АРХИВА Град Скопје изнајми дрон за шумски болести, но нема кој да ги „чита“ записите?!

by Фокус 21:37
21:37

Текстот е објавен на 08 април 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1331.

Опозицијата во неколку наврати периодов го обвинува скопскиот градоначалник Шилегов дека дели тендери на блиски луѓе и сопартијци, а едно од таквите обвинувања се однесуваше на договорот за детекција на шумски болести со дрон, што Град Скопје го склучи со „Флај Кем“ на сопругот на министерката Царовска. Фокус детално ја разработи оваа тендерска постапка, при што информациите до кои дојдовме покажуваат дека дел од карактеристиките на дронот што го поседува компанијата се идентични со барањата во техничката спецификација, кои Градот ги пропишал и во 2019 година, кога склучи договор со истата фирма за прелет врз депонии. Сознанијата на експертите, пак, говорат дека со дрон не може да се детектираат шумски болести, туку само да се мапираат ризични зони и ослабени растенија, но она што според нив е најпроблематично, во градската власт нема стручни лица кои ќе ги обработат направените записи.

- Advertisements -

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Компанијата „Флај Кем“, која е во сопственост на сопругот на министерката за образование и воедно потпретседателка на СДСМ Мила Царовска, добила тендер од Град Скопје на чело со градоначалникот и нејзин сопартиец Петре Шилегов во вредност од милион денари, обелодени деновиве ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, опозициската партија не пропушти прилика, врз основа на оваа информација, да констатира дека функционери од власта меѓусебно си делат тендери.

Од Град Скопје и од СДСМ, пак, експресно и синхронизирано ја обвинија опозицијата дека шири лажни вести и дека, како што истакнаа, ја труе јавноста со манипулативни конструкции. Притоа, во нивните реакции не се штедеа зборови и редови за проектите што градските власти ги реализирале во изминатиов мандат на скопскиот градоначалник Шилегов, но безмалку немаше ниту еден збор за конкретната јавна набавка.

Имено, власта и на локално и на централно ниво не се обиде да понуди прецизни одговори околу оправданоста на одлуката за првпат токму сега да спроведе јавна набавка од ваков тип, а изостана и какво било објаснување за начинот на реализација на постапка со само еден понудувач. Единствено, од таму посочија дека оваа фирма долги години работела на ваков тип јавни проекти, што, најблаго кажано, е делумно точно.

Проверките што ги извршивме покажуваат дека ова е прв тендер за детекција на шумски болести со помош на дрон што го добил сопругот на Царовска. Патем, вредноста на договорот претставува околу една третина од износот на вкупните тендери што досега ги добила фирмата. Воедно, договорот тежи колку една третина и од последно евидентирани годишни приходи на друштвото.

Експертите што ги консултиравме велат дека преку висинско набљудување не може да се детектираат шумски болести, туку единствено може да се мапираат одредени ризични подрачја. Потоа, истакнуваат тие, мора да се изврши теренска посета и да се земат мостри за да се утврди дали постои заболување и за какво заболување станува збор. Она што е најбитно, тие посочуваат дека во градските служби и јавни претпријатија нема стручни лица кои ќе ги обработат записите направени со дронско снимање.

МАПИРАЊЕ И НАБЉУДУВАЊЕ НА ВЕГЕТАЦИЈА

Според Бирото за јавни набавки, досега ниту една институција не спровела тендер за детектирање на шумски болести. За првпат тоа го прави токму Градот Скопје, кој ваква јавна набавка предвиде со Планот за јавни набавки за минатата 2020 година, иако реализацијата на постапката се заокружи за време на тековната 2021 година. Но, со актуелниот План за јавни набавки не се предвидува ваква набавка. Што говорат официјалните податоци?

Во огласот што го објавил Градот за изнајмување на опрема за висинско набљудување на шумски површини во скопската котлина за рана детекција на растителни болести, покрај вообичаените услови компанијата да не е во фаза на стечај или ликвидација, да ги има помирено јавните давачки и слично, се бара и економските оператори претходно да реализирале макар еден договор од „ист или сличен тип“. Но, не е определена негова минимална вредност.

Дополнително, треба да се истакне дека од компаниите не се барале услови во поглед на обртот на средства во определен период, како што често се прави во други тендерски постапки, со цел да се обезбеди што поликвидна и постабилна компанија за соработка. Единствено, се барала гаранција за квалитетно извршување на договорот од 10 отсто, што, со оглед на вредноста на договорот, значи дека компанијата треба да депонира банкарска гаранција од 100 илјади денари.

Понатаму, во тендерската документација се наведува дека избраната компанија треба да врши прелети на територија на Град Скопје со воздухоплов без екипаж опремен со систем за 3Д-мапирање на терен и со мулти-спектрална камера за набљудување на вегетација. За таа цел, воздухопловот треба 3Д-мапирањето на терен да го изведува со точност од максимум 4 сантиметри, без да има потреба од користење на помошни точки поставени на терен поради можност од непристапни терени.

Освен тоа, во техничката спецификација стои дека беспилотното летало мора да има батерија што му овозможува минимум 50-минутно летање. Згора на тоа, дронот мора да има брзина на крстарење од 40-110 километри на час, отпорност на ветар до 45 километри на час, како и опсег на радио врска од 3-8 километри на час. Сепак, најбитна компонента не е самиот дрон, туку таканаречената мулти-спектрал камера, додека истовремено се барале и камера за 3Д мапинг и обична РГБ камера.

СПЕЦИФИКАЦИЈАТА ИДЕНТИЧНА НА КАРАКТЕРИСТИКИТЕ НА ДРОНОТ

При такви услови и критериуми, кои во некои сегменти биле исклучително либерални и релативни (портфолио на компанијата), додека во други сегменти биле крајно комплекси и специфицирани (карактеристики на дронот и камерите), единствен учесник во постапката била компанијата „Флај Кем“. Како сопственик и управител на оваа компанија се јавува Горан Георгиевски, сопруг на министерката за образование Мила Царовска.

Така, Градот Скопје и „Флај Кем“ минатиот месец март склучиле договор од милион денари или 82.600 денари со вклучен ДДВ за километар квадратен прелетана површина. Договорот е со времетраење од една година, кога компанијата е должна да врши прелети врз основа на доставен налог од страна на Градот, кој сепак, задржува право да не ја исцрпи во целост утврдената вредност на набавката. Двете страни се договориле дека „Флај Кем“ на Градот треба да му обезбеди софтвер за вршење на потребните премери и пресметки.

Во извештајот од спроведената јавна набавка, што ни го доставија од Град Скопје согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, се наведува дека „Флај Кем“ била единствена компанија што учествувала во постапката. Во делот за задоволување на техничките спецификации, пак, во извештајот стои дека компанијата доставила документација дека поседува дрон од типот „Sense Fly eBee Plus RTK“ со мулти-спектрал камера „Parrot Sequoia Plus“.

Податоците од Агенцијата за цивилно воздухопловство говорат дека ова летало со сериски број ЕП-11-32974 е запишано во Регистарот за воздухоплови без екипаж согласно владината Уредба донесено во 2017 година, која ги пропишува условите под кои тоа може да лета во воздушниот простор. Поточно, уверението за леталото е издадено во ноември 2018 година со важност до ноември оваа 2021 година, што значи дека има важност од уште половина година.

Во прирачникот за употреба на ова летало во производство на „Sense Fly“, која е дел од „Parrot Group“, се наведува дека има капацитет за летање од 59 минути, брзина на крстарење од 40 до 110 километри на час, отпорност на ветар до 45 километри на час. Буквално во целост, овие 3 карактеристики се совпаѓаат со спецификацијата што ја изготвил Градот Скопје кога распишал тендер за детекција на шумски болести. Покрај тоа, истите карактеристики Градот ги барал и кога во 2019 година склучил договор со истата компанија за прелет врз депонии…

ДОГОВОР ВРЕДЕН КОЛКУ ЕДНА ТРЕТИНА ОД ГОДИШНИТЕ ПРИХОДИ

Според Централниот регистар, „Флај Кем“ е основана на почетокот на 2015 година како друштво за производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма. Првично, компанијата имала двајца вработени, а од 2017 година има само еден вработен, а тоа е сопственикот Горан Георгиевски, кој по професија е дрон-пилот. Во периодот од 2016 до 2018, компанијата забележува тренд на раст на приходите од 1,5 на 4,3 милиони денари, додека 2019 година се забележува мал пад, имајќи во предвид дека приходите изнесувале 3 милиони денари.

Врз основа на тоа, произлегува дека последниот тендер што го доби „Флај Кем“ од Град Скопје од милион денари одговора на една третина од вкупните приходи остварени во 2019 година. Меѓутоа, она што е далеку поилустративно, овој договор претставува нешто помалку од една третина од вкупната вредност на склучените договори за јавна набавка, со оглед дека „Флај Кем“ од 2016 година досега склучила 6 договори за јавна набавка во вкупна вредност од 3,5 милиони денари или 57 илјади евра.

Притоа, 3 од овие 6 договори се склучени со Град Скопје. Освен последниот за шумски болести, „Флај Кем“ во 2019 година со Градот предводен од Петре Шилегов склучил договор за висинско набљудување на диви депонии и останати зони од 967 илјади денари. Исто така, двете страни соработувале и во 2016 година, кога скопски градоначалник беше Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа станува збор за далеку помала набавка од 538 илјади денари, и тоа за сосема друг предмет – изработка на видео документација за тековните инвестициони и инфраструктурни проекти.

Во меѓувреме, „Флај Кем“ во февруари годинава склучил договор и со битолското јавно претпријатие „Стрежево“ за набавка на дрон од незначителни 129 илјади денари. Во 2018 година, пак, компанијата добила тендер од МЕПСО за специјални летечки уреди за извршување вонреден преглед во износ од 779 илјади денари. На крајот, фирмата истата година склучила договор и со Општина Куманово за набавка на дрон со дополнителна опрема од 130.000 денари.

Паралелно со тоа, „Флај Кем“ соработувала и со приватни компании, така што работела на мапирање на дел од автоматот Кичево-Охрид, на рудникот за мермер во Прилеп „Сивец“ и други проекти. На самиот премин од 2019 кон 2020 година, Георгиевски во едно интервју за МИА најави дека кога ќе почне растот на земјоделските култури со помош на фондови или преку самофинансирање, планираат да започнат пилотирање за употреба на беспилотни летала во земјоделството.

ДРОНОТ НЕ ДЕТЕКТИРА БОЛЕСТИ, ТУКУ ОСЛАБЕНИ ДРВЈА

Експертите со кои разговаравме велат дека Градот има одредени надлежности врз шумите во скопскиот регион. Поточно, според нив, таквата надлежност ја црпи преку ЈП Паркови и зеленило, кое е надлежно за дел од Водно, како и за дел од таканареченото вонградско шумско зеленило, под кое спаѓа Гази Баба, Француски гробишта, Матка… Според нив, Градот нема надлежност за делот од Водно што е под Сопиште, како и за Скопска Црна Гора, која е под капата на Караџица.

Градот има надлежност, па и обврска врз дел од шумите во скопската котлина. За таа цел, снимањето со дрон може да помогне, може да детектира каде е засушено и слично. Во таа смисла, би можело да се мапираат одредени ризични подрачја. Меѓутоа, за точно да се утврди шумска болест мора да се дојде на лице место, да се земат примероци и да се испитаат од надлежен орган за тоа подрачје. Тоа го прави инженер, под чија капа се техничари итн. – ни изјави професорот од Шумарскиот факултет Иван Блинков.

Неговиот колега, универзитетскиот професор Иван Минчев користи дрон при неговите теренски истражувања. Како што вели тој за „Фокус“, дронот со помош на инфрацрвената светлина, во комбинација со визуелниот аспект, може да детектира физиолошки ослабени растенија. Сепак, Минчев нагласува дека тоа може да претставува само сигнал за да се отиде на терен и да се земе мостра за испитување, дури и ако се работи за болеста позната како „боров четник“, која, за разлика од останатите, има експлицитно изразени манифестации.

Што се однесува до парковите, тие редовно се одржуваат од страна на лица, чија должност е да алармираат доколку забележат знаци за заболено дрво. Дронот има поголема смисла за поголеми и потешко пристапни шумски површини. Притоа, дронот ќе направи снимки, како што впрочем може и бесплатно да се направат со сателит. Проблемот е што во локалната самоуправа нема стручни лица што ќе знаат да ги обработат и интерпретираат тие записи – објаснува Минчев.

Нашите соговорници посочуваат чести болести се јавуваат кај дабот (гумар), кај костенот (рак на костен), но особено распространета периодов била заразата на шишмирот во делот кај Сарај, кој во големи количини бил нападнат од медитерански инсект. Сепак, и покрај нашите настојувања, не добивме одговор од Град Скопје на што точно ја базирале одлуката сега за прв пат да распишат набавка за шумски болести, и тоа со еден понудувач без конкуренција? И од „Флај Кем“ останаа недостапни за одговор, вклучително и на прашањето дали работеле на друг ваков проект и какви шумски болести може да се детектираат со дрон?


Горан ГЕОРГИЕВСКИ, „Флај кем“

НЕ СУМ ВО МОЖНОСТ ДА ВИ ОДГОВОРАМ

До сопственикот и управител на компанијата „Флај Кем“, Горан Георгиевски, упативме неколку прашања, меѓу кои дали неговата компанија работела и на друг проект за детекција на шумски болести, како и какви шумски болести може да се детектираат на овој начин со дронско снимање?

Не сум во можност да ви одговорам – кусо истакна Георгиевски, кој минатиот месец формирал уште една компанија „Левант Фуд“ за подготовка и послужување на храна“.


Молк од Град Скопје

КАКО ДОНЕЛЕ ОДЛУКА ТОКМУ СЕГА ПРВПАТ ДА СПРОВЕДЕ ТЕНДЕР СНИМАЊЕ НА ШУМИ?

Пред подолго време, до Град Скопје упативме неколку прашања поврзани со тендерската постапка за дронско снимање, со цел детекција на шумски болести. Но, досега не добивме никакви одговори.

Односно, не добивме одговори на прашањето врз основа на кои аргументи надлежните сектори во делот на спроведување на јавните набавки одлучиле токму сега да спроведат тендер од ваков тип, ниту дали можело со поинакви спецификации или проверка на пазарот да се обезбеди конкуренција во постапката, што е еден од основните принципи при трошењето на јавните пари.

Миле ЛЕФКОВ, ВМРО-ДПМНЕ
ГРАДОТ НЕ Е НАДЛЕЖЕН ЗА ШУМИТЕ, ОВДЕ ИМА РАБОТА ЗА ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, кој темата за соработката меѓу Град Скопје и „Флај Кем“ ја актуализираше и во Собранието, смета дека целата постапка дополнително ја компромитира фактот што, според Законот за шумите, дијагнозно-прогнозни работи за заштита на шумите не може да спроведува Град Скопје. Како што вели тој за Фокус, тоа може да го прави органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството, за кој е предвидено дека води евиденција, востановува и одржува постојана база на податоци за движењето на растителните болести и штетници.

Законски, работите на извештајно дијагнозно-прогнозата служба, органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството, со договор може да ги додели на јавна установа, меѓутоа тоа треба да биде установа од областа на шумарството. Како и зошто Град Скопје, спротивно на одредбите од Закон за шумите, самоиницијативно се вклучува во дијагнозно-прогнозни работи, е прашање на кое ќе треба да одговорие Шилегов, надлежниот министер, но и обвинителството – смета Лефков.

Поврзани новости