(АРХИВА) Љубомир Јовески ќе го наследи Зврлевски?

by fokus

Текстот е објавен на 28.09.2017 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1147

Пишувала: Валентина ВУРМО

Со промената на власта, првиот човек на Обвинителството секогаш е прв на удар, а најчесто и со право, бидејќи, условно кажано, наместо да биде нивната ноќна мора и да им дише во врат, тој се смета за сојузник на дотогашната владејачка гарнитура.

Пред неодамна разрешениот Марко Зврлевски, по промената на власта, на сличен начин, со разрешување за нестручно и несовесно работење, им завршија и обвинителските кариери на неговите претходници Стеван Павлески, Ставре Џиков, Александар Прчевски, а единствено Љупчо Шврговски успеа да го истера целиот шестгодишен мандат.

Сепак, многу веројатно е дека тој се задржа на фотелјата цели шест години бидејќи за целото негово шефување, од 2007 до 2013 година, немаше промена на владејачкиот партиски тим. Но, иако имаше можност, Шврговски не се кандидираше за втор мандат, туку ѝ се посвети на адвокатурата.

И додека доскорашниот прв човек на Обвинителството, Зврлевски, се мисли дали да оди во адвокати, во процедура е избор на негов наследник.

Три дена пред истекот на рокот за пријавување, кој завршува утре, претседателот на Собранието Талат Џафери ни посочи дека досега во законодавниот дом пристигнале десет кандидатури.

Иако нивните имиња сѐ уште се чуваат во тајност, дел од кандидатите јавно признаа дека имаат амбиција да застанат на чело на обвинителството. Како што дознава „Фокус“, меѓу нив е и еден кандидат, за кој јавноста немаше информација дека воопшто ќе влезе во трката, а важи за главен фаворит. Неговото име е Љубомир Јовески.

ТИВОК И СМИРЕН, НО ПРОФЕСИОНАЛЕЦ

Шеесет и тригодишниот Јовески е непознат за пошироката јавност, но е познат и почитуван од неговите колеги. Во моментот го довршува својот двегодишен мандат во Советот на јавните обвинители, а претходно бил еден од десетината заменици на Зврлевски.

Неговите поранешни и сегашни соработници го опишуваат како голем професионалец, кој веќе четврта деценија работи во правосудството. Велат дека е тивок и смирен, но знаел и да избувне, кога тоа од него го бара професијата.

Од она што успеавме да го дознаеме за него е дека е роден во Прилеп, во 1954 година. Неговото прво вработување, било во 1979 година, како приправник во Секретаријатот за правосудството на Социјалистичка Република Македонија. Во тој период работел на молби за условен отпуст поднесени од осуденици. Работните задачи ги извршувал во Управната зграда на затворот „Идризово“. Потоа станува советник инспектор за извршување санкции.

По неколку години е избран за судија во Општинскиот суд, од 1995 до 1996 година е заменик на претседателот на судот, а набргу станува и вршител на должноста претседател на судот.

Во 1996 година, пак, бил избран за судија на Основниот суд Скопје 2. За неговиот избор рака кренале 72 пратеници, а никој не бил против или воздржан. По седум години судиска кариера, станува обвинител, односно во Собранието е избран за заменик на јавниот обвинител. Овојпат за неговиот избор гласале 75 пратеници, против немало, а еден бил воздржан. Оттогаш, веќе 14 години ја извршува обвинителската функција.

На крајот на 2015 година, пак, е избран за член на Советот на јавните обвинители и тоа од страна на своите колеги од целата држава, кои го бираат членот од своите редови.

Тој во еден период бил и претседател на Управниот одбор на Академијата за обука на судии и обвинители.

„Фокус“ стапи во контакт со Јовески, кој ни дополни неколку податоци од неговата биографија, бидејќи таа не може да се најде на интернет.

Го прашавме и дали е спремен да седне на обвинителката фотелја и што е она со што треба најпрвин да се зафати новиот државен обвинител.

– Обвинителството е во многу тешка ситуација, па најпрвин треба да се врати угледот. Најважно од сѐ е дека треба да се работи согласно законските прописи и никако поинаку, вели Јовески за „Фокус“.

Го прашавме и што мисли за препораката Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да се припои кон Републичкото јавно обвинителство.

Оваа идеја не ми е туѓа, но сметам дека сѐ уште е рано да се коментира на оваа тема. За да се реализира, потребно е да се направат законски измени, што и не е толку едноставно. Сепак, можам да кажам дека идејата е прифатлива, вели Јовески.

МЕЃУ КАНДИДАТИТЕ ЗАСЕГА ИМА И ЕДНА ЖЕНА

Негови противкандидати, за кои е познато дека поднесоа кандидатури, се адвокатите Звонко Давидовиќ и Александар Наков, универзитетскиот професор Сејфула Османи, како и нотарката Лорија Ваневска. Адвокатот Александар Тортевски, пак, ни посочи дека до петок ќе размисли дали да ја поднесе својата кандидатура.

Досега 16 мажи го водеа Јавното обвинителство, време е работите да се сменат, вака нотарката Ваневска ја најави својата кандидатура. Таа смета дека обвинителството располага со квалитетен кадар кој треба да се остави да работи без политички притисоци.

– Политиката и политичарите треба да ги тргнат своите раце од третата власт, а тука спаѓа и јавното обвинителство и судовите. Доколку се остават професионалците да го работат она што треба да го работат, значи да го гонат криминалот, да го процесуираат и да го казнуваат, и ако нема мешање од страна на политичарите, во тој случај сметам дека нема да има никаков проблем да се спроведува правдата, вели Ваневска.

И за универзитетскиот професор Османи е важно обвинителството и судството да се ослободат од притисоци.

Треба да се деполитизира обвинителството, но, сепак, внатре во обвинителството има и лица кои се професионалци поради тоа што имаме и многу добри обвинители на кои треба да им се даде можност да го искажат тоа што можат да го направат. Жал ми е што претходникот направи некои движења кои можат да се детектираат и од еден правник од Правниот факултет, вели Османи.

Меѓу кандидатите има и адвокати, кои секојдневно се соочуваат со слабостите на третата власт.

Мислам дека крајно време е да се средат работите и судството да застане на свои нозе. Падна на испитот. Во моментов мислам дека е погоден политичкиот амбиент за судството да се извлече од канџите на политиката, а обвинителството да си ја врши својата работа, вели адвокатот Давидовиќ.

Неговиот колега Наков, кој е и поранешен јавен обвинител и судија, вели дека овој неред во судството кој што трае со години, мора да се реши.

Мора да се почне од почеток, но потребен е тим од луѓе кои ќе се фатат во костец со предизвикот. Многу работи се оставени и треба да се почнат од почеток. Но, морам да кажам дека за тоа треба тим и никој не може сам да го реши тоа, вели Наков.

НОВ РЕПУБЛИЧКИ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ОКОЛУ НОВА ГОДИНА

На 14 септември, Собранието го распиша огласот за избор на републички јавен обвинител, кој е отворен до петок, бидејќи рокот за пријавување е 15 дена.

Откако кандидатите ќе се пријават, Советот на јавните обвинители дава мислење по предлогот на владата за именување на јавниот обвинител. Според законската процедура, во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до владата, Советот доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно законот. Во случајот, ова би значело дека Советот ќе треба да се произнесе непосредно пред изборите.

Ако не се произнесе во овој рок, течат нови 15 дена. Доколку и тогаш не се изјасни, тогаш се смета дека мислењето на Советот е позитивно.

Бидејќи Советот во кој моментално член е и Јовески, ќе треба да даде позитивна или негативна оценка и за него, за дел од стручната јавност ова е спорно, но Јовески вели дека нема пречка, бидејќи тој нема да присуствува на овие седници, што значи дека нема да се оценува ниту себе си, ниту останатите кандидати.

Тој додава дека спорно би било доколку Советот го избира државниот јавен обвинител, но бидејќи тој дава само оценка, а Собранието го избира, според него, нема никакви пречки.

Владата, пак, до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител само од пријавените кандидати за кои Советот дал позитивно мислење. И потоа следува собраниската процедура, односно неговото гласање. Доколку се оди без пречки, новиот шеф на обвинителството би можел до Нова година да седне на обвинителската фотелја.

Доколку Советот за ниту еден од кандидатите не даде позитивно мислење, тогаш владата нема право да поднесе предлог кандидат, туку може само да му предложи на Собранието да го повтори огласот, по што повторно ќе почнат роковите од 15 дена за изјаснување на Советот, па изборот да се пролонгира до бескрај.

Во тој случај, неговата работа ја врши обвинител, кој го определува Советот на јавните обвинители.

Сепак, очекувањата се дека по завршувањето на локалните избори, веднаш ќе биде избран наследникот на Зврлевски.

Кога неодамна го прашавме премиерот Зоран Заев, како го гледа наследникот на Зврлевски, бидејќи сепак ќе биде предложен од Владата, тој ни одговори:

– Очекувам јавно да се кандидираат експерти и политичко независни личности вклучително и од јавнообвинителската фела, изјави неодамна Заев за „Фокус“.

НОВИОТ ОБВИНИТЕЛ ЌЕ СЕ МЕНУВА ПО ДВЕ ГОДИНИ?!

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ неодамна побара отсега јавниот обвинител да се избира по предлог на опозицијата, и наместо со просто мнозинство, да биде избран со двотретинско мнозинство. Премиерот Заев, пак, неговиот предлог го оцени како лицемерен, истакнувајќи дека сега на Македонија и е потребно спроведување на реформите и да се најде најдобриот експерт кој може да биде избран за државен обвинител. Сепак, тој додаде дека тие веќе ветиле дека по втората година од мандатот на обвинителот, јавен обвинител ќе се избира на предлог на опозицијата.

Можеби ова би било соодветно решение во иднина, бидејќи речиси сите поранешни обвинители досега беа врзувани со владејачката партија. Оттука е позната и изјавата на поранешниот јавен обвинител Александар Прчевски од 2006 година, кој беше избран во 2003 година:

Јас сум веројатно последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител.

Тој тогаш појасни дека со предлогот државниот јавен обвинител да го избира Собранието по предлог на Владата, ќе продолжи досегашната практика по смената на власта незаконски да се менуваат и обвинителите затоа што се или не се припадници на одредена партија.

Државниот обвинител повторно ќе биде на ветрометина и со смената на власта ќе остане на улица. Ако се усвои ова решение веројатно веќе никој нема да сака да ја прифати оваа функција, а јас веројатно сум последната будала што ја прифатила, рече во 2006 година Прчевски.

Така и беше. Тој беше сменет по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, но по него на оваа функција се нафаќаа и други „будали“.

Аргументите на ВМРО-ДПМНЕ тогаш беа дека смената на Прчевски е почеток на менувањето на работите во позитивна насока.

Но, и по една деценија, работите никако да тргнат во позитивна насока, се разбира освен за владејачката гарнитура, која во своето долгогодишно владеење не беше чепната со прст.

Затоа сега сите погледи се вперени кон новиот републички јавен обвинител, односно дали тој конечно ќе успее да го изведе обвинителството на вистинскиот пат?

Фаворитот Јовески го има потребното знаење и искуство, а останува да се види дали ќе има и образ за да остане професионален и независен, за обвинителството да тргне во вистинската насока, во борба против криминалот и корупцијата.

ДОСЕГА СЕ СМЕНИЈА 16 РЕПУБЛИЧКИ ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

Перо Коробар, Кирил Миљовски, Никола Вражалски, Лазар Мојсов, Димо Кантарџиски, Јован Дуковски, Панта Илиев, Боро Догаџински, Јордан Јордановски, Марко Бундалевски, Јован Трпеновски, Стеван Павлески, Ставре Џиков, Александар Прчески, Љупчо Шврговски и Марко Зврлевски се имињата на досегашните македонски јавни обвинители од 1945 година до денес, според податоците што ги објавува Јавното обвинителство на Република Македонија.

ЗВРЛЕВСКИ ЕДНА ГОДИНА НА АПАНАЖА

Откако беше разрешен од Собранието, Зврлевски не е дел од обвинителската фела. Бидејќи беше разрешен поради нестручно и несовесно работење, нема право да се врати на претходното работно место, во случајот во Скопското јавно обвинителство, за разлика од сите останати обвинители на кои законски им истекол мандатот.

Дел од неговите колеги, поранешните републички јавни обвинители, како, Шврговски и Павлески, станаа адвокати, па затоа го прашавме и Зврлевски дали планира да се префрли од другата страна, односно отсега да ги брани обвинетите од обвинителите.

Сѐ уште не сум одлучил, во моментот сум на апанажа, па затоа имам време да размислам, одговори Зврлевски за „Фокус“.

По неговото разрешување на 17 август, поранешниот прв човек на обвинителството до собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата поднел барање за апанажа, која му следува во рок од една година.

Доколку Зврлевски одлучи да премине во адвокати, тоа нема да биде новина за него, бидејќи според податоците од неговата биографија, во периодот од 1998 до 2000 година бил адвокат во областа на казненото право. Тој кратко време работел и како новинар во Македонската радио телевизија. Сепак, поголемиот дел од кариерата ја посветил на јавнообвинителската работа.

Поврзани новости