Марјан Коцев со солистички концерт: Ќе пеам за двете најсакани жени во мојот живот!

by Fokus

Фолк пејачот Марјан Коцев ќе одржи солистички концерт во Македонска опера и балет на 29 – ти март, четврток, со почеток во 20 часот.

Најавува голем спектакл за својата верна публика, насловен како ,,Сите мои песни’’, и вели дека истиот го посветува на сите оние кои што биле покрај него во изминативе 24 години, колку што е присутен на сцената, но сепак првенствено ќе пеел за двете најважни жени во неговиот живот, ќеркичката Дуња и сопругата Билјана, кои биле неговата најголема поддршка и извор на среќа и спокој во животот.

-Знам дека многумина се прашуваат како се решив за концерт во овие времиња кои не се баш најповолни за фолк музиката кај нас. Но, сакав едноставно да оставам еден белег, да ги соберам сите драги луѓе и верната публика, да им се заблагодарам со песна за поддршката и вербата во мене, сите овие години. На сцената сум речиси цел живот, од најрана возраст. Професионално, веќе 24 години. Во 2014 година одбележав две децении на естрада со голем јубилеен концерт, значи ова ќе биде мојот втор солистички позначаен настан. На сцената ќе ме придружуваат оркестарот ,,Дрим тим’’, гостинка ќе ми биде Анета Мицевска од групата ,,Молика’’ и планирам да ги отпејам сите мои песни – раскажува кавадарчанецот, кој со семејството веќе со години живее во Скопје.

Додава дека е задоволен од својот статус на естрадата, посветен е на кариерата и истовремено среќен што живее од музиката. Вели дека сепак, смета како не би бил она што е денес, доколку ја нема безусловната поддршка од сопругата и љубовта од ќерката.

-Животот на професионалите музичари воопшто не е лесен. Патувања, турнеји, отсуства од дома, дури и по неколку месеци, настапи во разни градови и земји. Мислам дека доколку ја немав поддршката од сопругата Билјана и љубовта од нашата четирииполгодишна Дуња, ќе ми беше многу потешко во животот. Среќен сум што тие се тука за мене, имаме разбирање, ме чекаат од настап со насмевки и прегратки. Само од почетокот на годинава имав неколку гостувања надвор од земјава, бев во Словенија, Шведска, Австрија… Лани имав голема турнеја во Австралија, сега сум во преговори за турнеја во Америка… Сите тие мои отсуства нормално дека се тешки за семејството, секако оставам дома мало девојче и сопруга, но ја имав среќата да ја најдам мојата сродна душа и се е некако полесно. Затоа, велам дека освен што ќе пејам за мојата верна публика, концертот првенствено го посветувам на двете најсакани жени во мојот живот и им се заблагодарувам за животот што го имаме, исполнет со љубов и хармонија – ни изјави Коцев.

Тој е еден од најбараните фолк пејачи кај нас, но и во дијаспората. Редовен учесник е на нашите фолк фестивали и има освоено голем број на награди и признанија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости