Затоа граѓаните не треба да бидат убедувани дека Македонија „се празни помалку“ само затоа што некој така проценил.

Нека ги објават бројките. Колку луѓе се иселиле? Колку се вратиле? Колку од вратените останале? Колку деца се родиле? Колку ученици има во прво одделение? Колкав е бројот на младите што заминуваат?

И, што е можеби најважно: каков е нето-миграцискиот биланс?

Дури тогаш можеме да разговараме дали политиките даваат резултат. Сè друго е политички маркетинг на ДПМНЕ, т.е дрндање или лажење-сушење.
Македонија веќе нема луксуз да ја води демографската политика преку маркетинг.
Не ни требаат приказни за тоа дека „се враќаат иселениците“ ако не знаеме колку се вратиле. Не ни требаат уверувања дека „подобро е во Македонија“ ако илјадници семејства и понатаму ја мерат иднината преку можностите за живот во Германија, Швајцарија, Австрија, Словенија или некоја друга земја, или преку лето Хрватска, за некоја година и Црна Гора и Албанија.

И не ни треба на првачињата да им се објаснува дека треба да бараат братче или сестриче.

На родителите им треба сигурна работа, пристојна плата, достапно домување, здравство и чувство дека утрешниот ден нема да биде полош од денешниот.
А на државата ѝ треба нешто наједноставно: да престане свитата на ДПМНЕ да ја убедува јавноста дека состојбата е подобра отколку што покажуваат бројките.
Ако навистина има пресврт, прекрасно. Но тогаш нека зборуваат бројките.

Кога власта ќе престане да ја меша статистиката со гол маркетинг или купи ден продај, ќе сфати дека татковината не се брани со патетични слогани и дрндање од немај каде, туку со сигурна плата, пристојно здравство и училишта кои не пропуштаат покрив и првачиња.

Додека чекаме министерските „впечатоци“ да се претворат во вистински бројки, Македонија продолжува да плаќа прескапа цена за реченици кои звучат убаво само на телевизија.

 

Слични вести