Текстот е објавен на 01 април 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1330.
Повикувајќи се на написи на „некои медиуми“, албанската опозиција вчера објави корупциски скандал, кој, како што рекоа од таму, е сличен на оној со Драги Рашковски. Станува збор за спорни јавни набавки спроведени од страна на Управата за матични книги раководена од Бујар Дардишта, за што всушност прв обелодени Фокус. Како што веќе пишувавме, Управата од 2019 година наваму спровела неколку тендери за набавка на хардвер, софтвер и за дигитализација, чија вкупна вредност надминува 1,5 милиони евра, при што најголемиот договор од половина милион евра беше склучен во март годинава за скенирање списи и внес на податоци со компанијата „Новатек Инв“, која е формирана за трговија на големо еден месец пред објавувањето на огласот за тендерската постапка и само 3 месеци пред склучувањето на договорот за јавна набавка.
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
„Целосна дигитализација на водењето на матичните книги“ – ова неодамна го најави вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, како една од клучните мерки во најавената борба против корупцијата, која е составен дел од владиниот антикорупциски план. Меѓу другото, овој план, усвоен по најлошиот ранкинг на земјава на индексот на перцепција на корупцијата, предвидува дигитализацијата на трите книги што ги води Управата за водење на матичните книги – извод на родени, венчани и умрени.
– Дигитализација на матичните книги е дел од Планот за борба против корупција. Нема повеќе непотребни чекања на шалтери за вадење изводи од матичните книги. Се забрзуваат постапките, се елиминира човечкиот фактор и евентуалната корупција, односно можен поткуп при вадење документи – изјави неодамна вицепремиерот Николовски, додека заедно со премиерот Зоран Заев го презентираа Планот за борба против корупција.
Генерално, дотука нема ништо спорно, бидејќи факт е дека дигитализацијата ја намалува корупцијата, имајќи предвид дека едноставно го елиминира или редуцира човечкиот фактор. Арно ама, ако се изврши проверка на каков начин тече реализацијата овој процес, тогаш се добива една сосема спротивна слика од декларативните најави и заложби за конечна пресметка со корупцијата, под која не се подразбира само грубо кршење на правилата, туку и нивно моделирање во интерес на одредена група или поединец.
Имено, целосната дигитализација на матичните книги почна да се имплементира од 2019 година, откога се спроведени повеќе тендерски постапки за набавка на хардвер, софтвер, но, пред сѐ, за дигитализација на документацијата, чија вкупна вредност надминува еден милион евра. Еден од нив е договорот од март годинава тежок половина милион евра, склучен со нова компанија формирана еден месец пред да почне и 3 месеци пред да заврши постапката.
ВРЕДНИ ТЕНДЕРИ СО ЕДЕН ПОНУДУВАЧ
Податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека Управата за матични книги, на чело со директорот Бујар Дардишта, кадар на ДУИ, на почетокот на март годинава склучила договор за дигитализација на матичните книги во износ од 29,5 милиони денари или скоро 480.000 евра, во времетраење од 6 месеци. Впрочем, висината на склучениот договор речиси во целост се совпаѓа со проценетата вредност на набавката, која, патем речено, не била објавена во огласот.
Инаку, договорот бил склучен со компанијата „Новатек Инв“ од Скопје, која била единствен учесник и понудувач во тендерската постапка. Она што е интересно, оваа компанија е основана на самиот истек на минатата година, или само 3 месеци пред да го добие тендерот од безмалку половина милион евра. Дополнително, друштвото е формирано еден месец пред да се објави огласот за набавка на услуга за дигитализација на матичните книги.
Според Централниот регистар, „Новатек Инв“ е основана точно на 11 декември 2020 година со основна дејност – неспецијализирана трговија на големо. Како единствен сопственик и основач на фирмата со седиште на булеварот „Илинденска“ се јавува Љирим Фетаи, кој претходно десетина години работел во реномираната компанија за трговија со ИТ-опрема „ИТД Дистрибуција“, со тоа што во последните две години бил и нејзин управител.
Всушност, „ИТД Дистрибуција“ е капитално и персонално поврзана со „Инфософт Системс“, која исто така соработувала со Управата за матични книги. Односно, еден ден откако склучила договор со „Новатек Инв“, Управата склучила договор во износ од 26,7 милиони денари или 434.000 евра и со „Инфософт Системс“ за набавка на хардверска опрема. И во двете постапки, имало само еден понудувач и не се спровела претходна проверка на пазарот.
ФИРМА БЕЗ ИСТОРИЈА, ВРАБОТЕНИ СО ИСКУСТВО
Основното прашање што се поставува е како тукушто формирана компанија добила тендер од половина милион евра во постапка отпочната еден месец од формирањето на компанијата и завршена само 3 месеци од нејзиното основање? Како за толку кусо време компанијата успеала да се информира за тендерот и притоа да изгради кадровски, технички и друг тип на капацитети со цел да се подготви, квалификува и на крајот да склучи договор за јавна набавка?
– Информирањето околу објавените тендери се прават онлајн преку веб-страната за јавни набавки и сите заинтересирани економски оператори овие информации ги добиваат на време. Во поглед на исполнувањето на потребните услови од тендерската документација, истите ги исполнуваме благодарение на нашиот искусен тим со кој располагаме – гласи објаснувањето што за „Фокус“ го дава Фетаи, сопственик и управител на „Новатек Инв“.
Иако станува збор за нов правен субјект, тој посочува дека заедно со неговиот тим имаат повеќе од 15-годишно искуство во областа на ИТ-технологиите во државава. Како резултат на ова искуство, посочува Фетаи, неговата компанија за два месеца успеала да склучи договори и да стане партнер на најголемите светски брендови, како „ДЕЛЛ“, „ИБМ“ и други. Тоа, според него, е сосема доволна препорака.
– Во целост ги исполнуваме сите барани критериуми, во спротивно не можете како економски оператор да ја поминете фазата на евалуација на понуди која ја прави Комисијата за јавни набавки. Сите потребни докази од технички аспект, софтверски, ИСО-стандарди и слично, кои беа предмет на услови, се доставени во електронска форма кај договорниот орган додека траеше постапката – ни изјави Фетаи.
МИНИМАЛНИ УСЛОВИ
Но, увидот во тендерската документација покажува дека Управата за матични книги пропишала безмалку минимални услови и критериуми во делот на утврдување способност и техничка и професионална способност на економските оператори. Поточно, Управата како договорен орган ги навела вообичаените услови компаниите да не се во фаза на стечај или ликвидација, да ги подмириле јавните давачки и да немаат негативна референца.
За разлика од многу други тендерски постапки, УМК не пропишала услов за минимален праг на остварени приходи во период од една, две или три години, што би укажало на одредена финансиска стабилност на компанијата. Исто така, не се барале буквално никаква референци, односно број и вид на сработени проекти од истата сфера, број на реализирани договори со одредена вредност и слично, што би ги елиминирало новите неискусни фирми.
Наместо тоа, договорниот орган поставил услови кои главно упатуваат кон вработените на економскиот оператор, така што се навеле карактеристики на профили на работници – аналитичар, програмер, администратор, кои дополнително треба да поседуваат соодветни сертификати. Единствено, за компанијата се однесуваат барањата за исполнување на стандардите за системите за квалитет, за поседување на валидни сертификати за управување информации, за заштита на животната средина…
Во таква ситуација, немало никаква пречка „Новатек Инв“, како нова компанија без историја и портфолио, врз основа на техничките спецификации, да достави дури и самостојна понуда, без поддршка од други субјекти. Според оваа понуда, која на крајот била прифатена и станала дел од договорот, компанијата во период од 6 месеци има обврска, со два скенера во сопственост на институцијата, да скенира 300.000 записи од книгите на родени, умрени и венчани и да внесе 550.000 записи во интегрираниот систем.
ОДБРАНА СО БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИ
Во врска со овој случај, кога новоформирана фирма добива вреден тендер за одговорна задача, се обративме до самата Управа за водење на матичните книги. Од таму ни одговорија дека конкретната јавна набавка се спровела со отворена постапка во која, како што нагласуваат, имале право да учествуваат сите заинтересирани економски оператори без оглед кога се формирани. Воедно, од Управата посочуваат дека овозможиле и странски компании да учествуваат во постапката.
„Постапката се спроведува во согласност со Законот за јавни набавки и во однос на критериумите за овој вид набавка потребни се техничката и професионалната способност на економскиот оператор, односно кадрите со кои располага за реализација на набавката. Самата постапка со себе носи два вида на гаранција кои се неизбежни, бидејки се законски предвидени. Едната е банкарска гаранција на понуда со која секој економски оператор гарантира за сериозноста на понудата, и второто е гаранција за квалитетно извршување на договорот“, велат од Управата.
Како што објаснуваат од таму, овој процес не ги содржи само набавките за дигитализација на матичните книги, туку, како што велат, е многу поопширен и опфаќа повеќе сегменти, вклучително и поврзување на матичните подрачја во рамки на Управата, како и поврзување на Управата со други институции, како Министерство за информатичко општество и администрација, но и организации од типот на Адвокатската комора, Нотарска комора, Комора на извршители…
„Со заклучок на Владата од 2019 година, не задолжија за целосна дигитализација и поврзување на Управата за водење на матичните книги. Дигитализацијата на матичните книги за родени, венчани и умрени е приоритетна цел на Управата и ние како институција секоја година доставуваме до Владата извештај за реализација на акцискиот план од претходната година“, велат од УМК, порачувајќи дека овој процес се очекува да биде целосно комплетиран и завршен во наредната 2022 година.
НАЈНИСКА ЦЕНА СО ИЛИ БЕЗ ЛИСТА НА ПРОЕКТИ
Освен договорот за дигитализација, односно за скенирање и внесување на податоци со „Новатек Инв“, Управата за матични книги на ист ден склучи договор и за набавка од софтвер од 11,5 милиони денари, односно 187 илјади евра, со компанијата „Аукта“. Повторно, и во оваа ситуација се работи за релативно млада компанија, која склучува шестмесечен договор за јавна набавка во постапка со еден понудувач, и тоа на сума речиси идентична на проценетата вредност на набавката.
Но, има еден различен елемент. Во оваа тендерска постапка, основен критериум за доделување на јавната набавка не е исклучиво најниската цена, туку најниската цена во комбинација со бројот на квалитетна имплементација или одржување на софтверски решенија. Сепак, симптоматично е зошто Управата не примени ваков комбиниран модел кога за првпат склучи договор со „Аукта“ во 2019 година, односно истата година кога оваа компанија беше основана и дотогаш се уште немаше многу време да создаде пообемно досие.
Токму со „Аукта“, Управата ги склучи првите договори за дигитализација на матичните книги, кои подразбираат скенирање на книги и внесување на податоци во соодветните модули. Првиот од двата договора меѓу двете страни е склучен на крајот 2019 година во износ од 6,7 милиони денари или 109.000 евра, и тој се однесува за период од 4 месеци. И тогаш, оваа компанија била единствен понудувач, меѓутоа основен критериум била исклучиво најниската цена, односно не се барале потврди за квалитетно сработени проекти.
Случајно или не, „Аукта“ била формирана истата 2019 година и прв тендер што го добила бил токму овој од Управата за матични книги. Неколку месеци подоцна, т.е. во март 2020 година, тие го склучиле и вториот договор за истата намена, со тоа што овој се однесуваше на период од 6 месеци и изнесуваше околу 22 милиони денари или над 357.000 евра. Во меѓувреме, компанијата соработуваше и со други институции, како МОН, Агенција за примена на јазикот, Агенцијата за електронски комуникации итн.
НЕДОСТИГ ОД КОНКУРЕНЦИЈА ПОРАДИ КАДАР
Во одговорите што ни ги доставија од „Аукта“ се наведува дека компанијата е регистрирана за трговија на големо со компјутери, компјутерска периферна опрема и софтвер. Од таму посочуваат дека нивниот тим е составен од експерти кои, како што велат, индивидуално или како дел од различни водечки фирми присутни на ИТ-пазарот сработиле во изминатите 20 години огромен број проекти за потребите на јавни институции, но и за клиенти од приватниот сектор.
„Експертизата, искуството и резултатите од ангажманот и нашата работа како тим се евидентирани во досега реализираните проекти, кои се многу на број, вклучително и на сите оние реализирани во рамки на наведената Институција (Управата за матични книги) во изминатите години наназад, независно која политичка структура или политичка партија била на власт“, велат од „Аукта“.
Од компанијата предводена од Лилјана Воденичаровска додаваат дека во изминативе години, посебно на јавните набавки на кои се бараат софтверски решенија, се почесто се случува да има само еден понудувач. Тоа, според компанијата, го покажува трендот на сериозен недостаток на ИТ-кадар, а особено на ИТ-фирми кои би работеле на локални проекти. Во однос на последниот договор со УМК за набавка на софтвер, од таму велат:
„Инсталирањето и употребата на ваков софтвер ќе овозможи подобрување на ефикасноста во работењето на Управата. Секако, тука треба да се потенцира фактот дека стратешка цел на нашата држава и институциите кои ја сочинуваат е дигитализација – една од приоритетните цели во овој домен на патот кон присоединување кон Европската Унија. Токму за таа цел, убаво е сите институции, посебно тие кои имаат јавен карактер, уште похрабро да работат на спроведување процеси за модернизација на информациските системи, во континуитет…“.
БЕСМИСЛЕНО УБЛАЖУВАЊЕ НА КРИТЕРИУМИТЕ
Како и да е, од изнесените информации произлегува дека Управата за матични книги од 2019 година, заклучно со март 2021 година, склучила 3 договори за дигитализација на матичните книги преку скенирање и внес на податоци со „Аукта“ и „Новатек Инв“ во вкупна вредност од 900.000 евра. Паралелно со тоа, Управата склучила договор и за набавка на софтвер со „Аукта“ од 187.000 евра, додека истовремено за 434.000 евра бил набавен хардвер од „Инфософт Системс“. Севкупно, УМК во овој период потрошила над 1,5, милиони евра за хардвер, софтвер и дигитализација.
Меѓутоа, најиндикативен е податокот дека двете фирми што работеле на дигитализација на матичните книги биле тазе формирани пред да го добијат првиот тендер. Тоа особено важи за „Новатек Инв“, која доби тендер од половина милион евра само 3 месеци по формирањето. Притоа, се забележува еден образец, според кој УМК во сите тендерски постапки склучува договор со еден понудувач на сума безмалку идентична како проценетата вредност на набавката.
Упатените со кои разговаравме објаснуваат дека ублажувањето на критериумите може да биде позитивно ако тоа стимулира конкуренција. Меѓутоа, децидни се тие, кога крајниот епилог е натпревар со еден учесник, тогаш тоа губи смисла. Згора на тоа, според нив, во тендери од половина милион евра мора да се постават и услови кои ќе бараат одредено реноме на компанијата како организација, независно од искуството и вештините на вработените.
За споредба, и самата Управа за матични книги до неодамна поставувала построги услови за тендери од слична природа, но со далеку пониска вредност. Така, во 2018 година за 3 милиони денари набавила софтвер за поврзување на институции од „Ассеко Сее“, откако во постапката, покрај останатото, барала од компаниите позитивно финансиско работење во последните 3 години, како и минимум 3 договори од ваков вид, од кои еден во вредност од 1,5 милиони денари.
СПОРНИ ЈАВНИ НАБАВКИ
Во тој контекст, Државниот завод за ревизија периодов објави ревизорски извештај за Управата за матични книги, кој се однесува за 2019 година. Уште тогаш, ревизорите утврдиле одредени неправилности при повеќе тендерски постапки. Па, државниот ревизор навел дека во јавна набавка за реконструкција на градежен објект на Управата е предвидена и набавка на мебел, што би требало да оди во посебна постапка. Но, проблематични биле и таканаречени ИТ-набавки.
Како што стои во извештајот, кон фактурите за одржување на хардверот за електронскиот матичен регистар носителот на набавка не доставувал месечни извештаи за извршени активности, како што налагал договорот. Потоа, при реализација на договорот за одржување на софтвер, кон фактурите недостигале сервисни налози за извршен преглед, контрола и поправка, со кои би се реалноста на извршените интервенции.
Можеби, најподатлив е ревизорскиот наод дека во набавката на интернет-пристап не е обезбедена конкуренција. Оттогаш па наваму, Управата ги спроведе најголемите јавни набавки со само еден понудувач и склучи договори со тазе формирани компании, без компаниско искуство, референци, портфолио. Како што е познато, конкуренцијата е основен постулат при трошењето на јавните пари, бидејќи овозможува заштеди.
Како капак на се, ревизорите констатирале дека во 2019 година Управата издала 21.957 погрешни изводи, што било 4 отсто од вкупно издадените изводи. Патем, УМК не ја утврдил одговорноста за надоместување на трошокот при грешки во издавањето на изводите. По тој основ, не биле уплатени 1,1 милиони денари на сметката на Управата и скоро 2,2 милиони денари во Буџетот како приход од административни такси.
ДАЛИ ИМАЛО И ДРУГ ЗАИНТЕРЕСИРАН ПОНУДУВАЧ?
Повикувајќи се на записникот од денот на отварањето на понудите, во кој имаат увид сите економски оператори што доставиле понуда, првиот човек на „Новатек Инв“ Лирим Фетаи истакнува дека немало друга компанија која доставила понуда.
Сепак, од Управата за матични книги ни посочија дека еден економски оператор поднел жалба која потоа била отфрлена од второстепената Комисија.
Досега, Комисијата не објавила никакво решение по однос на поднесена жалба за предметната набавка.