АРХИВА: Големиот скандал со пасоши може да заврши со минимални казни до 3 години затвор!

by fokus

Две години и седум месеци е највисоката затворска казна што беше досудена денеска на дел од обвинетите, вработени во Пасошкото одделение во МВР и посредникот, во случајот „Двојник“ за издавањето на македонски пасоши на светски криминалци откако дел од нив признаа вина.

Посредникот, Раиф Мифтари, кој беше во бегство, но се предал минатата недела, доби казна затвор од 2 години и три месеци.

Останатите четворица обвинети, кои се вработени во МВР, исто така добија казни над две години, а еден условна. Поточно, Денис Баруфи е осуден на две години и седум месеци, Ален Личина на две години и три месеци, Ѓорѓе Велков на две години и Фарук Биља доби шестмесечна условна казна.

За останатите обвинети кои не признаа вина продолжува судскиот процес, а за 215-те издадени пасоши на криминалци се товарат само службениците, истрагата не е проширена.

Текстот е објавен на 15 април 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1332.

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Седат Пекер, кого турските медиуми го опишуваат како водач на турската мафија, во „Долина на волците“ е агентот Полат Алендар. А, во Македонија си платил, па си извадил пасош со туѓ идентитет, со името на Џадин Адемовски со живеалиште на улицата „Ќемал Сејфула“ во Чаир. Пекер го има по светските медиуми, но неговиот лик не го препознале, или не сакале да го препознаат вработените во пасошкото одделение на Министерството за внатрешни работи, кои беа уапсени во акцијата „Двојник“, како што ја нарече МВР, или „Мафија“, како што ја нарече опозицијата.

Референти и службеници кои работеле во пасошко, според обвинителството, издавале македонски пасоши на белосветски криминалци со украден идентитет од лица од дијаспората. Засега е поднесена кривична пријава против 11 лица, десет од нив, вработени во управните служби и посредникот, Раиф Мифтари, кој бил врската меѓу нив и криминалците, кои за сума и до 20.000 евра добивале македонски пасоши.

Мифтари побегна, а истрагата, која се водела од февруари 2019 година, засега ги улови само изработувачите и издавачите на пасошите и тоа откако првите информации дека се издавале македонски пасоши на криминалци ги обелодени ВМРО-ДПМНЕ на брифинг со новинари.

Опозицијата не излезе на прес-конференција, туку документите што ги добиле наводно од свиркачи, им ги презентираше на новинарите, кои потоа ја пренесоа веста. Но, она што во јавноста помина речиси незабележано е тоа што за овој скандал, кој се споредува со скандалот со масовното прислушување, во кој не се тргувало со лажни пасоши, туку државни службеници, со државни ресурси издавале вистински македонски пасоши со украдени идентитети, може да помине со казна затвор од шест месеци до три години за службениците, ако не се прошири истрагата.

СКРАТЕНА ПОСТАПКА СО СКРАТЕНИ КАЗНИ

Обвинителството ги гони уапсените за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

-Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години, стои во став 1 од членот 353 од Кривичниот законик.

Тоа значи дека, бидејќи казната затвор е помала од пет години, против осомничените се води скратена постапка и наместо обвинение, против службениците ќе биде поднесен обвинителен предлог.

Од вкупно 11 лица, против кои е поднесена кривичната пријава, шестмина завршија во Шутка. Судија на претходна постапка им одреди притвор на седуммина, меѓу кои и посредникот, кој е во бегство. Другите тројца имаат мерки за претпазливост, додека еден од нив е веќе во притвор за незаконско издавање возачки дозволи.

 Фото: 360 степени

Сите медиуми пренесоа дека шестмина од осомничените завршиле во Шутка, но ниту од Кривичниот суд, ниту медиумите не пренесоа дека судот одредил осумдневен, а не триесетдневен притвор за уапсените службеници, бидејќи постапката што се води против нив е скратена.

Бидејќи е скратена постапката, според Законот за кривична постапка, во вакви случаи, во претходна постапка пропишан рок за притвор е осум дена, колку што им е и определен, а по поднесен обвинителен предлог, законскиот рок за притвор е максимум 60 дена, велат од скопското обвинителство за „Фокус“.

Адвокатите на дел од осомничените, пак, очекуваат неделава да биде поднесен обвинителен предлог, кога им истекува и притворот на осомничените, за да ги видат доказите против нивните клиенти. Првично дел од нив тврделе дека биле злоупотребени, но адвокатите засега се воздржуваат од коментар, додека не ги видат доказите.

Аферата со издавањето на пасошите ја обелодени опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која по брифингот со новинарите ја обвини власта, конкретно премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека овозможиле балкански нарко-босови да се стекнат со македонски пасоши и документи, а скандалот го нарече „Мафија“. Откако протекоа информациите од кај опозицијата, почнаа апсењата во пасошкото одделение, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски тврдеше дека пасоши се давале на високи мафијашки структури, и тоа директно во Министерството за внатрешни работи.

ОПОЗИЦИЈАТА БАРА ОДГОВОРНОСТ, ВЛАСТА ОБВИНУВА ЗА САБОТАЖА

Да не ја замајуваат јавноста со половични акции за приведување службеници во МВР, туку треба силен удар на криминалците во власта. Овие документи ќе ги предадеме и на Обвинителството, кое го повикувам за брза резолутна непристрасна и независна акција.

Ветувам дека една од првите работи што ќе ја расветлиме откако новата власт ќе го преземе управувањето со државата е токму ова, одговорност мора да има, но од вистинските инспиратори и организатори, а не од службениците кои денеска се предмет на тортура и каде што сакаат да ја префрлат вистинската вина, ѝ порача Мицкоски на власта.

Доцна вечерта на 6 април, еден ден откако опозицијата ја обелодени аферата, на прес-конференција излезе Спасовски и кажа дека 215 македонски, лажни незаконски пасоши циркулираат низ светот, а во акцијата која тие ја нарекоа „Двојник“ биле уапсени девет лица.

Уапсените се главно од управната пасошка служба во МТВ, но и двајца од полициските станици Драчево и Бутел, кои работеле на фотографирање на двојниците со криминално досие и им издавале „чисти“ пасоши со украден идентитет од македонски државјанин. Истрагата траела 26 месеци, од февруари 2019 година и се водела во соработка со Интерпол и со американските безбедносни служби, кои технолошки помагале со алатки за препознавање на лица.

Но, Спасовски не одговори зошто се чекало толку време и акцијата беше обелоденета откако ја откри опозицијата и зошто било допуштено и покрај информациите дека се издаваат вакви пасоши, криминалната мрежа да продолжи да си функционира, а пасошите да се множат. Сепак, ја обвини опозицијата за саботажа на акцијата и најави одговорност.

Директно од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицковски беа пласирани информации во врска со истрагата со што директно можеше да се загрози се што беше сработено од нашите полициски службеници, но и од стратешките партнери и Интерпол. За ваквите обиди за саботажа на акцијата очекувам да се произнесе и јавното обвинителство. Одговорност мора да има, порача Спасовски.

ИДЕНТИТЕТОТ СЕ КРАДЕЛ ОД ЛУЃЕ БЕЗ БИОМЕТРИСКИ ДОКУМЕНТ

Според информациите од истрагата што беа објавени, во февруари 2019 година преку Интерпол Скопје, во МВР стигнала информацијата дека странски криминалец со меѓународна потерница е уапсен во европска држава, а со себе имал македонски пасош од оригинален образец, но со други податоци.

Тој спорен пасош бил издаден во 2017 година, а го имал  Јован Вукотиќ, припадник на Шкаљарски клан, криминална група која оперира од Србија и Црна Гора, која се занимава со шверц на дрога. Идентитетот се крадел од луѓе што имале македонско државјанство добиено пред повеќе децении, но никогаш не извадиле биометриски документ, односно немале македонски документи вадени после 2007 година, кога е издаден првиот биометриски пасош.

Истрагата првично утврдила дека уапсените во акцијата  „Двојник“ прво ги проверувале издадените државјанства, пред сѐ, на граѓани од Албанија. Потоа, проверувале дали имаат пасоши во друга база на податоци. Затоа што не ваделе пасоши, немало никаков биометриски податок за нив, ниту потпис, ниту отпечаток. Со туѓото државјанство потоа се формирала документацијата и најголем дел од двојниците биле сликани на мобилна биометриска станица.

Такви мобилни станици има повеќе и служат за услуга на неподвижни граѓани, за затвореници, или, пак, се носат во странство за тамошни државјани на кои им истекле пасошите.

Според годината на издавање на пасошите, вакви пасоши биле штанцани во мандатите на последните четворица министри. Во 2019 година е утврдено дека се испечатени 60-тина пасоши, а слична бројка имало и во следната 2020 година. Тие биле двете најплодни години за фалсификаторите платени од државата и граѓаните, а на хонорар кај странските криминалци.

За пасош треба да се остават и отпечатоци од двата показалци. Вештачењата треба да покажат чии се тие потписи, иако има сомнежи дека и самите службеници притискале, но не показалци, туку други прсти од рацете. По сликање и земање биометриски податоци, изработката на пасошите треба да се одобри, а една од уапсените е контролорката Оливера Софрониевска.

По печатењето, пасошот се враќа за да го подигне носителот. И тука носителот треба да удри отпечаток за да се активира пасошот. Но, во системот на МВР за сите овие 215 украдени пасоши стоело дека не се активирани. На сите купувачи на незаштитениот македонски идентитет на граѓани, пасошите не им требале за Македонија туку да ги употребуваат низ други држави, како на пример, Украина, Шпанија или Германија каде ги нема податоците во системот. Но, најголем проблем бил да се утврди мрежата, односно врската меѓу осомничените во една мрежа со врв.

Иако случајот прво го водело Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, сепак, во 2020 го презема скопското обвинителство. Едната причина најверојатно е што нема докажана поврзаност меѓу вмешаните во криминалот, а втората причина е што тие не се полицајци.

Во конкретниот предмет надлежно за постапување е Основното јавно обвинителство Скопје, бидејќи осомничените не се лица со полициски овластувања, туку вработени во управните служби на МВР, односно не се овластени полициски службеници – е официјалното објаснување од Обвинителството.

 КАКО ЛИЦАТА ГИ ДОБИЛЕ СИТЕ ДОКУМЕНТИ ПОТРЕБНИ ЗА ПАСОШ?

Од половичните информации кои протекоа во јавноста се отворија голем број прашања, а прашања поставува и професорката на Факултетот за безбедност, Фросина Ременски, која вели дека голем дел од граѓаните, па и припадници на правосудните органи скоро и да немаат јасна слика кој ги изработува биометриските патни исправи и во каква постапка.

Најчесто издавањето на патната исправа или друг документ за идентификација се поврзува со постапка на пополнување образец, закажување на термин за фотографирање, оставање отпечаток од прсти и чекање да ве известат за подигање на личниот документ – патната исправа на некој од шалтерите во зградата на МРТВ.

Но, има една голема дупка, ако можам така да го наречам временскиот период, постапките и процедурата од аплицирање до „производство“ на биометриски пасош. Скоро сите ги препознаваат шалтерските работници и лицата во кабините кои сликаат за лична карта или за пасош, и по правило сите мислат, односно се сака да мислат дека тие се лицата кои одговараат за целокупната постапка за добивање патна исправа, што не е така.

Скоро никој до сега не го постави прашањето како лицата што добиле македонска биометриска патна исправа се здобиле со сите пропратни документи кои се предуслов за добивање прво на државјанство, а подоцна врз основа на нив и биометриска лична карта и патна исправа, вели Ременски за „Фокус“.

Објаснува дека ако се погледне образецот што се пополнува при аплицирање за патна исправа се забележува дека таму се бараат податоци од извод од матична книга на родени, државјанство, податоци од лична карта, кои опфаќаат податоци за живеалиште или престојувалиште, и секако одговор за тоа дали првпат се аплицира за патна исправа.

Личното поднесување на барањето е задолжително, како при аплицирањето, така и при подигањето на патната исправа, вели Ременски и ги опишува сите фази што треба да се поминат за проверка на овие документи.

Секторот за управно надзорни работи при МВР ја води административната постапка што ја опфаќа фазата на проверка на веродостојноста на сите документи на лицето што бара издавање патна исправа – од извод на родени, преку државјанство и важечка лична карта, што подразбира дека лицето што ги поседува веќе се наоѓа, односно неговите податоци фигурираат во базите на податоци на МВР и евиденциите.

Кога оваа фаза во постапката ќе заврши, како што вели Ременски, процесот на издавање пасош влегува во клучната фаза во која повисока инстанца во хиерархијата на МВР пристапува кон персонализација на личниот документ.

Оваа постапка ја води Отсекот за персонализација на документација при Секторот за информатика и комуникации во чии рамки влегува целокупната постапка на изработка на патната исправа по стандардите и спецификациите на ICAO (Меѓународната организација за цивилно воздухопловство при ООН) со која се пропишуваат основните и опционите белези на сите биометриски пасоши од втората генерација пасоши меѓу кои спаѓа и нашиот пасош.

Оваа фаза е најважна, но и со најмногу пропусти. Имено, централната база на податоци од кои вработените во персонализација ги црпат податоците за пасошот не е поврзана со другите бази на податоци при МВР (АФИС системот за криминалистичка евиденција и регистрација, Системот за расписи и потери, Граничниот систем за проверка на патници итн.).

Тоа значи дека лицето чии податоци доаѓаат со барањето за издавање патна исправа не може да се провери во други бази на податоци во МВР, односно на лицата што ги персонализираат обрасците за патната исправа не им се дадени овластување да проверуваат, споредуваат, пребаруваат и верификуваат релевантност и точност на добиени со постоечки податоци во централната база на Отсекот за персонализација именуван како IMAGO, објаснува таа.

 РЕМЕНСКИ: НЕ МИСЛАМ ДЕКА ПРИВЕДЕНИТЕ СЕ НАЈОДГОВОРНИ

Во хиерархијата на управно надзорните служби и во отсекот за персонализација раководат двајца помошници на министерот (за управни работи и за информатика и комуникации), и началници на секое пооделно одделение во управно надзорните служби (лични карти, патни исправи, возачки дозволи, државјанства итн) и секое пооделно одделение и отсек во секторот за информатика и комуникации.

Улогата на повисоката хиерархиска структура во рамките на МВР, а особено во овие сектори се состои во контрола и надзор над законитоста во постапувањето на подредените кои извршуваат техничко-административни работи, што не ја исклучува одговорноста на сите во хиерархијата кои имаат задача да го контролираат процесот на проверка пред и издавање патна исправа, објаснува Ременски.

Овој случај таа го споредува со судскиот процес „Титаник“, кој беше отворен за изборна измама, односно кога на Македонци од Мала Преспа им беа вадени лични карти за да гласаат. Во овој случај се покажа дека повисоките старешини ги задолжувале подредените да прифаќаат апликации со сомнителна и некомплетна документација врз основа на која се здобивале со државјанство, лична карта, а подоцна и патна исправа.

Лично не мислам дека приведените и притворените фотографи, шалтерски работници и контролори се најодговорните во овој системски скандал. Иако, должност на секое овластено службено лице е да одбие извршување на незаконска наредба издадена од страна на претпоставен или повисок старешини. „Титаник“, а можеби и овој случај, го потврдува спротивното – дека наредбите се извршуваат без да се знае законската основаност на истите.

Тука како една од причините за таквата сервилност ја гледам полициската субкултура, образовната неквалификација за работното место, но и проблемот на мобинг во случај на непослушност, па дури и кога се брани законитоста. Очекував и очекувам дека со процесот ќе бидат опфатени повеќе лица од повеќе различни организациски единици во МВР кои имаат сериозна одговорност во овој системски скандал, вели таа.

И додека партиите водат битка во чие време се издале повеќе вакви пасоши, односно системот бил изигран, дел од луѓето чиј идентитет е украден се во Мала Преспа и можеби не ни знаат дека некој високопрофилиран криминалец го носи нивното име. Нивните лични и биометриски податоци ги злоупотребиле државните институции, кои треба да им гарантираат безбедност.

Тие сега можат да ја тужат државата и пред меѓународните судови дебело да си го наплатат играњето со нивниот идентитет.

Поврзани новости