(АРХИВА) Онкологија набилда долг од 20 милиони евра, вработени крадат цитостатици од болните од рак!

by Фокус

Текстот е објавен на 18 мај 2023 година во неделникот Фокус со број 1.441.

По неколку написи во „Фокус“, Обвинителството отвори предистражна постапка, во чии рамки завчера полициски инспектори извршија претрес на Онкологија, како и во домови на вработени. Овој серијал го започнавме пред неколку месеци, кога пишувавме дека скопската клиника каде што завршуваат најтешко болните пациенти се наоѓа во тотален хаос. Нивниот живот зависи од цитостатиците и од имунолошката терапија, но таа постојани доцни, а во неколку наврати фатени се вработени како ја крадат и ја препродаваат неопходната терапија. Во меѓувреме, долговите во последните 3 години достигнаа и до 20 милиони евра поради делење терапија без претходен план, купување лекови на реверс…

Пишувала: Ирена МУЛАЧКА

„Во дворот на Онкологија, додека ја чекав мајка ми, еден човек излезе и ѝ кажа на ќерката дека резултатите се одлични и нема повеќе ништо. Двајцата беа ептен среќни и насмеани. Во вакви моменти ќе сфатиш дека од семејството и од здравјето нема поважно. Е ова ми беше позитива на денот“.

Ова е само еден статус на 22-годишна девојка споделен на социјалните мрежи, која била среќна за пациент спасен од карцином, со што дополнително добила надеж дека еден ден и таа ќе ги слушне истите резултати за својата мајка.

За жал, тоа не се случи. Нејзината мајка почина и ја изгуби битката со карциномот на белите дробови, само неколку месеци подоцна.

Ваквите тажни приказни, кои излегуваат од Онкологија, се почести отколку оние со среќен крај, а тоа го покажуваат и статистичките податоци, според кои, секоја година околу 6.000 луѓе во просек се дијагностицираат со рак, а оваа подмолна болест е втора по ред од која најчесто се умира во земјава, веднаш по болестите на срце.

Тоа што е уште потрагично, наместо овие црни статистики да се намалуваат, бројот на заболени од карцином, од година во година, сѐ повеќе расте, а скопската Клиника за онкологија и радиотерапија е преполна со пациенти.

Но, колку на пациентите им е тешко психички да се соочат со помислата дека се болни од оваа подмолна болест, толку проблемите во јавното здравство дополнително им ги отежнуваат работите, со оглед на тоа што редовно се соочуваат со недостиг од цитостатици и од биолошка терапија, од која им зависи животот, и тоа во буквална смисла на зборот.

Сепак, години наназад, како што растат бројките на заболени и починати, така се зголемуваат и скандалите на онколошката клиника. Проблемите секојдневно метастазираат, илјадници евра одат за лекови, а болните од рак умираат!

ОНКОЛОГИЈА ВО ОЧАЈНА СОСТОЈБА

На само неколку метри од главната улица на Водњанска, потзатскриена меѓу дрвјата се наоѓа скопската Клиника за онкологија и радиотерапија, единствена од таков вид во Скопје, каде што се слеваат сите пациенти „жртви“ на тешката болест.

Уште на самиот влез ве дочекува метеж од пациенти, дојдени од сите градови, кои маката ги натерала да ја посетат оваа клиника, која уште по самото име втерува страв во коски.

Преполни ходници со болни, начичкани едни до други, листи на чекање, млади и стари, од 20, па сѐ до 70 години чекаат на шалтерите за да можат да влезат кај докторот-онколог, кој преку резултатите од испитувањата и во зависност од тоа за кој вид карцином станува збор, треба да им ја одреди терапијата, што, сепак, дава барем малку надеж дека може и ќе успеат да се спасат.

Дел успеале во оваа битка, ама повеќето не. Сѐ на сѐ, еден голем хаос, без никаков ред и поредок. Потребни се часови додека еден пациент дојде на ред, лекарите како да се „оперирани“ од емпатија, а пациентите како на машина само чекаат некој да одреди терапија за да можат барем малку психички да се смират.

Едни чекаат ред за да почнат со хемотерапија, други за зрачење, трети за првпат се соочуваат со тоа што ги чека. Исто така, полни соби со пациенти хоспитализирани од целата држава. Овде, како што успеавме да забележиме, владее тотална анархија.

– Ајде додека по другите клиники чекаш резултати од испитувањата, поточно да си потврдиш дали си болен или не, па цело време живееш во психички терор, после почнуваш да водиш битка на самата клиника.
Цела Македонија е тука. Не се знае кој што прави. Само едно ќе кажам – тешко на болните – вели 48-годишна штипјанка, која повеќе од шест месеци е редовен пациент на клиниката, каде што прима хемотерапија.

Сепак, ова не е нешто ново и не се случува само сега. Многу години, онколошката клиника е мета на скандали, кои директно удираат врз грбот на пациентите, иако здравствените власти многу добро секогаш се труделе да ги скријат од јавноста.

Таму се случуваат шокантни работи, кои ги констатираа и државните ревизори. Тоа е повеќе од доволно во секоја друга држава да паднат оставки, но во Македонија сѐ поминува така.

„Пропусти при набавка на биолошка терапија, акцелератор, кој фаќа прав, монополски тендери, лошо планирање на системот за приклучување пациенти на терапијата, набавка на лекови на реверс без формирана цена, пречекорување на буџетот за над 10 милиони евра и ненаплатени долгови од речиси 3,5 милиони евра.

Вработени во Клиниката за онкологија се распоредени на места што не постојат во систематизацијата и произволно им се одредени коефициенти и додатоци на плата“, се наведува во последниот ревизорски извештај, кој се однесува за 2021 година.

СЕ ПРЕПРОДАВААТ ЛИ ЦИТОСТАТИЦИ?

Пред речиси четири години, поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, за првпат во историјата на Македонија и на онколошкото лекување ја најави биолошката терапија за лекување на заболените од карцином, посебно за оние кај кои нема позитивно дејство од хемотерапијата.

Станува збор за 40 нови биолошки лекови, кои се исклучително скапи, а успеавме да ги обезбедиме за најголемиот број пациенти што се со хемато-онколошки малигнитети, но и пациентите со солидните тумори. 2019 е година на воведување современа имунолошка терапија за малигните хематолошки заболувања – тврдеше тогаш Филипче.

Од тој момент почна набавката на оваа терапија, која им помогна на дел од болните, но многу од вработените ја искористија за дополнителна заработка.

Во меѓувреме, пак, клиниката заглави во долгови. Иако официјалниот долг изнесува околу 14 милиони евра, според нашите информации, тој постојано расте, така што веќе достигнал вртоглави 20 милиони евра.

Притоа, најголем дел од долгот е направен во последните 3 години. Со тоа, Онкологија влезе во топ-пет должници меѓу државните установи.

Кон ваквиот развој на настаните претходеше оставка и на тогашниот директор, доктор Нино Васев, кој управуваше со клиниката од доаѓањето на СДСМ на власт, поточно од 2017 година.

Во тој период „пукна“ и скандал дека се препродавале цитостатици од страна на вработените, со што дел од пациентите биле оставени без терапија. Кога недостигала терапија, пак, вработени ја продавале на болните „под рака“.

Клучни забелешки во тој сегмент нотираа и од Државниот завод за ревизија, а тоа е начинот на набавка на биолошката терапија и начинот на кој се креира листата на пациенти што ќе ја примаат терапијата. Клиниката купувала биолошка терапија од само еден доставувач, и тоа на реверс без одобрени средства од Фондот за здравство.

Во моментот на ревизијата, Клиника е тужена од повеќе оператори за долг во висина од 885 милиони денари, или 14 милиони евра, од кои 94 отсто се фактури за набавка на лекови и медицински материјали“, потврдија од ДЗР.

Огромните долгови на клиниката ја отворија Пандорината кутија – што се случувало последната деценија на Онкологија?

Кога станува збор за процесот на терапирање на пациентите, ревизорите утврдиле дека нема протокол и дека докторите одлучуваат кој ќе добие биолошка терапија без да се провери залихата на терапијата и дали е доволно за болните што веќе се ставени на оваа терапија.

Од клиниката, во неколку наврати досега тврдеа дека повеќето од пациентите сами ја барале скапата терапија, со оглед на тоа што е подобра и дава подобри резултати при лекувањето.

Како што дознаваме, тоа што е променето во последниот период е тоа што е формиран Онколошки колегиум, кој ги утврдува протоколите и листата на пациенти за биолошка терапија.

Со сите тие информации беше запознаен и ексминистерот за здравство од редовите на Алтернатива, Беким Сали, кој истакна дека на оваа клиника мора да се провери како се работело години наназад, дали се манипулирало со терапијата за пациентите и дали се продавале цитостатици?

Се проверуваа медицински истории на пациентите, се бараше на чии медицински картони се раздолжени скапите цитостатици и дали тоа било правено правилно согласно прогресијата на болеста, а на дел од вработените од пониските ешалони им беше одземено правото да креираат упати.

Сали ја назначи доктор Виолета Клисаровска за нова директорка на клиниката, но за кратко време околностите се сменија, па со влегувањето на Алијанса во владата на министерското столче седна неврологот Фатмир Меџити и засега тука заврши сѐ.

„Фокус“ веќе објави дека клиниката има и дефицит на лекови, со што имунолошката терапија за болните од карцином доцнеше повеќе од три недели, а претходно одреден период го немаше и лекот херцептин, кој пациентките го примаат за рак на дојка.

ВРАБОТЕНИ КРАДАТ ЦИТОСТАТИЦИ

Пред три месеци, тројца вработени од Клиниката за онкологија и радиотерапија на КБЦ Риека експресно добија откази поради пронајдени цитостатици во подрумските простории, на кои им поминал рокот.

Беа отпуштени шефицата на клиниката и две медицински сестри. Според пишувањата во медиумите, материјалната штета била проценета на еден милион евра.

Ваков случај не ја размина ниту Клиниката за онкологија во Скопје, каде што иста медицинска сестра во два наврати краде цитостатици, но за разлика од болницата во Риека, таа не добива отказ.

Како што веќе објави „Фокус“, првата кражба на скапите лекови вредни неколку илјадници евра се случува пред три години. Против неа е покрената истрага, но сѐ уште нема судска завршница.

Во меѓувреме, таа е суспендирана, но Законот за работни односи налага ако по шест месеци нема пресуда, да ја вратат на работа, како и што се случува.

Па, таа веќе по вторпат го повторува делото и пред само два месеца во нејзиниот автомобил биле пронајдени 20 видови ампули, кои се движат од 100, па сѐ до 5 илјади евра. Веднаш откако беше фатена, таа се предозира со лекови и заврши на Токсикологија.

„Фокус“ поразговара со дел од вработените во клиниката, кои ни кажаа дека станува збор за цитостатици што се чуваат во дневната болница, каде и што работела медицинската сестра со стаж од десет години. И вториот пат кога била вратена, таа повторно била вратена на истото работно место.

Сепак, никој нема информации зошто медицинската сестра ги крадела ампулите, од кои им зависи животот на пациентите заболени од рак и кои и така мошне често се дефицитарни на самата клиника.

Дали ги препродавала за поголема сума пари, каде што ги носела во автомобилот, каде што и беа откриени од страна на полицијата и дали таа повторно ќе биде вратена на работа?

Новата директорка на клиниката Клисаровска тогаш во изјава за „Фокус“ потврди дека медицинска сестра е фатена како краде цитостатици и порача дека очекува случајот да биде разрешен од надлежните институции. Но, досега нема никакви дополнителни информации.

Проблемите со цитостатиците и хемотерапијата што ги нотира ревизорот во извештајот за 2021 година на терен станаа поголеми во 2022 година.

Со месеци доцнеше тендерската набавка на цитостатици, па пациенти беа принудени да чекаат за терапија која може да им го спаси животот, иако рокот од 21 ден кога е неопходно да ја примат дозата им изминал.

Според нашите информации, има вработени што им бараат и по 100 или 200 евра на пациентите за да им ја дадат неопходната терапија, иако треба да ја добијат бесплатно.

Сериозни забелешки има и околу евидентирањето и сметководството, бидејќи ревизорите утврдиле запишани погрешни количества залихи на лекови и погрешни износи во фактури за лекови во дневната болница.

Сепак, овие проблеми со недостиг од цитостатици на клиниката се провлекуваат со години и за време на сите претходни директори.

Реално, никој досега не излегол јавно да каже што точно се случува на клиниката, но факт е дека скандалите се бројни, а тоа најмногу удира по болните, чиј живот доволно е загрозен и од подмолната болест, која ја носат во себе.

 

АПАРАТ ЗА ЗРАЧНА ТЕРАПИЈА ОД 2 МИЛИОНИ ЕВРА СКАПУВА ВО ПОДРУМ

Во последниот извештај на Државниот завод за ревизија имаше и забелешки околу набавката на опрема и материјали.

Како пример беше посочен акцелераторот, апарат за зрачна терапија од над 2 милиони евра, набавен во 2021 година, но никогаш не е поставен во клиниката, па се чува во складиште за кое се плаќа кирија.

„Опремата и материјалите се набавуваат од компании што имаат монополска позиција, а како пример е наведено дека во 2020 и во 2021 година, во четири наврати клиниката за сервис на апаратите за болните потрошила речиси 600.000 евра“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Сепак, за ваков случај „Фокус“ пишуваше уште во 2018 година, поточно за тендер за набавка на акцелератори, која одеше преку Министерството за здравство, кое во тој период беше предводено од екс министерот Никола Тодоров, за што беа потрошени шест милиони евра.

За инсталација и набавка на еден таков апарат потребни се околу 3 милиони евра, бидејќи за да се постави еден таков апарат, потребно е да се изгради соодветна зграда(бункер) и во неа да биде сместен апаратот.

 

„СКАНДАЛОЗНИ“ ДИРЕКТОРИ НА ОНКОЛОГИЈА

Речиси сите досегашни директори на скопската Клиника за онкологија биле вмешани во одредени скандали внатре или надвор од неа.

Пред повеќе од една деценија, поточно во 2008 година, во време кога со клиниката управуваше доктор Снежана Смичковска, во медиумите се пишуваше дека бизнис-интересите се ставаат пред здравјето на пациентите.

Во тој период постоеја сомнежи дека им се менува терапијата на најтешко болните пациенти само поради договори со одредени фирми, кои ги набавуваат лековите.

По неа, на директорското столче седна доктор Симонида Црвенкова, во време кога владееше СДСМ. Во тој период и таа заработи кривична пријава за злоупотреба на службената положба.

Како нејзин наследник, пак, седна доктор Милан Ристески од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој не беше поврзан директно со скандал со болницата, со која управуваше повеќе од четири години, туку беше еден од учесниците во нередите во Собранието, од 27 април, каде што влезе заедно со толпата.

На негово место дојде доктор Нино Васев, од кој ексминистерот Беким Сали побара да поднесе оставка или ќе биде разрешен поради скандалите со цитостатици, кои тоа време „пукнаа“ на клиниката.

Новата директорка, доктор Виолета Клисаровска е само неколку месеци назначена на функцијата и за нејзината работа сѐ уште не може да се коментира, со оглед на тоа што е потребно да помине одреден временски период.

Поврзани новости