Текстот е објавен на 9 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1092
Многумина се изненадија кога на 16 септември 2013 година, во утринските часови полицијата влезе во домовите на поранешните разузнавачи Маријан Ефремов, Александар Диневски, генералот Горан Стојков, поранешниот директор на Дирекцијата за спречување на перење пари Ване Цветанов и уште кај десетина звучни имиња за пошироката јавност, сомничејќи ги за „шпионажа“, „злосторничко здружување“, „изнуда“ и за уште неколку кривични дела. Осомничените набргу станаа обвинети, а подоцна и осудени во првата шпионска афера „Шпион“, со пресуда дека на странски разузнавачки служби продавале информации за безбедноста, како и за политичките и економските случувања во земјава, а наводно уценувале и јавни личности со „чувствителни“ информации кои ги поседувале за нив.
Второто изненадување, во врска со овој судски предмет, се случи минатата недела, кога на јавната седница во Апелација, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ја аминуваше првостепената пресуда, барајќи единствено намалување и ублажување на казните за дел од осудените, наместо, како што се очекуваше, да побара нејзино укинување.
Повикувајќи се на материјалите од прислушуваните разговори, СЈО пред шест месеци ја презеде надлежноста за овој случај. Токму затоа осудените беа затекнати од одлуката на специјалните обвинители, прашувајќи се зошто го зеле случајот во свои раце? Тие имаа информација дека СЈО поседува дури 88 телефонски разговори, кои сведочеле за тоа дека предметот е полициско-политичка конструкција, бидејќи наводно се слушале инструкции од власта за тоа како да се апсат, како да им се суди и како да им се пресуди.
СПЕЦИЈАЛНИТЕ ОБВИНИТЕЛКИ ПОБАРАА УСЛОВНИ КАЗНИ ЗА ШЕСТМИНА
Како и да е, Специјалното обвинителство, имајќи го предвид целиот доказен материјал за предметот од една, и прислушуваните разговори од друга страна, реши сепак да им даде предност на доказите на судот.
Поточно, СЈО ги оцени како неосновани поголемиот број од жалбите на обвинетите и му предложи на Апелациониот суд да ги отфрли, а ги прифати само жалбените наводи на одбраната за висината на казните, кои според обвинителството се превисоки. Затоа му предложи на второстепениот суд да ги намали, а на шестмина осудени затворските пресуди да им ги замени со условни, и тоа на Марјан Маџовски, Георги Хаџи Мицев, Живко Петковски, Ване Цветанов, Тоше Кошиновски и Кирил Соколов.
Специјалното обвинителство на јавната седница предложи да бидат направени и дополнителни вештачења за оружјето најдено кај генералот Стојков и кај Цветан Дамјановски и да бидат обезбедени дополнителни докази за делото прикривање кое му се става на товар на Маријан Ефремов.
– Првостепениот суд пропуштил да изврши вештачење и да прибави докази за релевантни факти за оној дел на кој се однесуваа жалбите на Стојков, Дамјановски и на Ефремов. Во однос на другите жалби на обвинетите лица, кои се однесуваат како на утврдување на фактичката состојба така и на повредата на ЗКП и Кривичниот законик, предложивме да бидат одбиени како неосновани бидејќи по проучување на целокупниот доказен материјал, кој беше навистина обемен, утврдивме дека ваквите жалбени наводи не наоѓаат никаква поткрепа и затоа предложивме да бидат одбиени како неосновани, рече обвинителката Ленче Ристоска, додавајќи дека Кривичниот суд постапил правилно прогласувајќи ги обвинетите за виновни.
Специјалните обвинителки како неосновани ги отфрлија жалбите на одбраната за примената на ПИМ-мерките, во кои се тврдеше дека биле незаконски, а ги отфрлија и жалбите за тоа дека доказите биле на странски јазик. Најоспоруваниот дел од страна на одбраната е кривичното дело злосторничко здружување, што според СЈО е исто така неосновано, поради тоа што за постоење група не мора групата да има хиерархија, поделени улоги и директно учество, туку е потребно да се изрази волја да се биде дел од група, што се докажува од доказите, односно од меѓусебната комуникација на обвинетите, рече образложувајќи ја својата одлука обвинителката Елизабета Јосифовска.
По неочекуваниот заплет, од одбраната се обидоа да дадат неколку толкувања на оваа одлука. Дел сметаат дека СЈО прави обид да балансира и да прави компромис, а според други, влијание имало тоа што колешките не сакале да ѝ се спротивстават на обвинителката Лиле Стефанова, која сега е дел од тимот на СЈО, а претходно застапувајќи го обвинителството за Организиран криминал и корупција, го сработи обвинението за „Шпион“. Сепак, Ристоска уверуваше дека Стефанова сега не работела на овој предмет, и дека за него биле задолжени лично таа и обвинителката Јосифовска.
Покрај обвинетите, затекнати од ставот на специјалното обвинителство беа и нивните бранители.
– Доколку предметот е монтиран како што тврдат обвинетите, СЈО не смееше да предложи прифаќање на пресудата, а доколку, пак, од прислушуваните разговори се гледа вина кај обвинетите, тогаш не можеше да побара намалување на нивните казни, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
ЕФРЕМОВ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛО НА СВЕДОЦИТЕ
Првообвинетиот Ефремов, кој со првостепената пресуда е осуден на 15 години затвор, за неколку кривични дела, образложувајќи ја својата жалба пред Апелациониот суд, упати голем број обвинувања, кон судската, но и кон извршната власт. Како што рече, Одделението за организиран криминал во судот и обвинителството служеле за уништување на граѓаните кои претставуваат директна опасност за откривањето на криминалите на власта.
– Класичен пример за тоа е токму овој предмет „Шпион“, во кој криминалната власт уништува десетина професионални разузнавачи и припадници на безбедносниот систем, кои се „ноќна мора“ за власта, бидејќи поседуваат еден куп информации од разузнавачки карактер за тоа како на монструозен начин се разнебитува македонската држава, односно се пљачкосува сопствениот народ, обвини Ефремов.
Тој ја обвини и обвинителката Лиле Стефанова, која го напиша обвинението за „Шпион“.
– Обвинителството употреби лажни сведоци, а вршело и уцена на сведоци со закана на губење на слободата, со загрозување на приватноста, со губење на работното место, со што сведоците биле доведени пред свршен чин да потпишат изјави под притисок, изјави кои веќе биле составени од страна на обвинителството и полицијата, а со цел да се оформи обвинението за „Шпион“, рече поранешниот разузнавач, кој додаде дека во таа насока било и задржувањето на приватни (интимни) работи, како што се видеа, слики, и други материјали меѓу него и сведоците, а кои им биле одземени при претресите на нивните домови.
Од друга страна, пак, посочи дека во предметот немало ниту еден доказ, односно документ со ознака на доверливост „државна тајна“, ниту бил прикажан во текот на постапката, туку биле обвинети дека „продавале“ информации на странски служби кои веќе биле јавно познати.
Исто така, Ефремов потенцираше дека не биле идентификувани лицата на кои наводно им ги предавал информациите и не било утврдено на која странска разузнавачка служба ѝ припаѓаат.
– Не постојат докази дека на државата ѝ е нанесена политичка, воена и економска штета. Сите прибавени докази се добиени на незаконски начин, односно за кривичното дело шпионажа ПИМ мерките морало да ги одобри Врховниот суд, а не како во случајот истражен судија од Кривичниот суд, истакна Ефремов во својата жалба.
За кривичното дело „злосторничко здружување“, што, покрај шпионажата исто така му се става на товар, пак, рече дека е небулоза, бидејќи обвинетите меѓусебно не се познавале, немало умисла за извршување на наводните кривични дела, не била докажана стекната имотна корист, а немало ниту организатор на групата.
ЕФРЕМОВ: ПОЛА ВЛАДА ШПИOНИ!
Тој обвини и дека полицијата и обвинителството прикривале доказен материјал со кој се докажувала неговата невиност.
– Според пресудата, како свој соработник сум го имал и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, и од него сум „црпел“ информации кои наводно сум ги доставувал до грчката и украинската служба. Судот и него, но и останатите кои ги предложивме, а наводно биле мои соработници, ги одби за сведоци. Прво, затоа што политичкиот врв не дозволи да се сослушаат нивни пратеници, а второ, на тој начин ќе се утврдеше целата вистина, бидејќи во моите извештаи, кои беа содржини од дневни весници, интернет, книги, наведував имиња на лица, иако не сум имал контакт со нив, рече Ефремов.
Првообвинетиот додаде и дека огромен број документи кои биле одземени од него, во постапката биле скриени и неприкажани, како на пример сметките и лицата потписници на офшор-компании на луѓе од власта со кои наводно се переле народни пари во странство.
Образложувајќи ја својата жалба на јавната седница пред апелационите судии истакна и дека во Македонија се шпиoнира, но тие случаи не стигнувале до судот. Тој обвини дека во шпиoнската мрежа се вклучени високи функционери од власта, бизнисмени и новинари.
Како вистински пример за кривичното дело „злосторничко здружување“ го наведе дејствувањето на актуелната власт.
– Овие луѓе меѓу себе се познаваат, комуницирале, се договарале и со умисла вршеле кривични дела (рекетирање, тајни сметки, перење пари…), при што се стекнале со огромна имотна корист. На нив треба да им се суди, а не на професионалци кои ја разоткриле криминалната банда на Никола Груевски, обвини Ефремов од судница.
Тој наведе и неколку примери за шпионажа во Македонија, на кои како што рече, лично работел, а доказите се во судот, каде што се наоѓаат неговите запленети компјутери.
– Откривање на двајца вработени во Воената разузнавачка служба на Македонија како продаваат информации на разузнавачи на странска служба од соседството, поточно за српската. Едниот од нив беше шеф на ВРС, Сашо Мијалков, и подоцна на УБК, а другиот сѐ уште е во една од управите, Горан Грујевски. За сето тоа постои архивиран материјал и докази во компјутерите во кои работев. Доколку не се уништени, постојат во судот, обвини од судница Ефремов, на јавната седница минатиот четврток.
Поранешниот разузнавач обвини дека открил шпионска мрежа и во редовите на високи офицерски чиновници во Министерството за одбрана, проневера со опрема за прислушување, а во шпионската мрежа наводно фатил и неколкумина бизнисмени.
– По спроведена оперативна акција во странство донесов доказ за инволвираност на високи политички, воени и бизнис структури-лица, кои се ставаат во функција на агент на Српската разузнавачка служба во Македонија за конкретни суми и конкретни задачи, додаде Ефремов.
Тој во судница ги наведе со име и презиме, но ние ќе ја споменеме само нивната професија. Па така, обвини началник кој месечно наводно земал по 1.200 евра од една странска разузнавачка служба. На двајца високи функционери во МВР на товар им стави дека од странска служба биле искористени како линк со посредување во проституција со малолетнички од Албанија.
За да ги поткрепи овие обвинувања истакна дека за се постои архивски материјал и докази во компјутерите на кои работел, а во кои увид има судот.
– Открив и документирав амбасадор на Македонија како учествува во сексуални односи со малолетничка во стан кој е озвучен од тамошната служба. За ова постои скајп комуникација помеѓу мене и мојот извор од странската држава, што исто така е на увид на судот. Вработен во УБК, пак, истовремено е во брак со две жени од кои со едната има дете, а таа е странска државјанка. Тој има и врски со лица од бизнис-секторот на јужниот сосед, кои придонесоа за одлив на големи суми пари преку аферата „Актор“. И за ова има докази во судот, тврди поранешниот разузнавач, кој додаде дека брат на поранешен вработен во АРМ, а кој живее во една европска земја, е потписник на сметка на фирма оформена од актуелната власт, наводно, за перење на пари, појаснувајќи дека сето ова што го навел е оперативна работа која била во неговиот домен.
СО ПРЕСУДАТА САКААТ ДА ГО ЗАМОЛЧАТ, ТВРДИ ДИНЕВСКИ
Обвинетиот генерал Горан Стојков, кој е осуден на 9-годишна затворска казна, пак, обвини дека непријателите не можеле физички да го ликвидираат, па му го наместиле судскиот случај. Сепак, за разлика од Ефремов, тој непријателите не ги прозиваше по име и презиме.
Неговото апсење во овој случај, можеби предизвика најголемо изненадување, бидејќи од човек кој неуморно, на терен, меѓу гласачите, агитираше за ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во 2011 година, а за кој се шпекулираше и дека ќе добие висока државна функција, заврши со обвинение.
А, еве што во 2011 година Стојков им порача на гласачите:
„Апелирам на лојалноста на безбедносните сили кон тие што можат и тие што сакаат да им помогнат. Мојот авторитет го заложувам за опцијата на ВМРО-ДПМНЕ, да можеме утре сите заедно гордо да бидеме исправени пред нашите деца и нашите внуци. Ги повикувам затоа сите бранители со трезвена глава да размислат што понатаму“, истакна генерал Стојков“, непосредно пред изборите.
Ако се земе предвид официјалната изјава од МВР, дека обвинетите во акцијата „Шпион“, кои се гонат за оддавање на државни тајни на странски служби, како и изнуди и уцени, биле следени околу две години, тогаш може да се претпостави дека, додека Стојков „трчал“ за партијата, бил под посебен надзор на безбедносните служби. Останува само непознато, кој бил неговиот грев кон партијата?
И тој пред апелационите судии тврдеше дека е невин, а со голема горчина зборуваше дека се уште не може да разбере како можеле да му судат за оружјето, кога тука ситуацијата е кристално јасна. Истакна дека за сите 16 парчиња оружје и муниција имал дозвола од МВР, и дека не бил виновен што никој од МВР не го повикал да ги раздолжи, а негова била обврската само да ги чува. Објасни и дека еден од пиштолите е од 1917 година и се смета за трофејно оружје.
Поранешниот разузнавач, Александар Диневски, осуден на четири и пол години, пак, појасни дека е осуден главно поради две причини и тоа, неговите политички несогласувања со власта и неговите детективски истраги за, како што вели, тешки злосторства кои го довеле до врвовите на власта.
И покрај негирањето на вината на обвинетите, и ставот на Специјалното јавно обвинителство дека се виновни, сега се е во рацете на Апелациониот суд. Тие можат да ја укинат првостепената пресуда, да ја потврдат, да им ги намалат казните или да го вратат предметот од почеток. Можеби СЈО оправдано ја донело својата одлука проучувајќи ја пресудата од над 1.000 страници, но останува отворено прашањето дали некој ќе ги „проучи“ обвинувањата на Ефремов? Доколку некој го сфати сериозно, на повидок ни се уште најмалку десетина шпионски афери!
Рамка
Н: СУДОТ НА ЕФРЕМОВ НЕ МУ ЈА ВРАЌА КАСЕТАТА ОД СВАДБА!?
Освен компјутерите и пари, од домот на Ефремов биле запленети и лични работи, кои според него иако немаат никаква врска со судскиот предмет, сѐ уште не му биле вратени назад. Тој се сомнева дека се одземени со цел дополнително да му се наштети или да му се наруши приватноста.
– Не ми се вратени приватни работи, како слики, касета од свадба, крштевка, летувања, приватни забави, зошто? Ова е спротивно на член 81 од Европската конвенција за човекови права. Што ќе им се овие приватни работи, освен за малоумни планови што мислат да ги прават, истакна Ефремов.
Рамка
ИМАЛО ОБИД ЗА АТЕНТАТ НА ЦРВЕНКОВСКИ?
Поранешниот разузнавач Ефремов на јавната седница истакна и дека имал докази за обид на атентат на поранешниот претседател Бранко Црвенковски од сегашни и тогашни функционери на УБК во соработка со член на политичка партија од албанскиот блок.
– Постојат документи согласно законските прописи за работата на Агенцијата за разузнавање. А, зошто, затоа што постоеше и странски фактор – извршител од соседна држава, истакна Ефремов.
Рамка
И НОВИНАРКА ШПИОНИРАЛА ЗА ГРЦИЈА?
Ефремов, откривајќи наводни шпионски афери пред Апелациониот суд, спомена и позната македонска новинарка, која сега ја брани власта, а била соработник на контраразузнавачката служба на Македонија за Грција.
– Таа не е ставена под лупата на лустрацијата, иако јас лично ја „водев“ на врска и ја плаќав. Постојат докази во архивите на службата, обвини Ефремов.