(Архива) Канческа-Милевска на чекор да се спаси од „Тендери“

by fokus

Текстот е објавен на 28 септември 2022 година

Бавната правда е неправда. Ако се оди од оваа максима, тогаш петгодишното судење за случајот „Тендери“, во кој првообвинета е екс министерката за култура Канческа-Милевска е симбол за неправда. Случај кој СЈО го сметаше за кристално чист, на крајот стана еден од најматните. Случајно или не, во оваа насока, не можат да се заобиколат и шпекулациите за реализирање на „пазарот“ на осумината одметнати пратеници, меѓу кои беше и екс министерката.

Валентина ВУРМО

Пред повеќе од четири година, тогашната специјална јавна обвинителка Катица Јанева јавно ја повика екс министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска да признае вина за случајот „Тендери“, бидејќи, накратко речено, немала каде да бега. Случајот бил чист како солза, а таа фатена во тесно, па ја посоветува да си признае, бидејќи нели на оној кој признава пола му се простува.

Најдобро е поранешната министерка да си го признае делото. Имате реновирање околу музејот без тендер, па дури потоа тендер. Случајот е многу чист, сè си пишува во документи, изјави Јанева во март 2018 година.

Но екс министерката не го послуша советот на Јанева и се чини донесе мудра одлука. Таа, како првообвинета за местење на тендер за „Музејот на ВМРО“, се уште е на слобода, а во меѓувреме екс специјалната обвинителка заврши зад решетки.

Од случај кој на почетокот важеше за кристално јасен, низ годините се замрси, па никако да се отплетка од судските лавиринти во Кривичниот суд. Се суди веќе петта година, а не е ниту на повидок првостепена пресуда.

ДУРИ ПЕТ ПАТИ СУДЕЊЕТО ПОЧНУВАШЕ ОД ПОЧЕТОК

Судењето за „Тендери“, минатата година по петти пат почна од почеток, бидејќи три пати се враќаше на стартната позиција поради проток на 90 дена од рочиште до рочиште, а два пати поради смена на судија поротник.

Или низ години, истрагата беше отворена во 2016 година, судењето стартуваше на почетокот на 2018 година, а кон крајот на 2022 година се уште тече, или подобро речено, капе.

Сега, пак со месеци предметот е замрзнат бидејќи се чека да се изготви супервештачење. Наредбата беше издадена на 6 април, што значи дека поминала речиси половина година од тогаш.

Наредба за супервештачење ја дава судот, откако странките во постапката, и обвинителството и одбраната, ќе достават дијаметрално спротивни вештачења, па судијта наредува супервештачење. Најчесто, овој доказ се смета за клучен, или крунски, па затоа многубројни пресуди се потпираат на нив. Дали и во случајот ќе биде така и која страна ќе ја завземат супер вештаците, останува да се почека.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ пак предупредуваат на одоголекувањето на овој случај. Иако нема опасност од застарување, сепак потенцираа дека долготрајноста отвора сомнежи.

-Сега за сега предметот не е блиску до роковите за застареност, но ако се земе предвид колку трае постапката до овој момент, хипотетички не може да се искучи и можноста предметот да застари. Сепак, долгото траење на постапката отвора сомнеж за постоење на некаква аномалија или проблем во процесите, па поради тоа и перцепциите на јавноста се дека ваквите случаи кои долго траат, како и да завршат, не ја задоволуваат правдата, ни изјави Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“.

ПО 10 ГОДИНИ СЕ ОЧЕКУВА ДА НАСТАПИ И АМНЕЗИЈА

 Предметот „Тендери“ потекнува од СЈО, а задолжен за него беше обвинителот Стевчо Донев, кој од неодамна е виш јавен обвинител. Според обвинението, екс министерката се гони за наместен тендер со „Бетон Штип“ кој вредел  милион евра. Спорното, според обвинителството е тоа што било договорено фирмата почне да работи, а тендерот да се објави подоцна.

Еден од клучните докази на обвинителството беше телефонски разговор од јуни 2011 година меѓу Канческа Милевска и поранешниот генерален директор на „Бетон Штип“, сега починатиот, Илија Бреслиски, во кој таа му вели да продолжат со работа, а дека договорено е тендерот да се објави подоцна. Исто така Бреслиски се појави во судница како сведок на обвинителството и го поткрепи обвинението.

Според документацијата, пак, градежните работи (сообраќаен пристап до Музејот, подземно паркирање и партерно уредување) започнале во август 2011 година и завршиле во декември 2013 година, а вештачењето на СЈО покажуваше дека градежните активности почнале пред склучување на договорот.

Канческа пак обвинувањата во јавноста ги коментираше како „трач муабети и рекла-казала“.

Досегашната пракса покажува сека по неколку години судење и најцврстиот доказ се разводенува, а сведоците најчесто ги фаќа амнезија, па не се сеќаваат што и како било. Во овој случај, пак, сведокот Бреслиски за жал почина минатата година.

Она пак што станува појасно е дека како поминува времето поранешната министерска за култура е се поблиску до слободата.

Нејзиното име се споменуваше и меѓу осомничените  за случајот „Скопје 2014“, но ниту таа, ниту пак останатите креатори и реализатори на барокниот проект, некогаш седнаа на обвинителна клупа. Предметот со години е во предистрага.

Првата предистрага за мегаломанскиот проект се отвори пред уште седум години. Најпрвин, обвинителството, под палката на тогашниот републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски, три години „истражуваше“ криминал, а толку време изарчија и специјалните во СЈО. Тие го оживеаја предметот, но тој повторно замре откако се врати во редовното обвинителство.  Се запна кај одлуката дали предметите треба да се спојат во еден, или да одат посебно.

Последните пресметки укажуваа дека проектот „Скопје 2014“ тежи 680 милиони евра, а не 80 милиони, како што тврдеше Груевски. Десеткратно зголемената сума, пак, натовари и сомнеж за коруптивна вмешаност на десетина поранешни функционери.

ЌЕ СЕ АМНЕСТИРА ЛИ И „СКОПЈЕ 2014“?

Иако предметот сѐ уште се наоѓа во предистрага, сепак, веќе постои  листата на потенцијални осомничени, на која се наоѓаат десетина поранешни функционери. Прв во фокусот бил екс премиерот Никола Груевски.

Ова не е за изненадување, бидејќи и по „бомбите“ што беа објавувани јавно се создаде впечаток дека тогашниот премиер бил идејниот творец, планер, дизајнер и реализатор на проектот. И додека во СЈО немале дилема дека Груевски е мозокот, тргнале да го бараат и оној кој го одврзал државното ќесе. Наводно, дел од трагите воделе и кон Зоран Ставрески, односно тогашниот  министер за финансии. Името на Ставрески за првпат се појавува меѓу потенцијалните осомничени во предметите што произлегоа од СЈО. Тој, иако беше во врвот на претходната влада, и во него беше клучот од државното чекмеџе, сепак, не беше опфатен во ниту една од отворените истраги. Од објавените „бомби“ се виде дека Ставрески честопати ги критикувал барањата на шефот, па каде што била матна работата, се оградувал и не ставал свој потпис. Освен Груевски и Ставрески, била чешлана и улогата на Владимир Здравев, поранешниот претседавач на Советот во Општина Центар и директор на МЕПСО.

Значајно внимание во предистрагата наводно ѝ било посветено и на поранешната министерка за култура Канческа- Милевска. Таа, пак, неколкупати во јавноста се правдаше дека проектот е чист како солза.

Трагата на испраните пари избледува со секој поминат ден, а тука е и опасноста од застарување на дел од кривичните дела. Па така, доколку предметот еден ден влезе во судница, со сигурност делото „злосторничко здружување“ би отпаднало поради настапување на релативна застареност, односно рок за кривичен прогон. Но, осомничените не би се спасиле од „злоупотреба на службената положба и овластување“, член 353 став 5, бидејќи релативната застареност е за 20 години, а апсолутната за 40 години.

Сепак да на не зборуваме пред рака. Обвинителството на крајот може и да се откаже од кривичниот прогон и со тоа да го амнестира најголемиот криминален проект на владата на Груевски.

„КАКО СМО СЕ НАДАЛИ, ДОБРО СМО СЕ УДАЛИ“

Времето ќе покаже дали поранешната министерка за култура ќе куртули и од овој случај. Таа и во 2018 година на политички план го напушти бродот кој тоне, односно заедно со уште седумина опозициски пратеници се одметнаа и заедно со колегите од власта гласаа за Уставните измени.

Шпекулациите за нивните мотиви беа големи, па тука беа и обвинувања за одредени пазарења. Дали и обвинителството и судот учествувале во пазарот, тоа би можело да го утврди само независна истрага, но дел од случувањата ги подгреваа сомнежите.

Покрај Канческа, која е на чекор до слободата, дел од оваа екипа беа и пратениците Крсто Муковски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски. Тие непосредно пред гласањето во Собранието излегоа од куќен притвор, а потоа беа и амнестирани, со што се спасија од заканата од долгогодишни затворски казни. Рамо до рамо до нив беше и Владанка Авировиќ, а нејзината поддршка за промена на државното име се поврзуваше со укинувањето на тригодишната затворска казна за нејзиниот син Василие Авировиќ. Тој заедно со бизнисменот Сеад Кочан беше обвинети за случајот „Труст“. Случајно или не подоцна неговата казна беше заменета со условна.

За промена на државното име рака крена и пратеничката Емилија Александрова, братучетка на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков. По завршувањето на нејзината пратеничка кариера, таа беше назначена за регионален началник на АНБ за Берово и Делчево.

Во низата се надврзува и името на Нола Исмаиловска -Старова.  Минатата година и таа доби функција од Владата. Поточно беше именувана за национален координатор за регионална соработка и европски интеграции. Таа беше дел од пратеничкиот состав на ВМРО-ДПМНЕ од 2016 до 2020 година, а  на крајот од 2018 година беше исклучена од партијата заедно со останатите сопратијци кои гласаа за пристапување кон уставните измени кои произлегоа од Преспанкиот договор.

И на крајот остана да се спомене и поранешниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ. Пред неколку дена беше објавено дека тој е поставен за амбасадор во Подгорица. Од ВМРО-ДПМНЕ пак реагираа дека наместо соодветен кадар, васта за амбасадор поставила партиски послушник кој се разбирал само од продажба на државни интереси. Претходно од партијата обвинија дека тој си ги вработил и сопругата и синот во МВР.

-Откако гласаше за помена на името  на Република Какедонија, СДС прво го награди Рамчиловиќ и го стави пратеник, а потоа наградата се прошири на неговото семејство. Најпрвин си ја вработи сопругата на висока позиција во МВР, а потоа и неговиот син го вработи како полицаец, обвинуваа од ВМРО-ДПМНЕ.

Случајно или не, сепак може да се заклучи дека на осуммината одметнати им се посреќи. Или што би рекле соседите, „Како смо се надали, добро смо се удали“!

 

 

Поврзани новости