(АРХИВА) „Фокус“ направи фотографии од луксузните згради, старски домови, хотели на таткото на Арсовска

by Fokus

Текстот е објавен на 8 април, 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1383

Екипата на „Фокус“ направи обиколка и посети неколку локации на чии имотни листови фигурира името на Јовановски. Сиот имот што го поседува се наоѓа на различни адреси, а се движат на релациите од скопската Општина Кисела Вода, Карпош и Капиштец. Според тоа што дознавме, двата хотелa „Империал“ и „Ројал“ сега се пренаменети во ланец од старски домови со кои управува извесен психијатар. Тука се и шесте компании на име на семејството Јовановски, како и стан и поголем дел од зграда. Арсовска била независен член и на Капитал банка со доминантен бугарски капитал

 Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Пред еден месец, неделникот „Фокус“ објави имотни листови, кои откриваат дека таткото на актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска поседува недвижен имот од вкупно над 3.500 квадратни метри. Официјалната документација од Катастарот за недвижности што ја обезбедивме покажува дека нејзиниот татко Ванчо Јовановски поседува куќи, згради, старски домови…

Но, тоа не е сѐ. Како што веќе објавивме, Јовановски, кој пред 30 години бил инспектор во МВР, поседува и компании каде што претходно сопственик или управител била неговата ќерка – актуелната скопска градоначалничка Арсовска.

Ретко и кој ја прашува, но таа од темата за потеклото на имотот на нејзиното семејство бега, како што би рекле, како „ѓаволот од крстот“. За време на целата предизборна кампања, па и отпосле откако седна на градоначалничката фотелја, Арсовска упорно продолжува да ја крие својата официјална биографија, освен тоа што веќе јавно е објавено.

На сите обвинувања упатени на нејзината адреса во предизборниот период, таа не одговараше ниту директно, ниту индиректно, туку само тврдеше дека се прави хајка за да ѝ се наруши угледот.

Неколку дена по објавувањето во „Фокус“ – што сѐ поседува семејството на актуелната градоначалничка, експресно реагираа и Комисијата за спречување корупција, како и Управата за јавни приходи. Антикорупционерите ќе ја проверуваат веродостојноста на податоците во анкетниот лист на Арсовска, додека, пак, УЈП ќе поведе даночна постапка за проверка на потеклото на имот на нејзиниот татко, како физичко лице што не е носител на јавна функција.

ЛУКСУЗЕН ИМОТ НА ЈОВАНОВСКИ

Екипата на „Фокус“ направи обиколка и посети неколку локации на чии имотни листови фигурира името на Јовановски. Сиот имот што го поседува се наоѓа на различни адреси, а се движат на релациите од скопската Општина Кисела Вода, Карпош и Капиштец.

Првата локација што ја посетивме беше спортската сала Расадник во Кисела Вода, за што владејачката партија обвинуваше дека „благодарение“ на актуелната градоначалничка на Скопје тонела во долгови и се распаѓала.

Од тоа што можевме да забележиме на терен, факт е дека спортската сала се наоѓа во многу лоша состојба, со скршени прозорци и уништена внатрешност. Таа е заградена и има по некој автомобил паркиран во дворот. Наоколу можеа да се видат расфрлени греди, но и оддалеку може да се забележи дека објектот е оставен на забот на времето и е во тотален распад.

На истата адреса каде што е лоцирана салата, се регистрирани и две фирми, чија историја на основање е позната, па тие на бизнис-пазарот фигурираат од 2008 година, поточно цели 14 години.

На вториот имотен лист, кој, исто така, фигурира на име на Јовановски, може да се забележи голема куќа со двор во скопско Пржино, на чија адреса е лоциран Домот за стари лица „Феникс Фемили“, кој е дел од ланец старски домови, лоцирани на три различни места во три скопски општини.

Оваа голема куќа со дворно место од околу 1.000 квадратни метри се води на име на таткото на Арсовска, но очигледно објектот е изнајмен или ставен под закуп, а со старскиот дом управува извесен Благоја Стевановски, кој по професија е психијатар.

Тоа што успеавме да го забележиме на самото место е убавата градба и луксузот со кој располага. Се наоѓа на 450 метри под падините на Водно и има околу 40 климатизирани соби со сопствени тоалети и тераси, кои нудат панорамски поглед кон градот.

Во скопско Пржино, само на друга адреса, се наоѓа уште еден недвижен имот на Јовановски, а таму некогаш бил познатиот хотел „Империал“, каде што е лоцирана, исто така, уште една од компаниите што ги поседува. Тој е оддалечен 2,5 километри од плоштадот во Скопје, а во неговиот опис на официјалната страница се наведува дека хотелот на времето нудел висок луксуз, а уникатниот ентериер е мешавина од антички и од модерен мебел.

Но, истото место, според нашите информации, нешто подоцна се пренаменува во  Дом за стари лица „ПУЗС Хармонија“, во сопственост на Тодор Терзиев, кој, според податоците во имотниот лист, го зел од Јовановски под закуп на пет години, поточно од 2016 година. Тоа што успеавме да го дознаеме е дека сега старскиот дом е дислоциран во скопски Капиштец, во близина на скопските клиники.

Се обративме на нивниот телефонски број, од каде што добивме објаснување за точната локација и кога е дислоциран од старото место под падините на Водно.

ЛАНЕЦ ОД СТАРСКИ ДОМОВИ

Сепак, истиот тој објект во Пржино сега станува дел од ланецот старски домови „Феникс“, па за време на нашата посета забележавме дека на него е поставена табла „Феникс гарден“, Дом за стари лица. На самото место може да се види дека целиот двор е опкружен со зеленило и дрвја и дека, сепак, се работи за поголема квадратура од над 700 квадрати.

Вака заврши нашата „потрага“ по улиците низ Кисела Вода, но затоа, пак, продолживме за да ги откриеме и другите локации, на чии официјални документи од Катастарот за недвижности фигурира името на Јовановски и на неговиот син.

Тука веќе почнува нашата обиколка низ скопски Капиштец, каде што се наоѓа и старскиот дом „Феникс премиум“, кој е лоциран во строгиот центар на градот. На официјалната веб-страница, во описот за Домот се наведува дека претставува луксузен објект за стари лица со пет ѕвезди. Секоја соба е опремена по врвни стандарди, со сопствена бања, фрижидер и телевизор.

Тоа што е карактеристично е дека на таа иста адреса се наоѓа уште една од компаниите на семејството Јовановски, но, според документите од Централен регистар, фирмата фигурира на име на Дане Јовановски, познат и како брат на Арсовска. Тој објект на времето бил хотелот „Ројал“, кој сега е пренаменет, исто така во старски дом.

Од друга страна, уште еден од имотните листови покажува и сопственост на станови во три различни објекти, со вкупна површина од 619 квадрати, со тоа што во оваа квадратура не влегуваат помошните, подрумските простории и заедничкиот простор.

Притоа, во делот за основ на стекнување на овој имот не се наведува дека е добиен како подарок или наследство, ниту дека е купен, туку стои дека два објекта и дел од третиот објект (згради) стекнале правен статус согласно Законот за постапка за бесправно изградени објекти, што значи дека претходно овие објекти биле дивоградби.

Семејството на Арсовска живее на улица во скопски Карпош, но одлучивме да не фотографираме, со оглед на тоа што станува збор за приватен имот.

Како што веќе објавивме, Јовановски, освен недвижен имот, поседува и четири фирми на негово име и по една на неговата сопруга и син. Тие се наоѓаат на истите адреси каде што се лоцирани дел од зградите и старските домови.

АРСОВСКА БИЛА ЧЛЕН НА НАДЗОРЕН НА КАПИТАЛ БАНКА

Инаку, тоа што не е познато во јавноста е дека актуелната скопска градоначалничка пред речиси две години станала независен член на Надзорниот одбор на Капитал банка, која е со доминантен бугарски капитал, поточно 98 отсто од акциите се на Алфа Финанс Холдинг Бугарија. Надзорниот одбор брои вкупно пет члена, а Арсовска повеќе од една година била на таа функција.

Според нашите информации, таа на оваа позиција е именувана на 15 мај 2020 година, со мандат од четири години. Но, со оглед на тоа што на крајот на октомври лани беше избрана за скопски градоначалник, веќе на 4 ноември 2021 година, Арсовска се повлекува од функцијата со поднесување оставка. Таа во ниту еден момент не ја спомена оваа функција како дел од нејзината биографија.

„Фокус“ располага со документот во кој е наведено нејзиното име, имињата на другите членови и од кога им почнува функцијата. Но, сега кога ќе се отвори официјалната страница на банката, името на Арсовска повеќе не се среќава во делот кај членовите на Надзорниот одбор.

Оттука, повторно се навраќаме на обвинувањата на владејачката гарнитура дека Арсовска крие дека има бугарско државјанство, па и дури дека има бугарска лична карта. Таа во предизборниот период беше обвинета дека е бугарска државјанка, но освен што во неколку наврати индиректно одговараше на овие прашања, во една пригода се закани и со тужба, но досега не покрена ништо.

Инаку, актуелната градоначалничка на Скопје по документ сѐ уште се води како почесен конзул на Унгарија во Македонија, на чија функција доаѓа лани во јуни, откако и официјално беше отворен конзулатот во Штип.

Таа веднаш по седнувањето на градоначалничката фотелја, истакна дека ќе почне постапка за повлекување од оваа позиција. Дали тоа се случило, никој не сакаше да открие. Постои можност процедурата да трае подолг период, па токму поради тие причини таа уште фигурира на хартија.

Според нашите информации, нејзиното име може да се најде и како претседателка на Управниот одбор на ЗЕЛС, а со тоа автоматски станува и претседателка на Заедницата на единиците на локалната самоуправа. Таа, исто така, продолжува со својата работа и во Сојузот на синдикатите на Македонија, која се смета за волонтерска работа.

Арсовска досега гостуваше во неколку емисии, каде што никој не ја праша за нејзиното семејство и што всушност поседува? Само во една емисија ѝ нагласија дека Антикорупциска ќе покрене постапка за потеклото на имот на нејзиниот татко, на што само таа кратко одговори:

Мојот татко не е функционер. Се прави хајка против мене“, гласеше нејзиниот одговор.

Никој досега воопшто не ни рекол дека нејзиниот татко е функционер, туку од каде му е целиот имот што го поседува и на кој начин го заработил? Тоа сега останува во рацете на Управата за јавни приходи, која покренува даночна постапка за потеклото на имотот на Јовановски. Па, да видиме што ќе покаже!

Рамка1:

АРСОВСКА ПРОДОЛЖУВА ДА ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“

Актуелната градоначалничка и понатаму продолжува да го игнорира „Фокус“ и не одговори на ниту едно од поставените прашања. Нејзиниот Вибер повеќе не функционира, но таа не одговори ниту на нашите телефонски повици, ниту на испратените смс-пораки.

Исто така, испративме официјални прашања и до Град Скопје, за да ни каже дали била независен член на Надзорниот одбор на Капитал банка и во кој период и дали сѐ уште фигурира како почесен конзул на Унгарија или дали е почната постапката за нејзино повлекување од функцијата? Но, до затворањето на весникот од таму не добивме повратни одговори.

Рамка2:

НАУМОСКИ ЈА ТУЖИ АРСОВСКА

Никола Наумоски, граѓански активист и шеф на кабинетот на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, поднел тужба за клевета против актуелната градоначалничка Арсовска.

Тој во изјава за „Фокус“ ги потврди информациите, додавајќи дека таа на суд ќе мора да ги докажува клеветите со кои го нарушила неговиот углед.

„Таа ќе мора на суд да ги докаже клеветите со кои го нападна мојот углед – дека сум се гоштевал по кафеани со градски пари и дека не сум доаѓал на работа во нејзиниот кабинет поради боледување.

Овие наводи се лесно проверливи за судот и очекувам многу бргу и едноставно да утврди дека градоначалничката е лажга и дека клеветела политички противници без докази“, истакна Наумоски.

Тој вели дека ништо од тоа што го кажала актуелната градоначалничка не е точно.

Вистината е дека ниту сум имал можност да користам ресторани за лични цели, ниту некогаш тоа сум го направил во име на градот, ниту пак сум имал на располагање кредитни картички, картички за гориво и други слични привилегии.

Понатаму, кога Арсовска ме клевети дека поради боледување не се појавувам на работа (17.12.2021), истовремено го држи моето отказно решение во фиока и одбива да го потпише. Бидејќи одби да се извини за клеветата како што побарав, а со оглед на многуте објави во медиумите со кои го наруши мојот углед, немав друг избор, освен да ја предизвикам на суд и таму да ја истерам правдата“, додава Наумоски.

Арсовска овие информации за кои е тужена ги изнела на првиот брифинг со новинарите, откако седна на градоначалничката фотелја.

Рамка3:

НАМАЛЕНИ ПАРИТЕ ЗА КУЛТУРНИ ПРОГРАМИ

Членови на шесте комисии за измена на веќе потпишаните записници од обработката на апликациите за јавниот повик за проекти од интерес на културата на Град Скопје за 2022 година тврдат дека се под притисок на Арсовска.

Според нашите извори, од Кабинетот на градоначалничката ги викале еден по еден членовите на комисиите, барајќи од нив измена на записниците со претходно напишани износи на поддржаните проекти.

Членови на комисиите јавуваат дека финалната листа на поддржани проекти не соодветствува со онаа што е предложена од стручните комисии и дека евидентна е разликата во сумите и фаворизирањето одредени проекти.

Оваа година, износот на поддржани проекти е значително намален, па наместо досегашните 16 милиони денари, ќе се поделат само 13.300.000 денари.

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости