(АРХИВА) „Шарените“ што не влегоа во власта, не излегоа од суд

by fokus

Текстот е објавен на 8 април 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1331

Условна затворска казна од 6 месеци добија Здравко Савески и Владимир Куновски за демолирањето на канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, за време на Шарената револуција пред речиси 6 години. Тие се осудени за кривичното дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело. 

-Кога некој ќе проба да ви кажува дека имало демократија, правна држава или правда во Македонија, исмејте му се во лице. Ова што нас ни го направија не е никаков исклучок, туку само уште еден од редицата примери колку е гнил правниот и политичкиот систем. Ми се гади од нив, напиша Савески по пресудата.

Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, со оваа пресуда судовите испраќаат порака до граѓаните да останат безгласни и пасивни пред корупцијата, криминалот и неправдата, затоа што во спротивно ќе се соочат со кривичен прогон.

„Фокус“ пишуваше за судската голгота на дел од активистите кои беа дел од протестите, но не влегоа во институциите по смената на децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Пишувала: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Сакаме да им порачаме на сите режимски измеќари во правосудството дека полека, но сигурно одбројуваме. Нашето трпение е при крај, затоа што против секоја судска пракса се држат нашите другари, изјавил пред Кривичниот суд, Димитар Апасиев од Левица во јуни 2016 година, барајќи да бидат ослободени од куќен притвор неговите тогашни сопартијци, Здравко Савески и Владимир Куновски.

Пет години подоцна, Апасиев е пратеник во Собрание и претседател на политичката партија Левица, поддржувачите на „шарената револуција“ веќе тераат втор мандат, а Савески, Куновски и Мариглен Демири сѐ уште се влечат по судови за учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Поточно тие се товарат дека учествувале во граѓанските протести кога беше демолирана канцеларијата на тогашниот претседател на државата, Ѓорге Иванов во центарот на Скопје на „Рекорд“.

Овие протести беа предвесник на „Шарената револуција“, а почнаа откако Иванов помилува над 50 тогашни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ на кои им се закануваа и, против дел од нив, потоа почнаа судски процеси и беа осудени. Но, паралелно со судските процеси за масовното прислушување и ред други кои ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, тивко и без медиуми веќе пет години им се суди и на Савески, Куновски и на Мариглен Демири.

– Станува збор за обвинување дека сме сториле кривично дело поврзано со нанесување материјална штета врз објект. Во процесот против мене и Куновски два пати добиваме ослободителна пресуда на првостепениот суд, а сега предметот по вторпат е на Апелација. Во текот на овие пет години, ние со свои очи видовме како може да се изведе одолжување на еден судски процес до бескрај.

Послушниците на власта во обвинителството и судството успеваат да го држат активен процесот, иако веќе две и пол години им е паднато вештачењето. Вештачењето е клучно за кривичните дела од овој тип, бидејќи ако не може да се докаже материјална штета над одреден износ, едноставно нема основа за кривично дело. Но, и со паднато вештачење успеваат да ја тегнат работата дури две и пол години. Невиден успех во одработувањето за власта! го објаснува Савески текот на судскиот процес против него.

Случајот, пак, на Демири и по пет години е сѐ уште на почеток и главниот аргумент на обвинителството е материјалната штета врз Канцеларијата на претседателот и фотографиите дека биле на протестите, каде што имаше над 1.000 граѓани.

Зошто фотографии само од нас(?), ќе оставам на имагинацијата на кое било логичко изведување да заклучи. Мојот случај сѐ уште е на почеток, по промената на судијата во 2018 година, дури во ноември 2020 година судот го обезбеди предметот од оној на Савески, поради фактот што двата предмета се издвоени, што, исто така, претставува своевидна процедурална грешка уште од самиот почеток.

Сметам дека врз нас се егзекутира млитавото и анемично (право)судство со сите негови компоненти кое „докажува“ некаква функционалност. Функционалност која не е пред сѐ справедлива, туку инструментализирана. Всушност, ние, обвинетите го искусуваме судството, ама не она на олигарсите, туку „независното“, вели Демири.

Од Кривичниот суд велат дека едниот предмет е во Апелација, а другиот сѐ уште се суди.

– „Што се однесува до предметот против З.С. и В.К., тој е завршен со првостепена ослободителна пресуда уште во 2019 година и по добиена жалба е доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд. Зошто сѐ уште нема одлука по жалбата, обратете се до второстепениот суд. Што се однесува до предметот за М.Д., тој сѐ уште е во фаза на судење, а за текот на постапката можете да присуствувате на судењето“, ни соопштија од Кривичен.

Од обвинителството, пак, велат дека тие поднесуваат жалба на ослободителна пресуда секогаш кога сметаат дека имаат докази дека има сторено кривично дело.

Иако постапувањето зависи од случај до случај, генерално жалба на ослободителни пресуди се вложува кога обвинителството не се согласува со изречената првостепена пресуда и смета дека се обезбедени доволно докази за стореното кривично дело, велат од обвинителството.

АКО НЕ ИМ СЕ КЛАЊАТЕ – ЌЕ ВЕ СВИТКААТ 

За овие протести од 13 април 2016 година, неколкумина го признаa делото и добија условни казни. Меѓу нив беа Никола АризановФилип Наковски и Борјан Ефтимов. Првите двајца беа осудени на шест месеци затвор, доколку во рок од една година не го повторат делото, а Ефтимов беше осуден на три месеци условна казна затвор, доколку не го повтори делото во рок од една година.

Најмногу внимание во јавноста предизвика одлуката на обвинителството да се откаже од кривично гонење на еден од предводниците на „Шарената револуција“, Павле Богоевски, кој стана пратеник, а беше обвинет за боењето на фасадата на зградата на Министерството за култура. Клучниот аргумент бил што причинетата штета од околу 15.000 денари не е доволна за да има кривично дело.

Веројатно тие беа линиите, или ќе бидете со власта и ќе бидете ослободени, или ќе одбиете да сте со „победничката“ приказна и ќе се шлаете по судови, го коментира Демири повлекувањето на обвинението против Богоевски.

И Савески забележува дека процесите што ги поведе претходната власт против лица што се дел од сегашната власт се веќе одамна завршени, пред отприлика три години. Одолжувањето на судскиот процес против него, откако престанал да биде политички активен, го поврзува со опиеноста на моќта.

Ако некогаш сте се дрзнале на некои моќници да им ги заматувате сметките и ако тие мислат дека вие во иднина може да им бидете политички противник, тогаш гледаат да ве згазат. Да ви го дотераат умот. Не е доволно да не сте политички активен. Ако не им се клањате и не ги хвалоспевате, ќе направат сѐ што е во нивна моќ да ви ја свиткаат кичмата, без разлика дали сте се повлекле од политиката или не, критикува Савески.

АКО СТЕ СО ВЛАСТА – ДОЗВОЛЕНО Е ДА СЕ КРШИ ЗАКОНОТ 

Двајцата учесници во „Шарената револуција“, која ја поддржуваше и СДСМ, го гледаат судскиот систем одблиску и во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, но и сега, во време на СДСМ, односно кога на власт се оние со кои заедно чекореа по улиците. Но, и двајцата не гледаат некоја разлика во судскиот систем.

Владеење на правото? Дегутантно е сѐ уште да се користи тој израз. Тој е толку проституиран што е вистинско чудо што луѓето не добиваат чувство на мачнина, секогаш кога ќе го слушнат. Ако сте со власта, ќе ви помине секое кршење на законот. Ако сте против власта, ќе извршат и експлицитно силување на правото за да ви наштетат.

Ако сте обичен граѓанин, ниту со овие ниту со оние, тужењето на суд ви е нешто како уплата на ливче во обложувалница. Можеби ќе добиете, можеби не. Не зависи од тоа дали законот е на ваша страна, туку дали другата страна ја искористила моќта на парите или не и дали можеби сте имале среќа да ви се падне некој од ретките чесни судии, објаснува Савески.

Функционирањето на судството тој го прикажува и преку преземањето на Левица од страна на Апасиев, откако тој самиот поднесе тужба до Основниот суд Скопје 2 за промена на правниот застапник на партијата, којашто му беше одбиена.

Бидејќи Димитар Апасиев ја присвои Левица вршејќи сериозно кривично дело  фалсификување документи, ние сме сведоци на повеќе судски процеси. Видовме со свои очи како може да се искривува вистината, да се биде слеп за фактите, како може да помине криминал, како не еден судија, туку повеќемина бесрамно го игнорираат правото, вели Савески за битката меѓу него и Апасиев за Левица.

Според Демири, сега гледаме едно „шминкање“ на судството кога неколкумина олигарси се во затвор, но нивните бизниси си функционираат.

– И во првите години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ гледавме спектакуларни судски процеси и пресуди, небаре институциите цветаа. И сега исто така, сведочиме за слични иницијативи, можеби поради притисоците на јавноста, гледаме обиди за едно шминкање на состојбата со судството.

Иако неколкумина олигарси во овој момент се притворени, олигархијата продолжува да функционира, нивните бизниси, нивните пријатели и нивните мрежи кои се составени од државни и пара-државни структури, политички партии, моќници богаташи, локални рекетари и секако судии и обвинители, вели Демири. 

ПОСТАПКАТА ЗА БРАНИМИР ЈОВАНОВИЌ ЗАВРШИЛА ПРЕД 2 МЕСЕЦА

Но, освен овие кривични постапки, долго време траеле и прекршочните постапки, па така за 13-те приведени на 14 април 2016 година во акцијата на полицијата за разбивање на протестите, постапка та завршила дури пред два месеца.

Меѓу приведените таа вечер беше економскиот експерт, Бранимир Јовановиќ, кој ни изјави дека неодамна завршила оваа постапка против него и добил ослободителна пресуда. Дел од овие 13 лица биле осудени, а дел биле ослободени.

Меѓу осудените е Горјан Атанасов, млад студент од Пленумот, кому  му ја скршија брадата при приведувањето, а неговото апсење СДСМ го ставаше во видеа во изборна кампања против режимот.

Атанасов вели дека сите кои биле прогласени за виновни за нарушување на јавен ред и мир и непостапување по наредба на униформирано лице поднеле жалба. Како што објаснува Атанасов додека траела долгата постапка се сменил Законот, кој предвидувал да платат 2-3 илјади евра, па наместо толку на крај ги казниле со по 200 евра. Но, во меѓувреме не платиле ни толку, бидејќи делото веќе застарело и сите биле ослободени.

Подоцна со парични казни беа казнувани и голем дел од учесниците на Шарената револуција за фрлање на боја врз објекти. Меѓу казнетите беа и  Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет и професорката Мирјана Најчевска, исто како и професорот Гордан Калајџиев, кои требаше да платат по 50 евра или да ја заменат  со општокорисна работа.

Во 2019 година, кога веќе СДСМ беше на власт,  Најчевска соопшти дека добила две решенија за фрлањето боја на државни објекти за време на Шарената револуција и дека треба да плати казна од 200 евра.

Јас ова го разбирам како обид да бидам замолчена, како обид да запрам со критика на било кој, кој се наоѓа на власт и обид да биде уништен гласот на оние независните кои не припаѓаат на ниту една политичка партија, реагираше тогаш Најчевска.

А, премиерот Зоран Заев, кој исто така фрлаше боја, ги  тешеше „Шарените“ дека и тој има платено слична казна за фрлање боја на протестите.

Прекршоците со фрлањето боја во времето на протестното движење ги правевме свесно, знаејќи ја цената на казната, но со повисока цел – слобода и ослободување на институциите. Слична казна за фрлање боја веќе платив и јас лично, велеше Заев.

Сепак, најголема горчина за Савески е тоа што сегашната власт ја злоупотребила „Шарената револуција“, за потоа, кога ја постигна целта, да се сврти против оние кои ја започнаа. 

НАЈОДВРАТНО Е ШТО ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЈА „ШАРЕНАТА“

Можеби најодвратното е што ја злоупотребија „Шарената“ за да ја приграбат власта и потоа се свртија против оние врз чиј грб го градеа наративот дека тоа не било борба за власт на една партија против друга, туку на народот против режимот. Но, и тоа си има зошто. СДСМ сака да има политички противник само од десно. Ако се појави некој што ги напаѓа од лево, тогаш тие се крајно немилосрдни, вели Савески.

Според него, системот издејствувал Левица да заврши на чело со Апасиев, кој ја направил партијата десничарски „франкенштајн“.

Левица беше формирана поради благородни цели. Да се работи во интерес на обичниот човек, оној што е експлоатиран, потчинет, маргинализиран. Но, системот ја почувствува заканата по себе од една таква партија и издејствува таа да заврши во рацете на лице кое од неа направи султан-партија, десничарски франкенштајн и, најважно, партија која нема капацитет ниту претензии да го промени системот, вели тој.

Сегашниот начин на размислување на граѓаните за него е утопистичко, им се препушта власта на корумпираните, а луѓето сакаат некорумпирано владеење, па во една ваква констелација за него е бесмислено да се биде политички активен, бидејќи политичката активност станува бесмислена ако и самиот не сакаш да ги дереш луѓето.

– Сакаат да се владее во корист на општото добро, а самите да се однесуваат егоистички. Сакаат да има промени, ама тие да си седат со скрстени раце. Сѐ додека мнозинството од луѓето сакаат коруптивно владеење, ама такво од кои тие ќе извлечат лична корист, ние ќе немаме критична маса за промени. А политичкиот ангажман, освен ако не сакаш и ти да ги дереш луѓето, станува бесмислен. Кога обичниот народ ќе реши да стане активен политички фактор, кога ќе има широка мобилизација која ќе цели кон сериозна општествена и еколошка трансформација, ќе ми биде обврска и чест да го заземам моето место во борбените редови, порачува Савески.

ЛУЃЕТО СИ ГИ ЗАСЛУЖУВААТ ПОЛИТИЧАРИТЕ ШТО ГИ ИМААТ

 Системот не чини, а не само СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, токму поради гнилиот систем, во оваа квази-демократија не може да дојде на власт некорумпирана партија која ќе владее во интерес на народот. Корупцијата не е аномалија на системот. Системот ја претпоставува и репродуцира корупцијата, ја толкува поранешниот член на Президиумот на политичката партија Левица, Здравко Савески сегашната политичка ситуација.

Тој сега е остар критичар и на власта и на опозицијата, но и на лидерот на Левица, Димитар Апасиев за кого вели дека е демагог и одлично се снаоѓа во корумпираните води на македонската политика.

Моментално тој има имиџ сличен на оној што го имаше Заев пред да дојде на власт. Кај смееше човек да посочи дека Заев е помилуван за „Глобал“ и дека ист е како Груевски, без при тоа да биде обвинет дека одработувал за режимот. Исто е и со Апасиев сега. Кажувај си дека Апасиев, наводниот борец за владеење на правото, кога нему му одговараше, го изигра правото без око да му трепне.

Не сакаат луѓето ниту да ги слушнат аргументите, да ги видат фактите. Едноставно преголема е празната надеж дека некој спасител ќе дојде што магично ќе ги среди работите во наша корист, додека ние седиме со скрстени раце. А, тоа е прекрасно плодно земјиште за сите благонадежни демагози. Жално е, но не помалку вистинито: луѓето си ги заслужуваат политичарите што ги имаат, вели Савески.

Стејт департмент: 

 ИСТРАГИТЕ СЕ ОДОЛГОВЛЕКУВААТ – РОКОВИТЕ СЕ ПРОБИВААТ

Обвинителите често ги пробиваат законските рокови за комплетирање на истрагите, а за тоа не сносат никакви последици. Според законот, истрагите треба да се завршат за 6 месеци, а роковите може да се продолжат до 12 и 18 месеци за покомплексните случаи на организиран криминал со дозвола на претпоставениот, но во пракса, обвинителите често ги пробиваат роковите.

Ова се посочува во најновиот Извештај за состојбата на човековите права на американскиот Стејт департмент за Северна Македонија. Во него се нотира дека судската непримерност, прекумерниот притисок врз судиите, одложената правда и несоодветното финансирање на правосудството и обвинителството и натаму ги попречуваат работата и ефикасноста на судовите. Тоа, пак, се смета дека  влијае врз јавната доверба во правосудството.

„ЌЕ ВИСИТЕ ЗАЕДНО“ – ЗАКАНА НА АПАСИЕВ ИЛИ ПАРОЛА ОД „ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА“?

 Поранешните соборци од Шарената револуција, сегашниот премиер Зоран Заев и лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, станаа лути ривали на политичката сцена. На последните пратенички прашања, Заев му се закани на Апасиев дека ќе го гонат кривично оти на Фејсбук пишувал „ќе висите заедно“, а пак, Апасиев му порача дека тоа е парола која заедно ја пишувале во време на „Шарената револуција“.

Лесно е да викате на Фејсбук „ќе висите заедно“. Знаете дека за тоа се одговара, да, се одговара. Следниот пат нема да оставиме така јавно да се заканувате на министер дека ќе виси, му рече Заев на Апасиев, алудирајќи на неговите критики на Фејсбук кон министерот за здравство, Венко Филипче на кои пишува „ќе си висите заедно“.

Апасиев, пак, му порача дека е поодмаздољубив, дури и од поранешниот премиер, Никола Груевски и дека заедно ја пишувале оваа парола.

Јас ја познавам вашата одмаздољубива нарав, знам дека сте поодмаздољубив и од Груевски. Да ви дадам една увертира на лозунгот „ќе висите заедно“. Тоа е лозунг на „Шарената револуција“ кој го чкртавме заедно по ѕидови тогаш кога Џоле Иванов даде аболиција на криминалците. Тогаш ви одговараше тој лозунг, ама сега ќе ме гоните кривично. Повелете, одземете ми го имунитетот гонете ме кривично. Нема да ме одвратите од тоа како комуницирам со вас во иднина, рече Апасиев.

Поврзани новости