Текстот е објавен на 26 септември 2019 година во неделникот Фокус со број 1.251.
Додека поранешниот шеф на полицијата Митко Чавков ја одлежува 18-годишната затворска казна затоа што дозволи упад во парламентот на 27 април, една од компаниите на неговиот син Иван Чавков продолжува да функционира на пазарот со засилено темпо. Станува збор за „Портланд-ОПЦ“, која за кусо време доби неколку тендери во вредност од скоро 400.000 евра, и тоа во период откако помладиот Чавков заработи кривична пријава за бесправно градење и узурпација на земјиште. Според податоците што ги обезбеди „Фокус“, компанијата при изградба на еден објект во Струмица соработувала со поранешен партнер на Христијан Мицкоски во бизнисот со хидроцентрали – Драги Василев, додека во друг проект заеднички инвестирала со компании во сопственост на братот на премиерот Зоран Заев – Вице Заев
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Со пура во едната рака и со лименка пиво во другата, покрај исклучително богата трпеза за затворски услови, екс министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, ги минува деновите во штипскиот затвор, каде неодамна беше преместен за да ја одлежи 18-годишната казна за крвавите настани во парламентот на 27 април, кога толпа народ, помогната од пратеници и вработени во Собранието, насилно упадна во законодавниот дом.
Додека беше во притвор и додека течеше судскиот процес, неговото семејство и опозицијата се обидуваа да ја сензибилизираат јавноста дека на Чавков му е нарушено здравјето, меѓутоа, барем според фотографиите објавени на социјалните мрежи и во дел од медиумите, тој засега се држи доста добро.
Според првостепената судска пресуда, Чавков доби највисока казна за „крвавиот четврток“, од причина што не ја употребил таканаречената златна команда за да и наложи на полицијата да реагира навремено и да ги спречи нередите.
Всушност, ако се има предвид дека Чавков се сметаше за еден од најодговорните за ескалација на ситуацијата, која од обвинителството беше класифицирана како терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, па дури и премиерот Зоран Заев веднаш после 27 април отворено му порача „да бега што подалеку“ поради тоа што ги довел во ризик животите на припадниците на новото парламентарно мнозинство, високата казна за него е речиси очекуван епилог на една драматична правно-политичка разврска.
Арно ама, гневен и револтиран поради, како што вели, драконската казна, која беше повисока за четири години од тоа што неговиот адвокат прогнозираше пред изрекувањето на пресудата, Чавков упати јавен политички проглас за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
И покрај тоа што, според партиски извори, тој не бил во најкоректни односи со претставници на новото партиско раководство, на кои наводно им забележувал дека премногу меко реагирале при заштита на луѓето што биле предмет на прогон во судскиот процес, сепак, тој ги повика граѓаните да се обединат околу каузата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, според него, само така може да се порази, како што истакнува, злосторничката организација која ги киднапирала институциите.
Кога така ќе се постават работите, произлегува дека поранешниот министер за внатрешни работи, иако некогаш можеби негувал одредени контакти со противничкиот табор, е во крајно изострен конфликт со институциите раководени од актуелната власт, особено ако се има предвид дека и неговиот син Иван Чавков заработи кривична пријава поради бесправно градење и узурпација на градежно земјиште.
Сепак, тоа очигледно не се одразило врз нивниот бизнис, со оглед дека токму една од компаниите на помладиот Чавков – „Портланд-ОПЦ“, освен што активно работи на приватни проекти, за кусо време доби неколку вредни тендери од локални власти раководени од функционери на СДСМ.
Згора на тоа, оваа компанија не така одамна соработувала со струмички фирми, а една од нив може да се поврзе со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, додека други со семејството на премиерот Зоран Заев.
ПРОМЕНИ ВО СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА И НА МЕНАЏЕРСКИТЕ ПОЗИЦИИ
Според податоците од Централниот регистар, Иван Чавков се поврзува со две компании стационирани во Струмица, за кои заедничко е дека делуваат во градежниот сектор и дека се концесионери на државата.
(АРХИВА) Митко Чавков редел чинови, син му државни концесии
Едната од нив е „Ин-Мак Бетон“ формирана во 2012 година, каде помладиот Чавков е косопственик заедно со гостиварецот Неџати Бакиу, додека како управител од неодамна фигурира извесен Наум Вангеловски од Скопје.
„Фокус“ уште пред неколку години пишуваше дека оваа компанија своевремено имала седиште во стан во центарот на Скопје, кој во Катастарот на недвижности е запишан во сопственост на државата, што сугерира дека се работи за службен стан кој му бил доделен на Митко Чавков како тогашен висок јавен функционер.
Две години пред да биде формирана оваа компанија, пак, се основа „Портланд-ОПЦ“, каде помладиот Чавков се јавува како единствен сопственик. Првично, тој беше и управител на компанијата, меѓутоа, според историјатот на промени, неодамна нов управител на друштвото станува Владо Димитровски од Струмица.
Исто така, Чавков не фигурира како управител ниту на двете подружници што функционираат во рамки на компанијата, од кои едната е поврзана со базата за производство на готова бетонска маса, чиј управител е струмичанецот Васил Диков.
Што се однесува до другата подружница, која функционира за вадење чакал и песок во струмичко Доброшинци, врз основа на концесиски договор склучен за периодот од 2014 до 2024 година, управител е уште еден струмичанец, Борче Јанакиев.
Воедно, веќе пишувавме дека оваа компанија беше дел од сопственичката структура на транспортната фирма „Алмиан“ формирана во Кавадарци во 2016 година, неодамна ребрендирана во „Интернационал Логистик Транс“, заедно со „Фидем Консалтинг“ на ќерката на Митко Чавков – Зорица Чавкова, како и „Селекта ГМ“ на Горан Митев, кој, пак, е во кумовска релација со Чавков.
Само неколку дена пред формирањето на „Алмиан“, Митев ја формира компанијата „Ролис ГМ“, која, колку за информација, е еден од најголемите доверители на ФЕНИ, имајќи предвид дека во рамки на стечајната постапка и биле утврдени побарувања во износ од над четири милиони евра.
Сепак, новите информации говорат дека во првата половина од годинава единствен сопственик на ИЛТ станува братот на Митев – Ангел Митев, кој инаку стопанисува со Тиквешкото езеро.
Оттука, може да се каже дека централна компанија во семејната мини бизнис-империја на Чавкови е „Портланд-ОПЦ“, каде Иван Чавков е единствен сопственик, со тоа што тој неодамна одлучил да ја повлече фирмата од „Алмиан“ (ИЛТ), а лично тој да се повлече од менаџерските позиции и да им ги довери на други лица.
Она што е интересно, според податоците од Бирото за јавни набавки, е дека оваа компанија во изминатиов период, во кус временски интервал, одеднаш склучила неколку договори за јавна набавка со локалните власти во струмичко и Источна Македонија за извршување на градежни работи и набавка на градежен материјал.
Пресметките покажуваат дека тендерите што годинава ги добила компанијата се во износ од над 380.000 евра.
ТЕНДЕРИ ЗА ГРАДЕЖНИ РАБОТИ И СЕПАРИРАН КАМЕН
Инаку, најголемите договори за јавна набавка „Портланд – ОПЦ“ ги склучува со Општина Василево во јули и август годинава.
Притоа, едниот договор се однесува за реконструкција и ревитализација на локален пат Ново Владиевци – Сушево во износ од околу 187.500 евра, кои, како што своевремено изјави градоначалникот Марјан Јанев, се дел од пакетот од 600.000 евра, обезбедени главно од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и делумно од сопствен буџет за изградба на инфрастурктурни проекти.
Другиот тендер меѓу двете страни, пак, се однесува за градежни работи при изведба на улици во неколку села на територијата на општината во вредност од околу 118.500 евра.
И двете тендерски постапки се спроведени според таканаречена „поедноставена отворена постапка“, која е предвидена со новиот Закон за јавни набавки, каде стои дека ваков тип на постапка се спроведува за набавки до 500.000 евра на начин што секој заинтересиран оператор може да поднесе понуда по објавениот оглас, со тоа што документите за докажување способност може да ги достави и откако ќе биде оценето дека неговата понуда е најповолна.
Тоа создава флексибилност при исполнувањето на условите од бирократска природа, што е воочливо и од двете споменати тендерски постапки, ако се знае дека на едната биле доставени 8, а на другата 5 понуди, при што најниска, а со тоа и најповолна, била онаа на компанијата на Чавков.
Сепак, од општината не добивме одговор за текот на тендерската постапка.
Понатаму, „Портланд – ОПЦ“ во април годинава склучила договор и со Општина Кочани предводена од градоначалникот Николчо Илијев за бетонирање на пристапни патеки, улици и тротоари во вредност од 56.000 евра.
Од општината не информираат дека на тендерот се пријавиле 10 компании, од кои само една била дисквалификувана поради формални недостатоци („Стоименов ДООЕЛ Кочани“), додека останатите 9 учествувале на електронска аукција.
Од извештајот од спроведената аукција што ни го доставија од општината произлегува дека компанијата на Чавков дала најниска понуда, која била за само петстотини евра пониска од второрангираната компанија „Ленди Груп“, но истовремено била двојно пониска од најскапата понуда на „Евроградба“.
Исто така, во истиот период компанијата на Чавков склучила договор и со струмичкото јавно комунално претпријатие за набавка на сепариран камен – агрегат, чиј износ, како што е наведено на Бирото за јавни набавки, изнесува нецели 20.000 евра.
Овде треба да се истакне дека за истиот предмет на набавка двете страни склучиле договори и во 2017 и во 2018 година во вредност од 22.500, односно 48.000 евра.
Од струмичкото јавно претпријатие не добивме никаков одговор на нашите прашања поврзани со тендерските постапки, на кои се јавувале повеќе компании, но на крајот секогаш најниска понуда доставувала фирмата на Чавков.
КОНЕКЦИИ ШТО ВОДАТ И ДО ВМРО И ДО СДСМ
На официјалната интернет-страница на „Портланд – ОПЦ“, компанијата се пофалила со скоро 170.000 сепариран песок, над 280.000 експлоатиран варовник и над 60.000 кубни метри произведен бетон. Освен тоа, од таму во нивното портфолио навеле 5 станбени објекти во Струмица, од кои два се веќе завршени, додека три се во фаза на реализација.
Меѓу другото, до компанијата упативме прашање дали и со кои други компании оствариле деловна соработка при реализацијата на некои од инвестициските проекти, меѓутоа до затворањето на овој број од весникот не добивме одговор на ова и на други прашања.
Од проверката на компанијата што ја извршивме во Службен весник произлегува дека „Портланд – ОПЦ“ соработувала со компании кои може да се поврзат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но и со првиот човек на СДСМ и владата.
Во таа насока, дознаваме дека компанијата на Чавков во 2015 година поседувала заеднички имот и право врз идна градба во Струмица на КП 2495/15 заедно со струмичката компанија „ДМ-Оил“, каде, според Катастарот, денес станови поседуваат Иван Чавков и поранешниот управител на компанијата Томе Закирски.
Во врска со „ДМ-Оил“ треба да се знае дека порано била во сопственост на струмичкиот бизнисмен Драги Василев, чија друга компанија – „Минка Да“, пак, беше дел од конзорциумот заедно со „Енерготек“, кој заеднички доби концесија за изградба на три мали хидроцентрали. А, еден од содружниците во „Енерготек“ беше и актуелниот вмровски лидер Христијан Мицкоски.
Дополнително, информациите до кои дојдовме говорат дека „Портланд – ОПЦ“ се јавува како партнер при изградба на друг објект во Струмица на КП 7034/6, заедно со „Тотал Инжинеринг“ на Вице Заев, брат на премиерот Заев, потоа „Делукс Инжинеринг“ на Горан Крстев, бизнис-партнер на Заеви, како и уште една струмичка компанија – „Ранвеј Инжинеринг“ итн.
Според Катастарот на недвижности, имотниот лист за градежното изградено земјиште на оваа парцела уште го делат „Јавор Транс“, „Сара Инжинеринг“ и „Дас Инженеринг“, кои се директно или индиректно поврзани со Заеви.
Патем, одобрението за градба на посочениот објект го издава Општина Струмица во 2014 година, кога градоначалник е актуелниот премиер Заев, додека општината донела решение за промена на инвеститор во 2017 година, кога градоначалничката функција ја врши Костадин Костадинов, актуелен пратеник и портларол на СДСМ.
Од сето ова произлегува дека „Портланд – ОПЦ“ влегува во градежниот сектор додека Митко Чавков извршува високи функции во МВР, кога компанијата добива и државна концесија. Во меѓувреме, компанијата не само што успева да ги преживее политичките промени, туку одеднаш почнува да добива и зделки платени со јавни пари.
Доколку беспрекорно функционира правната држава, каде пристапот до јавното добро е врз основа на прецизно пропишани правила и критериуми, можеби не треба воопшто да чуди фактот што Чавкови добиваат концесии и тендери, меѓутоа сите се свесни дека земјава се уште е далеку од правна држава.
Оттука, се наметнува и дилемата дали зад кулисите проработеле некои старо-нови партнерства?
Непознат епилог на кривичната пријава
ИЗГРАДИЛЕ ОБЈЕКТИ ВО ТУЃА ПАРЦЕЛА, СЕ ПРЕДВИДУВА ЗАТВОРСКА КАЗНА ДО 8 ГОДИНИ
Кон средината на минатата 2018 година, Министерството за внатрешни работи објави дека поднеле кривична пријава до струмичкото обвинителство за бесправно градење и узурпација на градежно земјиште во туѓа сопственост против правното лице „Портланд – ОПЦ“ и две физички лица со иницијали И.Ч. и Т.З., кои одговараат на сопственикот на компанијата Иван Чавков и поранешниот управител Томе Закирски.
–Тие изградиле бетонски масивен ѕид и армиран бетонски ѕид со габаритни димензии, просторија за хидрофор, магацинска соба и таложник со правоаголна форма, а истовремено со бесправното градење узурпирале дел од соседната катастарска парцела во Сачево во туѓа сопственост – изјави во јуни минатата година Хризантема Рендевска, портларолка на струмичката полиција, што алудира дека пријавата се однесува за бетонската база на компанијата во индустриската зона Сачево.
„Фокус“ побара одговор од Јавното обвинителство каков е епилогот во однос на оваа кривична пријава за бесправно градење и узурпација на простор, за што Кривичниот законик предвидел затворски казни до 8 (Член 244-а), односно до 5 години (Член 225) , меѓутоа не добивме одговор.