(АРХИВА) Мијалкови станале косопственици на хотелот Мериот и на плац покрај Охридското езеро!

by Фокус

Текстот е објавен на 29.06.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1186

Во минатиот број Фокус пишувавме дека Бест Веј Инвесмент во сопственост на семејството на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков месецов ја основал компанијата за приредување на игри на среќа Макс Бет во партнерство со контроверзниот српски бизнисмен Саша Марчета. Но, новите податоци што ги обезбедивме покажуваат дека Мијалкови истовремено станале косопственици на Дивелоп Груп, откако го презеле уддеолот од Орка Холдинг на Орце Камчев. Инаку, Дивелоп Груп, чиј најголем сопственик е долгогодишниот управител на друштвото Александар Ивановски – Теранова, го изгради хотелот Мериот на скопскиот плоштад, а воедно поседува атрактивни градежни парцели на охридското крајбрежје и во близина на македонско-грчката граница кај Гевгелија.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во неколку наврати досега, Фокус ја обработува темата за ширење на бизнис-мрежата на семејството на поранешниот директор на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој му е прв братучед на долгогодишниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Веднаш откако ја напушти влијателната директорската позиција во Управата за безбедност и контраразузвање по избивањето аферата со прислушувањето и по немилите настани во кумановско Диво Насеље, синовите на Мијалков основаа компанија која почна да пенетрира во неколку атрактивни бизнис-сектори.

Тоа е компанијата со назив Бест Веј Инвесмент, формирана во 2015 година со седиште во центарот на Скопје, чиј единствен сопственик моентално е постариот син на Мијалков – Јордан Мијалков, додека управител е Илија Тозија, кој бил дел од органите на Унијата на млади сили на ДПМНЕ и на Државната видео лотарија. Откако извесно време делуваше во сенка, првиот крупен чекор компанијата го прави на почетокот на 2017 година, кога влегува во нафтениот бизнис, преземајќи ја ОМ Петрол од бизнисменот Масар Омерагиќ. На тој начин, Мијалкови стекнаа една бензиска пумпа во Скопје, две бензиски станици во Гевгелија, во непосредна близина на македонско-грчката граница, како и складиште за нафта во скопското село Ржаничино.

Кон средината на годината, пак, Бест Веј Инвесмент стана и стопроцентен сопственик на градежната компанија Софија Градба, со што Мијалкови влегоа во прехранбено-земјоделскиот сектор. Имено, Софија Градба е еден од акционерите што поседуваат над 5 отсто од акциите во тетовски Жито Полог и битолска ЗК Пелагонија, кои во минатите години користеа земјоделски субвенции од државниот буџет. Имајќи во предвид дека ЗК Пелагонија е единствен сопственик и на млекарата Здравје Радово, произлегува дека Мијалкови се и делумни сопственици на една од најпознатите и најуспешните млекари во земјава.

Како што веќе објавивме, Бест Веј Инвесмент почна да го таргетира и коцкарскиот бизнис, со оглед дека на почетокот на месецов компанијата на Мијалкови го основале друштвото за приредување на игри на среќа Макс Бет, во партнерство со истоимената српска компанија на контроверзниот бизнис Саша Марчета, кој во матичната држава бил обвинет за нелегално организирање на игри на среќа, но подоцна бил ослободен. Меѓутоа, новите податоци што ги обезбеди Фокус покажуваат дека семејството на поранешниот прв разузнувач станало косопственик и на градежната компанија Дивелоп Груп, која за време на владеењето на Груевски се поврзуваше со Александар Ивановски познат како Алек Теранова. Оваа компанија управува со хотелот Мериот во центарот на Скопје, а воедно поседува и градежи парцели на атрактивни локации во други делови на Македонија.

ПРОМЕНА НА СОПСТВЕНИЦИ И ПОРАСТ НА ГЛАВНИНАТА

Според податоците од Централниот регистар, Дивелоп Груп е формирана во 2006 година, кога впрочем ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски за прв ја освои централната власт. Моментално, компанијата чија основна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради, има двајца сопственици. Еден од нив е Ивановски, чиј сопственички уддел изнесува над 22 милиони денари, додека вториот е Бест Веј Инвесмент на Мијалков со уддел од скоро 11 милиони денари, што двојно помалку во споредба со удделот на Алек Теранова. Како управител на друштвото, пак, фигурира Дарко Дракуловски, кој е пријател со синот на Сашо Мијалков – Јордан, единствен сопственик на Бест Веј Инвесмент.

Историјатот на промени на друштвото открива дека Бест Веј Инвестмент станала содружник во Дивелоп Груп на средината на месецов, што е десетина дена откако компанијата на Мијалкови ја основале компанијата за игри на среќа Макс Бет, заедно со Србинот Марчета, како и со уште две физички лица како помали содружници – веќе споменатиот управител на Бест Веј Тозија и поранешниот јавен функционер Владимир Бахчовановски. Поточно, Бест Веј влегува во сопственичката структура на Дивелоп груп преземајќи го удделот на Орка Холдинг на бизнисменот Орце Камчев, кој, пак, го стекнал на крајот на минатата 2017 година. Откако Мијалков го зазема местото на Камчев во сопственичката структура во Дивелоп Груп, доаѓа до промена и на менаџерската позиција.

Во секој случај, кога Дивелоп Груп била основана пред 12 години, како сопственици се јавувале 3 компании со идентичен влог од 110.000 денари, при што само една од нив била домашна компанија, која имала седиште на иста адреса како и Дивелоп Груп – на ул 29 ноември во центарот на Скопје. Се работи за Импрегнал Инженеринг, основана од Ивановски во 2005 година, но кога згаснала во 2015 година сопственик и управител бил Иван Коцевски. Патем речено, една година по формирањето на Импрегнал Инженеринг, по спроведена стечејна постапка престанала да постои компанија со сличен назив формирана во далечната 1996 година – Имрегнал Александар, чиј сопственик е управител е Алек Теранова.

Покрај Имрегнал Инженеринг, косопственици на Дивелоп Груп првично биле Центроком ЛЛЦ, регистрирана во Вашингтон, САД, како и Интернационал Девелопмент Груп, со седиште во офшор дестинацијата Белизе. Па, нема никаква промена во сопственичката струткура во друштвото се до 2008 година, кога единствен сопственик станува уште една офшор компанија – Софраги Лимитед, регистрирана во Малта, која истата година го зголемува основачкиот влог од 330.000 на скоро 4 и пол милиони денари. Меѓутоа, на крајот на 2008 година, Софраги Лимитед отстапува од друштвото и единствен сопственик станува нејзината фирма-ќерка Т енд М Дивелопмент Гроуп, со седиште во Амстердам, Холандија, која во следната 2009 година го зголемува основачкиот влог од 4 и пол на 11 милиони денари, а подоцна истата година и до 33 и пол милиони денари.

ХОТЕЛ ВО СКОПЈЕ И ПЛАЦ ВО ОХРИД

Нова промена во сопственичката структура на Дивелоп Груп се случува дури во 2011 година, кога единствен сопственик станува Ивановски како физичко лице, кој воедно е управител на друштвото за време на цел период од основањето, кога се менуваат основачи и постојано се зголемува главнината на компанијата. Така, Алек Теранова стекнува право врз цел влог од 33 и пол милиони денари или половина милион евра, што го поставува прашањето дали тој стоел зад офшор компаниите што се менувале во сопственичката структура на компанијата? Или, пак, бил само покритие за друг или други лица, кои биле вистинските сопственици на компанијата, затскриени зад даночните раеви, кои освен што нудат разни финансиски олеснувања, го штитат и идентитетот на сопствениците?

Според официјалните податоци од надлежните институции, Ивановски бил единствен сопственик на Дивелоп Груп од 2011 се до крајот на 2017 година, кога косопственик на компанијата станува Орка Холдинг на Камчев со уддел од нецели 11 милиони денари, што е една третина од вкупната главнина. Половина година подоцна, удделот на Орка го презема Бест Веј Инвесмент, така што денес Ивановски поседува две тритини, а Мијалкови една третина од компанијата. Иако Ивановски формално е доминантен сопственик и долгогодишен управител на друштвото кога сопственици беа офшор компании, сепак, по влезот на Бест Веј во Дивелоп Груп нов управител на негово место станува Дракуловски, пријател на сопственикот на малцинскиот сопственик?!

Како и да е, со влезот во Дивелоп Груп, Мијалкови и официјално станаа (ко)сопственици на хотелот Мериот, изграден на самиот плоштад во 2016 година за сума од 40 милиони евра. Овој хотел од познатиот светски бренд Мериот може да се пофали со 164 соби и апартмани, вклучувајќи го и луксузниот претседателски апартман, големо лоби со хотелски ресторан, покриен базен со машина за пливање во место, џакузи, спа-центар, теретана, фитнес центар… Со изградба на хотелот, Скопје влезе на мапата Мериот интернешнал, кој е глобална водечка угостителска компанија со седиште во Мериленд, САД, со 500 хотели, а еден од нив е и барокната зграда во Скопје, која се вклопува во амбиентот на „Скопје 2014“.

Освен Мериот, со влезот во „Дивелоп груп Мијалков доаѓа и до дел од атрактивниот хотелски плац на охридското крајбрежје веднаш до Инекс Горица и Славија, за што претходно Општина Охрид го смени урбанистичкиот план и практично вгради градежна маркица во национален парк. Ова градежно земјиште се простира на речиси 16.000 квадрати, што компанијата го купи во 2011 за повеќе од милион евра на јавно наддавање или за околу 65 евра по квадратен метар. Тогаш беше најавено дека ќе се изгради објект од синџирот хотели „Small luxury hotels“ од 7.000 квадратни метри, со околу 100 соби со 200 легла, меѓутоа, за разлика од Мериот во Скопје, овој проект досега не се реализираше.

ОФШОР КОМПАНИИ ЗА ИЗВЛЕКУВАЊЕ И ПЕРЕЊЕ НА ПАРИ

Исто така, Дивелоп Груп во 2012 купи уште една градежна парцела по релативно ниска цена во близина на граничниот премин Богородица, кај меснота Смрека. Поточно, компанијата го купи земјиштето со површина од 16.244 метри квадратни за 250 денари од квадрат, што значи дека платила околу 4 милиони денари за цело земјише или 66 илјади евра. Како што е познато, во овој дел функционираат неколку големи хотели, во чии рамки функционираат познати казина, што ги поседуваат голем број на домашни, но и странски гости, пред се од соседна Грција поради тоа што се наоѓаат пред самата македонско-грчка граница. А, токму во овој бизнис влегува Мијалков со српскиот бизнисмен Марчета, чија компанија во Србија веќе поседува електронски казина и обложувалници.

За прв пат, Дивелоп Груп стана позната во јавноста откако на скопскиот плоштад ја подигна стаклената зграда каде денес се наоѓа седиштето на Македонски Телеком, чиј оперативен дирекор за време на владеењето на ДПМНЕ беше Жарко Луковски, кумашин на Мијалков. Имено, во 2011 година Дивелоп Груп му ја додели на Телеком оваа зграда проценета на 37,3 милиони евра во замена за три објекти во вредност од 21,1 милион евра, при што разликата од 16 милиони евра Телеком на Дивелоп Груп требаше да му ги исплати на 6 еднакви годишни рати. Арно ама, за да ја добие последната годишна рата од 3,1 милиони евра, Дивелоп Груп имаше обврска да изгради пристапа улица по кејот на Вардат до Телеком, што компанијата се обиде да го стори во пресрет на локалните избори минатата 2017 година, ама не успеа во намерата поради неповолните политички констелации.

Кога се говори за Ивановски, треба да се спомене дека тој е косопственик во компанијата Бет Ком, формирана во 2012 година, заедно со уште една добро позната офшор компанија – Ексико, која во земјава поседува атрактивен недвижен имот, уддели во компании и акционерски друштва итн. Првиот сопственик на Ексико (Делта Инвестент ЛТД) беше регистрирана на иста адреса во Белизе како и еден од првите косопственици на Дивелоп Груп – Интернационал Девелопмент Груп. Како што обвини СДСМ во улога на опозиција во 2014 година, Ексико е под контрола на братучедите Мијалков и Груевски, дотолку повеќе што луѓе кои биле дел од компанијата што првично ја поседувала Ексико се поврзуваат со бизнис активностите на Мијалков во Чешка.

Додека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се уште соработуваа како сложни браќа во владата, во 2014 година се обидоа да истуркаат пакет на уставни измени, кои, меѓу другото, предвидуваа формирање на слободни финансиски зони. Од денешна гледна точка, целта на формирањето на вакви бездруго беше најголемите бизнис-играчи во тогашната владејачка номенклатура да ги „инвестираат“ парите што во претходните години на нелегален начин ги извлекле од државава и буџетот, без притоа да им биде вршена контрола на потекло на капиталот. За среќа, тогаш не поминаа ваквите уставни измени, кои ќе овозможеа перење на црните пари, но, за волја на вистината, постојат индиции дека и сега се одбива вакво процес пред очите на институциите раководени од новата влада. Не случајно, Европската унија ја услови препораката за почеток на преговори со видливи и конкретни резултати во борбата против криминалот и корупцијата.

 

Како Ивановски своевремено демантираше дека Мијалков е вистински сопственик на Мериот
ОВА НЕ Е ЗЕМЈОДЕЛСКА ЗАДРУГА, СТРАНЦИТЕ ЗНААТ СО КОГО ПОТПИШУВААТ

 

При отворањето на хотелот Мериот во 2016 година, тогашниот единствен сопственик и управител на Дивелоп Груп, демантираше дека долгогодишниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков е вистински сопственик на компанијата и на хотелот. Според него, хотелот чинел околу 37 милиони евра, од кои поголем дел се капитал на Дивелоп Груп.

 

Ова не е земјоделска задруга, странците знаат со кого потпишуваат – изјави тогаш Ивановски, додавајќи дека Македонците треба да бидат горди на овој хотел, бидејќи Македонија влегува на хотелската мапа на светот.

 

Сепак, времето донекаде го демантираше Ивановски, со оглед дека две години подоцна Мијалкови стана косопственици на компанијата што управува со хотелот. Од Дивелоп Груп не одговорија на нашите прашања кои, меѓу другото, се однесуваа и на промените во сопственичката структура на компанијата.

Поврзани новости