АРХИВА МРЧОТИЛАЦИ: Копилињата на мама Јуци

by Fokus

Текстот е објавен на 7 јули, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1135

Пишува: Сашо ТАСЕВ

На груевци им тече низ ногавици, само лошо е што судиите клечат пред нив и сркаат. Верни до гроб на бандата на Груевски и Мијалков, капка не оставаат да отиде фира. Згура човечка. Ја обезглавија правдата и ја обесија наопаку, да искрвави побргу. И сега, обивачи на трафики, од нив добиваат по триесет дена притвор, а големите мозоци на најголемиот организиран криминал во транзициска Македонија, чии обвиненија СЈО ги поткрепи со педесетина кутии докази, поминаа без притвор. Така одлучија нивните јатаци од Кривичниот суд. Копилињата на мама Јустиција, кои ги создаде монструозната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ, откако цела деценија безмилосно ја силуваа правдата. Живееме аланфордовска стварност: Баталете го крадецот, држ’те го судијата!

Според нив, нема докази и услови за изрекување мерка притвор, иако целиот свет слушна од тајните снимки колку се опасни и способни да се закануваат и одмаздуваат на секој што одбива да игра по нивни ноти. Со експлозив да креваат во воздух деловни згради и да нарачуваат шамари и праќање во ендек на свои политички противници, да прикриваат докази за убиства сторени од нивни партиски силеџии и бодигарди, да проневеруваат пари и затајуваат даноци, да местат тендери, да лапаат високи провизии и најпосле, да не се воздржуваат ниту од обид за државен удар и убиство на пратеници од опозицијата, со цел да спречат трансфер на власта. Наместо притвор, копилињата на кутрата силувана мама Јуци, им ги одзедоа само пасошите, како мерка на претпазливост, да не ја напуштат случајно државата.

ЧЕКААТ САМО НАРЕДБА

Поточно, им го одзедоа само едниот од пасошите. Оти, некои од обвинетите имаат по пет-шест. Српски, бугарски, чешки, американски и француски. Им го накршија ептен што им го зедоа најевтиниот, оној домашниот. Баш се обезбедија дека нема да ја напуштат државата. Кога не го спречија славниот Сеад Кочан да ја напушти, како ќе го спречат Мијалков. А може стварно нема да ја напуштат. Треба да си будала да бегаш од државата кога те судат судии, кои претходно си ги купил ко каранфили на пазар. Во букет.

Така додека груевци си се ладат, си ги мерат и си поигруваат со СЈО преку вмроизираното судство, фрустрацијата кај обичните граѓани расте до небо, соочени со принципот на неказнивост, во кој, како во матка се заштитени највисоките функционери на ДПМНЕ. Очајни од оправданиот страв дека Груевски и Мијалков само привремено ги отстапиле челните функции во државата, за набргу да се вратат на нив посилни од кога било.

Кој мисли дека е ова невозможно сценарио, се лаже, зашто од Марс се гледа дека Македонија сѐ уште е нивни пленик. А новата власт чудно си молчи и си трае, иако веќе еден месец владее. Не можеше да го предвиди овој последен мегаскандал во Кривичниот суд? Не можеше да го превенира? Ама имало законски и подзаконски пречки зашто груевци  го легализирале својот криминал и требало време да се сменат законите? Што зборите, бе? Дали се слушате?

Другар Заев, ти немаш работа со обивачи на трафики и дрвокрадци, туку со опасни луѓе. Многу опасни. И ти многу добро знаеш колку се опасни. Ги виде на дело во Собранието. Те нападнаа со намера да те убијат. Што мислиш, постои некој политички договор кој ќе ги спречи делото да го повторат, овојпат со успех? Една будала која се нарекува новинар неодамна ти порача дека ќе ти се случи Ѓинѓиќ. Не е дека треска глупости од свој ракав. Тој е нивни проверен мегафон.

Знаеш што значи тоа? Дека нарачателите на твоето убиство во Собранието не се откажале од својата намера. И ќе се обидат да те убијат пак, ДОДЕКА СИ НА ВЛАСТ. Исто како Ѓинѓиќ. Зашто куп луѓе од многу безбедносни и други структури на државата се нивни платеници, а во моментов работат во понтонски мод. Тие се притаени, спијачи. Чекаат само наредба.

Ѓинѓиќ го најави својот атентат три недели пред да се случи зашто беше свесен дека со неговото колебање, веднаш и сурово да расчисти со подземјето инсталирано во државните институции, си потпиша смртна пресуда. Сега ти и твоите ја правите истата грешка.

ЗЛОТО НИКОЈ НЕ ГО ПОБЕДИЛ ВО ФЕР ИГРА

Ама сакате да не бидете како нив, да одите по демократски, транспарентен пат во реформата на државните институции, за оние во ЕУ и САД да кажат БРАВО ДЕЧКИ!? Колку сте фини и добро воспитани!? Па, некако со таа мисла, почнавте позитивно да дејствувате во правец на создавање позитивна слика за Македонија во светот, а цело тоа време, над вратот ви виси мечот на Дамакло. Два меча, не еден. И не се обесени на коњско влакно, ниту ги држи Дамакло, туку се во рацете на Груевски и Мијалков, што е ушто пострашно.

Да ги смените законите, тоа е проблемот? Па ја имате власта, сменете ги преку ноќ. Груевски и Мијалков многу нешта направија преку ноќ кога беа на власт. Ќе ги штедите? Правете што знаете, само вратете го редот во државава и тасот на мама Јуци во рамнотежа. Како граѓани имаме право на ред и мирен живот. Имаме право уште да веруваме дека злото не се исплати!

Што ве заболе, што ќе кажат некои фаци однадвор како прв уметнички впечаток, ако покажете малку повеќе одлучност и дрскост при расчистувањето со Фамилијата. Вие пикнете ги во затвор брзопотезно, зашто тоа во моментов е од највисок државен интерес, па потоа извинувајте се низ Европа што сте биле малку пребрзи во одредени процедури. И тие може за пред јавност, троа ќе ве искараат за брзината, ама суштински ќе им биде јасно дека тоа така мора да се направи. Брзо и безмилосно. Злото никој не го победил во фер игра.

Вака, со неизрекувањето притвори на обвинетите од врвот на ДПМНЕ, добивме само неограничено траење на судскиот процес против нив, а за тоа време, тие од слобода ќе можат да прават сѐ, да влијаат врз сведоци, да се закануваат, да вршат насилства и терор, да избегнуваат рочишта, да се осојузуваат со странски и домашни моќни лица и структури, кои можат пак да ги вратат на власт за многу пари, а пари имаат охо-хо. Ако наскоро не одговараат за делата за кои се товарат, ене ги локалните избори. Тогаш СДСМ првпат ќе сфати колку скапо ќе плати за својата попустливост и колебливост.

ПАКТ СО ЃАВОЛОТ

Необјасниво е, но ДПМНЕ не загуби ниту трошка од своето гласачко тело по сите овие мегаскандали врзани за нивното дело, што значи никој нема да може да им помогне на СДСМ, најмалку Албанците, во сите оние општини во Македонија кои се тврдокорно вмровски. Особено оние во источниот дел. Ако победи, тие локални избори ќе бидат првата сламка на спасот на Груевски и негово одново кревање од пепелта, доколку претходно не заврши кадешто му е местото.

Затоа тој толку надеж полага во нив и инсистира да бидат што побргу. Евентуалната негова победа на нив, автоматски ќе значи вовед во пораз на СДСМ на следните парламентарни  избори. Е тогаш ќе видите што е виенска школа и вмровска аристократско-барокна култура, кога ќе ги вадат своите противници сред ноќ, по влечки и по гаќи и наместо да ги носат пред судија, ќе им ги фрлаат како вечера на константно гладните градски џукели.

Затоа граѓаните се фрустрирани од досегашната чудна резервираност на новата власт, наместо да дејствува безмилосно кон злосторниците. Бараат правда, а правдата патува на желка. Нема причина, освен ако не постои некој таен мајски договор за ненапаѓање меѓу СДСМ и ДПМНЕ, како оној меѓу Сталин и Хитлер пред почетокот на големата војна. Ама Хитлер не достоја на зборот. Така е секогаш кога правиш пакт со ѓаволот, а секој од нас знае што ќе направи тој во нашиот случај, ако се врати на власт со целата екипа на ДПМНЕ.

Брус Ли кога ја опишувал филозофијата на винг-чунгот рекол отприлика вака: Тоа е вештина, на силата да одговориш со напад или ко ќе те фатат за врат, да не се обидуваш да се оттргнеш, туку ненадејно да нападнеш, со серија удари на витални места, додека не го онеспособиш противникот. Хјустон, ду ју копи? Се разбираме? Удираш додека не му го исклучиш светлото на противникот. Значи, не го удираш само еднаш, па го оставаш да стане, да се напие кафе со локум, па да те испука со седум куршуми и да се чатали на Сител како ти онадил мамата и дека така ти треба!

Затоа, како власт, видете што ќе правите, ама дејствувајте брзо и сменете сѐ што е корумпирано и вмроизирано во судството за да го онеспособите злосторничкото здружение на Груевски, зашто сѐ уште сите нѐ држи за врат. И не само за врат, туку и две педи подолу. Хјустон, ду ју копи!? Имаме голем проблем, решете го брзо. Од вас зависи дали утре ќе одиме со исправени глави или ќе гувееме ко евнуси раштркани по светов. Од срам поради изгубената татковина.

Поврзани новости