МОН: Нема веќе хартиени и парталави учебници, од четврто одделение ќе има дигитални учебници

by fokus

Реакциите на јавноста дека во училиштата се применуваат парталави учебници кои имаат застарена и несоодветна содржина, многу технички и граматички грешки, нелогичности и дискриминација, стануваат минато. Од идната учебна година започнува етапната замена на материјалите за учење од кои се едуцираат нашите ученици. По усвојувањето на новата Концепција за основно образование и изработката на новите наставни програми, се воведува и современа дидактика со која значително ќе се подобри квалитетот на воспитно – образовниот процес и наставата, наведува денеска Министерството за образование и наука преку соопштение.

На предлог на МОН,Владата усвои целосно нов Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали.

-Суштински важна придобивка од законот е дигитализацијата. Учебници во хартиена форма ќе добиваат учениците од прво до трето одделение, имајќи предвид дека првите години од воспитание и образование на децата се клучни за поставувањето на основите на писменост и градење однос кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија, приоритетност ќе се даде на учебниците и дидактичкиот материјал во дигитална форма збогатени со мултимедиални содржини – филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи, односно стануваат достапни електронските и аудио учебниците, поставени на една и единствена електронска платформа. За учениците со оштетен вид ќе се изработуваат и учебници на Брајово писмо, нагласува МОН.

По реакциите во јавноста министерката, Мила Царовска на Фејсбук дообјасни дека училиштето ќе обезбеди фотокопии за оние кои нема да користат електронски учебници.

-Доколу од било кои причини некој ученик не е во можност да ги користи електронските учебници, училиштата имаат должност да ги испечатат и во хартиена форма да им ги доделат книгите, што значи материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик. Понатаму, секое училиште ќе има обврска да обезбеди потребната количина ИТ уреди. Тие ќе се даваат на користење на учениците кои не поседуваат електронски уред за употреба на дигиталните учебници. Ова значи дека државата ќе биде одговорна секое дете да има пристап до уред, соопшти Царовска.

Поврзани новости