Висококорумпирана држава никогаш нема да стане членка на ЕУ. За висококорумпирана држава никој нема со прст да помрдне и да ѝ каже на Бугарија – доста е! Напротив! Затоа битката број еден на следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде силна битка со организираниот криминал и корупција!
Пишува: Александар НИКОЛОСКИ
Неделава што помина беше динамична како ретко кога во август. Вадењето „на чисто“ на СДСМ и ДУИ дека немаат и нема да имаат никогаш двотретинско мнозинство за промена на Уставот под бугарски диктат е веста, не само на неделата или на месецот, туку на самостојноста на Македонија.
Покажа ВМРО-ДПМНЕ дека може да се опстои на своите програмски и идеолошки определби и да се зачува дадениот збор.
Тука сакам да ја прокоментирам интензивната дебата што се води дали изјавата на претседателот на Франција, кој е практично против скоро проширување на ЕУ, или изјавата на претседателот на ЕУ, Мишел, која е пооптимистичка, е повеќе важна за Македонија.
Повторно се промашува суштината, а тоа е дека не ѝ треба на Македонија милостина, туку заслужено членство. Ако внимателно се читаат двата говора ќе се види една заедничка линија, а тоа се стандарди, кои, за жал, Македонија, пред сѐ, во делот на владеењето на правото, не ги исполнува.
Висококорумпирана држава никогаш нема да стане членка на ЕУ. За висококорумпирана држава, никој нема со прст да помрдне и да ѝ каже на Бугарија – доста е! Напротив!
Затоа битката број еден на следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде силна битка со организираниот криминал и корупција!
ЛОШИ ПИАР-ЕКСПЕРТИ
Имајќи го сево ова предвид, очаен е обидот на власта да ги менува тезите во јавноста. Па, дури и да сече и монтира изјави, да ги става во погрешен контекст за да претстави погрешна слика во јавноста. Јас сум само последна жртва на таа политика.
Она што го кажав во неодамнешното интервју, отприлика, се следните тези:
– Власта преку лош и скапо платен пиар сака да ја претстави ВМРО-ДПМНЕ како антиевропска, но вистината е дека во оваа влада не гледаме ниедно европско однесување.
-Владата има неколку скапоплатени, според мене, лоши пиар-експерти, но на крај тие си ги избираат, немам намера да бидам експерт за односи со јавноста на владата, кои стигнале до втората лекција на односи со јавност, а тоа е обојување на наративот или приказната во црно-бело.
Едните се добри, другите се лоши, едните се „за“, другите се „против“, едните се напредни, другите се назадни, а сега во помодерно време, едните се прозападни, другите се проруски, едните демек се за Европска Унија, другите наводно против.
Но, тоа не функционира затоа што многу се измени пристапот кон јавноста, особено во последниве години и особено со експанзијата на интернетот, така што има и многу други лекции до кои не стигнале овие експерти што ги плаќаат, но тоа си е проблем на владата.
НЕМА ДЕН БЕЗ АФЕРА
Проблем на државата е што тој наратив се форсира во јавноста, па сега владата била за ЕУ, а ние сме биле против ЕУ, тие биле напредни, а ние сме биле назадни, тие прозападни, ние антизападни.
А, во суштина сите знаат дека не е така, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе за ЕУ од владата, затоа што не гледам ниедно европско однесување на оваа влада, особено во делот на криминал и корупција. Нема ден да нема афера, нема ден да нема проблем.
Ситуацијата сега е исклучително комплицирана и исклучително тешка. Македонија мора да ги брани сопствените национални интереси.
Според мене, битката треба да оди во два паралелни пилари. Едниот треба да е силна битка со организиран криминал и корупција затоа што членството во ЕУ значи две работи, економски просперитет и битка со организиран криминал и корупција, односно силна правна држава.
Ако за економски просперитет помага многу и ЕУ со фондовите итн., воспоставувањето функционален систем на владеење на правото е домашна работа на секоја држава. Тоа мора да го направиме за да нѐ ценат таму повеќе.
Ова е суштината на интервјуто што беше сечено и монтирано од власта со цел да добие целосно спротивен призвук. Се надевам на сите им стана јасно за каква манипулација се работи. До следниот блесок на Џабир, имајте убава недела.
(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)