(АРХИВА) Што обелодени „Фокус“ во 2023 година и како реагираа институциите и јавноста?

by Фокус

Текстот е објавен на 28 декември 2023 година во неделникот Фокус со број 1.473-1474.

Во текот на 2023, пишувавме за криминални случаи во здравството, за бизнис-операции на семејства на политичари и на олигарси што се најдоа на „црната листа“, за неуспешни конфискации на нелегално стекнат имот, за трупање имот од страна на блиски лица на јавни функционери, за спорни тендерски постапки и купопродажби на недвижен имот, за врските меѓу политиката и казино-бизнисот, за системски слабости при третманот на бездомници и затвореници… За дел од овие случаи реагираше домашната јавност, се огласија и политички партии, кои бараа да постапат надлежните институции. Една од нив е Антикорупциската комисија, која отвори неколку предмети, но тоа никогаш не предизвика понатамошна верижна институционална реакција. Во други случаи, пак, постапувале Финансиската полиција и други органи со истражни овластувања. Исто така, реагирало и Јавното обвинителство, но нема ниту едно обвинение пред суд.

Пишуваат:
Ирена МУЛАЧКА
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Во изминатава година, „Фокус“ обелодени низа случаи, во кои се откриваат податоци и информации што сугерираат судир на интереси, трговија со влијание и разни злоупотреби на функцијата, моќта, влијанието.

Во таа насока, пишувавме за криминални случаи во здравството, за бизнис-операции на семејства на политичари и на олигарси што се најдоа на „црната листа“, за неуспешни конфискации на нелегално стекнат имот, за трупање на имот од страна блиски лица на јавни функционери, за спорни тендерски постапки и купопродажби на недвижен имот, за врските меѓу политиката и казино-бизнисот, за системски слабости при третманот на бездомници и затвореници…

За дел од овие случаи, реагираше домашната јавност, се огласија политички партии, кои бараа да постапат надлежните институции. Една од нив е Антикорупциската комисија, која отвори неколку предмети, но тоа не предизвика понатамошна верижна институционална реакција.

Во други случаи, пак, постапувале Финансиската полиција и други органи со истражни овластувања. Исто така, реагирало и Јавното обвинителство, но никогаш немало ниту едно обвинение пред суд.

Во секој случај, нашата примарна обврска е да ги провериме информациите што ги имаме, да обезбедиме нови факти и сознанијата да ги споделиме со јавноста. Сѐ друго е работа на институциите, иако во меѓувреме тука сме да го следиме развојот на настаните.

Правиме краток осврт на најбитните стории објавени во „Фокус“ во текот на изминатава година. Какви податоци и информации објавивме и каква реакција тоа предизвикало во домашната јавност? Дали за некои од нив постапиле надлежните институции, и ако е така – што презеле тие?

„РЕМЕДИКА“, ОНКОЛОГИЈА, ДЕТСКА КЛИНИКА

Пред неколку месеци, „Фокус“ објави дека веќе подолг период приватната општа болница „Ремедика“ на семејството на бизнисменот и еден од најбогатите Македонци Минчо Јорданов ја тресат низа скандали, кои добро се кријат од очите на јавноста.

Болницата се наоѓа во алармантна состојба, со недостиг од кадар, нарушени меѓучовечки односи, раскаран персонал, потпишани договори од илјадници евра за дел од лекарите и медицинскиот персонал што сакаат предвреме да го напуштат бродот што тоне.

Но, постои уште една поскандалозна работа што ја тресе болницата, а тоа е забраната за вршење здравствена дејност надвор од дозволата за работа на Министерството за здравство.

Во документите со кои располага „Фокус“, може да се забележи дека од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат е извршен вонреден инспекциски надзор во „Ремедика“, откако претходно е издадено решение за забрана за вршење здравствена дејност.

Целта на испратените инспектори била да се провери дали е нешто променето по последниот надзор. Но, сѐ останало како и пред три години.

Во превод, тоа значи дека тие имаат дозвола за работа само за гинекологија и хирургија. Сѐ друго е без дозвола. Забраната постои, но болницата не ја почитува и никому ништо.

Ова само е еден од скандалите во јавното здравство. Сепак, тоа што главно ја одбележа годината, за која се чини дека имало и најмногу реакции од јавноста е скандалот „Онкологија“, кој го отвори „Фокус“ уште во март, кога беше фатена медицинска сестра како краде цитостатици, и тоа по вторпат.

За цел овој период објавивме повеќе од шест текста, во кои на детален начин беа објаснети сите морбидни случувања на клиниката.

Сепак, скандалот „пукна“ откако Единицата за економски криминал, заедно со јавен обвинител влезе на скопска Онкологија, од каде што одзедоа преку 6.000 медицински истории, компјутери и лекови. Од тука почна и деталната истрага, која, според нашите информации, се очекува до крајот на годината да има некаков исход.

Како што веќе објавивме, „Фокус“ располага со имињата и презимињата на повеќе од 15 вработени што учествуваат во крадењето и изнесувањето на лековите од болницата. На врвот е главата, преку кој оди целата оваа шема.

Но, разработената бизнис-шема не се сведува само на медицинскиот персонал, туку тука можат да се најдат имиња и презимиња и на техничкиот персонал од клиниката, како и на сметководство и ИТ-секторот.

Според нашите извори, во мрежата се вплеткани шалтерски работници, секретарки, благајници, возачи и чувар, кој воопшто не работи на скопска Онкологија, туку во еден од здравствените домови во Скопје.

Меѓутоа, тоа што е уште пострашно во целата приказна, а ја крена јавноста на нозе, е како се манипулирало со терапијата на болните пациенти. Имено, вработени краделе биолошка терапија и таа завршувала на црниот пазар.

Трета работа што ја отворивме на крајот на годината се однесува на лек од 120.000 долари, кој заврши во приватна болница со фалсификат од Детска клиника.

„Фокус“ располага со документи поврзани со случај на лекување на мало дете, кое се лекува во приватната болница „Систина“, каде што неколкупати му е оперирано срцето.

Тоа боледува од ретка болест, мускулна спинална атрофија, чие лекување може да се продолжи само на Детската клиника, од каде што е потребно да се обезбеди и неопходниот лек „рисдиплам“, кој чини вртоглави 120.000 долари.

Подоцна овој лек е обезбеден од клиниката, што подразбира зелено светло да даде Стручниот колегиум на клиниката од 15 члена.

Но, проблемот е што тој заседавал 10 дена откако директорката Стојка Фуштиќ испраќа допис до Комисијата за ретки болести дека добиле согласност од колегиумот детето да се заведе во Регистерот за ретки болести и да се лекува на Програмата за лекување на ретките болести.

„ПОЦРНЕТИОТ“ ДВОЕЦ КАМЧЕВ-САМСОНЕНКО

Последната година на страниците на „Фокус“ не изостанаа ниту бизнисите на Орце Камчев и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. И двајцата завршија на американската „црна листа“ поради вклученост во коруптивни активности, па добија забрана за влез во Америка.

Без разлика што членовите на семејството Камчеви имаа проблеми со законот, тоа не значи дека нивниот бизнис трпеше, туку низ годините фирми никнуваа како печурки.

Една од нив е „Р&Д Центер“, формирана на крајот на 2019 година, или само 2 месеца пред да избие ковид-пандемијата. Компанијата се занимава со набавка на заштитна опрема, па од неа во тој период набавуваат министерства, институции и доста болници.

Како нејзин сопственик се јавува сестрата на Камчев – Кристина, која фигурира во вкупно пет семејни компании. Дел од нив, во чија структура е мајката Ратка, бележат драстична промена во финансиските резултати од година во година. Но, заедничко е дека речиси секогаш остваруваат големи профити.

Откако Орце Камчев и неговата мајка Ратка Камчева се најдоа на „црната листа“, нивните семејни бизниси не секнаа. Напротив, тие покрена и крупни бизнис-операции, како што е целосното преземање на тетовски „Жито Полог“.

Исто така, на „црната листа“ се најде и нивниот бизнис-партнер Сергеј Самсоненко заедно со сопругата Ирина Самсоненко, а беа опфатени и повеќе нивни компании: „Бет Сити“, „Орка Холдинг“, „Камчев Консалтинг“, „Орка Фајнанс“, „Систина лајф кер центер“.

„Фокус“ веќе подолг период се занимава со овие фирми. Така, пишуваше дека во непосредна близина на клиниката на Жан Митрев и на Градската Болница „8 Септември“ се наоѓа плац во сопственост на „Сис Хоспитал“, која во 2018 година преминува од „Орка“ во рацете на Самсоненко.

Пред неколку години, оваа компанија доби забрана за градба на приватна болница од Општина Карпош и Министерството за транспорт, бидејќи го пропуштила законскиот рок.

Но, според сознанијата до кои дојде „Фокус“, друштвото повело спор пред Управниот суд, каде што успеало повторно да ја активира дозволата, а на терен може да се види дека веќе се одвиваат градежни активности.

Покрај тоа, пишувавме како приватната болница „Аџибадем-Систина“, која е во косопственост на Камчеви, заедно со „Жан Митрев Клиник“ на Митрев „испумпале“ над 88 милиони евра од фондовското чекмеџе за операции на срце.

Поточно, од 2019 година наваму, болницата на кардиохирургот Митрев добила околу 49 милиони евра од ФЗОМ, додека „Систина“ поврзана со Камчев околу 39 милиони евра.

ТАТКОТО НА „ГРАДСКАТА МАЈКА“ ТРУПА ИМОТ

Уште една работа што ја одбележа изминатава година е и „работата“ на актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска.

Додека таа изигрува безгрешна и тврди дека го решава криминалот на своите претходници, нејзиниот татко Ванчо Јовановски располага со огромен недвижен имот и дузина фирми, за кои објавивме сѐ во детали.

Според документацијата со која располагаме, фирмата „Титан Моторс“, основана од Јовановски и уште едно лице, кои и денес се нејзини сопственици, поседува земјиште од над 17 илјади квадратни метри распространето на 6 катастарски парцели во Гази Баба, каде што се вцртани неколку градежни парцели.

На овој имот постојат два деловни објекти, каде што е сместена шпедиција, но подигнати се две хали. Исто така, има маркичка за уште една хала, но за неа сѐ уште не е издадено одобрение за градење од страна на Општина Гази Баба, иако со Град Скопје веќе е склучен договор за регулирање комуналии.

Како што објавивме, Јовановски на времето поседувал и хотели, кои подоцна се пренаменети во три старски домови, кои ги издава под наем, а со нив управува психијатарот Благојче Стевановски.

До редакцијата на „Фокус“ се јави револтирана ќерка, чија мајка била сместена во домот, каде што и починала.

На почетокот на годината објавивме дека заплетот на приказната почнува во домот за стари лица „Феникс фемили“, каде што пред повеќе од една година, поточно на 20 октомври 2021 година е примена пациентката Јелица Оринова, на која како дијагноза претходно ѝ е откриена васкуларна деменција.

Според објаснувањето на нејзината ќерка Славица Оринова, која повеќе од три децении живее и работи во Њујорк, нејзината мајка ја сместила во Домот за стари лица, со оглед на тоа што таа морало да патува и надевајќи се дека таму ќе има соодветни услови за живеење и ќе ја добива потребната нега, стручна помош и здравствените услуги.

За целосниот месечен третман во старскиот дом била платена сума од 33.000 денари, а за да не биде сама, на 82-годишната баба, друштво ѝ правел и нејзиниот сопруг, со цел да има на кој да се потпре во собата во која биле сместени.

Тогаш почнува голготата на Оринова, која од тој момент во следните 12 дена, колку што седи во старскиот дом, не излегува од својата соба.

Нејзината ќерка, како што сведочи за „Фокус“, прво што прашала кога преговарала со менаџментот на домот е дали имаат пациенти заразени со корона, а тоа го сторила неколкупати и пред и по потпишувањето на договорот.

По долги консултации на вработениот со управителот, таа конечно стигнала до собата на својата мајка, која ја немала видено со денови.

Ја затекнав во критична неконтактибилна состојба, веќе паѓаше во кома предозирана со лекови и инфицирана со корона, со масивна пневмонија. Едвај дишеше и не можеше да зборува, како што и потврдија во болницата.

Не ѝ била укажана соодветна медицинска помош, а ниту, пак, мене ме информираа дека е болна, иако се јавував по неколку пати на ден. Доаѓав и секогаш ме лажеа дека е добро. Тие знаеја дека е болна од корона, ама за да не им се затвори домот, криеја од луѓето – рече Оринова.

На крајот, жената почина и никој не презеде одговорност. Во меѓувреме, старскиот дом непречено работи.

ТЕНДЕР ЗА АВТОПАТ И ПРОДАЖБА НА ХОТЕЛ

Во текот на изминатата година, „Фокус“ објави серијал текстови во чии рамки беа презентирани податоци за начинот на кој градежниот гигант АД „Гранит“ го доби и изврши првиот милионски договор за изградба на автопатска делница кон Блаце и потоа доби втор вреден тендер за комплетирање на оваа 2 километарска траса, непосредно пред да го продаде хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен.

Иако првично беше предвидено да чини 14 милиони евра, автопатската делница кон Блаце во должина од 2 километри ќе чини најмалку 28 милиони евра, ако до моментално важечкиот рок во 2026 година не се склучуваат нови анекси поради проблеми при реализација на проектот.

Пред да го добие вториот тендер од 11,5 милиони евра, „Гранит“ го продава хотелот на Шапка на фирма, во чија сопственост е опожареното ауди кое го управувал првиот вицепремиер Артан Груби.

Освен тоа што изнесовме наводи за овие тендерски постапки, ставени во корелација со симптоматична купопродажба на недвижен имот на атрактивна локација за непазарна цена, пишувавме за уште една спорна продажба на хотелот на „Гранит“ во Дојран.

Сознанијата до кои дојдовме покажаа дека „Гранит“ склучил договор за продажба на овој хотел за 150.000 евра со охридска транспортна фирма, со што била извршена и промена на инвеститор во одобрението за градење.

Меѓутоа, реагирало Државното правобранителство, бидејќи одобрението издадено пред цели 4 децении предвидувало објектот одамна да биде дограден. Моментално, за овој случај тече судска постапка.

Во меѓувреме, ги проверувавме дојавите дека некогашниот гигант во државна сопственост, кој беше приватизиран по распадот на Југославија, го оттуѓува некогашниот општествен имот и на други места во државата.

Патем, особено внимание ни привлече продажбата на деловен простор во Делчево, бидејќи тој завршил во рацете на полициски инспектор, кој го купил за неколкукратно пониска цена од општинската проценка и од пазарната вредност.

Станува збор за деловен простор во некогашната управна зграда на „Гранит“ во Делчево, што градежниот гигант го продал во 2016 година.

Според документацијата што ја обезбедивме, имотот го купил полициски инспектор за драстично пониска цена во споредба со проценката што ја направила општината. Згора на тоа, пазарната цена на недвижниот имот е повисока дури и општинската проценка.

По изнесените факти за индикативни продажби на недвижен имот за непазарни цени, при што во едниот случај е вмешана фирма поврзана со вицепремиерот Груби, опозицијата побара да реагира јавното обвинителство. Но, тоа никогаш не се случи.

Сепак, Антикорупциската комисија почна постапка за проверка на имотната состојба на Груби и на неговото семејство. Арно ама, и овој процес наидува на опструкции од страна на првиот вицепремиер.

ДЕЦЕНИСКА САГА ЗА НОВ КУЛТУРЕН ДОМ

Во далечната 2014 година беше удрен камен-темелник за изградба на нов објект со театар, кино и библиотека во Тетово, кој не е завршен една деценија подоцна.

Овој договор вреден 13 милиони евра го доби тетовската „Урбан План Конструктион“, која ја завршила градбата во 2019 година, откако претходно проектот претрпел измени.

Надзорот над градбата, пак, бил ангажиран за 4 пати пониска цена од проценетата вредност на зделката.

Во 2021 година склучен е и нов договор за внатрешно уредување за 23 милиони евра, кој го добил уште една тетовска компанија – „НБ-Цомпану“, откако странските „Пе-Вла-Ку“ и „Штрабаг“ биле елиминирани, а домашната „АК-Инвест“ не пружила жестока битка на електронската аукција.

Ова накусо се главните црти од содржината на сторијата што ја објави „Фокус“ за децениската сага проектот на нов културен дом во Тетово, кој по 10 години сѐ уште не е реализиран.

Воедно, откриваме дека за првиот тендер од 13 милиони евра истрага покренала Финансиската полиција, која ја запленила документацијата поврзана со договорот со „Урбан План Конструктион“, како и со договорите за избор на проектант и ревидент.

Според документацијата што ја обезбедивме, во 2012 година „Н.У.Ц.К „Иљо Антески Смок“ склучува договор со тетовското друштво „Архинг Гроуп“ за „изработка на техничка документација“, во вредност од 442 илјади евра. Ревизијата на проектот, пак, ја правел „Градежен институт Македонија АД“ за сума од околу 44 илјади евра.

Во меѓувреме, односно во 2015 година, културниот центар склучил договор и со „Бесиан Мехмети Архитецтс“ на архитектот Бесиан Мехмети за измени и дополнувања на проектната документација, во вредност од 73.000 евра. За разлика од другите, овој договор е склучен по пат на преговори, без објавување оглас.

Една година претходно, во 2014 година, културната установа успешно спроведува тендерска постапка за градежно-занаетчиски работи за нов објект по принципот „клуч на рака“ и склучува договор вреден 13 милиони евра со „Урбан План Конструктион“.

Додека го градела објектот на новиот културен дом во Тетово, во периодот од 2014 до 2019 година, надзор вршела „Мегарон Инженеринг“, која во 2015 година склучила договор од нецели 2 милиони денари, додека проценетата вредност на јавната набавка била 9,4 милиони денари.

Истата фирма во 2018 година го добила и тендерот вреден 4,5 милиони денари за изработка на проектна документација за внатрешно уредување, иако, како што велат од проектантот „Архинг Гроуп“, кога го правеле првичниот проект за објектот во партнерство со „Светлост Театар“ од Белград, српската фирма го проектирала ентериерот?!

Како и да е, во 2021 година, „Иљо Антески Смок“ избира компанија што ќе ја реализира втората фаза од проектот. Изборот паднал врз уште една позната тетовска градежна компанија – „НБ-Цомпану“.

Инаку, на денот кога било закажано отворање на понудите, настапиле 4 компании – 2 странски и 2 домашни, поточно од Тетово. Двете странски фирми воопшто не ја минале фазата на евалуација, односно биле дисквалификувани. На аукција заминале двете тетовски компании, кои, пак, одржале безмалку симболично наддавање.

За првиот дел од тендерот, Финансиската полиција доставила соодветен поднесок до Обвинителството, од каде што не добивме одговор како е постапено. За вториот тендер, пак, засега нема никаква реакција.

Додека „НБ-Компану“ го реализира овој милионски договор, сестринската „Ган-Логистик“ купила 2 бензински станици на влез во Скопје за 7,5 милиони евра.

Податоците со кои располагаме покажуваат дека имотот е купен од „Пуцко Петрол“ и „БИ Холдинг“, поврзани со семејството на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски.

ВРСКИТЕ МЕЃУ ДУИ И ИГРИТЕ НА СРЕЌА

ДУИ во 2013 година стекнала деловен простор во ТЦ „Мавровка“ со површина од 413 квадратни метри, но во 2020-2021 година тој преминува во сопственост на тетовски бизнисмени поврзани со спортски обложувалници, кои го купиле просторот за 80 илјади евра, откако неколку години претходно го држеле под закуп за 500 евра месечно и го користеле како кол-центар, објави „Фокус“.

Според податоците што ги обезбедивме, нови газди на овој имот станале браќата Емир Шефити и Илир Шефити, кои ја поседуваат компанијата „Банана Кицк“, основана во 2016, а лиценцирана во 2020 година, кога всушност друштвото го купува просторот на „интегративците“.

Претходно, тие го реновирале дуќанот и го користеле како кираџии, но откако станале газди, решиле да го издадат на ИТ-компанија од Албанија.

„Банана Кицк“ има дури 56 подружници, од кои најмногу во Тетово, каде што е и седиштето на фирмата. Исто така, преку спортски обложувалници застапена е и во Струга, Гостивар, Куманово, Велес, Прилеп, Охрид, Крушево и во неколку рурални средини.

Во дел од нив, има и ВЛТ-апарати, кои ги поставува Државната видеолотарија, која, пак, е во заедничка сопственост на Државната лотарија и „Касинос Аустрија“.

Еден од сопствениците на „Банана Кицк“ – Емир Шефити, за „Фокус“ вели дека купопродажниот договор со ДУИ за деловниот простор во „Мавровка“ го склучиле кон крајот на 2020 година и тој изнесувал 80.000 евра.

Како што вели, просторот претходно го користеле под кирија за нивни потреби и плаќале околу 500 евра месечно. Но сега, откако веќе го купиле, не го користат за себе, туку го издаваат под закуп на ИТ-компанија.

При увидот што го извршивме на терен забележавме дека на деловниот простор стои натпис „Кип Ит Симпле“ (Keep IT Simple).

Нашите проверки покажаа дека постои фирма со ваков назив за софтвер и ИТ-решенија, основана во 2019 година, а како нејзин сопственик се јавува албанскиот државјанин Арлинд Бруци.

Потоа, ДКСК нѐ информираше дека сѐ уште проверува како ДУИ купила деловно-административна зграда во Тетово од приватна компанија, но нема надлежност да испитува како „интегративците“ продале деловен простор во Скопје на сопственици на спортски обложувалници, кои прво го користеле просторот од 413 квадрати под закуп за месечна кирија од 500 евра, а потоа го купиле за 80.000 евра или за нецели 200 евра за квадрат.

Сепак, реагираше албанската опозиција, која праша: „Дали е точно дека со дозвола на врвот на ДУИ во оваа просторија нелегално се приредуваат игри на среќа преку интернет, таканаречено онлајн-коцкање? Дали е точно дека нелегалното коцкање се приредува за државјани на Турција и Албанија, бидејќи во нивните држави игрите на среќа се забранети?“.

Сега-засега, тоа не е доволно да реагира Јавното обвинителство по допрен глас. Прашавме дали контрола правела УЈП, но од таму ни одговорија дела овие постапки се тајни.

Претходно, пишувавме и за казиното „Плеј 4 Вин“ (Play 4 Win) во Визбегово, кое е лоцирано на иста адреса каде што се регистрирани компании поврзани со странски политички консултанти, кои работеле ПР за ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, како и за владата.

ВЕВЧАНСКАТА ФАМИЛИЈА НА „СОБРАНИСКИОТ ВРАТАР“

Вевчанската градежна компанија „Атриум“ во сопственост на семејството на Крсто Мукоски, еден од опозициските пратеници што овозможи двотретинско мнозинство за уставни промени според Преспанскиот договор, наплатила 1,5 милион евра за тековно одржување државни објекти по пат на договори со некогашниот ПУИК добиени со дампинг-цени, поради што реагирала Комисијата за јавни набавки и нејзини членови, а за дел од овие тендери е поднесена и кривична пријава, покажа истражување на неделникот „Фокус“.

Во последната деценија, АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор со вевчански „Атриум“ склучил рамковни спогодби за тековно одржување вредни 3,3 милиони евра, во чии рамки биле реализирани договори во износ од 1,5 милион евра.

Притоа, две третини или 1 милион евра од овие реализирани средства се наплатени врз основа на договори склучени во периодот од 2012 до 2016 година, за кој всушност се води предистрага.

Дури 6 години откако владата побара истрага за договорите за тековно одржување меѓу ПУИК и „Атриум“, Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешниот директор на ПУИК Цветко Грозданов и 9 вработени.

Иако тие, според МВР, ѝ овозможиле на вевчанската фирма незаконски да заработи 725 илјади евра за 4 години (2012-2016), сепак, не се гони никој од фамилијарната компанија на поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше амнестиран откако ги поддржа уставните промени по Преспанскиот договор?!

Обемната документација со која располагаме за договорите за тековно одржување склучени меѓу двете страни од 2016 година досега открива дека речиси секогаш кога друштвото ги добивало тендерите, се проблематизирала големата разлика во цени.

Тоа го констатирала и Комисијата за јавни набавки и нивни членови, кои утврдиле значителни отстапувања меѓу ориентационите и понудените цени. Од увидот што го извршивме произлегува дека големи отстапувања има во делот на земјените и ѕидарските работи.

На пример, ориентациона цена за селење била 1.000, а понудена цена била 5.000 денари (500 отсто). За чистење, пак, ориентациона цена била 100, а понудена цена била 400 денари (400 отсто). За асфалтирање, пак, ориентациона цена била 600, а понудена цена била 1.600 денари (266 отсто).

Потоа, за ѕидање оџаци ориентациона цена била 1.560, а понудена цена била 7.500 (480 отсто). За рушење на ѕид, пак, ориентациона цена била 780, а понудена цена била 2.000 денари (256 отсто). За замена на цилиндрична брава, ориентациони цени биле 800 и 1.200 денари, а понудени цени биле 6.500 и 7.500 денари итн.

Вакви примери каде што понудената цена е драстично повисока од ориентационата утврдена од договорниот орган има безброј, но има и обратни примери.

Во таа насока, ориентациона цена за штемање ѕидови била 8.060, а понудена цена била 600 денари. За изработка и поставување на двојно шперована врата, ориентациона цена била 10.000, а понудена цена била 1.000 денари. Ориентациона цена за демонтажа на дрвен прозорец, пак, била 2.600, а понудена цена била 600 денари…

Уште поеклатантен е примерот за изработка на ПВЦ-влезна врата без стакло, за што ориентациона цена била 39.000, а понудена цена била 10.000 денари. За изработка и монтажа на излог од алуминиум, ориентациона цена била 52.000, а понудена цена била 12.000 денари. Што се однесува за излог од пластика, пак, соодносот бил 32.500 наспроти 10.000 денари.

Исто така, големи разлики во цени имало и во делот на паркетарски, стакларски, керамичарски, молерофарбарски, изолатерски, лимарски, браварски работи, како и во однос на водовод и електрика.

Сепак, Секторот за стопанисување од Сектор за градба како задолжен за формирање ориентациони цени добил уверување дека тие се движат во „некоја граница на пазарни“.

Во таква ситуација, „Атриум“ продолжил да ги добива тендерите за тековно одржување на објектите на ПУИК, иако во слични услови и околности, кои подразбираат нереално и невообичаено високи или ниски цени, во периодот 2012-2016 добивала тендери поради кои кривични заработија екс директор и вработени на државната компанија, но не и управителот на приватната компанија.

Продолжението на нашето истражување, пак, покажа дека вевчанската компанија добила уште повредни тендери од ПУИК за изградба на нови државни објекти на повеќе локации, при што во одредени случаи членови на истата фамилија си конкурирале едни на други!

ПРОПАДНАТА И НЕУСПЕШНА КОНФИСКАЦИЈА

Откако го „прочисти“ Кривичниот законик по свој терк, со што на слобода излегоа голем број поранешни функционери, власта најави засилена конфискација.

Но, институциите не можат да конфискуваат ниту имот кој е замрзнат пред неколку години. Само на Сашо Мијалков се продаде некој стан.

Над половина милион евра неодамна легнаа на сметката на државата, откако беше продаден дел од конфискуваниот имот на екс директорот на УБК, Мијалков, во случајот ,,Империја”.

Пет стана на атрактивни локации, два во Охрид и три во Скопје, како и една гаража, добија нови сопственици.

На листата за продажба се уште 20-тина стана, деловни објекти и земјишта, па затоа сѐ уште е рано да се прогнозира која ќе биде вкупната сума што ќе се искешира од имотот на некогашниот најмоќен човек во државата, проценет на вредност од 21 милион евра.

„Фокус“ објави дека еден од становите во Горица во Охрид неодамна го купи бизнисменот Беким Земоски.

Станот што го купи бизнисменот е со квадратура од 114 квадратни метри и е сместен во елитниот комплекс на една од плажите во Охрид.

Сумата што ја уплатил новиот сопственик на станот на сметка на државата е 146.400 евра, или по 1.300 евра за квадрат.

Земоски е успешен бизнисмен, односно е сопственик на консалтинг компанијата „Де-Инвест“, која уште од 2007 година соработува со голем број реномирани интернационални клиенти, ексклузивно застапувајќи ги во настапот на меѓународни пазари.

Во дел од новинарските написи се наведува дека „Де-Инвест“ е меѓу компаниите, кои интензивно работат на привлекување странски инвестиции.

Покрај успешното претприемништво, тој во минатото бил и политички активен. До 2005 година работел како советник во владата на тогашниот премиер Владо Бучковски.

Па така, од имотот на началникот капна нешто, но од бизнисменот Сеад Кочан, од кого уште во 2018 година се ветуваа 17 милиони евра, никако не протекува. „Фокус“ објави дека Кочан веќе излезе од затвор, но државата ни шајка му нема земено.

Тој беше еден од ретките што издржа затворска казна, но и еден од ретките со кој поранешното СЈО се фалеше дека ќе го свртат „бројчаникот“ за околу 17 милиони евра.

Пресудата за Кочан стана правосилна и извршна во јули 2019 година, кога Апелација му ја намали казната од шест на четири години и осум месеци затвор.

Тогаш стана и правосилна одлуката со која на Кочан требаше да му се конфискува имот во вредност од направената штета за да се обесштети државата поради наместен тендер во РЕК „Битола“, во 2011 година.

Но, ниту една институција го нема лоцирано ниту движниот, ниту недвижниот имот.

Единствената институција што ѝ влезе во трага на опремата на „Трансмет“ беше Државната комисија за спречување на корупцијата.

Комисијата откри низа злоупотреби со кои е оштетен буџетот и до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција достави иницијатива за сомнежи за намерно оштетување на доверители – државата и други, по пат на фалсификување документација, измама и перење други приноси од казниво дело, со цел обезвреднување имот што бил во сопственост на Македонија.

На почетокот на постапката против Кочан и „Трансмет“, имотот на компанијата – движен и недвижен е замрзнат, а на крајот паднал во сопственост на „Пуцко Петрол“, фирма на Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, наместо да го конфискува државата.

КРИМИНАЛНО ПОДЗЕМЈЕ – МАФИЈАШКИ ЗЕМЈОТРЕС

Скопското подземје годинава го стресе силен земјотрес по кој следуваа неколку афтершокови. Вкупно четири убиства и два неуспешни напади врз Раде Трајковски-Штекли за кого годинава беше среќна. Од толку убиства и напади, ниту едно не е расветлено.

За Штекли 2023 беше среќна, по првото пукање во „Ист гејт“ остана неповреден, а по второто се „извлече“.

Последното пукање во трговскиот центар среде бел ден беше кулминација на мафијашките пресметки чиј почеток беше во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија.

Во преполниот трговски, пукачот на себе носеше само црно капче, лежерно седеше во обложувалница и го чекаше Штекли да излезе од теретана.

Иако свесен дека во целиот трговски има безбедносни камери, пукачот ладнокрвно и безобѕирно пукаше и си замина додека случајните посетители врескаа.

Неделникот „Фокус“, во серија текстови, пишуваше за тоа како криминалните кланови влегоа во сурова битка до истребување, па само минатава година се случија четири мафијашки убиства и два напади врз Штекли.

А нападите ја открија неговата поврзаност со новокомпонираната група во подземјето „Барон“.

Нашите извори, кои континуирано ги следат активностите на скопското подземје, велат дека наводното обезбедување на казината се најголема причина за крвавата војна, која датира од 1990-тите и почнува кога една група се двои на две – „Беланоца“ и „Дуќанџик“.

Низ годините, така се раѓаат повеќе групи што го бараат своето место, така што тие склучуваат сојузи со други групи во битката за превласт со конкурентите.

Ако се погледне долгогодишната хронологија на убиства меѓу закрвавените банди, може да се заклучи дека Џелал АјетиЏељо е убиен во 2013 година, што беше вовед во целосно обезглавување на „Беланоца“.

Пет години по убиството на Ајети, ликвидиран беше и неговиот брат, кој го наследи на чело на групата – Наим Ајети.

По неговото убиство, контролата ја презеде „Дуќанџик“ и Грчец.

Како почнало „разоружувањето“ на „Дуќанџик“ има повеќе верзии, а според онаа полициската, војната против сите криминални структури почнала со акцијата на МВР „Безбеден град“ уште во јануари оваа година, оперативна акција за следење, интервенција против лица припадници на криминалното подземје.

Нивната верзија е дека ситуацијата станала алармантна кога познат скопски сопственик на ресторан во центарот на Скопје се пожалил во Министерството за внатрешни работи дека криминалната група му барала по 5.000 евра месечно рекет за му ја гарантираат безбедноста. И така било со другите газди на кафулиња и ресторани.

Групата имала земено толкав замав, што испраќала заканувачки пораки до висок функционер од судската власт, а се заканувале и на член на семејството на судијка.

Нивната моќ толку била навлезена во самите институции, односно во полицијата, што борбата воопшто не била и не е лесна.

Битката се разбира дека не е лесна, но факт е дека почна со убиството на водачот на „Дуќанџик“, Јетон Кривањева – Жила и Енес Исеинов – Љаци во „Шиша бар“, во март оваа година.

Ако прегрупирањето почна со двојното убиство во „Шиша бар“ под скопско Кале, убиствата тука не застанаа. Бргу по двојното убиство, во Приштина беше убиен Бљерим Даци, македонски државјанин од Чаир, а неговото безживотно тело беше најдено во автомобил.

Даци бил осомничен токму за убиството во „Шиша бар“, издржал 18 месеци затвор во Пакистан како припадник на Ал каеда, но загина во одмазда.

Еден месец по убиството во Приштина, во апартман во Ханиоти, на Халкидики убиен беше и неформалниот водач на „Дуќанџик“, триесет и деветгодишниот Орхан Ибраими-Оки.

Ниту едно од овие мафијашки убиства не е расветлено, единствено двајца завршија во притвор за „Шиша бар“. Еден од нив, со иницијали Г.М. пред извесно време беше пуштен, но против него одредени се мерки за претпазливост.

Според информациите на „Фокус“, станува збор за Гани Марку, кој исто како и Даци го сменил презимето, односно претходно се презивал Туша. И тој се барал со меѓународна потерница и е повратник од боиштата во Сирија, поточно припадник на групата Ал Нусра.

Од официјалните и неофицијалните информации може да се заклучи дека осомничени за убиството во „Шиша бар“ се припадници на групата „Барон“ и дека битката се води меѓу „Дуќанџик“ и „Барон“ позади која можно е да стојат старите ривалска група „Беланоца“.

Водачот на Грчец, Шеваљ Муареми, освен слика со познатиот Лионел Меси, сега објави и со познатиот борач Хамзат Чимаев.

Двајца, пак, од неговата армија кои се наоѓаат на списокот „Безбеден град“, односно лица кои се под надзор на полицијата, се сликаа заедно на партиска прослава на ДУИ, рамо до рамо со заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши.

„ИДРИЗОВО“ И „РАНКА“

Речиси две децении се најавува нов затвор додека „Идризово“ се распаѓа, а со него и затворениците, кои утре ќе излезат надвор и треба да почнат нов живот меѓу нас. На нив никој не се сеќава ниту за Нова година, туку само кога треба амнестија. Децата без родители по некој ќе ги испочитува за празниците, но остануваа заборавени цела година.

Нова година е празникот на кој редовно на некој од функционерите му текнува на децата без родители. Па со фотографии се фалат кој што им дал на децата за Нова година, иако преку цела година на никого не му текнува на нив.

Така, годинава министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се сретна со децата од групните домови кои се под поранешните големи домови за деца без родители „11 Октомври“ и „25 мај“.

Со полицајците им приреди забава и дружба и многу подароци, храна и облека. Како и секоја година, дневниците од службените патувања Спасовски им ги донираше на децата и сите добија зимски обувки.

Всушност, во поранешните најголеми домови за деца без родители нема веќе деца. Со проектот на Мила Царовска сите се сместени во мали групни домови.

И „сивиот дом“ како што го нарече Царовска, домот „Ранка Милановиќ“ замина во историјата во 2019 година. Но, откако децата заминаа од таму, сивиот дом стана „Дом за бесење“.

„Фокус“ во февруари го посети домот. Во огромниот двор каде што има пет одделни згради, нѐ пречекаа група мажи, претежно Роми, кои како веќе да навикнале на новинарски екипи.

Околу зградите имаше купишта пластични шишиња, чија продажба е нивниот главен извор на пари. Струја немаат, па палат оган да се згреат, па често има и пожари.

Ако до 2019 година, од големиот објект излегуваа да просат децата без родители, сега излегуваат да просат малите ромски дечиња кои живеат во објектот во ѓубре, смрдеа и стаорци.

Овие семејства тука беа преместени со заклучок на владата поради ограничени капацитети во Центарот за бездомници Чичино село. Тоа било алтернативно сместување особено во зимскиот период, иако капацитетите не биле наменети за нив.

Но, семејствата се сметаат за дивонаселени, поради што веќе четири години Министерството презема мерки за нивно дислоцирање.

Чистењето на местото и преместувањето на бездомниците, пак, стана нов политички мегдан меѓу државата во чија сопственост е објектот, односно Министерството за труд и социјална политика, од една страна, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, од друга страна.

Домот се наоѓа во општината со која раководи градоначалникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па како и сѐ што бидува кај нас, не се бара решение за проблемот, туку ваквата поставеност на властите е најпогодно тло за префрлување на одговорноста.

Така е и со затворениците од најозлогласениот и најголемиот затвор „Идризово“. На нив пак, никој не се сеќава ниту за Нова година. Политичките партии си спомнуваат само кога ќе сакаат да протуркаат некоја амнестија.

Најголемиот затвор се соочува со пренатрупаност, мал буџет и ужасни услови кои само се констатираат, но ниту еден министер за правда и ниту една влада не изгради достоен затвор.

„Фокус“ сведочеше на лошите услови во „Идризово“, каде што се сместени 1.200 затвореници. Најнехумано е во затворениот дел каде само што ќе влезете мириса на урина, а освен лебарки, и глувци ги гризат каблите.

Во едно крило во затвореното одделение престојуваат и по 70, 80 затвореници.

За оние што нема простор во собите каде што има кревети и на четири ката, сместени се во делот за дневен престој, односно спијат на земја, на душеци. За сите над 1.200 затвореници се грижи само една докторка.

Во затворот беше и министерот за правда, Кренар Лога, кој на пратениците им подели фотографии на кои се гледаат ужасните услови само да го изгласаат законот за амнестија.

Јавноста ја убедуваше дека уште во ноември се очекувало да биде распишан и тендерот, најавен уште во 2004 година, за нова затворска зграда во „Идризово“.

Но, откако не му помина амнестијата, Лога се стиши. За тендерот и за новиот затвор нѐ препрати во Управата за извршување санкции.

Ако нема пари од буџетот за затворениците, тогаш уште помалку за нова зграда. Ако се одделуваат по 90 денари дневно за затвореници, нова зграда е научна фантастика.

ЗАЕВИ И КОРНИШОНИТЕ

Македонските корнишони прва класа што се извезувале во Австрија ја заплеткаа во правосудна мрежа и странската компанија „АММА“. Изминатава година се изнамачија за да наплатат речиси 4 милиони отштета, зашто валандовските корнишони наместо кај нив, завршувале во Германија.

Но валандовската компанија „ДЕНА“ во сопственост на Атанас Костов, имотот го префрла на друга фирма, каде сопственик е неговата сопруга Емилија Заева, братучетка на поранешниот премиер.

Австриска компанија не може да наплати долг од над 4 милиони евра од валандовска компанија за корнишони иако Арбитражниот суд во Виена пресудил во корист на странската компанија.

Ова накратко беше веста за судската сага што со години ја води странската компанија пред македонските правосудни институции за која во јуни пишуваше неделникот „Фокус“.

Но, она што го најмногу го привлече вниманието беше управителот на спорната компанија „ДЕНА“ и неговата сопруга, која корнишоните од прва класа наместо да ги извезува за австриската компанија, таа скришно ги извезувала за германска.

Всушност, управител на оваа фирма е Костов, а негова сопруга е Емилија Заева Костова, братучетка на поранешниот премиер, Зоран Заев.

Во 2016 година, валандовската компанија склучила ексклузивен договор со австриската компанија „АММА“, која работи со трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи.

Па така, Австријците инвестирале неколку милиони евра и на валандовската компанија ѝ обезбедиле технологија, семиња, know-how, пласман на пазарот и финансирање производство.

Со договорот се воспоставила долгорочна соработка меѓу компаниите, па земјоделските производи од Македонија се извезувале во Австрија, односно на европскиот пазар.

Австриската компанија инвестирала, но, според Договорот за ексклузивност, за возврат зеленчукот, односно корнишоните од прва класа, „ДЕНА“ требало да ги продава исклучиво на „АММА“.

Но, по пет години соработка, „АММА“ дознала дека овие корнишони наместо за „АММА“ завршувале во конкурентска германска компанија, со што, според нив, „ДЕНА“ го прекршувала договорот.

Тогаш почнува битката на странците на секој можен начин преку институциите да го заштитат побарувањето, односно да се донесе привремена мерка, која ќе ја спречи компанијата на Костов да го отуѓува имотот.

Поднела кривична пријава против „ДЕНА“ и лицата што стојат зад компанијата за сторени измами и злоупотреба на овластувањата до надлежното јавно обвинителство во Гевгелија и уште две други пријави.

Сите овие наоди ги докажала со детална анализа и прибирање докази, извозни документи, фактури и електронска кореспонденција меѓу „ДЕНА“ и трети лица, кои, според австриската компанија, докажуваат дека луѓето што стојат зад компанијата почнале разработена шема за да избегнат враќање на каков било долг или побарување што би произлегле од арбитражната постапка.

Но, битка почнува и валандовската фирма, но на друг фронт. Го менува седиштето од Валандово во Велес и почнува да го префрла имотот на „Глобал трејд“, фирма во која сопственик е Заева.

По сторијата на „Фокус“ реагираше австрискиот амбасадор, Георг Вуцас.

Со невообичаено остро писмо побара да се отстранат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спорот.

Според последните информации на „Фокус“, одлуката на виенскиот арбитражен суд станала извршна и почнала наплатата на долгот, но опструкциите не престанале.

Значи и по повеќе од две години, и на Австријците им е тешко да се справат со македонското правосудство. Единствено што се смени е австрискиот амбасадор и директорот на комуналното претпријатие во Валандово.

Поврзани новости