АРХИВА: Кој и зошто сакал да го убие Али Ахмети?

by Фокус

Текстот е објавен на 21.04.2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1072

Според информации на „Фокус“, минатата година е отворена истрага поради закани кон коалициските партнери во власта, поради што се усвоени и заклучоци од страна на Советот за безбедност. Добро упатени безбедносни извори велат дека групата предводена од Бег Ризај и Мирсад Ндрецај од Дечани, убиени во Диво Насеље во Куманово, инаку блиски до Рамуш Харадинај, долг период се обидувале да рекетираат високи функционери од ДУИ, па освен што го гранатираа партиското седиште во Мала Речица, се обиделе да извршат атентат врз лидерот Али Ахмети во 2014 година на патниот премин Стража. Нашите соговорници велат дека нивни дела се нападите врз полициските станици во Тетово и Куманово, на владината зграда на Илинденска, но и на караулата во Гошинце, што значи дека атакувале и врз државни цели и институции. По настанот во Диво Насеље, кога групата беше разбиена, заканите се префрлуваат врз Груевски од страна на роднини, пријатели и истомисленици на ликвидираните и уапсените лица во Куманово, кои, како што неофицијално дознаваме, веќе имале еден обид за одмазда на убиените или за извлекување на притворените

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на сите за кои се води истрага и се обвинети за аферата за прислушувањето, како и за кривичните дела што произлегоа од прислушуваните материјали, само дополнително го разгори и онака зовриениот политички котел. На тој начин, уште толку се исцртаа линиите на политичката, ама и на граѓанска поделба и конфронтација, па дури и се зголеми опасноста од безбедносна дестабилизација во земјава.

Во обид да ја образложи ваквата одлука, да ги ублажи критиките на своја сметка и да ги смири тензиите, Иванов изјави дека ја донел оваа одлука без консултација со ниту една партија, водејќи се исклучиво од државните интереси и дека неговата цел била национално помирување и конечно надминување на политичката криза на избори, на кои, според неговото видување на нештата, сите ќе имаат иста стартна позиција да извојуваат победа.

Со тоа, тој практично порача дека приоритетна е политичката битка, која ја релативизира реалноста дека постојат оправдани сомнежи и се обезбедуваат докази за инволвираност на високорангирани државни функционери во криминогени активности. И токму во време кога имаше информации дека Уставниот суд ќе отвори постапка за испитување на уставноста на СЈО, шефот на државата ја суспендираше неговата работа, но, како што рече тој, тоа е само привремено до изборите.

Па, ваквата одлука на шефот на државата во очите на народот може да има две дијаметрално спротивни интерпретации. Првата е дека многумина политичари се безбедни од опасноста да бидат притворени и осудени и така засекогаш да заврши нивната политичка кариера. Од друга страна, пак, оваа одлука ги означи како веќе осудени криминалци, со оглед на тоа што со претседателскиот акт тие не добија можност да ја докажат својата невиност. Затоа, нејасно е дали „аболицираните“ нема да се појават на следните избори, кога и да се одржат, или напротив – сега им се отвори патот непречено да влезат во изборната трка.

Како и да е, голем дел од експертската јавност и меѓународната заедница го осуди овој потег на првиот човек во државата, бидејќи го урнал уставно-правниот поредок и го загрозил принципот на владеење на правото. За опозицијата нема дилеми дека целата операција е координирана меѓу ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на државата, за да се осигури слободата на осомничените вмровци, бидејќи во спротивно системот може да се распадне како кула од карти. Најголемата владејачка партија, пак, изрази фрапираност од одлуката на претседателот кој сами го предложија, бидејќи ги амнестирал главните виновници за нелегалното прислушување, од каде што почна целата криза.

ОБИД ЗА АТЕНТАТ

Во врска со сето тоа, висок функционер во претседателскиот кабинет тврди дека идејата на Иванов за окончување на кризата со аболиција датира уште од почетокот на минатата година, набргу по објавувањето на „бомбите“, но тогаш Груевски ја одбил, по што тргна во офанзива против Заев. Затоа Иванов наводно сега на своја рака одлучил да спроведе сеопшта аболиција, во што никој не верува на прв поглед, од проста причина што ако навистина е така, се јавува дилемата зошто ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред ваквата одлука го смени законот со цел и изборниот криминал да може да биде помилуван. Плус, се поставува и прашањето зошто владејачката партија не се приклучи кон иницијативата за импичмент?

Како и да е, Иванов барем делумно го сврте вниманието на друга страна од сите критики, дилеми и прашања отворајќи една друга тема – заканите за физичка ликвидација на двајца политички лидери. Имено, иако тој одби да ги открие нивните имиња, да го лоцира изворот на заканите и да ја идентификува нивната природа, сепак, Имер Алиу од ДПА веќе обелодени дека станува збор за владејачките партнери Али Ахмети и Никола Груевски, кои, како што напиша Алиу на Фејсбук, биле под закана по кумановските настани.

Според информациите до кои дојде „Фокус“, се работи за голем архивски предмет за постојани и директни закани до двоецот Ахмети – Груевски. Притоа, истрагата е отворена минатата 2015 година, откога се потврдени податоците за закани преку домашните безбедносни служби, но и преку размена на информации со блиските служби од соседството и пошироко. Исто така, усвоени се и заклучоци на Советот за безбедност и изработени се акти и извештаи, кои се испратени и до други соодветни корисници на информации, со цел сузбивање на заканите и превенција на можните опасности.

Нашите соговорници велат дека Ахмети бил главна мета на заканите од припадниците на групата која беше неутрализирана во кумановската населба Диво Насеље во мај минатата година, така што дел од припадниците беа убиени, а поголем дел уапсени. До овој немил настан, во кој загинаа и 8 припадници на македонската полиција, а над 30 беа ранети, лидерот на ДУИ и други високи функционери на „интегративците“, посредно и индиректно добивале закани дека ќе бидат ликвидирани, доколку не им исплатат пари. Всушност, станува збор за класичен рекет.

Дека заканите не биле обичен блеф, говорат потврдените сознанија од неколку извори дека оваа група имала и обид за атентат врз Ахмети во август 2014 година, на превојот Стража, кога биле испукани неколку куршуми во предниот дел на неговото возило марка „мерцедес“. Поради тоа, тој ги зголемува мерките на безбедност, па почнува да се вози во едно од трите блиндирани возила што ги користел уште од 2001 година, со кое, за потсетување, се заби на патарина пред Тетово едно магловито зимско утро во јануари минатата 2015 година, зашто неговиот возач сѐ уште се прилагодуваше на новиот автомобил. Веднаш потоа, Ахмети го зголемува и обезбедувањето, вклучувајќи тројца обезбедувачи од Единицата за брзо распоредување во МВР.

НАПАД И ВРЗ ДРЖАВНИ ЦЕЛИ

Како што е познато, најголем број од припадниците на оваа група своевремено учествувале во воените дејства на Косово, ама и во воениот конфликт во земјава во 2001 година. Оваа група беше составена претежно од луѓе што потекнуваат од косовската општина Дечани, каде што еден од водачите на групата, Бег Ризај, беше погребан со високи почести по неговото убиство во Диво Насеље. Истовремено, церемонијата не беше во приватна организација, туку во организација на општинските власти, што предизвика многу прашалници како може човек кој домашните органи го оквалификувале како терорист да биде погребан со официјални почести во соседна држава?!

Можеби одговорот се крие во фактот што Дечани е една од малкуте општини во владение на Алијансата за иднината на Косово, предводена од некогашниот командант на ОВК и хашки притвореник Рамуш Харадинај, кој потекнува токму од ова место, исто како и припадниците на групата разбиена во Диво Насеље. До последните локални избори во Косово кон крајот на 2013 година, партијата на Харадинај имаше локална власт во уште неколку општини, меѓу кои и соседната Ѓаковица, каде што дотогаш шефуваше актуелниот пратеник од неговата партија Пал Лекај.

Имајќи предвид дека Ѓаковица е поголема, повлијателна и побогата општина, со губењето на оваа локална самоуправа во тесна битка од партијата на милионерот Беџет Пацоли, Алијансата на Харадинај губи голем дел од политичкото влијание, но и средствата со кои се финансира. Автоматски, така и групата на Ризај губи значителен извор на финансирање, кој, како што тврдат познавачите, дотогаш бил многу продуктивен. За возврат, тие работеле во интерес на партијата на Харадинај, особено во предизборните периоди.

Арно ама, услугите на оваа група ги користеле и партиите на Албанците во земјава, пред сѐ ДУИ, која има создадено блискост и изградено контакти со овие лица уште во конфликтот пред 15 години. Упатените велат оти овие лица за последен пат биле ангажирани на двојните парламентарни и претседателски избори во 2014 година, по што останале без ангажман во земјава. Немајќи пари од македонските партии, откако веќе секнал вентилот и во Косово, тие почнуваат да го рекетираат Ахмети и неговите сопартијци, при што заканите се упатувале телефонски кон роднини и пријатели на „интегративците“.

Откако нивните усни закани не ја постигнале целта, тие почнале да преземаат поконкретни дејства на терен, за да ја покажат својата сериозност. И покрај тоа што полицијата никогаш не ги откри виновниците, полициски извори велат дека токму тие биле главни осомничени за нападот на седиштето на ДУИ во Мала Речица, на полициските станици во Тетово и Куманово и на владината зграда на Илинденска. На крајот, последно предупредување беше нападот на караулата во Гошинце, за што не постои и најмала неизвесност кој стои зад тоа, имајќи предвид дека јавно одговорност презеде Мирсад Ндрецај, уште еден од убиените во кумановско Диво Насеље.

ОДМАЗДА ИЛИ ОСЛОБОДУВАЊЕ

Хронолошки гледано, така се редеа настаните, сѐ до немилите настани во Диво Насеље, што очигледно е планирано и темпирано од страна на македонските власти баш за викендот 9-10 мај, 2015 година, поради што и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, по сугестија на службите, мораше да го помести партискиот конгрес една недела порано. Но, тука не завршува целата приказна, бидејќи според неофицијални информации, роднини, пријатели и истомисленици на групата од Дечани неодамна имале обид илегално да влезат од Косово во земјава низ липковскиот регион. Патем речено, претпоставките одат во насока дека тие сакале да киднапираат припадници на македонските безбедносни органи кои би ги разменувале за уапсените, или, пак, буквално да ги ослободат своите со вооружен напад на затворите.

Каква и да била нивната намера, македонската полиција го осуетила нивниот обид и тие биле веднаш истерани назад на косовска страна. Откако до некои медиуми протече информација дека полицијата се справувала со терористи на границата, од МВР се обидуваа да ја убедат јавноста дека се работи само за зголемено полициско присуство во критичен граничен регион. За да не се шири паника меѓу населението, од таму вниманието го насочуваа кон мигрантите, кои се обидуваат илегално да ја минуваат јужната и северната македонска граница, поради тоа што веќе им е забранет слободниот проток по одлуката на членките на ЕУ дека повеќе нема да ги примаат во своите држави.

Од аспект на мигрантската криза, сите веродостојни сознанија говорат оти главната опасност не доаѓа од мигрантите, и покрај сомнежите дека дел од лицата што ги извршија терористичките напади во европските метрополи ја користеле балканската рута за да стасаат до таму, туку од структурите што го овозможуваат илегалниот проток на мигрантите. Македонските служби веќе документирале неколку екстремно левичарски и анархистички движења и организации, вмрежени во неколку држави, со центар на финансирање во Лондон и во Франкфурт, кои, поради нивните глобалистички и антимилитаристички гледишта, го помагаат и го стимулираат илегалниот премин на мигрантите. Тие имаат свои филијали и соработници во Грција, но и во Македонија, па токму поради логистиката што им ја овозможуваат и опремата што им ја нудат мигрантите, успевале да стасаат до Демир Капија и до Кавадарци, каде што ги пронаоѓа македонската полиција и веднаш ги враќа на грчка страна.

Врз основа на тоа, зголеменото присуство на полицијата во Липковско не беше поради мигрантите, туку поради вооружена група која сакала илегално да ја мине границата и да ги ослободи уапсените од Диво Насеље, или, пак, да ги одмазди убиените, сеедно. Тие своевремено соработувале со партиите на Албанците во земјава, но во меѓувреме плодната соработка прекинала и пријателите станале омразени противници, кои почнале меѓусебно да комуницираат и со куршуми. Но, очигледно и по обезглавувањето на групата нејзини реликти, сѐ уште се активни и не го кажале последниот збор, поради што дел од политичката елита стравува за својата безбедност, а безбедносните органи од повторно соочување.

 

Откако Иванов ја начна темата
ДПА ГИ ОТКРИ ИМИЊАТА, А ДУИ ГИ ПОТВРДИ

Откако претседателот Ѓорге Иванов обзнани дека имало закани за ликвидации на двајца политички лидери, Имер Алиу, пратеник од ДПА и еден од најблиските соработници на партискиот лидер Мендух Тачи, на Фејсбук напиша:

Иванов изјави дека за двајца лидери на политички партии има закани за физичка ликвидација. Да не се создаде погрешен впечаток, Никола Груевски и Али Ахмети се двете личности кои се загрозени од страна на разни структури по случајот во Куманово. Ова беше истакнато на последниот состанок на Советот за безбедност на кој присуствував…“.

Артан Груби, шеф на кабинетот на Ахмети, го потврди тоа што го кажа Алиу, изјавувајќи за дел од медиумите дека неговиот лидер прима закани за ликвидација повеќе од една година.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, не ги коментираа информациите за закани кон Груевски.

 

Спасовски демантираше присуство на терористи
ЗГОЛЕМЕНО ПРИСУСТВО НА ПОЛИЦИЈАТА И РУТИНСКИ КОНТРОЛИ

Превентивно е зголемено присуството бидејќи навистина во овој период имаме сериозни предизвици кои се и ризици за безбедноста и во Македонија, но и во регионот. Има бегалска криза и во рамките на сите овие активности МВР е со зголемено присуство овде во кумановскиот и во скопскиот регион, сѐ со цел да се обезбеди поголема сигурност за граѓаните и поголема стабилност на РМ. Не би сакал да се создава фама или страв кај населението поради тоа што навистина нема потреба“.

Ова го изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, при посетата на полициската станица во липковското село Матејче, еден ден по лиферувањето на информации дека полицијата блокирала приоди и претресувала објекти во неколку липковски села, поради сознанијата дека терористичка група навлегла од територијата на Косово.

Веројатно за да не шири страв и паника меѓу населението, Спасовски истакна дека се вршеле нормални рутински контроли во светло на мигрантската криза, која се заострува по блокирањето на границите.

 

Косовските медиуми објавија телефонски разговори
ДАЛИ МАКЕДОНСКИТЕ СЛУЖБИ ГО ЗНАЕЛЕ СЕКОЕ ДВИЖЕЊЕ НА ГРУПАТА?

Веднаш по нападот на караулата во пограничното липковско село Гошинце, на својот фејсбук-профил се огласи Мирсад Ндрецај, еден од убиените во полициската акција во Диво Насеље. Тој напиша дека неговата група го извршила нападот поради незадоволство од Али Ахмети и неговите сопартијци се борат само за лични интереси во владата наместо да се залагаат за целосно имплементирање на Рамковниот договор.

Веднаш по настаните во Диво Насеље, косовски медиуми објавија и комуникација меѓу него и македонски разузнавач од албанско етничко потекло, од која медиумите извлекуваа заклучок дека македонските служби го следеле движењето на оваа група, бидејќи Ндрецај договарал средби со агентот.

Воедно, тој го споменува лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, велејќи дека „гаѓал криво“, мислејќи на обвинување на Ангелов дека власта ги платила овие луѓе за да направат инцидент за да го одвлечат вниманието од политичката криза.

Поврзани новости