АРХИВА Колку Мирки Велиновски има во државата, па полицијата не може да ја доведе во судот како обвинета за клевета?

by Fokus

Текстот е објавен на 13 јануари 2012 во неделникот „Фокус“ во бројот 863

Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА

Со еден потег се избриша шминката на власта. Се покажа дека залудно трошење време биле преговорите меѓу Здружението на новинари на Македонија и Владата за декриминализација на клеветата. На два дена пред објавувањето на европскиот извештај за напредокот на Македонија, во октомври, Владата масовно се состануваше и преговараше со претставниците на ЗНМ. Сите амбициозно и посветено дискутираа за тоа како да напредува слободата на говорот, како да им се дадат одврзани раце на медиумите и да се тргнат од канџите на политиката.

Навистина, за малку ќе поверувавме во искрените намери на дијалогот, сѐ додека опозицискиот пратеник и претседател на Либералната партија, Ивон Величковски, не поднесе иницијатива за промени во Кривичниот законик за декриминализација на делата навреда и клевета. Ете тогаш, кога пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева рече дека новинарот не само што треба кривично да одговара за клевета, туку и да остане без работа, се симна владината маска за искрени реформи во напредокот на слободата на говорот. А има и зошто. Затоа што не важат за сите истите аршини. Ако се декриминализира клеветата, тоа ќе треба да важи и за Латас и за Јадранка Костова, и за Бичиклиски и за Емилијан, и за Иво Котевски и за Макрадули, и за Мирка… А зошто би го правеле тоа, кога сега, судовите судат токму според теркот на власта. Исто дело – различен аршин, во зависност од тоа кој седи на обвинителна клупа!

ДУРИ НИ МИРКА НЕ Е ЕДНА!

Владимир Милчин, директор на Фондацијата „Сорос“, го тужи Латас од 2009 година. Еве што се случува. На 22 февруари рочиштето се одложува поради паѓање на компјутерскиот систем. Во април, Латас не се појавува, бил на службено патување. Во септември, се бара време за да се обезбедат докази. Во ноември, Латас и сведокот Ивона Талевска не се појавуваат. Во јануари 2011 година, Латас е на службено патување. Во мај, не се појавува. Во јуни, не се појавува поради неуредна достава. Во септември, судијката е болна и рочиштето не се одржува. Во ноември, Латас и неговата адвокатка Анита Бегова се на друго судење. Во декември, Латас не се појавува, а Бегова е болна. И така, поминуваат повеќе од две години. Уште толку, и предметот ќе застари.

Еве и втор случај. Жарко Трајановски, активист за човекови права, ја тужи Мирка Велиновска во јануари 2010 година. Во март се одложува – Велиновска е неуредно викана. Истото се случува и во мај. Во септември, се чека одговор од МВР за тоа каде живее Мирка Велиновска. Во ноември,  МВР одговора дека постојат повеќе лица со исти генералии, па не можат да ја најдат! И така, до ноември минатата година. Колку Мирки Велиновски постојат, не се знае, но таа вистинската точно две години е недостапна за полицијата и за судот!

И не е таа единствената мистериозна личност која како да пропаѓа во земја кога станува збор за доаѓање на рочишта. Кога опозиционерите поднесуваат тужби за клевета, ниту судот, ниту полицијата не може да ги донесе на обвинителна клупа функционерите и партиските активисти од владејачката партија.

Како што веќе објавивме, Јани Макрадули од СДСМ повеќе od три години се влече по судови. За клевета ги тужи Иво Котевски, портпаролот на МВР и Александар Бичиклиски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ. Но, двајцата не се појавуваат пред судот – никој не може да ги најде! Тужбите наскоро ќе застарат, а Котевски и Бичиклиски ќе успеат да се протнат низ законот.

– Единствен пат кога Котевски се појави пред судот беше пред изборите годинава. Претходно, МВР не можеше да го најде, ниту на работа, ниту пак дома. А, за Бичиклиски, да не зборувам. Точно две ипол години судот не може да го лоцира. Никогаш не е побарано стражарно приведување. Од друга страна, пак, мене лани за Стара нова година во 20 часот ми се појави полиција на врата, за да ми врачи покана за на суд. Претходно, низ Собрание ме бркаа за да ми ја дадат поканата. Но, очигледно, не важат за сите истите аршини – вели Макрадули.

Исти дела – различни аршини. Се поставува прашањето, како е можно, две години полицијата да не знае која Мирка Велиновска ја бара, а за други, судот да носи пресуди во отсуство, по само едно одржано рочиште?

Тања Милевска, поранешната дописничка на А1 од Брисел, неодамна беше осудена во отсуство на казна од 500 евра, по само едно нејзино непојавување пред судот, иако нејзиниот бранител имал доставено поднесок дека е зафатен со друго судење во истиот термин. Но, тоа не беше доволно образложение за судијката Милка Васевска-Ангеловска на огласната табла на судот да ја закачи пресудата против Милевска, која само еднаш не се појави на рочиштето!

ТУЖИТЕЛОТ ДОКАЖУВА ДЕКА Е НЕВИН?!

За подобра илустрација на горенаведеното, ќе земеме уште неколку примери за селективноста на правдата. Иако станува збор за клевета и за навреда, едни од полесните кривични дела, сепак во игра влегуваат рекетот, психосоматските нарушувања, астрономските суми за нарушување на угледот, повреди во постапките, успешно избегнување на рочиштата.

Сопственикот на базенот „Бисер“, Александар Маниќ, повеќе од три години се тужи со уредникот на Сител, Драган Павловиќ-Латас, поради тоа што на телевизијата било објавено дека тој не плаќал кирија и се занимавал со криминални активности. Латас бил ослободен од обвинението, Апелацискиот суд го вратил предметот на повторно разгледување и сега судењето почнува од почеток. Во ноември предметот ќе застари, а Латас во последниве три години само еднаш се има појавено на рочиште, и тоа кога судијката била сменета. Стражарно приведување никогаш не било побарано!

– Прво го ослободија Латас со образложение дека јас не сум успеал да докажам дека сум плаќал кирија. Тоа беше шоу во судницата. Наместо обвинетиот да докажува, јас докажував, носев изводи од банка кои судот не ги прифати како доказ – вели Маниќ.

Непојавувањето на обвинетиот на рочиштата е една од главните причини за нивно одложување, велат од Коалицијата за правично судење.

– Следевме 350 рочишта, од кои 106 беа одложени поради отсуство на обвинетиот, што е речиси 37 отсто. Стражарно приведување не беше побарано ниту еднаш. Нашата главна препорака е да се почитуваат одредбите на Законот за кривична постапка, со цел да се избегнат главните слабости што доведуваат до неодржување на рочиштата. Освен тоа, нашето барање е и да се промени системот, односно одговорноста за клевета да почнува од правното лице, па понатаму на главниот уредник, па кај новинарот, според хиерархија – вели Александар Блажески од Коалицијата за правично судење.

Според информациите на „Фокус“, во тужбите за клевета голема улога игра и рекетот. Преку познаници, браќа, сестри, се изнудува рекет со цел да не биде поднесена тужба. Ако рекетот се одбие, тогаш во судницата се води жестока битка за енормни отштети. Се оди до крај, за финансиски да се уништи „противникот“. Но, главната причина поради што некој одговора пред законите, а некој не, сепак, е непојавувањето на рочиштата. За некого тоа се толерира, а за некого се носи пресуда во отсуство.

Да потсетиме. Судењата можат да се одржат дури и ако обвинетиот не се појави на рочиштето. Истиот може да биде осуден во отсуство. Може и да се побара стражарно приведување. Но, додека на адресата на одредени критички настроени новинари или опозиционери се редат пресуди со енормни суми, омилените новинари на власта и нејзините функционери уживаат во нивната недостапност, со благослов на судот. Кој ли е критериумот за ваквиот двоен аршин, не е тешко да се разбере.  Ете, затоа не треба да се чудите зошто судството е рак рана за Македонија!

РАМКА 1:

Собраниска дебата

ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈАТА Е НЕУСТАВНА?!

Кога дочекавме да ја видиме иницијативата за промени во Кривичниот законик за декриминализација на делата навреда и клевета, го видовме и вистинското лице на власта. За ВМРО-ДПМНЕ, неуставно би било да се декриминализира клеветата, бидејќи новинарите би биле ставени во привилегирана положба.

– Разговараме за систем кој е сомнителен уставно и ги става во нееднаква положба новинарите во однос на другите граѓани. Не може обичен граѓанин да одговара за клевета, а новинар не. Знаете ли вие дека во Шведска, ако новинар наклевети, ќе се извини на насловна и ќе го избркаат од работа? – рече Бонева на последната собраниска седница за законските измени.

Расправата на Бонева продолжи дури агресивно, по што потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев ѝ порача малку да се потсмири. Опозицијата се спротивстави:

– Грешна теза пласирате, никој не вели да не одговараат новинарите, но тие одговараат со илјадници евра во сомнителни судски спорови. Велите новинарите да летаат од работа? Знаете кога ќе ви верувам? Кога вие ќе застанете на оваа иста говорница и ќе побарате Иво Котевски да престане да работи како портпарол, поради лагите кои ги кажа за смртта на Мартин Нешкоски– рече Емилијан Станковиќ од СДСМ.

Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ беше дециден, дека слободата на изразување носи одговорност и дека треба да подлежи на соодветни санкции!

РАМКА 2:

Пресуди од ракав

ГЕРОСКИ ОСУДЕН, А НЕ ЈА НИ ВИДЕ ИВОНА!

Бранко Героски, заменик на главниот уредник на „Фокус“, на Ивона Талевска од телевизија Сител треба да и плати отштета од 250.000 денари. Пресудата се базира на психијатриско вештачење на Талевска, кое и било направено две години откако ја поднела тужбата. Во жалбата до Апелацискиот суд, Героски ги потенцира слабостите што се случувале за време на судењето.

„Нема ниту една медицинска белешка, ниту еден доказ дека тужителката побарала медицинска помош, дека измерила притисок, дека се напила апче – ништо нема, апсолутно ништо! На последното рочиште на 28.09.2011 година, кога беше донесена пресудата, се разгледа вештачењето и бидејќи стануваше збор за материја од стручен карактер, побарав истото да се стори во присуство на мојот бранител, кој беше отсутен поради зафатеност со притворски предмет. За жал, дури и тоа мое барање беше одбиено. Со тоа, судот изврши уште една повреда на постапката, оневозможувајќи ми квалитетна одбрана. Јас не добив ниту една прилика да ја видам тужителката Ивона Талевска и да ѝ поставам било какво прашање. Тоа ли е праведна постапка? Дали само во филмовите го има тоа на судењата да се среќаваат двете страни, да изложуваат аргументи, да се докажуваат? Дали мене навистина нешто не ми е јасно?“, пишува Героски во жалбата до второстепениот

Поврзани новости