АРХИВА Како се спроведува видеонадзорот на наплатните рампи: Камери со двојни аршини

by Fokus

Текстот е објавен на 19 јули, 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 928

Пишува Мери ЈОРДАНОВСКА

Многу чудни коинциденции се случуваат по македонските патишта и по јавните простори кога станува збор за камерчињата кои ве зјапаат од сите страни. Ве зјапаат кога не треба, а кога треба, не работат! Речиси и да не се сеќавам на инцидент што се случил, а истражните органи или јавните претпријатија задолжени за поставувањето на камерите да ни пуштиле слика од камерите. Последен таков случај беше упадот во дискотеката „Процес“, каде што од снимките од подземниот паркинг во ГТЦ можеа да се лоцираат лицата што ја демолираа дискотеката.

Но, многу други случаи останаа со голем знак прашалник кога стануваше збор за истрагата, само затоа што на тоа место немало камери или имало, арно ама токму тогаш не работеле!

КАМЕРИТЕ КАКО УКРАС

Имало или немало камери? Работеле или не? Ова вообичаено се првите прашања што провејуваат низ медиумите, кои, пак, најчесто остануваат да висат, како да е невозможно тешко да се најде одговор: зошто една камера е вперена во вас, а, всушност, не работи? Само за да се набие страв или…?

Кога на скопскиот плоштад, во 2011 година беше убиен младиот Мартин Нешкоски, ни објаснија дека камерите не работеле! Иако беа поставени на бандерите, како предупредување дека се снима секое движење и лик што минува низ плоштадот, официјалниот одговор од МВР, што за „Утрински весник“ го даде Иво Котевски, помошник-министерот за односи со јавност гласеше:

– МВР ги постави видеокамерите кои беа дел од проектот за „Безбеден град“.Станува збор за проектот со кој требаше да бидат поставени камери на сите поважни семафори и крстосници во Скопје. Сепак, како што знаете, оваа идеја сѐ уште не е реализирана поради недостиг од средства. Немаме контролен центар, каде што видеозаписите ќе се проследуваат и ќе се обработуваат. Значи, камери има, но тие не снимаат – изјави Котевски за „Утрински весник“ во ноември 2011 година.

Сега, Котевски вели дека сѐ уште не може со сигурност да каже кои камери работат, а кои не.

– Проектот „Безбеден град“ беше промовиран лани и тој се однесува само за Скопје и за обиколницата. Не можам да кажам во моментов кои камери работат, а кои не, тоа е софтвер, се расипува, се поправа. Во секој случај, МВР е надлежно само за поставувањето на камерите во делот на Скопје и обиколницата – вели тој.

Практиката нешто лошо да се случи, па надлежните да се сетат дека се потребни камери или тие што има треба да ги поправат, продолжува и понатаму. Како да мора да падне по некоја жртва, па дури и тогаш, и покрај сомнежите дека „сѐ се снима!“, произлегува дека не е така. Очигледно, се снима само тогаш кога на некој му одговара тоа. Во сите останати случаи, топката се префрла или сите вртат глава… Или, како што би рекла обвинителката Гордана Гешкоска, „камери нема, а и да има, не функционираат“!

ФОТОГРАФИЈАТА ВЕЛИ ЕДНО, АГЕНЦИЈАТА ЗА ПАТИШТА ДРУГО

Работеле или не работеле камерите на патарините – беше едно од неколкуте клучни прашања што ги покренаа медиумите околу истрагата за трагичната смрт на основачот и сопственик на „Фокус“, Никола Младенов. Но, официјалните одговори се во најмала рака збунувачки. Конкретно, веднаш по загинувањето на Младенов, екипата на „Фокус“ направи фотографии од наплатната рампа кај Петровец, каде што јасно пишува дека патарината е под 24-часовен видеонадзор. На знакот стои и логото на Секјурити груп сервисис (СГС), фирмата која го доби тендерот за обезбедување на патарините. Фотографијата на „Фокус“ е направена на 29 март годинава, три дена по загинувањето на Младенов. Освен тоа, снимени беа и фотографии на кои јасно се гледа дека по наплатната рампа Петровец има поставен портал од три камери, кои се во надлежност на МВР.

По трагичната смрт на Младенов, излезе информација дека токму тој ден камерите на наплатните рампи не биле во употреба! Истрагата не објасни како е можно камерите на четири наплатни рампи да бидат надвор од функција! Се разбира, не може да се каже со сигурност дали Младенов минувал на наплатни рампи бидејќи истрагата ги немаше фискалните сметки. Проблемот со издадените сметки се мултиплицира истиот момент кога „Нова Македонија“ излезе со платените патарини кои новинарот Томислав Кежаровски, наводно, ги нашол на местото на несреќата, неколку дена по црниот настан.

Но, сега следува тоа што, барем за нас, е најзбунувачкото. Во врска со сите овие прашања, „Фокус“ се обрати до Јавното претпријатие за државни патишта. Според директорот на Јавното претпријатие, Љупчо Георгиевски во тој период (март), воопшто немало поставени камери на наплатните рампи на автопатот Скопје – Велес.

– Видеонадзорот на наплатните станици Петровец, Сопот, Отовица и Градско е набавен со реализација на Договорот за јавна набавка на услуги за обезбедување наплатни станици од 11.4.2013 година, односно воведувањето во работа за реализација на Договорот и инсталацијата на камерите за видео надзор започна да се реализира од 20.5.2013 година, а инсталацијата на видеонадзорот заврши и е пуштен во функција од средина на месец јуни 2013 година. Во моментот кога се случи трагичната несреќа на сопственикот на „Фокус“, г-дин Никола Младенов, камери за видеонадзор на наплатните станици (Петровец, Сопот и Отовица) на делницата Скопје – Велес и обратно немаше поставено. Во посочениот период се спроведуваше тендерска постапка за јавна набавка – Обезбедување на наплатни станици. Во моментов работат сите камери на сите наплатни станици во Република Македонија – гласи одговорот од ЈП за државни патишта.

Според сево ова, може да се сфати дека во март 2013 година на наплатните станици на автопатот Скопје – Велес немало камери, но, сепак, според снимките на „Фокус“ од 29 март, на објектите стоеше знак на кој пишува дека патарините се под 24-часовен видеонадзор. Зошто знакот на агенцијата за обезбедување СГС бил поставен уште пред воопшто да биде распишан тендерот за обезбедување на овие наплатни станици, останува еден огромен знак прашалник за тоа како (а богами и за кого), всушност, функционира видеонадзорот во земјава?!

И ако на сето ова го додадеме одговорот на обвинителката Гешкоска, која рече дека „обвинителството побарало известување дали на автопатот Скопје – Велес имало поставено камери и видеонадзор, добиле одговор дека на овие делници немало камери, а може и да имало, ама не функционирале“, тогаш со цело право може да констатираме – тешко на тој на кој би му притребала снимка од камера на патарина. Затоа што може да има, може да нема, а може и да има, ама да не функционира. За кого како!

„ВНИМАВАЈ, СЕ СНИМА“ НЕ ВАЖИ ЗА СЕКОГО

Да се вратиме во октомври 2012 година, кога првпат беше распишан јавен повик од тогашната Агенција за државни патишта (подоцна преименувана во Јавно претпријатие за државни патишта) за услуги за обезбедување наплатни станици. Откако агенцијата за обезбедување „Никоб“ беше елиминирана, бројот на добиени понуди падна на една понуда (онаа на СГС), па со тоа единствената понудена цена беше и најниската цена! Договорот, кој се однесува на истражни и безбедносни услуги, освен услуги за транспорт со блиндирани возила гласеше на 8,8 милиони денари или 143 илјади евра за 7 месеци, што значи дека на сметката на СГС се влеваа по 20 илјади евра месечно за обезбедување на патарините. Во договорот објавен на веб-страницата на Бирото за јавни набавки не стои за кои наплатни рампи се однесува договорот. Обезбедувачите на СГС можевме да ги видиме на секоја наплатна рампа, па оттаму и впечатокот дека и видеонадзорот, исто така, се однесува за секоја патарина. Но, очигледно, за некои патарини важело само дека ќе стои знак „Видеонадзор 24 часа“, без поставена камера! Чисто луѓето да си мислат дека се снимани (и онака сите веќе мислат така), а, всушност, не се! Барем не тогаш кога треба!

Во април истече договорот за обезбедување на наплатните рампи на СГС. Точно 15 дена по загинувањето на Младенов, ЈП за државни патишта распиша нов оглас за услуги за обезбедување на наплатните станици. Овојпат, договорот не е склучен на 7, туку на 12 месеци. Повторно до ЈП стигнува само една понуда, која, нели, е со најниска цена и изнесува повеќе од 287 илјади евра. Агенцијата за обезбедување СГС, со ова, ќе инкасира по 23 илјади евра месечно за физичко обезбедување и видеонадзор на патарините. Според директорот на ЈП за државни патишта Георгиевски, со овој договор, видеонадзор имаат сите наплатни рампи во државата. И сето тоа е во ред, но повторно в очи паѓа истото прашање – зошто со претходниот договор (од ноември 2012 г.), кој беше склучен на 7 месеци, токму до април годинава, не било предвидено обезбедување на сите наплатни рампи во земјава?!

Многу прашања, а малку одговори! „Внимавајте, се снима“, останува само реченица која сѐ повеќе личи како да служи да внесе страв, отколку со реално остварување. Или, за кого како! И камерата има два аршина!?

Рамка 1

ШТО СЕ ОБЕЗБЕДУВА СГС?

Редакцијата на „Фокус“ се обрати до агенцијата СГС со прашања во врска со видеонадзорот на патарините, но одговор не добивме. Ова се прашањата кои беа упатени до СГС:

„Поради навремено и објективно информирање на јавноста, а и поради неможноста да ве добиеме телефонски, би сакале да Ве замолиме за одговори на неколку прашања поврзани со видеонадзорот на патарините за кои е задолжена Вашата агенција за обезбедување. Се надеваме дека во име на транспарентноста, објективноста и професионалноста, ќе добиеме одговори на прашањата, бидејќи станува збор за обезбедување за кое вашата агенција добива пари од буџетот.

– Во кој период не работеа камерите поставени на патарините за видеонадзор на автопатот Скопје – Велес?

– Од кои причини не работеа камерите, со оглед на тоа што тендерот го добивте неколку месеци претходно?

– Дали сега камерите се направени?

– Додека камерите не работеа, дали за истото ја известивте Агенцијата за државни патишта?

– Која марка се камерите, колку пари чинат и од каде се набавени?

– Дали во моментов има камери на патарините што се расипани?“

Како и многупати досега, и овојпат, агенцијата СГС не нѐ удостои со одговор.

„Фокус“ веќе пишуваше дека оваа агенција, која во јавноста важи за блиска до директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, за многу кратко време го освои пазарот. Според она што може да се најде на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, СГС, освен патарините, обезбедува голем број средни училишта во Скопје, Портата Македонија, Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Националниот парк Маврово, спортскиот центар „Борис Трајковски“, голем број трговски центри во Скопје и многу други клучни објекти во државата!

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости