Архива: Каде ги сместила Јанкулоска заслужните „вмровци“ од разговорот со Ставрески?

by Fokus

Текстот е објавен на 20 февруари, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1011

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 Што сум виновен јас, кога сите добри лекари се од партијата на ВМРО- ДПМНЕ“? Ваква изјава пред две години даде министерот за здравство Никола Тодоров испровоциран од новинарско прашање – зошто речиси сите новопримени лекари на скопските клиники и болниците во внатрешноста на земјата се од владејачката партија? Тој првично го игнорираше прашањето, но по неколку повторувања, видно изнервиран го даде фамозниот одговор.

Ресорниот министер пред две години најави 800 вработувања во здравствениот сектор, но како што почнаа новите лекари да влегуваат на работа, така јавно излегуваа нивните имиња. Според опозицијата, повеќето од нив беа синови и ќерки на пратеници, претседатели на општински комитети и директори од владејачката партија. Иако Тодоров убедуваше дека партиските книшки нема да ја играат главната улога при вработувањата, туку ќе бидат избрaни најдобрите кадри, сепак праксата покажа нешто друго.

Откако конкурсите беа објавени, а апликациите испратени, лекарите полагаа тестови, но полагаа и англиски јазик, сметајќи дека на работа, нели, како што кажа министерот, ќе влезат само најдобрите. Но, тогаш почнаа проблемите. Сите оние кои конкурираа и беа во првите пет на листата за работа, како што тврдеа, беа изиграни, а наместо нив влегоа партиски кадри, кои на објавените списоци можеа да се најдат и на 24-то или на 30-то место.

Вработувањата во здравството се само едно делче од мозаикот за сѐ што се случува во Македонија на ова поле, а тоа го докажува и аудиоснимката што пред десетина дена ја објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во која министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и првиот човек на финансии Зоран Ставрески по изборите во 2011 година разговараат како и каде треба да се сместат нивните партиски членови и поранешни функционери. Јанкулоска во разговорот го потсетува Ставрески, кој сѐ треба да се вработи, а тој за тоа треба да даде одобрување. Најважно е дека договорот бргу паѓа, а вработувањето се реализира во најкус можен временски период.

 ПАК НА ФУНКЦИЈА, САМО ГИ РОТИРААТ ФОТЕЛЈИТЕ

Последната декада ја одбележаа млади луѓе, кои буквално ја окупираа државната администрација, пратеничките и директорските столчиња. На возраст од 25 до 35 години, тие веќе имаат успешни кариери и обемна биографија со функции од различни области. Дел од нив, без поголеми бранувања, ротираа од една на друга функција, а дел работат на својата струка, но и како советници во општините.

„Фокус“ се потруди да открие каде работат луѓето, кои во периодот од 2008 до 2011 година, откако „вмровците“ по вторпат ја добија власта, жестоко ги бранеа боите на владејачката партија? Дали тие имаат нови функции во моментот, дали напредувале во кариерата или, пак, целосно се повлекле од политиката?

Во аудиоснимката што ја објави Заев меѓу двајцата министри се договара вработување на нивната сопартијка Марија Андоновска, чиј пратенички мандат заврши во 2011 година. Јанкулоска го потсетува првиот финансиер, цитирам „работата мора да се заврши“.

Дека работата била завршена покажува и фактот што само по неколку месеци експратеничката почнува да работи на скопската Клиника за стоматологија. Меѓутоа, таа преку конкурс прво влезе на работа во Здравствениот дом „Скопје“, каде што доби едномесечно искуство, за подоцна полесно да биде повлечена на Стоматолошката клиника. Андоновска истовремено работи и како советник во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа не е единствената која по завршувањето на својот пратенички мандат доби работно место. Повеќето од нејзините сопартијци, кои беа пратеници во истиот период, но беа и најактивни и најжестоки во нападите врз опозиционерите се закитија со сигурни вработувања.

Еден од нив е и поранешниот пратеник Александар Спасеноски, кој во времето кога седнува на пратеничкото столче, работи како помлад асистент на Правниот факултет на УКИМ. Тоа е во 2008 година. Но, две години подоцна, тој напредува во својата кариера, па во 2010 година се вработува како доцент на истиот факултет, каде што, исто така, се вработува и неговата сопартијка Христина Рунчева. Нивните вработувања во тој период се поврзуваа со планот на владата за „упад“ на Правниот факултет, сметајќи дека овој факултет е дувло само на сдсмовски кадри.

Спасеноски неколкупати беше ставен на тапет, откако таткото на неговата сопруга Сања, Ѓорѓи Угриновски, сопственик на фирмата „ВИА ДОО“ од Вевчани доби повеќе тендери од државата, а последен беше за реконструкција на студентскиот дом „Гоце Делчев“. Угриноски, исто така, е вујко на Крсто Мукоски, кој, пак, е пратеник на партијата на власт од последниот пратенички состав.

Тој, исто така, беше член и на извршниот комитет на оваа партија и заменик-директор на државната компанија за пренесување електрична енергија МЕПСО. Мукоски може да се најде и на листата на донатори на партијата за изборните циклуси.

Добра работна позиција зазема и експратеникот Петар Поп Арсов, кој откако на предвремените парламентарни избори не влезе во новиот пратенички состав, во 2012 година заминува за амбасадор на Македонија во Советот на Европа во Стразбур. Тој не ги бранеше жестоко боите на партијата, но затоа беше доста јавно експониран како претседател на Комисијата за европски прашања, членството во Националниот совет за евроинтеграции и шефувањето со делегацијата на Македонија во ЦЕИ.

ОД ПРАТЕНИЦИ СТАНАА ДИРЕКТОРИ, СОВЕТНИЦИ, АМБАСАДОРИ…

Довербата на Груевски во 2011 година за нов пратенички мандат не ја добија неколкумина пратеници, ама затоа за својата активност во Собранието, за нападите врз опозицијата и жестокото бранење на партијата, не беа оставени на цедило, туку беа добро наградени. Факт е дека владејачката партија не ги заборава своите поранешни кадри. Нормално, секој според заслугата.

Една од нив е битолчанката Анета Стефановска, која два мандати беше пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Таа пред две години стана член на Државната изборна комисија и од таму продолжува со исто темпо да ги брани ставовите на владејачката партија. Стефановска и сега продолжува жестоко да ги напаѓа своите колеги од опозициските табори, но нејзиниот темпераментен карактер сега единствено може да се види за време на изборните циклуси, бидејќи само тогаш во живо ги емитуваат седниците на ДИК.

Експратеничката од Битола во парламентот го привлекуваше вниманието со својот специфичен говор, интонацијата и ироничните изјави. Нејзините настапи беа вистински деликатес за новинарите, но често на реплика ги предизвикуваше колегите од опозицискиот блок.
Сѐ уште популарни се вербалните дуели со нејзината сограѓанка, социјалдемократката Весна Бендевска, потоа со пратеникот, Игор Ивановски. Зачинето со смеа беше и кога Стефановска го бранеше тогашниот министер за правда Михајло Маневски. Таа остана актуелна по фамозната изјава со која пред четири години од собраниската говорница ѝ се обрати на пратеничката од СДСМ, Цветанка Ивановска:

Мајко, сопруго, бабо, свекрво, што е таа агресивност со тебе да тепаш мажи во Собрание како координатор на пратеничка група.

Сличен речник таа користеше и за време на дебатите во ДИК за последните локални и парламентарни избори.

За разлика од неа, кавадарчанецот Васко Шутаров беше пратеник во македонското собрание само три години. Тој беше и претседател на Собраниската комисија за култура. Веднаш по завршувањето на пратеничката кариера, Шутаров стана директор на Културно-информативниот центар во Софија, на местото на сега починатата Доста Димовска.

Во директорска фотелја седна и еден од најистакнатите членови на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во два мандати Цветко Грозданов. Тој само два месеца по изборите стана генерален директор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Грозданов не ги криеше своите амбиции да се кандидира и за градоначалник на Охрид, но по последните локални избори може да се забележи дека тој план не му успеал, бидејќи во градоначалничката фотелја седна кардиологот Никола Бакрачески.

На цедило по изборите во 2011 година не беше оставен и екс-пратеникот, Зоран Петрески кој три години без влакна на јазикот напаѓаше од собраниската говорница. Тој во моментот работи како секретар во Општина Бутел. Слична судбина ја снајде и кумановката Соња Цветковска, која пред две години е именувана за директор на Кумановскиот затвор.

Доволно беше да слушнеме само еден телефонски разговор меѓу Јанкулоска и Ставрески за да ни се потврди тоа за што со години се сомневавме – како се одвиваат вработувањата во државата? На тој начин, уште еднаш се докажа дека партиската книшка, лојалноста, борбата и нападите против опозицијата се клуч кој ја отвора вратата кон успехот и кариерата. Затоа не е чудно што дел од вмровските кадри на 25 години имаат неколку години стаж и успешни кариери позади себе, додека „обичните смртници“ ниту на 35 години како магистри не можат да најдат вработување во својата струка.

Уште пострашно е тоа што за да аплицираш на конкурс за вработување, денес предвреме се знае дека новото работно место веќе е доделено, ама огласот се наоѓа во весник само за да се запази процедурата и законот. Нели, кај нас во државата се мора да биде „согласно Уставот и законите“.

Рамка:

ПОДГОТВУВА ЛИ ВЛАДАТА ПАРТИСКА ВОЈСКА ЗА ИЗБОРИ?

Владата се пофали со нови 8.200 вработувања, од кои 30 отсто ќе бидат млади до 29 години, а целиот процес буџетот ќе го чини 10,7 милиони евра.

Од таму информираат дека рокот за поднесување вакви барања трае 30 дена, по што 35 отсто решението ќе го добијат веднаш, 35 отсто од почетокот на годинава, а останатите в година. Иако ваквиот начин на вработување во администрацијата беше оценет како решавање на децениски проблем, тоа нема да значи дека нема да се создава нова армија хонорарни работници.

Останува отворено прашањето дали со најавите за нови вработувања ќе се решат долгогодишните проблеми на волонтерите или, пак, тоа значи дека владата се подготвува за избори, па токми нова партиска војска?

Поврзани новости